ВМРО-ДПМНЕ: Анализата за локалните избори ќе му биде предадена на новото раководство


Скопје, 22 декември, 2017 - 11:15 (META) 

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница ги потврди точките кои ќе се дискутираат на претстојниот вонреден Конгрес кој треба да се одржи денеска и утре во Валандово, велат од партијата преку соопштение.

Членовите на Централниот комитет биле информирани дека согласно Статутот на партијата, од двете пристигнати кандидатури, само еден кандидат доставил целосна документација до Правната комисија при партијата. Втората кандидатура била нецелосна, односно со неа не е доставена листа на најмалку 30 потписи од делегати кои ја поддржуваат кандидатурата.

„Централниот комитет ја разгледа и усвои анализата за одржаните локални избори на која што изминатиов работеше поширок тим. Истата анализа со одредени сугестии и дополнувања ќе биде доставена на идното раководство на партијата како би се корегирале пропустите во иднина“, велат од партијата.

Од ВМРО-ДПНМЕ информираат дека Централниот комитет дискутирал и за актуелната политичка состојба и за како што велат, катастрофалните политики на актуелната власт.

„Централниот комитет ги осуди конструираните случаи за наводен тероризам, неоснованите притвори и нехуманите услови во кои власта ги држи сите оние кои не се плашеа гласно да се спротивстават на антидржавните политики на хунтата“, додаваат од партијата.


Груевски: Одлуката за одржување на вонреден конгрес беше донесена едногласно


Скопје, 20 декември, 2017 - 16:54 (META) 

Одлуката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, за одржување на вонреден конгрес на 22 и 23 декември во Валандово, како и бројот на делегати, беше донесена на седницата на ИК на 3 декември едногласно, без ниту еден глас против, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во оставка, Никола Груевски на неговата „Фејсбук“ страница.

Груевски потенцира дека, ниту еден член на ЦК или некој од поканетите гости, не дал никаква забелешка или противење за датумот на одржување на Конгресот или бројот на делегатите и дека ниту еден од присутните не предложил колективно претседателство.

„Јас како претседател на партијата дадов максимум што е во моја моќ да останам неутрален во процесот на избор на претседател на партијата. Иако немам таква обврска, тоа е мој личен избор. Статутот и другите акти со ништо не ми попречуваат да застанам зад некој кандидат. Јавно, со изјава, со потпис, говор, политичка агитација, лична вклученост во нечија кампања и слично. Дел од моите долгогодишни најблиски соработници охрабруваа кандидат, кој, колку што сум информиран, се откажа од кандидатура. Со ништо не ги попречив во тоа. Напротив“, вели Груевски.

Тој, 24 часа пред истекот на рокот, ги повикува сите заинтересирани кандидати да ги соберат потребните потписи и да се кандидираат, а делегатите ги повика слободно да одлучуваат.

„Доколку е точно дека некои од претендентите за претседател и нивните поддржувачи се однесувале дрско, арогантно, заканувачки, уценувачки, иритирачки, надмено или било како несоодветно, се согласувам дека тоа е за осуда и дека многу говори за личноста која претендира за претседателска функција. И најавува дека така може и да продолжи ако стане претседател“, додава Груевски.


Истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ бараат одложување на конгресот за избор на нов лидер


Скопје, 19 декември, 2017 - 16:14 (META) 

Високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои пратениците Илија Димовски, Антонијо Милошоски, Трајко Вељаноски, Крсто Јовановски, поранешните градоначалници – Никола Бакрачески, Борче Стамов и Илчо Захариев, денеска преку отворено писмо побараа одложување на конгресот на партијата за избор на нов лидер, бидејќи оној закажан за 22 и 23 декември „не гарантира демократски и транспарентен процес“.

Триесетте членови и функционери на опозициската партија потпишани во писмото наведуваат дека информациите од членството на терен говорат дека во спроведување на процедурата за избор на претседател на ВМРО-ДПМНЕ има еден кандидат кој е „очигледно фаворизиран, помогнат и поддржан од целокупната партиска инфраструктура на републичко ниво“.

