Народна банка ја задржува каматната стапка на благајничките записи на 2,75 проценти


Скопје, 14 ноември, 2018 - 11:24 (META) 

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка, на последната редовна седница донел одлука да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75 проценти, информираат од таму.

„По олабавувањето на монетарната политика во август 2018 година, Комитетот на ноемвриската седница оцени дека тековната монетарна поставеност е соодветна, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75 проценти. На седницата, исто така, беше одлучено на аукцијата на 14 ноември понудата на благајнички записи да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари“, се вели во соопштението на НБРМ.

Движењата во економијата, додаваат од Народна банка, се слични како во вториот квартал од годината.

„На ваквиот заклучок посочуваат податоците за растот на индустријата и трговијата, при сè уште негативни остварувања кај градежната активност. Првичните монетарни податоци за октомври покажуваат солиден месечен прираст на вкупните депозити во банкарскиот систем. Позитивните придвижувања во најголем дел се одраз на растот на корпоративните депозити, а позитивен, но помал придонес има и штедењето на домаќинствата. Во октомври продолжи месечниот раст на кредитите, но со поумерено темпо, при што најголем дел од растот произлегува од кредитирањето на домаќинствата“, се додава во соопштението.


НБРМ ја задржува каматната стапка на благајничките записи од 2,75 проценти


Скопје, 12 септември, 2018 - 10:49 (META) 

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75 проценти, информираат од Народна банка.

„Споредбата на последните макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика од априлскиот циклус проекции упатува на одредени отстапувања во одделни сегменти од економијата. Согласно со објавените проценети податоци, по слабиот раст во првиот квартал, во второто тримесечје, растот на БДП значително забрза на 3,1 проценти, што сепак е нешто пониско остварување во споредба со проекцијата. За третиот квартал, при ограничен обем на расположливи податоци, засега не може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата, но сепак, најголемиот дел од податоците упатуваат на продолжување на поповолните движења во економијата и во овој квартал од годината“, се вели во соопштението на Народна банка.


НБРМ: Oсновната каматна стапка останува непромената на нивото од три проценти


Скопје, 26 јули, 2018 - 13:47 (META) 

Oсновната каматна стапка останува непромената на нивото од три проценти, било заклучено на редовната седница на Народна банка, на која бил усвоен Кварталниот извештај.

Во периодот април-јуни годинава, стапката на инфлација изнесувала 1,5 проценти. Во Извештајот е забележано дека инфлацијата во второто тримесечје од годинава е под очекуваната за кварталот во рамки на априлската проекција. Дефицитот во тековната сметка се задржал на релативно ниско ниво и изнесувал околу 1,5 проценти од домашниот бруто-производ БДП.

„На седницата беше заклучено дека и покрај тоа што последните макроекономски показатели и оцени во одредени сегменти упатуваат на извесни отстапувања во однос на проектираната динамика, тие засега не предизвикуваат поголеми промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика. Се очекува дека домашната економија и натаму ќе биде поддржана од кредитната активност на банките, во отсуство на инфлациски притисоци и задржување на поволната надворешна позиција, која што ќе овозможи одржување на девизните резерви во сигурната зона“, се вели во извештајот на НБРМ.


Нема ново нето-задолжување со денешната аукција, велат од Министерство за финансии


Скопје, 5 јуни, 2018 - 15:00 (META) 

Нема ново нето-задолжување со денешната аукција, информираат од Министерство за финансии и додаваат дека на аукцијата на државни хартии од вредност запишани се 22,24 милиони евра, од кои утре ќе се вратат 22,46 милиони евра по основ на порано издадени и доспеани за отплата државни хартии од вредност.

„На аукцијата беа запишани 12-месечни државни записи без девизна клаузула во износ од една милијарда денари со камата од еден отсто и 15-годишни државни обврзници без девизна клаузула во износ од 337 милиони денари со камата од 3,50 отсто. Од друга страна, претходно издадените државни хартии од вредност кои утре се отплаќаат се шестмесечни државни записи без девизна клаузула во износ од 910 милиони денари со камата од 1,55 отсто, шестмесечни државни записи со девизна клаузула во износ од 403,6 милиони денари со камата од 1,45 отсто и петгодишни државни обврзници со девизна клаузула во износ од 68 милиони денари, со каматна стапка 4,60 отсто“, се вели во соопштението на Министерство за финансии.

Во него се додава дека во текот на месец јуни по основ на претходно издадени државни хартии од вредност доспеваат за исплата 29,9 милиони евра.


Народна банка ја намали каматната стапка од 3,25 на 3 проценти


Скопје, 14 март, 2018 - 15:00 (META) 

Народна банка ја намали каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, од 3,25 на 3 проценти.

Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ ги разгледал најновите остварувања во домашната економија и оценил дека има простор за олабавување на монетарната политика.

„Воедно, беше утврдено понатамошно стабилизирање на довербата и очекувањата на економските субјекти, видливо преку поволните движења на девизниот пазар и постепеното забрзување на депозитниот раст. Истовремено, последните оцени за растот на клучните трговски партнери посочуваат на подобро надворешно окружување од очекуваното досега и со тоа подобар амбиент и помали ризици за домашната економија“, се вели во соопштението на НБРМ.

Имајќи го предвид релативно високото ниво на слободни парични средства на банките, се очекува тие да ги насочат своите слободни ликвидни средства во приватниот сектор и со тоа ќе овозможат посилна кредитна поддршка на економијата во 2018 година.

