!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ЕЦБ нема да ја зголеми каматната стапка


Брисел, 7 април, 2017 - 14:09 (META) 

Каматните стапки нема да се зголемат сè додека не заврши програмата за откуп на обврзници, која ќе продолжи до декември, изјави претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги.

Тој додаде дека откупот на обврзници ќе биде со темпо како и досега, во износ од 60 милијарди евра месечно.

Според првиот човек на ЕЦБ, закрепнувањето на економијата во еврозоната е резултат на зголемувањето на потрошувачката, вработеноста и на платите, како и на намалувањето на задолженоста.

Европската централна банка (ЕЦБ) лани ја намали својата референтна каматна стапка на нула од 0,05 отсто, во рамките на пакетот мерки чијашто цел беше да ја поттикне ослабената економија на еврозоната.


НЛБ ги намали каматните стапки на станбените кредити


Скопје, 1 март, 2017 - 13:55 (META) 

Каматните стапки кај станбените кредити за приматели на плата се намалени до 0,6 процентни поени и почнуваат од 3,9 проценти фиксна каматна стапка за првите три години кај станбениот кредит „ризико“, информираат од НЛБ.

Оттаму велат дека станбените кредити се одобруваат без манипулативни трошоци, додека другите станбени кредити се одобруваат со 50 проценти пониски манипулативни трошоци.

Кај потрошувачките кредити, банката го нуди виолетовиот потрошувачки кредит „ризико“ со фиксна каматна стапка од шест проценти за првите две години, без трошоци за одобрување.


Франција собра седум милијарди евра со издавањето на зелени обврзници


Париз, 27 јануари, 2017 - 11:38 (META) 

Франција собра рекордни седум милијарди евра со издавањето на обврзници за финансирање на проекти во секторот на обновливи извори на енергија или т.н. зелени обврзници.

Обврзниците им се продадени на банки, осигурителни куќи и други инвеститори со каматна стапка од 1,75 проценти и со рок на доспевање од 22 години.

Полска беше првата земја што излезе на пазарот со зелени обврзници во декември минатата година, издавајќи обврзници во износ од 750 милиони евра.


Министерство за финансии: Намалена каматата на хартиите од вредност


Скопје, 10 јануари, 2017 - 16:28 (META) 

И покрај политичката пропаганда на СДСМ, кој настојува да ги прикаже државните хартии од вредност како нешто ненормално во јавноста, иако самите ги воведоа, довербата на инвеститорите во економските политики е огромна, што продонесе за намалување на каматата на државните хартии од вредност, се вели во реакцијата на Министерството за финансии на соопштението на СДСМ за задолжувањето.

Во него се додава дека инвеститорите побарале државни хартии од вредност во износ кој надминувал 5 милијарди денари, а Министерството запишало 1,9 милијарди денари во согласност со понуденото во проспектот.

– Како резултат на големата побарувачка на државните хартии од вредност на пазарот на капитал, каматата, односно цената што ја плаќа Министерството за финансии на инвеститорите е намалена за 0,2 процентни поени, што воедно е и најниската камата последниве години – се вели во соопштението на Министерство за финансии.

Во него се додава дека со буџетот за 2017 година предвидено е буџетскиот дефицит да се покрива и од домашни извори.

– Во моментот на пазарот на капитал има голема побарувачка за државните хартии од вредност, што значи дека тие можат да се издадат со пониска камата, односно со помала цена на капиталот – додаваат од министерството.


ВМРО-ДПМНЕ: Поради пропагандата на СДСМ, зедовме помалку средства со повисока камата


Скопје, 9 јануари, 2017 - 13:04 (META) 

СДСМ со својата шпекулативна политика и со манипулирањето со јавниот долг, не направи ништо друго освен што ја зголеми каматата на еврообврзницата, што македонските граѓани ги чинеше 30 милиони евра, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ за утрешното задолжување.

– Тоа се 300 локални патишта, стотина градинки или 38 училишта, кои отидоа во ветер затоа што СДСМ не ги гледаше државните интереси, туку тераше партиска пропаганда со еврообврзницата. Единствено што СДСМ успеа да го направи пишувајќи писма до странските инвеститори за еврообврзницата е да ја зголеми цената на капиталот – каматата. Така, народски кажано, поради политичка пропаганда на СДСМ, земавме помалку средства, но по повисока цена – се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ свесно ѝ нанесе штета од 25 милиони евра на Македонија


Скопје, 21 јули, 2016 - 16:07 (META) 

„Разликата во каматата од првото издавање на еврообврзницата кое беше одложено поради деструктивното дејствување на Зоран Заев и на СДСМ, до второто издавање е најдиректна заслуга само на финансиските терористи СДСМ. Поради СДСМ граѓаните на Македонија ќе бидат оштетени за 25 милиони евра, пари кои ќе останеа во државната каса доколку аболираниот криминалец Заев не тргнеше со сите сили да го урива рејтингот на Македонија во светот“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по повод соопштението на СДСМ, за неискористеноста на ИПА-фондовите.