„Се користат партиски ресурси само за еден кандидат. Се врши притисок врз добар дел од делегатите да се потпишат зад кандидатурата на еден кандидат. Се праќаат и вистинити и лажни поздрави до делегатите од влијателни личности во врвот на партијата со цел добивање на поддршка за едниот кандидат. Се користат закани за исклучување од партијата и од органите на партијата на лица кои ќе одбијат да дадат поддршка на едниот кандидат“, стои во писмото.

Потписниците на писмото велат дека дел од нив досега повеќе пати алармирале и разговарале со највисоките партиски функционери, но, досега немало никаква ефективна реакција.

Тие бараат извршниот и централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ да донесат одлука за зголемување на бројот на делегати на конгресот од 544 на најмалку 5.000 делегати, потоа да донесат одлука за одложување на одржувањето на Конгресот за 24 и 25 февруари 2018 година за да се даде шанса за транспарентна постапка и демократски натпревар, а да се избегне чувството дека некој набрзина сака да избере однапред предодреден кандидат.

Членовите на ВМРО-ДПМНЕ бараат ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да назначи колективно претседателство од 3 до 5 членови кои ќе ја раководат партијата до одржување на Конгресот за да се отстрани сомнежот дека предлогот е со цел одолговлекување на промените во ВМРО-ДПМНЕ, а во исто време да се отстрани можноста од користење на партијата како поддршка на еден кандидат.

„ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да забранат користење на партиската инфраструктура за потребите на било кој кандидат. ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да овозможат делегатите да ја пријават секоја принуда, закана или притисок од било кој кандидат или негови официјални претставници. ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да забрани на официјални лица на раководни позиции да ја користат партиската инфраструктура во полза на еден кандидат. Да се овозможи на актуелните претседатели на општинските комитети и актуелните пратеници да бидат делегати на конгресот“, се наведува во писмото.

Потписниците велат оти очекуваат Извршниот и Централниот комитет на партијата на седниците закажани утре и в четврток да ги прифатат овие „добронамерни предлози“.


Груевски објави упатство за наследниците: Без навреди и уцени, се бира идниот премиер


Скопје, 14 декември, 2017 - 11:17 (META) 

Никого од кандидатите за претседател на ВМРО-ДПМНЕ не сум овластил да се повикува на моја наводна ексклузивна поддршка, заради собирање потписи за поддршка или гласање, вели Никола Груевски претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во оставка.

Тој преку неговата официјална „Фејсбук“ страница испрати осум пораки до кандидатите и потенцијалните кандидати на партијата и до делегатите на Конгресот кој треба да се одржи на 22 и 23 декември.

Груевски вели дека секој од кандидатите треба да добие ист третман, фер однос и еднакви шанси за преставување и потенцира дека не треба да има привилегија за оние кои се на повисоки партиски функции.

Тој ги предупредува кандидатите кои се на повисоки партиски функции да не ја злоупотребуваат партиската инфраструктура, логистика, функционерите кои хиерархиски им се подредени во нивната лична кампања.

Испрати апел до кандидатите во процесот на собирање потписи да не користат никакви форми на притисок, заплашување, закани, уцени, измами, изнудување или било која друга нечесна и нерегуларна форма и начин при собирањето на потписите.

„Да не користат навредливи, омаловажувачки, потценувачки, невистинити, компромитирачки или какви други зборови со кои ќе го девалвираат противкандидатот или потенцијалниот противкандидат. Да не заборавиме на достоинството на конкурентот, единството во партијата, заедништвото, пријателството, сопартиството и дека сите се бориме за иста кауза, имаме иста идеологија, и заеднички политички противник. Да не заборавиме дека по 10 дена ќе заврши Конгресот и изборот на нов претседател, ќе треба да се погледнеме во очи, и секој на еден или на друг начин ќе биде потребен во натамошната политичка борба против СДСМ, а во целите за понапредна, постабилна и попросперитетна Македонија“, вели Груевски.

