!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Нема да има нови мигрантски населби во Кале, порача Оланд


Париз, 1 ноември, 2016 - 13:59 (META) 

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека на мигрантите нема да им биде дозволено да формираат привремени кампови во Кале, на северот на Франција, затоа што тие станале „големи илегални сиромашни квартови“.

Властите вчера ги отстранија и последните засолништа, по евакуацијата на 5.000 мигранти во привремените засолништа во Франција.

Оланд на жителите на Кале им вети дека нема да има нови мигрантски населби.

Тој рече дека повеќе од 1.000 малолетни мигранти, кои во моментов се сместени во контејнери во Кале, ќе бидат разместени во текот на денот во центрите, каде британските власти ќе се позанимаваат со нивните случаи.

Оланд повторно ја повика Британија да се погрижи за децата на мигрантите.

Мигрантите, бегајќи од воените конфликти и од сиромаштијата на Блискиот Исток и во Африка, пристигнале во Кале, од каде се надеваат дека ќе стигнат до Британија.

 


Бројот на мигранти во Париз е драстично зголемен поради затворањето на Џунгла


Париз, 28 октомври, 2016 - 19:07 (META) 

Бројот на мигранти кои спијат на улиците на Париз е зголемен за една третина откако е отстранет мигрантскиот камп Џунгла во пристанишниот град Кале.

На булеварите и во каналите во североисточниот дел на Париз поставени се неколку стотини шатори во кои спијат мигрантите.

Заменичката на градоначалникот на Париз, Коломб Бросел, изјавила дека присуството на мигранти на улиците на претстолнината не е ништо ново, но нивниот број значително се зголемил од почетокот на неделата, кога беше затворен кампот.

– Забележан е зголемен број на шатори, поставени се околу 50 нови. Сега, вкупно има околу 750 шатори – изјавила Бросел, додавајќи дека тоа значи дека околу 2.000 до 2.500 луѓе спијат во североисточната област на Париз.

Француските власти го отстранија кампот Џунгла во Кале на почетокот на оваа недела, а повеќе од 6.000 мигранти префрлени се низ целата територија на Франција.


Пожар во кампот Џунгла на Кале, бегалците бегаат


Кале, 26 октомври, 2016 - 9:56 (META) 

Во мигрантскиот камп познат како Џунгла во пристанишниот град Кале, кој властите почнаа да го уриваат, синоќа избиле неколку пожари, а во еден од нив повреден е сириски мигрант откако експлодирала боца со гас, јавуваат француските медиуми.

Пожарите во импровизираниот камп, од кој од понеделникот се евакуираат луѓе, почнале да избиваат нешто по полноќ, а се интензивираа во периодот до 3 часот, особено на влезот на кампот.

Во тој временски период експлодирале најмалку две боци со гас, поради што голем број луѓе од кампот морале да се оддалечат на околу 100 метри од кампот.

Пожарот го гаснеле пожарникари од Кале и од околните градови, со полициска придружба, јавуваат локалните власти.

– Евакуиравме меѓу 150 и 200 мигранти, пред сè Авганистанци и Сиријци, а меѓу нив и петнаесет деца кои се однесени во привремен приемен центар – рече комесарот на полицијата во Кале, Патрик Вис-Бурдон.

Пожарите во кампот Џунгла почнаа во вторник околу пладне, додека во тек беше уривањето на колибите и на импровизираните куќи, кои мигрантите беа принудени да ги напуштат затоа што француската влада одлучи да ги расели и да ја урне најголемата нелегална населба во Франција.


Во неколку градови во Франција се одржaa протести поради мигрантите


Париз, 8 октомври, 2016 - 18:11 (META) 

Французите денеска во повеќе градови протестираа поради мигрантите од бегалскиот камп во Кале, кој владата планира да го затвори.

Неколку стотини демонстранти протестираа во градот Пјерфе поради одлуката на владата да ги смести мигрантите во напуштен оддел на психијатриска болница, додека чекаат одговор на барањата за азил.

Жителите на Пјерфе стравуваат дека тие би можеле да ја загрозат нивната безбедност и дека се можни тензии со пациентите во болницата.

Политичарите од Националниот фронт заедно со неколку стотини демонстранти протестираа во местото Форж ле Бен, јужно од Париз.

Францускиот претседател, Франсоа Оланд, вети дека до зимата ќе се затвори бегалскиот камп во Кале и дека 9.000 мигранти оттаму ќе бидат распоредени низ 164 места во Франција, додека нивниот статус не биде решен.


Утре почнува „Пиволенд 2016“


Скопје, 30 август, 2016 - 13:58 (META) 

Од утре до 4 септември на скопското Кале по деветти пат ќе се одржи традиционалната манифестација – Гурмански викенд со пиво „Пиволенд 2016“, најавија денеска од Град Скопје.

Фестивалот на пивото традиционално е во организација на Град Скопје и на „Темов“. За организација на гурманскиот викенд, Градот Скопје од буџетот издвојува 500.000 денари.

Организаторите најавија дека музичката програма ќе биде поделена на три бини на Кале, а една бина ќе има и во пивницата „Стар град“.

Оваа година публиката ќе има можност да ужива во музиката на голем број македонски изведувачи, групи и диџеи: Влатко Илиевски, Дани, „Нокаут“, Тамара, „Фолтин“, Ефто Пупиновски, Тијана, „Флукс“, Јаков Дренковски, „Чил плеј“, „Тотално опуштање“, диџеј Славе и многу други. Од регионот ќе гостуваат „Рибља чорба“ и „Министарке“.

