Тевдоски: За сегашната нова зграда на Клинички парите ќе се враќаат


Скопје, 27 август, 2018 - 15:01 (META) 

Државата ќе врати 70 милиони евра во Банката на Советот на Европа што беа наменети за проектот за изградба на Клинички центар и од септември, заедно со оваа институција и експерти од Европската комисија, ќе почне да се работи на изноѓање решение за Клинички центар што ќе даде современа здравствена услуга на едно место.

Тоа беше кажаното од министерот за финансии Драган Тевдовски на собраниската Комисија за финансирање, и буџет на која во прво читање беше прифатен Предлог-законот за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за финансирање на Проектот за изградба и модернизација на Клиничкикот центар Мајка Тереза во Скопје и Регионалната клиничка болница во Штип.

Според Тевдоски, парите ќе бидат вратени без државата без да се плаќаат пенали или дополнителни средства. Тој појасни дека договорот е склучен на 97 милиони евра, од кои 70 милиони се за Клиничкиот центар во Скопје и кои ќе бидат вратени, а 27 милиони евра се наменети за Клиничката болница во Штип – но тој проект се реализира, рече министерот за финансии.

Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ забележа дека со ова се запира реализација на еден капитален проект и оцени дека како што оваа владеачка гарнитура ги реализира капиталните инвестиции дека до крајот на мандатот нема да може да го реализираат.


Елези: Се намалуваат трошоците за брзите кредити до 200 евра


Скопје, 8 август, 2018 - 12:22 (META) 

Високите трошоци за брзите кредити се намалуваат, а тоа ќе се овозможи со законските измени, кои ги изготви Министерството за финансии.

Вкупните годишни трошоци за потрошувачки кредити се ограничуваат на 55 отсто од кредитот, а порано годишните трошоци не беа ограничени и достигнуваа и до 500 отсто од кредитот. Со измените се опфаќаат и мали кредити под 200 евра кои претходно, не беа законски опфатени.

На пример, ако за 200 евра, граѓаните до сега враќаа и 600 и 1.000 евра, со законските измени тие би вратиле 300 евра.

–  Со измена на Законот, сега вкупните трошоци на кредитот се лимитираат на 55 отсто, или пет пати по стапката на казнената камата од 11 проценти. За споредба, претходно не постоеше лимит, така што давателите на кредити за мали износи и куси временски рокови наплаќаа двојно или тројно повисока сума трошоци од главнината. На пример, за земен кредит од 12.000 денари на два – три месеци, граѓаните требаа да вратат 36.000 денари- рече заменик-министерката за финансии, Ширет Елези.

Претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), Маријана Лончар апелираше измените на законот да бидат што побргу усвоени. Таа додаде дека брзо земените кредити не соодветствуваат со одговорното кредитирање.

– Поволно за потрошувачите е тоа што со законските измени се овозможува законот да се применува и на кредитите до 200 евра кои досега не беа опфатени со овој закон, додека кај потрошувачите се создава заблуда затоа што најчесто овие кредити се рекламираат како кредити без камата, а всушност пресметаните трошоци претставуваат скриена камата. Од тие причини ОПМ апелира измените да бидат што побргу усвоени – рече Лончар.

Текстот на законот е поставен денеска на ЕНЕР, така што сите засегнати страни можат да оставаат предлози и коментари.

Брзи кредити до 200 евра нудат околу 20 финансиски друштва и една банка.


Власта и опозицијата се договорија за закон за отпишување камата за наплата на долгови


Скопје, 7 јуни, 2018 - 16:02 (META) 

Пратеничката Соња Мираковска од владејачкото мнозинство денеска на прес-конференција изрази задоволство што парламентарни партии постигнале консензус за предлагање и усвојување на закон за отпишување на камата за наплата на долгови.

Предлог-законот, како што истакна Мираковска, е од исклучително значење за граѓаните на Република Македонија.

– Законот за отпишување на камата за наплата на долгови, што го предложивме вчера, обезбедува отпис на затезната односно казнената камата, која се однесува на главниот долг и на трошоците на постапката за комунални дејности, електрична, топлинска енергија, вода и смет, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, вклучувајќи ги и трошоците на постапката од страна на должникот – рече пратеничката од НСДП.

Предложениот закон предвидува отпишување на каматата што се пресметува од поднесување на тужбата за присилна наплата на паричниот долг, до конечна исплата на паричното побарување.

