!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДСМ најави пријава против Јакимовски поради кршење на Изборниот законик


Скопје, 13 септември, 2017 - 18:00 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска најави дека ќе поднесе „соодветна пријава“ против градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, поради кршење на Изборниот законик со поставувањето камен-темелник за нова градинка во општината.

„Откако СДСМ вчера ги обелодени лошите услови во градинката „Мајски цвет“ и беше обелоденето дека Стевчо Јакимовски со години ги лажеше граѓаните и им ветуваше изградба на нова градинка во населбата Бардовци, продолжената рака на Никола Груевски и градоначалник во заминување, денеска побрза да удри камен-темелник на новата градинка „Аврам Писевски“ во оваа населба“, велат од СДСМ.

Според партијата, ваквите активности на Јакимовски се спротивни на членот 8-а од Изборниот законик.

„Јакимовски нема да успее да ги прикрие штетите што им ги нанесе на граѓаните со неговото неодговорно, расипничко и коруптивно владеење со општина Карпош“, порачуваат од СДСМ.


Пак мирен протест кај темелите за крстот во Бутел под зголемено полициско обезбедување


Скопје, 4 март, 2016 - 17:43 (META) 

Се зголемува бројот на граѓани што доаѓаат на просторот  каде што во неделата беше поставен камен-темелник за крстот висок 55 метри во скопската општина Бутел.

Истовремено зголемено е и присуството на полициските сили. За разлика од утрово може да се забележат повеќе оклопни возила и едно возило со водени топови.

По синоќешните мали инциденти, при кои беше затрупан камен-темелникот, а беше опожарена и една палма, беа поставени шатори, а присутните тврдат дека ќе останат таму додека општина Бутел не ја повлече одлуката за поставување на крстот.

Попладнево беше поставен уште еден огромен шатор и неколку помали. Има албански знамиња, се пушта музика, а на присутните им се делат сендвичи, бурек, чаеви и сокови.

Во разговор со дел од оние кои се решени да кампуваат, дознавме дека вечерва повторно ќе се одржи мирен протест.

Граѓаните велат дека ќе останат таму сè додека таа одлука не биде повлечена.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска го повикаа техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, да воведе ред во Скопје.


Постaвен камен-темелник на германската „Акомпласт“


Прилеп, 14 јануари, 2016 - 16:44 (META) 

Во Прилеп денеска беа поставени темелите на германската фирма „Акомпласт“, компанија поврзана со најновата технологија во производство на делови за автомобили.

Со оваа фабрика, во која ќе бидат вработени околу 250 лица, се очекува да заживее и целата локална економија, како и фирмите од градот што ќе соработуваат со неа.

Вработените ќе бидат високообразовани кадри од техничките науки, кои ќе имаат и обука во Германија.

На свеченоста присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот за странски инвестиции Бил Павлески, пратеници во Собранието, претставници на германската фирма и градоначалникот Марјан Ристески.