ЈКП Тетово ветува дека во 2019 година ќе обезбеди 200 нови контејнери со капаци


Тетово, 31 октомври, 2018 - 16:38 (META) 

Проблемот со контејнерите за отпадоци без капаци, што е една од клучните пречки за одржување на хигиена во Тетово, Јавното комунално претпријатиe од Тетово ветува дека ќе почне да го решава во текот на следната година. Тие планираат половина од нив да  ги заменат со нови контејнери кои ќе имаат капаци, известува „Порталб.мк“.

– Во план-програмата за 2019 година предвидовме да обезбедиме 200 контејнери за ѓубре во градот, кои ќе имаат и капаци и 2.000 канти за отпадоци кои ќе ги дистрибуираме низ домовите. Целта е граѓаните да бидат снабдени со соодветни канти за ѓубре. Вредноста на овие канти е 1 милион денари, а парите ќе се обезбедат од буџетот на претпријатието – вели директорот на ЈКП е Џелал Цека.

Во Тетово има вкупно 522 контејнери за отпадоци, додека во моментов само 120 од нив имаат капаци.

Доколку ЈКП го исполни ветувањето во 2019 година, тогаш во 2020 година останува да се заменат уште 222 контејнери.

Контејнерите кои ќе се повлечат од користење или кои ќе бидат заменети со нови, првично ќе пратат во работилницата на компанијата за да се поправат за повторна употреба, но доколку се оштетени многу комисија на претпријатието ќе одлучи дали ќе се продадат како старо железо.

Инаку, претходно информиравме дека 80 отсто од тетовските контејнери за отпадоци немаат капаци. Поради овој проблем реагираа и жителите, кои се пожалија дека поради недостиг на капаци контејнерите шират лоша миризба.

Освен за проблемот со капаците „Порталб.мк“ информираше дека контејнерите не се чистат и одржуваат навремено, а отпадоците што се фрлаат таму не се селектираат.

Секој граѓанин кој има поплаки во врска со нечистотијата во Тетово, може да се јави на фиксниот телефонски број 044 331 167.

Исто така, дека согласно Законот за јавна чистота, секое физичко лице доколку се фати да фрла  крпа, догорче од цигара или слично ќе се казни со глоба од 50 евра, додека ако се фати да фрла градежен материјал, се предвидува парична глоба од 150 до 200 евра.


Пренатрупаните контејнери во Тетово се нефункционални и треба да се заменат


Тетово, 18 октомври, 2018 - 16:36 (META) 

Околу 80 отсто од контејнерите во Тетово немаат капаци и од нив се шири лоша миризба, а бидејќи не се чистат и не се одржуваат навремено се преполнуваат. Ситуацијата уште повеќе ја влошува фактот што отпадот што е фрлен во нив не е селектиран и затоа се преполнуваат со најразлични материјали, пишува „Порталб.мк“.

Во Тетово има 522 контејнери, додека само 120 од нив имаат капаци. Жителите се жалат дека поради недостигот на капаци се шири лоша миризба, додека одговорните тврдат дека капаците се изгорени во текот на зимскиот период.

– Поголемиот дел од контејнерите за отпадоци немаат капак и кога минувате покрај нив, се шири многу лоша миризба. Мислам дека ни треба повеќе работа за да имаме почист град – вели Венхар Исени, жител на Тетово.

Недостигот на капаци на контејнерите, исто така, предизвикува проблеми и при поставувањето на контејнерите. Властите велат дека граѓаните не дозволуваат поставување на контејнери за отпадоци во близина на нивните домовите, а пак граѓаните велат тоа се должи на не одржувањето и недостаток на капаци.

– Капаци недостигаат затоа што се изгорени, а дел од нив се украдени. Капаците на контејнерите ни прават проблеми при чистењето на отпадоци, бидејќи во четири случаи беа повредени работници при чистење со камиони – вели Џелал Цека од Општинското јавно претпријатие „Тетово“.


#Одговорност се шахти со капаци


Скопје, 12 ноември, 2016 - 10:00 (META) 

Тоа што годишно во отворени шахти пропаѓаат и се повредуваат по десетина деца и возрасни граѓани или, пак, страдаат возилата, како да не е доволна причина локалната власт и полицијата посериозно да се позанимаваат со оваа појава.

Не само пешаците, туку и возила завршуваат во отворените шахти, кои станаа секојдневна слика присутна, буквално, на секој чекор во градот. Од ЈП „Водовод и канализација“ постојано велат дека со оглед на тоа дека металните капаци се крадат, а потоа се продаваат како старо железо, се бараат и други решенија тие да бидат изработени од материјал кој нема да им користи на крадците.

Во повеќето случаи не се работи повеќе за стихијна кражба, туку за организирана кражба, која се врши со комбиња, така што се собираат капаци од цела улица и потоа се препродаваат како старо железо преку граница.

– Ми се случува да се загледам на страна и кога ќе ја поминам шахтата гледам дека за неколку сантиметри не сум пропаднала во неа. А за навечер не сакам ни да мислам. Не знам дали капаците се многу скапи или властите имаат попаметна работа отколку да се занимаваат со шахти – вели изреволтирана жителка на Скопје.