Од партијата на власт велат дека „со овие 25 милиони евра кои СДСМ ги украде од народот само поради својата деструктивност, безидејност и голема желба да ѝ наштетува на Република Македонија, можеа да се реконструираат неколку болници, да се изградат студентски домови, спортски сали, библиотеки, градинки“.

 


Македонија издаде еврообврзница во вредност од 450 милиони евра


Скопје, 19 јули, 2016 - 21:19 (META) 

Македонија денеска ја издаде еврообврзницата во вредност од 450 милиони евра по купонска каматна стапка од 5,625 отсто годишно и со рочност од седум години, што се исклучително поволни услови со оглед на сложената политичката ситуација во земјата, соопшти Министерството за финансии.

„Доколку ги немаше злонамерните опструкции и попречувања од страна на опозицијата, со оглед на првично пројавениот огромен интерес од инвеститорите, каматната стапка ќе беше далеку поповолна, односно истата ќе беше дури пониска од 5 отсто годишно, согласно очекувањата на меѓународните инвестициски аналитичари. Цената за ова неодговорно однесување на опозицијата, за жал, ќе ја платат сите граѓани на Република Македонија“, стои во соопштението.

Според Министерството за финансии, успешното издавање на еврообрзницата е верификација на добро спроведениот процес во исклучително неповолен и тежок политички амбиент.

„Средствата од еврообврзницата ќе се користат за буџетски потреби во фискалните 2016 и 2017 година, како и за отплата на долгови кои доспеваат. Владиниот тим успеа да ги обезбеди неопходните средства значајни за одржување на макроекономската стабилност и на развојниот тренд на македонската економија“, стои во дописот.

Од Министерство за финансии истакнуваат дека постапката за издавање на еврообврзницата се одвивала во согласност со сите законски прописи и била усогласена со Министерството за правда, правните застапници на Владата на Република Македонија и правните застапници на конзорциумот на банки преку кои се издаде еврообврзницата.


Македонија ќе се обиде да добие минимум 300 милиони евра од еврообврзницата


Скопје, 19 јули, 2016 - 17:40 (META) 

Македонија ќе се обиде да добие минимум 300 милиони евра од издавањето на седумгодишната еврообврзница со каматна стапка од 5,875 проценти, пишува „Ројтерс“.

По одложувањето на продажбата на еврообврзницата од 650 милиони евра, таа денеска вторпат е понудена на продажба.

Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, повторно испрати писмо до банките и до светските медиуми во кое потсетува на незаконската постапка за издавање на еврообврзницата.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели дека еврообврзницата претставува нормален финансиски механизам што се применува во сите европски земји.


Еврообврзницата понудена на светските берзи, каматата ќе биде 5 отсто


Скопје, 14 јули, 2016 - 14:05 (META) 

Македонија ја понуди еврообврзницата на светските берзи, а каматата за неа ќе изнесува 5 проценти, објави „Ројтерс“.

Еврообврзницата е со рок на доспевање од седум години, а како главни банки кои управуваат со продажбата на емисијата се „Сити груп“, „Дојче банка“, „Ерсте група“ и „Сосиете женерал“.

Моменталниот рејтинг кој Македонија го има како држава е ББ- според „Стандард и Пурс“ и рејтинг ББ+ според „Фич“.

Голем број политички партии, бизнисмени и експерти предупредија дека задолжувањето ќе биде погубно за македонската економија бидјеќи парите ќе се користат за непродуктивни трошења, а долгот ќе падне на товарот на граѓаните.

 


Граѓаните иницираа петиција „Не за еврообврзницата“


Скопје, 10 јули, 2016 - 10:55 (META) 

Страницата „јавен долг.мк“ објави линк до граѓанска петиција „Не за еврообврзницата“, со која се повикуваат сите одговорни граѓани на Република Македонија да се потпишат дека не ја признаваат еврообврзницата од 650 милиони евра.

„Јас, одговорна граѓанка/одговорен граѓанин на Република Македонија, изјавувам дека не ја признавам еврообврзницата од 650 милиони евра која Владата сака да ја издаде и дека не сакам да го враќам тој долг во годините што следуваат!“, пишува во петицијата.

Исто така, во повикот за потпис на петицијата се наведува дека новото задолжувањето е можно да достигне милијарда евра за враќање.

„Деновиве, среде лето, среде политичка криза, среде секојдневни протести, во пресрет на избори, Владата објавува дека повторно ќе издава еврообврзница, со рочност од 10 години, во максимален можен износ од 650 милиони евра. Иако каматата сè уште не е позната, може да се претпостави дека таа ќе биде значајно повисока од каматата на претходната еврообврзница. Така, доколку износот на евообврзницата е 650 милиони евра, а каматата 7 отсто, на неа ќе платиме камата од 455 милиони евра. Што е тоа за најбрзорастечката економија во светот“, велат иницијаторите.