!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев во Чаир: Гласајте за Висар Ганиу, ќе работи за сите граѓани


Скопје, 27 октомври, 2017 - 20:16 (META) 

„Чаир е пример на мултиетничност, а Висар Ганиу е лицето на едно општество за сите. Овој концепт го градиме мудро и посветено, го препозна цела Македонија, мора да го препознае и знам дека го препознава и општина Чаир. Да не дозволиме повеќе национализми, победата ќе блеска како што му личи на Чаир“, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев, попладнево во скопската општина Чаир.

Тој ги уверуваше присутните во паркот во населбата дека „Чаир преку програмата на Висар Ганиу има можност да се развива во урбана општина и гордост на сите“.

– Само ни требаат чесни политичари кои ќе ги слушаат граѓаните. Знам дека имаме чесен човек. Го подготвивме новиот буџет, веќе ги вградивме парите за Чаир и за Град Скопје. Нашата опција е Висар Ганиу кој ќе биде градоначалник на сите граѓани и заедно со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ќе донесе живот за сите во Чаир и во Скопје. В недела да заокружиме број 3 и да прославиме живот за сите – порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев.


Шилегов: Имаме победа во првиот круг, резултатот претставува чест, но и обврска


Скопје, 16 октомври, 2017 - 15:42 (META) 

„Скопје повторно се раѓа, а Македонија ги заокружи промените и тргна напред. Резултатите се јасни, во Скопје имаме победа во првиот круг“, рече кандидатот за градоначалник од СДСМ, Петре Шилегов, на прес-конференција.

Тој им честиташе на граѓаните на Скопје за одважноста, храброста и за одлучноста и за тоа што гласале за заокружување на промените и за живот за сите во Скопје.

– Скопје повторно се раѓа, а Македонија ги заокружи промените и тргна напред. Резултатите се јасни, во Скопје имаме победа во првиот круг. Вака изгледа Скопје, вака изгледа Македонија кога се гласа без притисоци, слободно и демократски. Македонија добива главен град кој поврзува, главен град кој работи за граѓаните. Овој резултат за мене претставува голема чест, но и уште поголема обврска. Од првиот ден ќе се зафатиме со решавање на најгорливите проблеми на Скопје, загадувањето, зеленилото и сообраќајот – рече Шилегов.

Кандидатот на СДСМ рече дека новата градска администрација што ќе ја предводи ќе биде сервис на граѓаните и дека ќе работи и ќе се води исклучиво од нивните интереси.

Шилегов најави ново време на одговорна, домаќинска и транспарентна власт и нагласи дека на изборите победија граѓаните.


Шилегов: Очекувам до крајот на денот Град Скопје да добие нов градоначалник


Скопје, 15 октомври, 2017 - 19:20 (META) 

Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Град Скопје, откако гласаше во општина Карпош, изјави дека се надева дека излезноста на денешните локални избори  ќе биде масовна.

– Масовноста дава можност уште вечерва да го добиеме победникот за градоначалник на Град Скопје. Во секој случај, каков и да биде резултатот, вечерва Скопје ќе има нов градски совет предводен од СДСМ, што конечно ќе стави крај на десетгодишното неодговорно владеење без грижа за нашите граѓани – изјави Шилегов.

Тој ги повика медиумите и граѓанските здруженија будно да го следат изборниот процес и додаде дека очекува на крајот на денот Град Скопје да добие нов градоначалник.


Ахмети: Дехари работел и ќе работи во интерес на сите кичевци


Кичево, 13 октомври, 2017 - 19:56 (META) 

На градскиот плоштад во Кичево, денеска лидерот на ДУИ, Али Ахмети, побара сите граѓани на општината од сите националности да гласаат за кандидатот за градоначалник и актуелен градоначалник од партијата, Фатмир Дехари, велејќи дека тој покажал дека умее да се грижи за сите. И самиот Дехари нагласи дека ќе биде добар градоначалник за сите.

– Ви ветувам дека и во наредните четири години, ако го добијам мандатот, ќе продолжиме со интензивна изградба, како во градот така и во руралните средини. Без никаква причина од некои партии беше изразена резерва кон мене како иден градоначалник и сметам дека такви поделби на народот во нашата општина не му се потребни – рече Дехари.

Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, во кратко обраќање истакна дека се негирани сите сомнежи во изминатите години дека градоначалник Албанец на чело на оваа општина ќе биде погубен за другите.

– Сè што беше добро за жителите на Кичево, но и за селата во општината во целост беше остварено, а така ќе биде и во наредниот четиригодишен мандат, кој очекуваме да го добие нашиот кандидат – рече Али Ахмети.


Во Крива Паланка истепан возач кој најавувал митинг на партија


Крива Паланка, 6 октомври, 2017 - 18:03 (META) 

Кривични пријави за насилство добија тројца жители на Крива Паланка, од кои еден е малолетник, поради тоа што истепале возач на автомобил облепен со плакати на политичка партија, со кој преку разглас се најавувал митинг на партијата.

Полициската станица од Крива Паланка поднела кривична пријава против В.С. (39) и Т.А. (45), двајцата од Крива Паланка, а против 17-годишен малолетник од Крива Паланка е поднесено известување до ОЈО Куманово.

Според пријавата, на 30 септември, околу 15.30 часот, на улицата Единство во Крива Паланка, тројцата му пришле на О.С. (24) од Крива Паланка, кој управувал „опел зафира“ обелепен со плакати на политичка партија и на кандидат за градоначалник на општина Крива Паланка, и 39-годишникот побарал да се изгасне разгласот.

Потоа малолетникот почнал да го удира возачот со тупаници, а третиот пријавен го грабнал возачот за врат и го извлекол од возилото, по што продолжил да го удира, заедно со други лица. На возачот му биле нанесени телесни повреди.


Закана за убиство на градоначалничкиот кандидат на Беса за Сарај


Скопје, 6 октомври, 2017 - 15:38 (META) 

Закана за убиство вчера пред 17 часот добил кандидатот на Беса за градоначалник на општина Сарај, Башким Бакиу, објави „Порталб“. Случајот во полиција го пријавил Бакиу.

Според СВР Скопје, вчера, околу 19 часот, во Полициската станица Центар дошол Башким Бакиу, жител на селото Љубин, и кажал дека во текот на денот добил СМС со заканувачка содржина на неговиот мобилен телефон. Но, бидејќи се брзал за да овозможи ненајавен митинг во месноста Дервен во селото Сарај, се откажал од можноста формално да го пријави случајот и заминал. Потоа, во 19.50 часот, се јавил на телефонскиот број 192 и го пријавил митингот и побарал полициско обезбедување.

„Господине Бакиу, десет години поминав во затвор и ако е потребно, уште десет ќе ги заспијам. Тебе ќе те снема ако вечерва продолжиш со активности и одржуваш собири. Вечерва те чекам во Дервен, каде што ќе имаш собир“, гласи заканувачката порака што ја добил Бакиу.

Митингот завршил без проблеми, по што полицајците му кажале да го пријави случајот во Полициското одделение Сарај, соопшти СВР Скопје.

За „Порталб“, Бакиу изјави дека го информирал и меѓународниот фактор за заканата.

– Заканата нема да ме запре. Живот дава и зема само Бог! Случајот е пријавен и во полиција и на меѓународниот фактор – вели Бакиу, пренесува „Порталб“.


Починал носителот на независна листа што беше застрелан во Кичево


Скопје, 5 октомври, 2017 - 11:02 (META) 

Носителот на независна листа на советници во Кичево, 40-годишниот Алит Абази, кој на 27 септември во центарот на Кичево беше застрелан, утрово починал на КАРИЛ во скопскиот Клинички центар.

Абази од ранувањето беше во критична состојба на интензивна нега, поради сериозни повреди на абдоминалните органи и на ’рбетот.

Врз Алит Абази, како и Дестан Абдиу, шеф на неговиот изборен штаб, и Шабан Далипи, случаен минувач, пукаше 58-годишниот Абдула Абдули. Убиецот беше набргу приведен, а судија на претходна постапка му одреди притвор од 30 дена.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера на прес-конференција го повтори тврдењето на полицијата дека нападот не е поврзан со изборната кампања.

Премиерот Зоран Заев синоќа на митингот во Општина Ѓорче Петров, осуди какво било насилство во изборниот процес и повика на воздржaност од активности кои би оставиле дамка на овие избори.


