Запленети 91 килограм марихуана во Кичево, тројца приведени


Скопје, 22 март, 2018 - 14:18 (META) 

Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера во Кичево привело три лица од Скопје и запленило 91 килограм марихуана. Против тројцата, како и уште против три други лица, две од Струга и едно од Скопје, се поднесени кривични пријави.

Како што објасни портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, марихуаната била набавена во Албанија, а требало со автомобил да биде транспортирана до Скопје. Притоа, полицијата откако добиле сознанија за шверцот, на влез во Кичево бил сопрен автомобилот „мерцедес“, а потоа и автомобилот што му бил претходница. Дрогата била во девет вреќи и во една патна торба.

По кривичните пријави, на тројца скопјани на возраст од 22 и 24 години, судија на претходна постапка им одредил притвори од по 30 дена. Еден од вмешаните во шверцот издржува казна во затворот во Струга и бил префрлен во „Шутка“. Полицијата трага уште по двајца 23-годишници – едниот од Скопје, а вториот од Струга.


Откриени 12 килограми марихуана во автомобил на Табановце


Табановце, 20 јули, 2017 - 14:59 (META) 

Полицијата вчера доцна вечерта спречила обид од Македонија во Србија да бидат прокриумчарени 12 килограми марихуана, скриени во автомобил.

Како што соопшти МВР, на полицајците им се сторил сомнителен автомобил „опел астра“ со скопски таблички, во кој биле двајца скопјани на возраст од 30 и 31 година.

При извршената детална контрола на возилото, под задните тапацири се пронајдени 25 пакувања марихуана, со вкупна тежина од околу 12,5 килограми. Скопјаните биле приведени.


ЛДП бара нов закон за употреба на канабис


Скопје, 24 февруари, 2017 - 12:38 (META) 

Либерално-демократската партија денеска соопшти дека преку пратениците во Собранието на Република Македонија ќе достави предлог до новата влада за носење на ново законско решение за легализација на канабисот за медицинска употреба и за декриминализација на канабисот за лична употреба.

„Предлог-законот ќе биде усогласен со потребите на сите засегнати страни и во соработка со граѓанскиот сектор. Зголемената понуда на масло од канабис на црниот пазар е доволен факт дека актуелното законско решение се покажа како неуспешно“, стои во соопштението од партијата.

Од ЛДП наведуваат дека маслото од канабис мора да биде достапно до сите оние граѓани на кои навистина им е потребно, но и дека канабисот за рекреативна употреба мора да биде декриминализиран.


Вработен во „Идризово“ одгледувал марихуана во својот дом и неовластено чувал оружје


Скопје, 19 ноември, 2016 - 12:34 (META) 

СВР Скопје-Единица за недозволена трговија со дрога до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје со кривична пријава го предаде Г.С.(40), вработен во КПУ „Идризово“, поради основи на сомневање дека неовластено набавил семки од канабис, ги насадил и одгледувал во својот дом. Тој исто така во домот неовластено држел оружје и експлозивни направи.

Оттука, постојат основи на сомнение дека сторил две кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

За сторените кривични дела, судија на претходна постапка на Г.С. му изрече мерка – домашен притвор во траење од 30 дена.


Европол уапси повеќе од 300 лица и заплени еден тон кокаин


Хаг, 19 октомври, 2016 - 13:07 (META) 

Полицијата уапсила повеќе од 300 лица и запленила повеќе од еден тон кокаин во еднонеделната акција против мрежа што се занимава со трговија на наркотици, криумчарење на луѓе и со криминал во Европа и пошироко, соопшти денеска Европол.

Преку истрагата била откриена една лажна туристичка агенција во Грција која помагала во трговијата со луѓе и бордел во Австрија каде што канабисот бил одгледуван, пренесуваат светските медиуми.

Европол соопштува дека агенцијата ги координирала истрагите во ЕУ и 24 држави надвор од Унијата и дека во операцијата биле откриени криминални мрежи со потекло од Нигерија, Азија, Источна Европа и од други области.

„Земјите и организациите во светот кои работат заедно како еден субјект се современ одговор на тешкиот и организиран криминал кој не познава граници,“ изјави директорот на Европол, Роб Вејнрајт.

Полицијата, како што се додава во соопштението, идентификувала повеќе од 500 жртви на трговијата со луѓе.


Албанија е претворена во огромна плантажа за канабис, оценуваат албанските разузнавачи


Тирана, 5 октомври, 2016 - 10:03 (META) 

Албанската разузнавачка служба изготвила таен извештај во кој се наведува дека Албанија станала огромна плантажа за канабис, која се протега од северот па сè до југот за земјата и служи како главна рута за шверцерите на дрога, пишува албанскиот портал „360 грајд“, кој го објави документот.

Како што јавува дописникот на „Мета“ од Тирана, во извештајот се изнесени детали за 12 општини во земјата, а истакнати се најпроблематичните. Според извештајот, околу 363 области се претворени во џиновски плантажи за канабис.