На крај Груевски додава дека оној кој ќе делуваат спротивно од овие препораки и го нарушат угледот на партијата и конкурентите во партијата, не е достоен да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ и делегатите треба да го имаат предвид ова.


Џафери: Нема секој ден да го потсетувам Иванов за двајцата кандидати за Уставен суд


Скопје, 10 ноември, 2017 - 15:51 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери сè уште ги чека од шефот на државата имињата на двајцата кандидати за судии во Уставниот суд, рече претседателот на законодавниот дом на денешниот брифинг со новинарите.

Џафери соопшти дека неговиот кабинет стапил во контакт со кабинетот на Иванов за номинирање на двајцата судии, но оти не знае до каде е процедурата, бидејќи сè уште не добил одговор.

– Процедурата во Собранието за оваа точка нема да има пречки. Го известивме претседателот, но нема секој ден да го потсетуваме. Јас не сум потсетник – додаде Џафари.

Уставниот суд во моментов работи во скратен состав, откако на судијките Наташе Габер – Дамјановска и Гзиме Старова на почетокот на октомври им истече деветгодишниот мандат. Нивните места треба да бидат пополнети со нови судии кои треба да ги предложи претседателот на државата.

Од кабинетот на Иванов за „Мета“ на почетокот на октомври соопштија дека претседателот „ќе достави предлог до Собранието на Република Македонија по завршувањето на локалните избори“.

Во вторникот испративме прашања до кабинетот на претседателот дали ги утврдил кандидати и кога ќе го достави предлогот до Собранието, но не добивме одговор.


Судскиот совет на 8 ноември ќе одлучува за избор на претседател на Кривичниот суд


Скопје, 31 октомври, 2017 - 17:27 (META) 

Судскиот совет за идната среда ја закажа „итната седница“ на која ќе биде разгледана оставката на в.д. претседателот на Основниот суд Скопje 1, Стојанче Рибарев.

Според дневниот ред, на седницата ќе биде усвоена и конечната ранг-листа на кандидатите за претседател на Основниот суд Скопје 1, а ќе биде донесена и одлука за избор на претседател на судот, по огласот што Судскиот совет го распиша на 20 јули годинава.

За местото претседател на овој суд се кандидираа поранешниот претседател, Владимир Панчевски, и судиите Иван Џолев, Весна Димишкова, Оља Ристова, Ивица Стефаноски, Ѓоко Ристов, Верка Петковска и Осман Шабани.

Досегашниот в.д. претседател на Кривичниот суд во Скопје, Стојанче Рибарев, си поднесе оставка на 25 октомври, а во меѓувреме, со судот раководи судијката Дијана Груевска-Илиевска, која го заменува Рибарев.

Основниот суд Скопје 1 веќе речиси една година нема претседател, откако на почетокот на декември минатата година му истече мандатот на Владимир Панчевски, кој во изминатиот период е мета на обвинувања за лошите состојби во судот, а неодамна во неговата канцеларија и во неговиот дом СЈО изврши претрес во врска со предистражна постапка што ја води ова обвинителство.


Словенците денеска избираат претседател, Борут Пахор фаворит


Љубљана, 22 октомври, 2017 - 10:35 (META) 

Повеќе од 3.000 избирачки места утрово во 7 часот се отворени во Словенија, а 1,7 милиони гласачи по шести пат од осамостојувањето на земјата ќе избираат претседател на државата.

За шеф на држвата се тркаат девет кандидати, меѓу кои пет се жени, најмногу досега. Сепак, најголеми шанси за победа на претседателските избори, според испитувањата на јавното мислење објавени изминатите денови, има актуелниот претседател на Словенија, Борут Пахор, кој се бори за својот втор петгодишен мандат.

Според последните анкети, Пахор би можел да добие повеќе од 50 отсто од гласовите, а најблизок конкурент му е Марјан Шарец, со 20 отсто од гласовите, пренесува ХРТ.

