!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Собранието се обои портокалово


Скопје, 25 ноември, 2017 - 8:27 (META) 

Собранието на Република Македонија вчеравечер, заедно со голем број знаменитости низ светот, заблеска во портокалово во поддршка на ставањето крај на насилството врз жени и девојчиња, со што беше означен почетокот на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

На настанот, кој го организираа Обединетите нации и Собранието на Република Македонија, се обратија претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и постојаната координаторка на Обединетите нации во земјата, Луиза Винтон. Таа, цитирајќи ја изјавата на генералниот секретар на ОН, истакна дека „насилството врз жените во основа се однесува на моќта и ќе сопре само кога родовата еднаквост и целосното зајакнување на жените ќе станат реалност.”

Кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ има цел да ја подигне свеста и да поттикне конкретни чекори кои ќе помогнат да се стави крај на насилството врз жените и девојчињата во светот, а се случува секоја година во текот на 16 дена во периодот помеѓу 24 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените и 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.

Во текот на овие 16 дена, во земјата ќе се одржат бројни активности кои ќе вклучуваат поддршка од јавни личности од различни сфери, можност сите да постираат свои пораки против насилството за да ја покажат својата поддршка на социјалните медиуми, како и низа дебати и работилници.


ЕУ обезбеди 37,5 милиони евра за вработување, образование и за социјална инклузија


Скопје, 21 ноември, 2017 - 12:45 (META) 

Еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, денеска ја промовираше кампањата „Веруваме во тебе, вложуваме во тебе, ЕУ за тебе“, со која Европската Унија ќе обезбеди 37,5 милиони евра за унапредување на состојбите во секторите вработување, образование и социјална инклузија, финансирани од ИПА оперативната програма за човечки ресурси 2007-2013.

– Во земјава досега бев многупати за да помогнам во справување со политичката криза, но во моментов сум особено задоволен што сега можеме нашето внимание да го тргнеме од кризни прашања и да се посветиме на активности кои се насочени кон иднината. Постепено се враќаме во нормала. Ова е мошне добро за земјата, бидејќи сега може да се фокусира на посуштински работи, а тоа подразбира да се работи во служба за граѓаните, да им се овозможи да се квалифицираат, да се вработат – изјави Хан.

Хан додаде дека со оваа кампања, всушност, ЕУ покажува дека има цврста верба во иднината на Македонија, а со неа освен што ќе им се помогне на луѓето во земјава, ќе се спречи и одливот на мозоци во другите делови во Унијата.

Во рамките на кампањата, Хан ќе ја посети Агенцијата за вработување, ќе се повози со автобусот на ЕУ и ќе им се обрати на корисниците во рамките на проектот „Поддршка на вработувањето на младите“, спроведен од Агенцијата за вработување.

Двокатниот автобус на ЈСП брендиран за кампањата „Веруваме во тебе, вложуваме во тебе, ЕУ за тебе“ денеска беше промовиран пред Инфо-центарот на ЕУ.


Радијата ја повлекуваат кампањата „пре-еманципирани жени“ по реакцијата на ААВМУ


Скопје, 2 ноември, 2017 - 19:56 (META) 

„Сити радио“, „Клуб ФМ“ и „Метрополис радио-мрежа“ ја повлекуваат кампањата наречена „пре-еманципирани жени“, која неколку дена беше емитувана на овие три радио-станици.

Повлекувањето на аудиопораките од кампањата следува откако Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) констатираше дека преку нив се шири мизогинија и сексизам.

Од радио-станиците велат дека воопшто немале намера да го навредат интегритетот на жената, ниту пак некого да дискриминираат.

„Напротив, целта на овој, за нашата публика нов, медиумски наратив, беше сите кои претеруваат, со посебен акцент на оние кои газат сè пред себе (за кои впрочем е и наменета кампањата), да се потсетат што е етичко, што сакаат, колку можат и колку треба. Овие медиуми имаат огромна публика која ја разбира, ја поддржува и се забавува со нестандардната реторика на овие џинглови, но, почитувајќи ја и останатата публика, која јасно се спротивстави на кампањата, медиумите одлучија да одговорат со извинување до сите кои се почувствувале посочени и навредени. За таа цел, овие три радија ја повлекуваат кампањата од етер“, стои во известувањето на трите радио-страници објавено на „Фејсбук“.


ААВМУ констатирала мизогинија и сексизам на програмите на три радио-станици


Скопје, 2 ноември, 2017 - 17:36 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) констатирала ширење на мизогинија и сексизам во аудиопораки од заедничката кампања, во сопствена продукција на „Сити радио“, „Клуб ФМ“ и „Метрополис радио-мрежа“, која, како што се вели во нив, е наменета за „сите пре-еманципирани жени“, а која деновиве се емитува на трите радио-станици.