Регионот на Скадар, според извештајот, е најпроблематичен. Карпестиот планински регион ѝ ја отежнува работата на полицијата при идентификување на овие области.

Во областа Фиер, според извештајот, во последните три години најмногу се одгледува канабис. Какко што забележува албанската разузнавачка служба, лицата што работат на плантажите се членови на криминални банди.

Полицијата ги демантира информациите за плантажите на канабис, но не ја оспори автентичноста на документот што го објави „360 грајд“.


ЛДП: Од легалниот канабис полза имаат само фармацијата и власта


Скопје, 25 септември, 2016 - 13:25 (META) 

Либерално-демократската партија, како еден од иницијаторите на Законот за легализација на канабисот во медицински цели, воопшто не е задоволна од неговото спроведување.

„Се потврдуваат нашите стравувања дека Владата на ДПМНЕ овој закон го донесе од чист интерес во договор со фармацевтската индустрија исклучиво за нивна заемна корист, а на штета на граѓаните. Уште од самиот почеток на спроведувањето на овој закон се покажа дека е лошо осмислен и дека не помага на тие на кои им е најпотребна терапија од ваков тип. Имено, маслото кое може да се најде во аптеките во Македонија е со раствор, чијашто количина воопшто не е доволна за да ги даде посакуваните резултати при терапијата. Згора на тоа, цената на шишињата од 9.000 денари е далеку од стандардот на македонскиот граѓанин. Тоа значи дека со законот за легализација на канабис македонскиот граѓанин доби можност за изгор скапа терапија со низок квалитет“, реагираат од партијата.

ЛДП истакнува дека законското решение нема цел да им помогне на граѓаните кои имаат потреба од маслото од канабис како средство за лекување.

„Владата на ДПМНЕ се реши да шири популизам и да собира поени врз грбот на оние кои имаат потреба од ефикасен и достапен лек. ЛДП во периодот што следува ќе понуди ново ревидирано законско решение кое ќе биде во интерес на сите корисници на канабис, законско решение кое ќе одговори на потребите на обичниот граѓанин, а не исклучиво за профит на фармацевтската индустрија“, стои во соопштението од партијата.


Тодоров: Од денеска во продажба масло од канабис


Скопје, 13 јуни, 2016 - 14:19 (META) 

Реализиравме уште едно значајно ветување за унапредување на здравствената заштита на граѓаните. Од денеска, во аптеките во земјава е достапно масло од канабис кое се издава без лекарски рецепт, објави денеска на својот фејсбук-профил министерот за здравство, Никола Тодоров.

„Со оваа новина излеговме во пресрет на барањата на граѓаните и на стручната јавност, чии забелешки, мислења и сугестии имавме можност да ги слушнеме на одржаните јавни дебати на оваа тема, а потоа ги вградивме во законско решение во март годинава. Според меѓународните искуства, станува збор за масло од канабис кое може да има позитивни ефекти при состојби на стрес, анксиозност, нервоза, депресија, може да се користи против симптоми на гадење и на повраќање, помага во одржување на балансот на цревната флора и генерално може да помогне во подобрување на имунолошкиот систем кај човекот. Токму затоа, ова масло се наоѓа во слободна продажба и е достапно за секој човек без лекарски рецепт. Исто така, докажано е отсуство на пестициди и на хербициди во производот, добиен со екстракција на ниска температура без употреба на органски растворувачи, што значи дека се работи за маслен екстракт од највисок квалитет. Сепак, особено е важно да се знае и да се има предвид дека ова масло не може да биде замена за стандардна терапија доколку за одредена медицинска состојба истата е препорачана од доктор“, пишува Тодоров на својот профил на „Фејсбук“.


Прв чекор кон легализацијата на канабисот за медицински цели


Скопје, 9 февруари, 2016 - 15:05 (META) 

Собраниската комисија за здравство денеска го усвои предлогот за изменување и за дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци во прво читање и го даде на понатамошно разгледување.

Измените се однесуваат на легализација и на контролирана употреба на строго контролирани производи од канабис за медицински цели во Македонија.

– Потребата од донесување вакво законско решение е желбата да им се помогне на луѓето што бараат на природен начин, за лекување да го користат канабисот, секако, под строго контролирани услови – истакна државниот секретар во Министерството за здравство, Стојанчо Стојковски.


Втора јавна дебата за употреба на канабисот во медицински цели


Скопје, 20 декември, 2015 - 10:36 (META) 

Втора јавна дебата на тема „Примената на индискиот коноп и канабиноидите во медицински цели“ ќе се одржи денеска во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства во соработка со Министерството за здравство.

Дебатата ќе се одржи на Медицинскиот факултет во Скопје со почеток во 12.30 часот.

Учесниците на дебатата ќе дискутираат за предлог-законот за изменување и за дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во насока на легална и на контролирана употреба на производи од канабис за медициснки цели во Македонија.

Според предлог-законот, канабисот ќе може да се произведува и да се користи само во Македонија и ќе може да го произведуваат само правни лица.