Освен пивско и музичко уживање, посетителите ќе може да се испробаат во адреналински спортови во „Акциската зона“: Кендо, мечување и стрелаштво. Годинава ќе биде поставен и базар за ракотворби, но и голем избор на пивски игри во „Игротеката за возрасни“.

За оние што сакаат да експериментираат со вкусовите, ќе има штанд со пивски коктели, а од пиварниците велат дека секојдневно ќе има акциски промоции на одредени продукти.

На фестивалот ќе се престави и првата микропиварница во Македонија – „Темов“.

Од Градот ги советуваат сите посетители што ќе дегустираат пиво, да не возат автомобили, туку да користат градски и јавен превоз.


Камениот мост и Калето, вметнати во рутата на Скопскиот маратон


Скопје, 21 април, 2016 - 14:39 (META) 

Скопскиот маратон годинава ќе се трча по изменета патека, во која се вметнати Камениот мост и скопското Кале, дознава „Мета“.

Измените на патеката, како што објасни директорот на Скопски маратонот, Кире Синадиновски, биле предвидени со првичниот план за манифестацијата и не се поврзани со барокните зданија и споменици.

– Патеката беше предвидена уште пред три години, бидејќи Камениот мост и Калето се дел од нашето лого и се заштитен знак на градот Скопје. Сепак, поради градежните работи што се вршеа во тој дел од градот, рутата беше изменета. Сега, бидејќи има можност, тие се вметнати, а новата рута е одобрена од Меѓународната федерација на маратони и на улични трки – изјави за „Мета“, Синадиновски.

mapa skopski maraton

Скопскиот маратон годинава се одржува на 8 мај, а до денеска се пријавени повеќе од 6.000 лица. Организаторите очекуваат дека годинава ќе бидат урнати досегашните рекорди и на маратонот да учествуваат околу 8.500 лица.

Рокот за пријавување е до 29 април.


Велика Британија и Франција бараат помош од ЕУ за мигрантската криза кај Кале


Кале, 2 август, 2015 - 18:00 (META) 

Велика Британија и Франција побарале од другите земји-членки на Европската унија (ЕУ) да помогнат во решавањето на основните причини што доведоа од мигратската криза кај францускиот град Кале, јавува „Би-Би-Си“.

Мигрантите во Кале деноноќно се обидуваат да го преминал каналот Ла Манш и да стигнат до Велика Британија, притоа предизвикувајќи застој во сообраќајот преку Евротунелот.

Министрите за внатрешни работи на Велика Британија и на Франција за „Сандеј телеграф“ изјавиле дека проблемот кај Кале е дел од „глобалната мигрантска криза“.

Од британското министерство за внатрешни работи изјавиле дека ќе ја прекинат подршката за барателите на азил за да се обесхрабрат илегалните мигранти, кои се обидуваат да стигнат на островот.

Француските власти, пак, најавија зголемување на бројот на камери за надгледување, повеќе полиција и дополнителна ограда кај Кале, како дел од зајакнатите безбедносни мерки, што во петокот ги договорија британскиот премиер, Дејвид Камерон, и францускиот претседател, Франсоа Оланд.


Камерон: Британија нема да стане „безбеден рај“ за мигрантите


Лондон, 30 јули, 2015 - 11:23 (META) 

Велика Британија нема да стане „безбеден рај“ за мигрантите во Кале, изјави британскиот премиер, Дејвид Камерон, по обидите на стотици мигранти да го минат тунелот под Ла Манш и да стигнат до островот.

Премиерот Камерон ги предупредил илегалните мигранти дека ќе бидат остранети од Велика Британија. Од друга страна, дел од мигрантите, пак, за „Би-Би-Си“ изјавиле дека се цврсто решени да стигнат до Британија.

Повеќе од 3.500 мигранти неделава се обидуваат да дојдат до терминалите на тунелот што ги поврзува Франција и Велика Британија. Дел од нив, вчеравечер, со придружба на француската полиција, беа отстранети од терминалот.

Во вторникот, мигрант на возраст меѓу 25 и 30 години, најверојатно со потекло од Судан, загина откако бил прегазен од камион што излегувал од еден од траектите за транспорт на возила низ тунелот.

Според „Би-Би-Си“, месецов девет луѓе ги загубиле животите обидувајќи се да го минат каналот.


Тетовското кале ќе се реставрира


Тетово, 14 јули, 2015 - 14:10 (META) 

Ќе се реконструира и реставрира дел од тетовското кале, најавуваат од Министерството за култура. Ќе се изврши конзервација, реставрација, санација и реконструкција на влезната партија од овој археолошки локалитет. Работите целосно ќе бидат завршени во текот на следната година.

За време на реставраторските зафати, кои изминатиов период се одвиваа на тетовското кале, беа пронајдени многу остатоци од неолитот, античкиот и од ранохристијанскиот период, од времето кога владеел раноантичкиот македонски крал Персеј.

На овој локалитет пронајдени се и многу монети, фрагменти од керамички садови, како и бројни предмети карактеристични за османлиското време.


„Уан деј фест“ на скопско Кале


Скопје, 9 јуни, 2015 - 15:00 (META) 

На скопското Кале на почетокот од летото ќе се одржи „Уан деј фест“ (One day fest), еднодневен фестивал кој ќе ги собере сите возрасти на едно место.

На фестивалот ќе настапат „Елитни одреди“, Тајзи, „Чил плеј“, диџеј Фокс, диџеј Спикер, диџеј Сајленс, диџеј Маск, „Невермајнд бед инфлуенс офишал“, а во рамките на  фестивалот „Баскерфест“ ќе има и огнено шоу со улични изведувачи.

Билетите се во предпродажба по цена од 300 денари, а при влезот на настанот ќе се продаваат по 500 денари.