Градоначалничките кандидати за Струга за проблемите со водата и во сообраќајот


Струга, 4 октомври, 2017 - 16:04 (META) 

Лавдрим Елмази од Беса, Васил Ашталкоски од СДСМ и Зијадин Села од Алијанса за Албанците на вчерашната дебата на дебатниот карван „Живот во Македонија“ (#Debatpernime), кој го организираат „Порталб“, „Калѕо“ и „Вистиномер“, порачаа дека имаат решенија за најгорливите проблеми на Струга. Понудија неколку решенија за кои ветуваат дека ќе ги реализираат ако граѓаните им ја дадат довербата и освојат градоначалнички мандат.

Во дебатата што ја водеше новинарката Јета Џара, за сообраќајниот хаос што се случува во текот на летната сезона, кога возила се паркираат насекаде, Зијадин Села вети подземно паркиралиште кај плажата Караорман, Васил Ашталкоски ветува катна гаража, а Лавдрим Елмази мисли да го реши проблемот со воведување плаќање за паркирање.

За проблемите со водата, Ашталкоски вели дека треба да се направи комплетна реконструкција на водоводниот систем, а Елмази вели дека проблемите со јавното претпријатие „Проаква“ ќе се решат ако се постави професионалец, а не партиски кадар за директор, а со пари од јапонски инвеститори би се направиле подобрувања на системот.

И двајцата нудат решенија за проблемите со струшката депонија, која е голем извор на загадување на воздухот, бидејќи на неа честопати се случуваат пожари.

Дебатите се организираат со поддршка од телевизијата „Арт“ и од „БИРН Македонија“.

Вечерва „Живот во Македонија“ одржува дебата во Сарај.

Дебатата може да се следи во живо на „Порталб“, со почеток во 18 часот.


Дудуш: Го осудувам насилството и порачувам да не се подгреваат тензии


Скопје, 4 октомври, 2017 - 10:52 (META) 

Секое насилство, особено во изборен период е недозволиво, вели кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари од СДСМ, Курто Дудуш, за физичката пресметка во која повреден беше актуелниот градоначалник на општината, Елвис Бајрам.

– Јавно го осудувам насилството како метод за да се надминат недоразбирањата и разликите. Овој изборен процес Шуто Оризари ќе го помине во фер и демократска атмосфера, недозволувајќи настанот кој се случи да поттикне понатамошни тензии и инциденти. Бидејќи не бев присутен на настанот, не сум во можност да дадам објективна слика и детали за настанот, но верувам во работата на институциите и во интерес на истрагата, нема да откривам детали што ги имам слушнато од сведоци. Да оставиме институциите да си ја завршат професионално работата и за крајниот исход по завршување на истрагата ќе биде известена и целата јавност – вели Дудуш.

Во понеделникот Елвис Бајрам и Аднан Мемет, шеф на неговиот изборен штаб, биле физички нападнати во населбата Шуто Оризари. Според нивните изјави, четири непознати лица физички го нападнале прво Мемет, а потоа и Бајрам. Насилниците побегнале, а екипа на брзата помош констатирала тешки повреди кај Бајрам, кој беше хоспитализиран во скопската градска болница „8 Септември“.

Пратеникот Амди Бајрам тврди дека напаѓачите што го истепале син му Елвис се поврзани со кандидатот за градоначалник на оваа општина од редовите на СДСМ, Курто Дудуш.


Искршени врата и излог на штаб на СДСМ, во Опила расправии за плакати


Скопје, 3 октомври, 2017 - 16:27 (META) 

Вчера, засега непознат сторител ги скршил стаклото од излогот и стаклото од влезната врата на изборен штаб на СДСМ во скопското село Инџиково. Според полицијата, се работи на откривање на сторителите.

Во друг инцидент, за кој извести МВР, завчера во општина Ранковце имало проблеми при лепење плакати.

Според полицискиот билтен, независниот кандидат за градоначалник на општина Ранковце, Ивица Тошевски, вчеравечер пријавил дека претходниот ден, додека негови активисти поставувале плакати на автобуските постојки во селата Петралица и Опила, дошол Роберт Симоновски, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата, и не им дозволувал да ги поставуваат плакатите. Тие, сепак, го сториле тоа, а откако вчеравечер Тошевски забележал дека поставените плакати биле искинати, пријавил во полиција.