Избирачките места се затвораат во 19 часот, кога ќе бидат објавени проекциите на резултатите врз основа на анкетите за излезност.

Првичните резултати ќе бидат објавени денеска, доцна навечер, кога ќе биде познато дали ќе биде потребен втор круг од изборите, кој би се одржал за две недели.


ДИК не знаела колку приговорите во записниците ќе влијаат на резултатите


Скопје, 16 октомври, 2017 - 17:22 (META) 

Оценка за постапката на гласање даваат домашните и меѓународните набљудувачи, а нашата оценка, како што кажавме и вчера, е дека локалните избори минаа во фер и демократска атмосфера, рече Александар Чичаковски, претседателот на Државната изборна комисија, соопштувајќи ги на прес-конференција првичните резултати од гласањето.

Тој рече дека во записниците од комисиите имало некои забелешки, но сепак не можеше да каже колкав е нивниот број и како тие ќе влијаат на резултатите.

Чичаковски, исто така, рече дека ДИК не може да ги објави јавно победниците и оти за тоа ќе треба да се почекаат конечните резултати, а за да дојде до тоа, треба да истечат роковите за жалби на кандидатите и на партиите.

Според Чичаковски, од вкупно запишани 1.814.644 гласачи, вчера на локалните избори гласале 1.076.451 гласач, односно излезноста е 59,55 отсто. Од тоа, важечки ливчиња се 1.030.975, а бројот  на неважечки ливчиња изнесувал 45.334.

Претседателот на ДИК рече дека тие бројки се темелат на оригиналните записници на комисиите, кои не се комплетно доставени во Комисијата, а за тие податоци што не ги добиле во оригинална форма, пресметките биле направени врз основа на електронските извештаи од општинските изборни комисии.

Според податоците што се објавуваат на веб-страницата на ДИК, може неофицијално да се заклучи дека во првиот круг се познати новите градоначалници на 45 општини, од кои во 37 и во Скопје победил СДСМ, во три победила ВМРО-ДПМНЕ, а ДУИ во една.

Во другите општини ќе се одржи втор круг.

Според меѓународните набљудувачи преводени од ОБСЕ/ОДИХР и од делегацијата од Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа, изборите минаа „во согласност со меѓународните стандарди и продонесоа за зајакнување на довербата во демократскиот процес“.

Тие како недостаток ја истакнаа нетранспарентноста на Државната изборна комисија (ДИК) при носење на одредени одлуки, кои, како што рекоа, биле донесени зад затворени врати, а потоа не сите од нив биле објавени на интернет-страницата на Комисијата.


Затворени гласачките места, шестите локални избори поминаа во мирна атмосфера


Скопје, 15 октомври, 2017 - 19:26 (META) 

Во 19 часот заврши гласањето за шестите локални избори на територијата на Република Македонија, кое се одвиваше во мирна атмосфера со помали нерегуларности.

Поголемиот дел од гласачките места беа отворени во 7 часот утринава. Невладините организации „Мост“ и „Цивил“ информираа за задоцнување на отворањето на неколку гласачки места поради технички проблеми, но не повеќе од еден час.

Локалните избори се спроведоа на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје, а право на глас имаа 1.814.644 гласачи.

Во првиот круг од гласањето за градоначалник ќе биде избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи запишани во избирачкиот список.

Според информациите од Државната изборна комисија за направениот пресек до 17 часот, на локалните избори во Република Македонија правото на глас го оствариле 49,14 проценти од запишаните гласачи во избирачкиот список.

Излезноста на гласањето до 17 часот на територија на Град Скопје е 50,58 проценти. Највисока излезност на ниво на Македонија има во Вевчани, каде излегле да гласаат 72,05 проценти од гласачите, а најниска излезност има во Маврово-Ростуше, каде до 17 часот излегле да гласаат 31,19 проценти од запишаните гласачи.