Во однос на домашната економија, за првиот квартал од годината, податоците за индустријата и трговијата сигнализираат подобрување на состојбата, велат од НБРМ.


Македонија се задолжи со нова еврообврзница од половина милијарда евра


Скопје, 11 јануари, 2018 - 19:42 (META) 

Република Македонија на меѓународниот пазар на капитал денеска издаде еврообврзница на износ од 500 милиони евра со рок на достасување од 7 години и со каматна стапка од 2,75 проценти, соопшти Министерството за финансии.

Од Министерството велат дека станува збор за „убедливо најниска каматна стапка постигната за било која од македонските еврообврзници, како одраз на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал“.

Побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница, како што информираат од Министерството, била во износ од над 3,5 милијарди евра, односно над 7 пати повисока од понудата, што овозможило да се постигне каматна стапка од 2,75 проценти на годишно ниво, односно стапка на принос од 3 проценти.

Приливите од еврообврзницата, како што е предвидено со Буџетот за 2018 година, ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, односно за непречено редовно извршување на сите буџетски расходи, како и за отплата на претходните долгови, вклучително и првата рата на ПБГ-кредитот од 2013 година во износ од 95 милиони евра која доспева на крајот на јануари, велат од Министерството за финансии.

„Притоа, паралелно со издавањето на еврообврзницата, Македонија за првпат изврши и делумен предвремен откуп на постоечка еврообврзница. Поточно, извршен е предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година која достасува во декември 2020 и чија што каматна стапка на издавање од 4,875 проценти е значително повисока од каматна стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75 проценти. Покрај каматните заштеди, со предвремениот откуп се намалува долгот кој достасува во 2020 година, односно значително се намалува ризикот од рефинансирање“, стои во соопштението.

Од Министерството за утре најавија прес-конференција на министерот за финансии, Драган Тевдовски по повод издавањето на новата еврообврзница.


Грчкото министерство за финансии издаде хартии од вредност првпат по 2014 година


Атина, 25 јули, 2017 - 11:13 (META) 

Министерството за финансии на Грција објави емисија на нови хартии од вредност деноминирани во евра, со фиксна каматна стапка и рок на достасување во 2022 година, јавуваат грчките медиуми.

Ова е прво издавање грчки хартии од вредност од 2014 година, бидејќи Грција загуби пристап до пазарот на обврзници поради високите каматни стапки.

Владата во Атина ангажирала шест банки да управуваат со нејзиното враќање на меѓународниот пазар на обврзници.


НБРМ: Каматната стапка на благајничките записи останува 3,25 проценти


Скопје, 12 април, 2017 - 13:51 (META) 

Каматната стапка на благајничките записи се задржува на нивото од 3,25 проценти, во услови на сè уште присутни ризици од домашните политички случувања, информираат од Народна банка.

„Објавените податоци за порастот на домашниот бруто-производ (БДП) за 2016 година од 2,4 проценти беа во согласност со проекцијата на Народна банка од 2,3 проценти. За првиот квартал од годината се очекува задржување на позитивната динамика на пораст на БДП. Воедно, некои од показателите во економијата се движат во различни насоки, поради што се зголемува неизвесноста околу оцената за состојбата во првиот квартал од годината“, велат од Народна банка.

Мартовските податоци за движењето на цените во домашната економија покажуваат годишен пораст на инфлацијата од 0,6 отсто.


Народна банка ја намали основната каматна стапка од 4 на 3,75 проценти


Скопје, 15 декември, 2016 - 13:57 (META) 

Каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, Народна банка ја намали за 0,25 процентни поени, и таа сега изнесува 3,75 проценти.

– Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на видливото стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, кое во континуитет е присутно во последните шест месеци, и на значително повисоката структурна ликвидност на банкарскиот сектор. Сигналите за стабилизација се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти – девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем – се вели во соопштението на Народна банка.

Каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, беше зголемена за 0,75 процентни поени, од 3,25 на 4 проценти на 4 мај, како реакција на Народна банка на зголемената побарувачка на девизи и на притисоците врз депозитната база на банките.

Ова намалување на каматната стапка, според некои од банките, нема значително да влијае врз намалување на каматите на кредитите и на заштедите.


СКСЗМ бара развоен буџет и зголемување на капиталните инвестиции


Скопје, 1 декември, 2016 - 15:15 (META) 

Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) предлага реструктурирање на јавните трошоци и буџетот да се насочи кон развојните политики, а не како што е досега, буџетот да биде социјален, само за одржување на социјалната стабилност.

Ова денеска беше истакнато на средбата со претставниците на движењето Беса, каде се дискутираше за економската платформа на комората и за можностите за подобрување на бизнис-климата во земјава.

Од СКСЗМ бараат зголемување на капитални инвестиции од просек 14 проценти годишно на минимум 25 проценти, а до три проценти од домашниот бруто-производ (БДП) да се инвестира во образование, истражување и во развој.

Во делот на развојот на бизнисот, СКСЗМ предлага намалување на основната каматна стапка од Народната банка, што би придонело за директно зголемување на кредитирањето на комерцијалните банки на бизнис-заедницата и на општеството.

Инфрасктруктурата преставува најбитен услов за водење бизнис и како клучни приоритети во оваа област, СКСЗМ ги наведува завршувањето на студијата за економска оправданост на патот „Руга е Арбит“ и почнувањето на реализација на проектот, односно изградба на патната оска Бошков мост – Дебар – Гостивар, Скопје – Блаце, Желино – Јажинце, Тетово – Призрен, отворањето на царинскиот терминал во Јажинце и други.