ЕУ треба да се подготви за зголемување на каматните стапки, порачаа банкарите од Охрид


Охрид, 13 април, 2018 - 14:26 (META) 

Сите ние треба да им кажеме добредојде на повисоките каматни стапки, најави Бас Бекер од регионалната канцеларија на Меѓународниот монетарен фонд за Централна и Источна Европа на прес-конференцијата во Охрид за време на одржувањето на седмата годишна истражувачка конференција на Народната банка на Македонија.

– На оваа конференција главно прашање е кое ќе биде влијанието на движењето на каматните стапки во Западна Европа врз економиите. Секоја година стапката на невработеност се намалува за 1,5 отсто и во вакво опкружување не треба многу ниска каматна стапка. Каматната стапка Европската централна банка (ЕЦБ) ја зголемува само кога порастот е висок и мислам дека нејзиното зголемување ќе продолжи и ќе се засилува. За порастот да остане одржлив, продуктивноста треба да се зголемува – изјави Бекер.

Гувернерот на централната банка на Белгија, Јан Сметс, изјави дека Европската централна банка отворено ќе ја комуницира монетарната политика за да можат економиите од овој регион да се прилагодат.

Димитар Богов, гувернерот на НРБМ,  вели дека ние ќе ја следиме и соодветно ќе ја прилагодиме нашата монетарна политика кон промените што се најавуваат.

– Во такви услови ние проценивме дека кај нас се подобрија одредени аспекти кои во претходниот период можеби предизвикуваа повисока премија за ризици и потоа беа создадени услови каматната стапка да ја намалиме на 3 отсто. ЕЦБ, според сите досегашни најави, може ќе започне со зголемување на каматната стапка од наредната година, но тоа би одело постепено – рече Богов.

Заменик директорот во Европската банка за обнова и развој, Питер Санфеј, вели дека е пријатно изненаден од добрите изгледи на економијата не само за Македонија, туку и за земјите од регионот кои што имаат изгледи за понатамошен пораст.

Директорот „Џоин Виен институт“, Томас Ричардсон рече дека земјите треба да изградат здрави фундаменти во економијата и затоа се многу важни структурните реформи, инвестициите во инфраструктурата и во човечкиот капитал.

На прашањето за актуелната трговска војна што се случува во САД, ЕУ и Кина, Сметс рече дека може да доведе до негативен економски пораст заради зголемувањето на увозните цени, а со тоа и куповната моќ на граѓаните.

– Може да доведе и до недоверба на потрошувачите и инвеститорите како резултат на лошата состојба на пазарот на капитал. На долг рок може негативно да влијае на порастот на продуктивност – додаде Сметс.


Министерството за финансии со аукциите ќе го пополнува годинашниот буџетски дефицит


Скопје, 24 јануари, 2017 - 17:02 (META) 

Разликата од она што денеска е повлечено на аукцијата на државни хартии од вредност и она што утре ќе биде вратено во стопанството врз основа на државни хартии од вредност доспеани за враќање, ќе се искористи за финансирање на буџетскиот дефицит, предвиден со буџетот за 2017 година, се вели во реакцијата на Министерството за финанисии на денешното соопштение на СДСМ за задолжувањето.

– Зошто сега се повлекува поголема сума? Ликвидноста на пазарот е особено висока, што придонесе за значително намалување на каматните стапки на државните хартии од вредност. Значи, по пониска цена може да се обезбеди капитал за финансирање на буџетскиот дефицит кој е предвиден со буџетот – се вели во соопштението на Министерство за финансии.


НБРМ: Банките се изложени на ризик од идно зголемување на каматните стапки


Скопје, 16 декември, 2016 - 12:23 (META) 

„Банките се изложени на ризик од идно зголемување на каматните стапки, но широката примена на прилагодливите каматни стапки во договорите за кредити и за депозити вршат замена на овој вид ризик. Притоа се презема индиректен кредитен ризик поради чувствителноста на кредитоспособноста на клиентите од нагорни промени на каматните стапки“, се вели во соопштението на Народна банка.

Во текот на првите девет месеци од 2016 година, според народна банка, банките покажале повисок износ на добивка од работењето споредено со истиот период минатата година, а со тоа се подобриле и стапките на поврат на капиталот и средствата.

Показателите за солвентноста на банките во третиот квартал од 2016 година покажаа мало подобрување. Стапката на адекватност на капиталот на крајот од третиот квартал на 2016 година изнесува 15,7 проценти и овозможува доволен простор за апсорбирање на евентуалните неочекувани загуби на банките. Поволен факт е и доминацијата на основниот капитал во структурата на основните средства.