Решението е поддржано и од опозицијата, а претходно денеска прес-конференција одржа и пратеникот Панчо Минов.


Утре е последен ден за пленарна седница и за изгласување на ребалансот на буџетот


Скопје, 5 август, 2017 - 18:10 (META) 

Пратениците ја завршија денешната расправа за ребалансот на буџетот, а претседателот на Собранието, Талат Џафери, продолжението на седницата го закажа за утре, со почеток во 11 часот.

Утре е последен ден за пленарна расправа и се очекува пратениците да го изгласаат ребалансот на буџетот за 2017 година.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека вака како што е проектиран, ребалансот на буџетот нема да овозможи никаков пораст на економијата и тешко ќе бидат остварени 2,2 проценти пораст на домашниот бруто-производ. Тие предвидуваат дека до крајот на годината ќе има уште еден ребаланс.

Најмногу забележуваат за кратењето на капиталните инвестиции и на вложувањата во образованието, здравството и во руралниот развој.

Пратениците од власта, пак, сметаат дека ребалансот на буџетот е реален, ќе се скрати од непродуктивни трошоци и парите ќе се насочат кон граѓаните и општеството. Исто така нагласија дека ќе мора да се враќаат и стари долгови, бидејќи претходната влада се задолжувала со кредити со високи каматни стапки.


Повлекувањето депозити од банките немало поголемо влијание врз кредитите


Скопје, 29 септември, 2016 - 14:17 (META) 

Во услови на домашна политичка нестабилност, во вториот квартал од 2016 година, активата на банкарскиот систем забележа пад од 1,5 отсто, информираат од Народна банка.

Оваа состојба особено била изразена во април и во мај, кога влошените очекувања на економските субјекти доведоа до повлекување депозити од банките.

Со повлекувањето на депозитите од банкарскиот систем во второто тримесечје од 2016 година, се намалија ликвидните средства на банките, но поради нивната претходно висока состојба, како и поради инструментите на Народната банка за креирање ликвидност, кредитниот пораст не беше загрозен, а профитабилноста и понатаму се зголемуваше, констатираат од банката.

– Како резултат од овие мерки на Народната банка, падот на депозитите на домаќинствата сопре и од јуни тие повторно бележат пораст. Поради високиот износ на ликвидни средства насобрани во претходните периоди, намалувањето на депозитите во вториот квартал немаше позначителни преносни ефекти врз кредитите на банките. Кредитите забележаа солиден квартален пораст од 2,4 проценти, со што годишниот пораст изнесуваше 8,2 проценти. На крајот од кварталот, учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити изнесуваше 7,5 проценти – информираат од Народна банка.


Граѓаните во јуни повеќе штеделе во денари


Скопје, 10 август, 2016 - 13:16 (META) 

Забавување на падот на вкупниот депозитен потенцијал и мало зголемување на штедењето на населението е забележано во јуни, информираат од Народна банка. Населението повеќе штедело во денари отколку во странска валута.

– Ваквото однесување покажува значително подобрување на перцепциите на субјектите, а делумно може да е реакција на поместувањата во каматната политика на банките. Имено, во јуни за првпат по подолг временски период, се забележува проширување на распонот помеѓу каматата на депозитите на населението во денари и депозитите во девизи, што е резултат на досега преземените монетарни мерки – велат од Народна банка.


Миноски не одговори дали и без обврзницата во буџетот има пари за плати и за пензии


Скопје, 22 јули, 2016 - 12:38 (META) 

Министерот за финансии Кирил Миноски, по завршувањето на редовната седница на Комитететот за финансиска стабилност, не одговори на новинарско прашање дали и без парите од еврообврзницата во буџетот има доволно средства за плати и за пензии.

Тој истакна дека парите од еврообврзницата ќе се користат за буџетските потреби за оваа и за следната година и дека имало потреба од нејзино издавање.

– Имавме потреба од издавањето на еврообврзницата бидејќи дефицитот ќе го покриеме со средства од меѓународните финансиски кредитори. На тој начин на приватниот сектор ќе му оставиме повеќе пари од домашните кредитори – изјави Миноски.

Тој уште еднаш ја обвини опозицијата дека поради нивните писма до кредиторите, каматната стапка се зголемила и се скратиле 25 милиони евра пари од граѓаните.

