Ново оштетување на дел од градското пристаниште во Охрид


Охрид, 3 декември, 2018 - 16:24 (META) 

Последното големо невреме што го зафати Охрид предизвика ново оштетување на дел од градското пристаниште. Од Kапетанијата објаснуваат дека оштетувањето не ја загрозува стабилноста на објектот и додаваат дека веќе се известени надлежните органи во градот.

Градското пристаниште со тек на време попушта под налетот на брановите. Последното оштетување е голема пукнатина на пристапниот дел, која настана по големото невреме, кое го зафати Охрид во март годинава. Сопствениците на пловни објекти велат дека станува збор за стар објект кој датира од далечната 1938 година, на кој му е неопходна поопширна санација и посочуваат дека со секое ново невреме, оштетувањата на пристаништето стануваат поголеми.

– Разјадено е, уништено. Како што гледате од брановите кога беа, цело лето помина и зимата ќе фати, уште ништо не е направено – вели кајчарот Ираклија Каневче.

Неговиот колега Ристе Попоски се согласува дека несанирањето на оштетувањата создава неубава слика за градот.

-Имало случаи кога туристите се шетале, па пропаднале, се сопнале во таа дупка. Не е убава слика и за градот како туристичко место. Во Европа една коцка да фали, ќе ја стават каде што треба – вели Попоски.

Пукнатината на пристапниот дел на пристаништето кој служи за спуштање на кајчиња, глисери и други помали пловни објекти, не ја загрозува стабилноста на објектот, велат од Капетанијата на пристаништа на Република Македонија. Посочуваат дека оштетениот дел може да се санира со помал зафат.

– По самиот кејски ѕид, односно пристанишен ѕид, постојат дупки и девијации кои мора да се избегнат, за горните камења да не паднат во тие вдлабнатини. Исто така, голема е потребата и од негова надградба, бидејќи од година во година имаме сè повеќе пловни објекти кои треба некаде да бидат сместени – вели Горан Устијаноски, првиот човек на Капетанијата.


Каменувани автобус на ЈСП и меѓународен воз


Скопје, 15 септември, 2017 - 15:02 (META) 

Два инциденти со каменување се случиле околу полноќ, при што настрадале автобус на ЈСП и меѓународен воз.

Во првиот случај, станува збор за каменуван автобус кој сообраќал на линијата број 50. Како што биле пријавено во полиција, околу 40 минути по полноќ, каменувањето го сториле десетина непознати лица, при што било оштетено едно стакло на автобусот. Немало повреди кај патниците или возачот.

Каменувањето на возот, пак, се случило околу 23 часот, во близина на кумановското село Черкезе, помеѓу постојката Карпош и железничката станица Куманово. Неколку непознати сторители фрлале камења по меѓународниот воз кој сообраќал на релација Скопје – Белград.

Повредени патници, за среќа, нема, а во инцидентот настрадало само едно стакло на вагон.

Полицијата вели дека работи на откривање на сторителите на двата инцидента.


Мигрант доби 10 години затвор за судир на границата помеѓу Унгарија и Србија


Будимпешта, 30 ноември, 2016 - 19:26 (META) 

Унгарскиот суд осуди на десет години затвор мигрант кој учествувал во конфликт на границата помеѓу Унгарија и Србија минатата година.

Како што пренесуваат медиумите, мигрантот со потекло од Сирија е прогласен за виновен дека гаѓал со камен кон полицијата во обид да ја натера да ја отвори границата.

Неговата постапка по унгарските закони е окарактеризирана како терористички акт.
Ахмед Хамад (40) доби една од најтешките казни што им се изречени на мигранти од почетокот на бегалската криза.

Тој бил во група на мигранти кои на 16 септември минатата година илегално влегле во Унгарија и преку мегафон повикувал да се пробие границата, по што полицајците користеле водени топови и солзавец.


Патот Шипковица – Бродец делумно расчистен по невремето, жителите и на натаму во грч


Тетово, 7 август, 2016 - 11:59 (META) 

Надлежните служби сè уште го расчистуваат патниот правец Шипковица – Бродец – Вешала, кој вчера по големите врнежи од дожд беше затрупан со наноси од камења и земја, но по патот, со претпазливост, поминуваат возила за итни случаи.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, која денеска го посети местото, изјави дека градежната механизација и во текот на наредните денови ќе продолжи со работа, за целосно расчистување на патот. Освен на расчистување на патот, како што посочи Арифи, ќе се работи и на преземање на превентивни мерки во случај на нови наноси од камења и земја.

Таа додаде дека во координација со службите на централната власт работат и на отстранување на големите карпи кои што надвиснуваат над патниот правец Шипковица – Бродец и претставуваат опасност.

Вчера, исто така, беше затрупан и патот на влезот во Шипковица, кој за неколку часа беше расчистен.

