!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Дождот го изгасна големиот пожар во Хрватска кај Омиш, предизвикувачот е приведен


Омиш, 8 септември, 2017 - 13:50 (META) 

Дождот кој заврна утринава, помогна да биде речиси изгаснат големиот пожар кај градот Омиш во Хрватска, кој бил подметнат, јавуваат хрватските медиуми. Екипите од пожарникари, војници и локално население уште се борат со поединечни жаришта, односно внимаваат да не почне ново разгорување.

Припадници на хрватската армија беа испратени како помош на пожарникарите во гаснење на големиот пожар во близина на Омиш, а вклучени беа и четири канадери и еден хеликоптер.

Пожарот беснееше и вчеравечер и ноќеска, а на а терен се наоѓаа 143 пожарникари со 44 возила од сплитското, шибенското, задарското и дубровничкото подрачје.

Како виновен за предизвикување на пожарот претпладнево бил приведен 29-годишен маж, соопшти хрватската полиција.


Пожарот околу Македонски Брод сè уште е активен, евакуирани неколку жители на Растеш


Македонски Брод, 2 август, 2017 - 22:22 (META) 

Пожарот кај селото Требовље, во близина на Македонски Брод, сè уште е активен и го гаснат хеликоптери на Армијата на Македонија, два „канадери“ од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), а на помош пристигнал и хеликоптер од Бугарија.

Пожарот попладнево се доближил до Лутоец и до селото Растеш, поради што биле евакуирани возрасна жена и болно дете.

Пожарот кај Требовље е активен две недели, а шумски пожари има во околината на повеќе села на територијата на целата земја, односно кај Девич, Грешница, Раштани, Сливник, Бузалково, Здуње, Таринци и кај Водовиште.


Големиот шумски пожар што го зафати Кипар е ставен под контрола


Никозија, 22 јуни, 2016 - 11:01 (META) 

Кипарските власти изразија надеж дека пожарникарите наскоро би можеле да го изгаснат еден од најголемите шумски пожари во земјата.

Портпаролот на кипарското министерство за шумарство, Андреас Кристу, изјави дека стивнал ветерот кој ги отежнувал напорите на пожарникарите да го стават пожарот под контрола.

Тоа би можело да им помогне на кипарските пожарникари и на 20-те „канадери“ од Кипар, Франција, Грција, Италија, Израел и од Велика Британија да го изгаснат пожарот, кој зафати повеќе од 15 квадратни километри борова шума, стара 150 години, а во кој загинаа двајца пожарникари.

– Ситуацијата е навистина трагична. Штетата што пожарот ја предизвика е ненадоместлива – изјави претседателот на Кипар, Никос Анастазијадес.


„Канадерите“ тренираат на Охридско Езеро


Охрид, 5 август, 2015 - 11:19 (META) 

Двата специјализирани авиони за гасење пожар, таканаречените „водени трактори“, откако се вратија од задоцнетото сервисирање, утринава тренираа над водите на Охридско Езеро.

Авионите во низок лет, зафаќаа вода, подготвувајќи се за евентуални ситуации за гаснење пожари. Нивната носивост е два тона вода.

Со авионите управува шестчлен екипаж, а покрај од Охридското, можат да зафаќаат вода и од Преспанско и од Дојранско Езеро.

Јавноста, претходно, со негодување ја прими информацијата дека авионите биле пуштени на сервисирање среде лето, особено по пожарот кој му се закануваше на Охрид.

Директорот на Дирекцијата за безбедност и спасување, која управува со авионите, Шабан Салиу, тогаш за „Мета“ не ја потврди, ниту ја демантираше информацијата дека се испратени на сервисирање во Шпанија, додавајќи само дека тие „се ангажираат според посебна процедура“.


Салиу: Постои процедура за ангажирање на „канадерите“


Охрид, 20 јули, 2015 - 17:07 (META) 

Директорот на Дирекцијата за безбеност и заштита, Шабан Салиу, во изјава за „Мета“ не даде дециден одговор дали двата „канадери“ ќе бидат ангажирани во гаснење на пожарот над Охрид. Тој само рече дека припадници на Дирекцијата се ангажирани на теренот.

На инсистирање да одговори за авионите, само кажа дека за тоа има процедура. На прашањето дали, во согласност со процедурата, пристигнало барање од охридскиот градоначалник Никола Бакрачески, тој даде негативен одговор.

На социјалните мрежи се појавија информации и коментари дека „авионите се на сервисирање и дотогаш не смее да има пожари“.

Весникот „Вест“, исто така, информираше дека двата авиони се испратени на редовен сервис во Шпанија, прашувајќи зошто за тоа е одбран токму овој период кога ризикот од шумски пожари е најголем.

Силен пожар беснее од попладнево над Охрид, во подножјето на планината Петрино, во област со далноводи и со преносни предаватели на мобилни оператори.

Пожарот брзо се шири во правец од исток кон запад, а сега се спушта кон градот, во правец на безинската пумпа на „Макпетрол“ и на дирекцијата на Националниот парк Галичица. Од тој правец може да се интервенира со цистерни.

Постои голема опасност, доколку влезе во подрачјето на висока и густа борова шума, да дојде до уште поголема стихија. Само стотина метри е првата линиjа.

Во моментов неколку помали екипи на професионалната противпожарна единица Охрид, како и една екипа на Националниот парк Галичица се на местото на настанот и се обидуваат да го локализираат пожарот, но само со прирачни средства кои се недоволни да се справат со ваквата силина на огнот.

Теренот е недостапен за противпожарни возила. Засега не се знаат причините за пожарот, но на некои портали објавена е информација дека е можеби подметнат, со оглед на фактот што се појавил истовремено на три места.


Пожарот беснее над Охрид, каде се „канадерите“?


Охрид, 20 јули, 2015 - 16:07 (META) 

Силен пожар беснее попладнево над Охрид, во подножјето на планината Петрино, во област со далноводи и со преносни предаватели на мобилни оператори.

Пожарот брзо се шири во правец од исток кон запад и има зафатено нискостаблести дрва, пред сè, смрека, како и борова шума. Огнената линија е широка до два километри.

Ако не биде брзо локализиран, што е тешко доколку не се вклучат двата авиони „канадер“ (поточно станува збор за авиони од шпанската марка „Ер трактор“) на Агенцијата за безбедност и спасување, реална е опасноста огнената стихија да стигне до станбени и до стопански објекти, под селото Велестово.

Во случај огнената линија да го проимени правецот, ќе се најдат на удар првите куќи под селото Рамне.

Засега нема најави за ангажирање на „канадерите“ на Агенцијата за безбедност и спасување.

Според процедурата, до нив треба да стигне писмено барање од Агенцијата.

Како што објави весникот „Вест“, двата авиони се испратени на редовен сервис во Шпанија, прашувајќи зошто за тоа е одбран токму овој период кога ризикот од шумски пожари е најголем.

Пред 10 дена, Дирекцијата за заштита и спасување испрати објаснување до “Вест” во кое се се вели дека “Согласно анализите и досегашното искуство шумските пожари најчесто се случуваат во месеците август и септември…“

Надлежните служби веќе информираа дека двата пожари се над 110-киловолтната трафостаница.

Истовремено, делови од Охрид краток период останаа без електрична енергија, а во делови од населбата Рача на источното крајбрежје сè уште нема струја.

Во моментов неколку помали екипи на професионалната противпожарна единица Охрид, како и една екипа на НП „Галичица“ се на местото на настанот и се обидуваат да го локализираат пожарот, но само со прирачни средства.

Теренот е недостапен за противпожарни возила.

Засега не се знаат причините за пожарот.