НЛБ банка ги зголеми каматните стапки за кредитните картички


Скопје, 19 август, 2016 - 13:52 (META) 

НЛБ банка ги зголеми каматните стапки за кредитните картички од 11,25 проценти на 12 проценти за постојните и новите клиенти.

„Ве информираме дека НЛБ Банка АД Скопје ги зголеми каматните стапки за кредитните картички „ виза класик“, „мастер кард стандард“ и „мастер кард лајт“, како и каматната стапка за дозволено пречекорување на трансакциска сметка за физички лица, од 11,25 проценти на 12 проценти, кои важат од 15 август за сите нови и постојни клиенти“, пишува на веб-страницата на НЛБ банка.


Банките ги заоструваат условите за одобрување на потрошувачки и станбени кредити


Скопје, 17 август, 2016 - 9:34 (META) 

Околу 11 проценти од банките ги заостриле кредитните услови кај потрошувачките, но и кај станбените кредити, покажува најновата анкета на Народна банка за кредитната активност, што не беше случај во претходната анкета.

„За наредниот период, банките очекуваат понатамошно умерено нето-олеснување на вкупните кредитни услови. Од аспект на поединечните кредитни услови, кај каматната стапка на станбените и потрошувачки кредити и понатаму се забележува нето-олеснување, но значително послабо во однос на претходната анкета,“ соопшти Народна банка.

Кај потрошувачките кредити, очекувањата за вкупната економска активност, и понатаму придонесуваат за нето- заострување на условите.

„Од аспект на влијанието на промените во монетарната политика, слично како и во претходната анкета, најголемиот дел од банките (околу 80 проценти) укажуваат на незначително влијание врз нивната политика на одредување на каматните стапки. Притоа, околу 16 проценти, односно 19 проценти од банките упатуваат на делумно влијание на монетарната политика врз каматната политика за одобрување станбени, односно потрошувачки кредити“, соопшти НБРМ.


Дебата на Македонска берза: Каматните стапки се доближуваат до нула


Скопје, 29 октомври, 2015 - 15:26 (META) 

Македонската берза организираше дебата на тема „Време на ниски каматни стапки“, при што беше истакнато дека каматните стапки на локално, регионално и на глобално ниво се намалуваат и се доближуваат до нула.

Генералниот директор, Иван Штериев, истакна дека и покрај намалувањето на каматите за штедење во банките, тоа не го зголеми интересот за купување акции во Македонија.

– Намалувањето на каматите до историски најниски нивоа ги демантираше сите претходни минати искуства, па дури и теории од литературата бидејќи во случајот со Македонија, интересот за инвестирање во акции на берзата не се зголеми. Инвеститорите со една внимателна селекција на акциите што се тргуваат на берзата можат да најдат добра можност за вложување на парите и да остварат поголем принос од моменталните каматни стапки – изјави Штериев.


НЛБ Тутунска банка ги намали каматните стапки


Скопје, 8 јули, 2015 - 12:58 (META) 

НЛБ Тутунска банка ги намали каматните стапки на депозитите за физички и за правни лица.

Каматните стапки на депозитите за физички лица во денари и во евра се намалени од 0,1 до 0,3 процентни поени, додека каматните стапки на депозитите за правни лица се намалени од 0,01 до 0,4 процентни поени.

Новите каматни стапки за физички лица се со важност од денска, а новите каматни стапки за правни лица од 1 јули.


Богов: Кризата ќе ги зголеми каматните стапки на кредитите


Скопје, 18 мај, 2015 - 16:58 (META) 

„Народната банка нема да биде во функција на поддршка на економските политики и тоа ќе биде една загуба. Ќе недостига тој дел за економскиот пораст. Ние би почнале со затегање, а тоа затегање ќе значи зголемување на каматните стапки и за бизнисите и за граѓаните кои имаат земено кредити – изјави гувернерот Димитар Богов на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Богов гарантира дека ценовната стабилност и курсот на денарот во однос на еврото ќе бидат задржани. Но, негативното влијание на политичката криза би се почувствувало во одложување на инвестиците, како на домашните, така и на странските компании, што ќе оневозможи нови работни места и пораст на платите.

– Претпријатијата го намалуваат своето производство, се намалуваат и нивните приходи и со тоа се намалува нивната можност за враќање на кредитите, бидејќи сите тие работат со кредити. Потоа тие негативни ефекти би се пренеле и на банкарскиот сектор. Со зголемување на лошите кредити и со сите импликации, банките повторно ќе станат рестриктивни во поддршката на претпријатијата и на граѓаните – истакна Богов.

Дали кризата влијае врз економијата, ќе се знае во јуни или јули, кога ќе се добијат податоците за движењата во економијата во април и во мај.