Министерството за внатрешни работи информираше дека во село Горно Седларце, Тетовско, имало обид за физичка пресметка меѓу гласач и член на избирачки одбор. Покрај тоа, полицијата привела седум лица поради фотографирање гласачки ливчиња и две лица бидејќи се обиделе да гласаат во име на други лица. МВР добила и пријави за поткуп на гласачи.

Граѓанската асоцијација „Мост“ информираше дека нивните набљудувачи на избирачките места забележале откинати ливчиња заедно со кочаните, гласачи непроверени со УВ-ламба, семејно гласање, проблеми со изборниот материјал, агитирање од партиски активисти и фотографирање на гласачко ливче.

На изборите учествуваа кандидати за градоначалници и за советници од 19 партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи. Пријавени беа 260 кандидати за градоначалници и 6.627 кандидати за членови на советници на 327 листи.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, односно на 29 октомври.

За следење локалните избори во Државната изборна комисија акредитирани беа 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи.

На овие избори најмногу набљудувачи имаше од невладината организација „Мост“, кои изборите ги следаа со повеќе од 2.500 набљудувачи.


Шести локални избори: Се избираат градоначалници на 80 општини и на Град Скопје


Скопје, 15 октомври, 2017 - 7:30 (META) 

Граѓаните на Македонија денеска на шестите локални избори ги избираат градоначалниците и општинските советници на своите општини. Гласањето почна во 7 часот утринава и ќе трае до 19 часот. Локалните избори ќе се спроведат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје, а право на глас на имаат 1.814.644 гласачи.

На изборите учествуваат кандидати за градоначалници и за советници од 19 партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи. Пријавени се 260 кандидати за градоначалници и 6.627 кандидати за членови на советници на 327 листи.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, односно на 29 октомври.

Секој избирач добива две гласачки ливчиња. Едно за избор на членови на Совет и уште едно за избор на градоначалник.

Избирачите во Скопје, пак, ќе добијат четири гласачки ливчиња. Тие ќе избираат членови на Совет на општината во која живеат, градоначалник на општината, а ќе добијат и ливчиња за избор на членови на Совет на Скопје и за избор на градоначалник на Скопје.

На гласачкото место секој избирач треба да дојде со важечки документи за идентификација, односно лична карта или пасош. Следува проверка со УВ-ламба, а потоа проверка и потпишување во изводот од избирачкиот список. Гласачкото ливче се откинува од кочанот на блокот по нумерички распоред, му се става печат на предната страна и потоа му се дава на избирачот. Гласањето се врши тајно, зад параван, а пред избирачот да отиде зад параванот, член на избирачкиот одбор го прска со спреј по десниот палец.

За гласачкото ливче да биде важечко, избирачот треба да го заокружи редниот број пред името и презимето на кандидатот за градоначалник, а за членови на Совет треба да го заокружи редниот број пред подносителот на листата за која се определил.

Преклопеното гласачко ливче избирачот е должен да го става во соодветно обележаната кутија за гласање.

За следење на претстојните локални избори во Државната изборна комисија досега се акредитирани 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи. И овие избори најмногу набљудувачи се од невладината организација „Мост“. Изборите ќе ги следат со повеќе од 2.500 набљудувачи.

Покрај „Мост“, од домашните набљудувачи се и Здружението на граѓани „Синергија“ од Штип со 1.829 набљудувачи, „Цивил“ – Центар за слобода со 191 набљудувач, Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид – Скопје со 125, Центарот за разбирање и институционална соработка Скопје – ЦРИС Скопје со 17 и Македонскиот центар за култура и развој со шест набљудувачи.

Од странските, најголем број набљудувачи има Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР – 198, потоа Амбасадата на САД во Македонија – 33, Делегацијата на ЕУ – 23, Меѓународниот студиски центар за избори (IESC) – 18.
Набљудувачи имаат акредитирано и Канцеларијата на НАТО во Скопје и амбасадите на Руската Федерација, Албанија, Австрија, Франција Велика Британија, Шведска, Унгарија, Кралството Холандија, Италија и на Словачка во Македонија.