Според Агенцијата, кампањата претставува дискриминација врз основа на пол, ширење мизогинија и сексизам што е флагрантно кршење на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Трите радиодифузери што ја продуцирале оваа кампања, стои во соопштението на ААВМУ, се однесуваат на начин кој е непоимлив и целосно спротивен на професионално однесување.

„Имено, во кампањата, еманципацијата на жените и на мажите се поставуваат како два процеси кои меѓусебно се исклучуваат, еманципацијата и стремежот на жените да го достигнат максимумот во своите кариери се претставува како негативна појава, успешните жени се подложуваат на потсмев и на омраза, а на децата и младите од обата пола им се испраќа порака дека не се еднакви и дека не треба да се стремат кон еднаквост“, велат од ААВМУ.

Од Агенцијата информираат дека до трите радио-станици се упатени известувања за констатираното прекршување на Законот, а извештајот од надзорот ќе биде испратен и до Комисијата за заштита од дискриминација.

Инаку, мизогинија е омраза или предрасуда кон жени или девојки и може да се манифестира на повеќе начини, вклучувајќи ја и половата дискриминација, оцрнувањето на жените, насилството врз жените, како и третирање на жените единствено како сексуални предмети.

Сексизам или полова дискриминација е предрасуда или дискриминација врз основа на полот на една личност и го вклучува верувањето дека лице од еден пол е суштински супериорно во однос на лице од другиот пол.


Трамп: Тоа со Манафорт било пред многу години, зошто Хилари не е во фокусот?


Вашингтон, 30 октомври, 2017 - 19:05 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, по повод обвинувањата против поранешниот шеф на неговата кампања, на „Твитер“ порача дека фокусот би требало да биде на Хилари Клинтон.

Трамп повторно ја употреби конструкцијата „нечесната Хилари“.

„Извинете, но ова било пред многу години, пред Пол Манафорт да стане дел од кампањата на Трамп. Зошто нечесната Хилари и демократите не се во фокусот“, праша Трамп.

Поранешниот шеф на неговата кампања, Манафорт, е обвинет за заговор против САД, проневера, перење пари, лажно сведочење и повеќе други дела затоа што заедно со неговиот соработник, Рик Гејтс, заработил милиони долари работејќи за украинскиот претседател Виктор Јанукович, а приходите не ги пријавил.


Заев: Изборите беа кристално чисти, фер и слободни


Кавадарци, 22 октомври, 2017 - 15:42 (META) 

Изборите беа кристално чисти, фер и слободни, со изолирани инциденти, а тоа го потврдија и меѓународните институции, изјави денеска во Кавадарци лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, прашан за коментар на вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека изборите биле нелегитмни и недемократски.

– Човекот конечно изгуби избори, ние тврдевме дека само ако има слободна изразена волја, ќе се случат вистински изразени мисли, чувства и определби на граѓаните, тоа се случи на 15 октомври. Поразениот има право да се лути, јас тоа го разбирам. Не видов никаква сериозност во изјавите што тој ги даде. Навистина не можам ниту логично, ниту рационално да заклучам кои се доказите, кои се причините или што, всушност, се случувало во Македонија. Јас сум рационален човек, сакам секогаш да разговарам, спремен сум да прифатам корективи, да се коригирам и јас и политичката партија и коалициските партнери со кои сме, но буквално во Македонија блеска слободно изразената волја и апсолутно нема дилеми за тоа – рече Заев.

Груевски во синоќешното интервју во емисијата „Седмица“ на телевизијата „Алфа“ ја обвини власта за поткуп на гласачи, уцени и за заплашувања на членството на ВМРО-ДПМНЕ и на кандидатите за градоначалници на партијата.

Инаку, лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска беше на средби со граѓаните на Кавадарци, каде побара поддршка за кандидатот за градоначалник на владејачката партија, Бетиан Китев, за вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат на 29 октомври. По Кавадарци, за денеска предвидени се средби на Заев и со граѓаните на Демир Капија, Градско и на Росоман.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, како што соопштија од партијата, денеска има средби со жителите на Стајковци, Хиподром, Автокоманда и на Железара, во општина Гази Баба, а во 19 часот ќе има обраќање на митинг во селото Љубанци во општина Бутел.


ВМРО-ДПМНЕ: Црната кампања на СДСМ го достигна дното


Скопје, 19 октомври, 2017 - 12:23 (META) 

Членот на СДСМ, Сафет Али, кој е еден од најблиските соработници на кандидатот на СДСМ за градоначалник на Штип, Благој Бочварски, е сликан со погребен венец за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и штипски градоначалник, Илчо Захариев, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека „ова е врвот на една морбидна кампања на СДС и е доказ за аздисаноста и за самоволието“.