Во невремето во Шипковица нема настрадани лица, а не е предизвикана ниту материјална штета на домовите. Сепак жителите и натаму стравуваат од поголеми катастрофи со оглед на најавените врнежи од дожд во наредните денови.

Во селото Голема Речица, вчера врнежите од дожд го зголемија нивото на реката, но таму ситуацијата е под контрола и нема поплави или оштетувања на имотите на граѓаните. Оперативните екипи се на терен и се во постојан контакт со локалните жители.

Во минатогодишните поплави во Тетовско загинаа шест лица, а беа оштетени и стотина домови.


„Шарена револуција“: Камења и шишиња врз Министерството за правда


Скопје, 20 јуни, 2016 - 21:22 (META) 

Неколку камења и пластични шишиња завршија во прозорците на Министерството за правда на денешниот протест на „Шарената револуција“. Претходно демонстрантите го обоија Министреството со боја со помош на пумпи и буриња. Полицијата, иако во зголемен број присутна пред Министерството, не реагираше на активностите на демонстрантите.

Граѓаните извикуваа „Шутка не ти бега Никола“ и „Нема правда нема мир“.

Протестот почна во 19 часот пред просториите на Специјалното јавно обвинителство, по што продолжи кон Владата. Таму се обратија активистот Павле Богоевски и заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

Потоа демонстрантите се упатија кон Собранието.


Демолирана канцеларијата на Иванов, полицијата ги гони демонстрантите низ градот


Скопје, 13 април, 2016 - 21:01 (META) 

Граѓаните што протестираат против одлуката на претседателот на Ѓорге Иванов за помилување на политичарите, од Собранието повторно се вратија пред народната канцеларија на претседателот и со камења го демолираа објектот.

Откако ги искршија сите стакла на објектот, демонстрантите влегоа во канцеларијата и ги искршија и компјутерите, масите и столовите. Тие извикуваат „Нема правда, нема мир“.

Полицијата ги блокираше сите приоди кон штабот на ВМРО-ДПМНЕ и не им дозволува на граѓаните да се приближат.

Зоната околу Министерството за правда и народната канцеларија е блокирана, а полицијата ги брка граѓаните од центарот.

Демонстрантите се разбегаа на повеќе страни низ градот.

Објектот на народната канцеларија кој беше демолиран сега е под силно полициско обезбедување.


Петнаесет полицајци се повредени во судирот со мигрантите на границата


Скопје, 10 април, 2016 - 19:10 (META) 

Вкупно 15 полицајци се повредени, од кои четири посериозно, по судирот на полицијата со бегалците на македонско-грчката граница.

Од МВР информираат дека нападите биле повремени, а мигрантите што се обидувале нелегално да ја поминат границата, употребувале сила. Кон полицијата фрлале камења и тврди предмети.

Материјалните штети сè уште се пребројуваат, а во неколкуте напади кон полицијата оштетени се три полициски возила и неколку штитови.

Засиленото полициско обезбедување е сè уште присутно, групата мигранти е одбиена, а се обезбедуваат сите нелегални премени и процепи на заштитната ограда, која изутринава мигрантите ја пробија за да влезат во земјава.


Солзавец и протести на македонско-грчката граница


Гевгелија, 10 април, 2016 - 12:43 (META) 

Македонската полиција фрли солзавец за да ја расчисти групата бегалци што протестираа на оградата кај Идомени.

Грчките медиуми јавуваат дека дел од бегалците се онесвестени и имаат проблеми со дишење поради инцидентите.

Бегалците од изутринава повторно протестираат на оградата со барање да се отвори границата. Во кампот вчера се проширил леток на арапски јазик, преку кој бегалците се повикуваат на собир и на протест во 9 часот изутринава на Идомени.

Според информациите, петмина претставници на бегалците отишле да преговараат со македонската полиција да се отвори границата. Откако не добиле позитивен одговор, група од 500 бегалци тргнала кон оградата за да се засили протестот.

Според некои шпекулации, неколкумина бегалци се обиделе и да ги турнат столбовите и оградата.

На ова македонската полиција одговорила со солзавец и со шок-бомби, по што почнала пресметка со солзавец од страна на македонската полиција и со камења од страна на бегалците.

Грчката агенција АНА-МПА јавува дека во шаторите на „Доктори без граници“ има многумина бегалци кои се жалат на проблеми со дишењето поради солзавецот.

Од македонската полиција велат дека засега ситуацијата е под контрола.

– Лицата фрлале кон полицијата со камења и се обиделе нелегално да влезат во државата. Полицијата ги употреби сите средства за да спречи нелегален обид за влез на миграните на наша територија и ќе продолжи да го прави тоа. Засега ситуацијата е под контрола – велат од МВР.