Гувернерот Димитар Богов не кажа кое било неговото мислење во врска со издавањето на еврообрврзницата и истакна дека тоа прашање ќе остане во сферата на интерните разговори со Министерството за финансии.

– Министерство за финансии одлучува за издавањето на еврообврзницата, тоа ја следи состојбата и ги планира задолжувањата. Собранието гласа за буџетот во кој се содржат сите потреби. Народна банка не го оценува тоа, туку води монетарна политика која ја усогласува со финансиската политика – изјави Богов.

Еврообврзницата била купена од инвеститори од Европска Унија и од САД, а парите ќе бидат префрлени на сметка следните денови.

До крајот на годината доспеваат 170 милиони евра кредити за исплата.


Богов: Повлекувањето на депозити речиси целосно запре


Скопје, 20 мај, 2016 - 12:22 (META) 

Повлекувањето на депозитите речиси целосно запре и во изминатите две недели имаме стабилизирање на ситуацијата, изјави гувернерот Димитар Богов во интервју за „Ројтерс“.

– Има показатели дека граѓаните ги враќаат депозитите во банките, поради што сметаме дека најлошото е завршено – истакна Богов.

Имено, во април граѓаните повлекоа рекордни 58,5 милиони евра (3,6 милијарди денари) од банките, што е 1,6 отсто од вкупните депозити на населението како одговор на шпекулациите за наводна девалвација на денарот и вештачки создадената криза на менувачкиот пазар на девизи.

Гувернерот Богов истакнал дека можно е Народна банка да ја намали референтната каматна стапка, ако политичката криза наскоро биде решена и веќе нема шпекулативни напади врз стабилноста на денарот.


Комерцијална банка ги зголеми каматите на кредитите и на денарските штедни влогови


Скопје, 19 мај, 2016 - 10:20 (META) 

Комерцијална банка ги зголеми каматите на дел од денарските кредити за население за максимум 0,5 проценти годишно.

– Согласно Договорот за кредит, Банката ќе испрати писмено известување на домашна адреса на корисниците на кредит, кое содржи податоци за извршената промена, висината на каматната стапка и податоци за висината на месечниот ануитет по промената на каматната стапка – информираат од таму.

Истовремено, банката не изврши зголемување на каматните стапки на кредитите за стопанството, како ни на најатрактивните кредитни производи за населението – станбени и потрошувачки кредити, со евро клаузула.

Комерцијална банка ќе ги зголеми каматните стапки на долгорочните денарски штедни влогови (орочени на 12, 24 и 36 месеци) од 0,20 до 0,40 проценти, а истовреме ќе изврши намалување на каматните стапки на дел од орочените девизни штедни влогови, и тоа во евра од 0,01 до 0,20 проценти и кај другите валути од 0,10 до 1,30 проценти.

Овие одлуки на банката за зголемување на каматите на кредитите во денари и на штедните влогови следуваат по зголемувањето на основната каматна стапка на благајничките записи за 0,75 проценти, од страна на Народна банка.


СДСМ: Груевски е директно одговорен за зголемувањето на каматните стапки


Скопје, 4 мај, 2016 - 13:31 (META) 

„Цели 10 години, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ја опустошуваат економијата и затоа кредитниот рејтинг на Македонија е опаднат за цели две нивоа. Груевски ја носи директната одговорност за зголемувањето на каматните стапки“, се вели во соопштението на СДСМ, а по повод зголемувањето на каматните стапки од страна на Народна банка.

Во него се додава дека „каматната стапка на еврообврзницата издадена во 2009 година изнесува 9,875 проценти или двапати повеќе од еврообрвзницата што е издадена во 2005 година со каматна стапка од 4,625 проценти.“

– Срамот што Груевски сака да го скрие е десетгодишно свесно уништување на економијата. Додека Груевски и Ставрески ги зголемуваат каматните стапки за домашните банки, Европската централна банка ја спушти референтната каматна стапка на најниско ниво од нула проценти. Очигледна е паниката во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи домашните банки го вклучија црвениот аларм. Единствена надеж за Груевски да продолжи со задолжувањата на грбот на граѓаните беше токму зголемувањето на каматните стапки, за што и јавно упати закана дека ќе изврши притисок врз гувернерот Богов за зголемување на каматните стапки на благајничките записи – се додава во соопштението.

Од СДСМ, исто така, велат дека „изгубена е довебрата кај граѓаните и кај домашните кредитори за начинот на кој оваа власт располага со нивните финансии“.