„Ова однесување доаѓа по низата брутални кршења на законите, нерегуларности, негативната кампања на притисоци и на заплашувања. Јавноста беше сведок на напад на полицаец од Свети Николе, кој беше крвнички тепан и му се заканувале со ликвидација нему и на неговото семејство. Исто така, пред очи на јавноста се случи и нападот врз претседателот на политичката партија ГРОМ, Стевчо Јакимовски, од луѓе блиски до врхушката на власта“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека на повеќе места во државата било пукано од огнено оружје од страна на активисти на СДС, но исто така биле искршени и запалени автомобили само неколку часа по завршувањето на локалните избори.


Груевски: Ние не сме од тие што бараат гласови од граѓани, а добиваат поддршка од друго место


Прилеп, 6 октомври, 2017 - 22:53 (META) 

„Ние нашата сила и моќ ги добиваме од Македонија и од народот на оваа земја, нашата сила произлегува од нашата љубов кон народот и нашата љубов кон оваа земја. Ние не сме едни од тие што ги бараат гласовите на граѓаните, а сила и поддршка добиваат од друго место“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на вечерашниот митинг во Прилеп.

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ била партија на граѓаните и гаранција за силна Македонија и посочи на граѓаните дека знаат каква промена, пораст и развој доживеа Македонија во последните години, како и дека знаат каде беше Македонија пред 11 години и пред 5 месеци.

– Ние зборуваме за работите што сме ги направиле, за проектите што сме ги реализирале. Работата и посветеноста се наша карактеристика, а СДСМ води политика на навреди, политика на креирање тензии и заплашување, политика на многу афери, корупција, криминал – рече Груевски.

Претходно на митингот во Крушево, Груевски ги осуди економските политики на власта, нагласувајќи дека се штетни и водат кон, како што истакна, сериозни ризици и далекусежни последици.


Амди Бајрам тврди дека напаѓачите на син му се поврзани со Курто Дудуш


Скопје, 2 октомври, 2017 - 21:22 (META) 

Пратеникот Амди Бајрам тврди дека напаѓачите што попладнево го истепале син му, Елвис Бајрам, кој е градоначалник на Шуто Оризари, се поврзани со кандидатот за градоначалник на оваа општина од редовите на СДСМ, Курто Дудуш.

– Пред четири-пет дена местевме банери и тие почнаа расправија. Му се јавивме на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и му рековме да не правиме провокации, да одиме на фер и демократски избори и подобриот да победи. Тој ни рече дека нема да има привилегии за оној кој ќе погреши, без разлика дали е од наша страна или од страната на СДСМ. За секој според законот ќе бидат преземени мерки. Градоначалникот е во кампања и одел од врата на врата. Одеднаш му излегле со секири, со шипки и го удриле. Ми кажаа дека прво бил удрен шефот на кабинетот, а потоа и мојот син. Таа фамилија е позната, го држеа пазарот „Матекс“ во Шуто Оризари со рекет и со сила. Тие сега се во партијата на СДСМ и кандидатот Курто Дудуш е со нив. Барам министерот да го спроведе тоа што треба. Ако вината е наша, нека притвори некој од кај нас. Знаат дека народот е со нас и затоа одат со сила – рече Бајрам.

Градоначалникот на Шуто Оризари, Елвис Бајрам, попладнево беше физички нападнат заедно со Аднан Мемет, кој е дел од неговиот изборен штаб.

Четири непознати лица физички го нападнале прво Мемет, а потоа и Бајрам. Откако со тупаници ги собориле на земја, почнале да ги удираат со клоци и со метални и дрвени прачки.


ВМРО-ДПМНЕ во Кичево и во Македонски Брод, СДСМ во Свети Николе и во Велес


Скопје, 2 октомври, 2017 - 12:55 (META) 

Во рамките на кампањата за локалните избори, кои ќе се одржат на 15 октомври, денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе одржат митинзи во Македонски Брод и во Кичево. Митингот во Македонски Брод почнува во 18 часот, а два и пол часа подоцна ќе биде одржан митингот во Кичево.

СДСМ и коалицијата ќе имаат собири со граѓани во Лозово во 17 часот, во Градско во 18 часот и во Чашка во 19 часот. Митинзите ќе бидат во Свети Николе во 18.30 часот и во Велес во 20 часот.

Беса ќе има митинг во Црнилиште со почеток во 17.30 часот, а ДУИ ќе одржи митинзи во Боговиње и во Врапчиште.