!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

МТВ дише на стари апарати, има слаб видеосигнал, а за второ аудио нема абер


Скопје, 30 ноември, 2017 - 14:07 (META) 

Македонската радиотелевизија (МТВ) наместо да изгради мост на зближување, подигна јазични ѕидови помеѓу гледачите, кои засега се високи колку и самиот објект на телевизијата.

Милена Атанасоска-Манасиева – ПИНА

Програмите што на МТВ ги емитуваат албанската, турската, влашката и другите заедници во земјава, не стигаат до целата публика бидејќи и пет години по дигитализацијата, националниот сервис не обезбеди можност за повеќе аудиосигнали, како и за титлување на други јазици.

Дебатната емисија „Аргумент“, образовни, информативни, документарни, како и забавни содржини што ги продуцира албанската редакција, можат да ги гледаат и да ги разберат само тие што го зборуваат албанскиот јазик. Втор аудиосигнал, односно избор на јазик на кој може да се следи програмата, има само за собраниските седници, а според нашите соговорници, токму ова би ги отворило програмите на МТВ за целата публика.

– Најмногу би сакала сите да видат и да разберат што работиме ние, тоа секако може да се реши со титлови или со втор аудиосигнал по примерот на Собранискиот канал, но засега, иако има техничка можност, недостига кадар за да се изведе сето тоа. И јас, на пример, како уредник на втор канал, не можам да разберам што има на програмите на турската етничка заедница – вели Мигена Горенца, одговорен уредник на вториот програмски сервис на МТВ.

Таа за ПИНА изјави дека вториот канал се соочува со недостиг од кадар, а има и апсурдна ситуација – во систематизацијата не им е предвиден преведувач на македонски јазик.

– Многупати досега сум сакала да поканам гостин Македонец во дебатните или забавните емисии, но немаме преведувач, треба да го платам од свој џеб – вели таа.

Една од суштинските задачи на јавниот сервис, според препораките на Советот на Европа, е исто така да ја зајакне кохезијата во општеството, објаснува Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари.

– МРТ мора да најде начин програмите на заедниците да се преведат на македонски јазик затоа што тоа ќе помогне за меѓусебно познавање и разбирање – смета Селмани.

За него како новинар е несфатливо што редакциите на МРТ следат исти настани со повеќе новинари. Доволно е да има еден новинар и камера.

– Новинарот од која било редакција прави прилог и истиот може да се емитува од сите редакции. Ако некоја редакција сака настанот да го третира од поинаков агол, тогаш тоа може да го прави затоа што сите располагаат со бруто-материјалот од настанот – вели Селмани.

МРТ кубури со млад кадар

„Само небото е граница“ е максимата што најдобро ги опишува можностите на дигитализацијата. Повеќе аудиосигнали за корисникот да може да избере јазик на кој ќе ја следи програмата, повеќе титлови, специјализирани канали, телетекст, се само дел од нив. МРТ не искористува ништо, како времето да застанало за неа. Зошто се случува ова ако се знае дека државата обезбеди околу 10 милиони евра за процесот на дигитализација? Дали само кристално чистата слика, која и не стига до сите корисници, ќе ни остане единствената придобивка?

Цане Петрушевски, раководител на секторот за ТВ-техника во МРТ, вели дека во последните пет години имале голема инвестиција кога опремата стара 30 години ја замениле со најсовремена. Но, последиците од невложувањето претходно, не може лесно да се отстранат.

– Тоа што ние го направивме со опремата би го опишал вака: Немавме ниту долна облека, си купивме, но машната, костумот треба да се докупат за да може целосно да одговориме на задачата. Ни требаат млади луѓе. Имаме технички можности за графика која би изгледала светски, но тоа на екран не се гледа, затоа што треба млади луѓе, кои размислуваат на тој начин. Треба нови свежи идеи – смета Петрушевски.

И тој се согласува со ставот дека МРТ не ги искористува сите можности на дигитализацијата. Вели дека нема пречка да се направи паралелен аудиосигнал и на други јазици, треба да се дополни нешто во техника, но многу повеќе ќе треба да се вложи во човечки ресурси.

– Тоа значи преведувачи, луѓе од техника, некој што ќе го контролира целиот процес – вели тој.

Петрушевски нагласува дека дигитализацијата дава можности за отварање на нови специјализирани канали, нешто што недостига во јавниот сервис. Ни објасни дека сега нема каде да ги сместат содржините за спорт и за забава, бидејќи првиот канал има задача да емитува програми со кои приватните телевизии не се занимаваат, како тие за различни возрасти, културна програма, образовна програма…

– И кога ќе се случи некое светско првенство во спорт или Олимпијада , ние нема каде да емитуваме програма. Нас ни треба канал за спорт и за забава и логично е тој да биде барем двојазичен. Кога има важен спортски натпревар оди и на прв и на втор канал истата снимка, зашто нема два аудиосигнали – вели тој.

Џонатан Стоунмен, медиумски експерт и поранешен долгогодишен новинар на „Би-би-си“, на тркалезна маса организирана од ОБСЕ, исто така ја истакна  потребата од титлување на програмите на другите јазици на МТВ. Според него, со ова ќе се олесни запознавањето на различните јазични заедници за да може да дојде до поголемо зближување.

Петрушевски, пак, додава дека иако изгледа дека во телевизијата врие од кадар, тоа во реалноста не е така.

– Многу луѓе и си отидоа. Имаме само две репортажни возила и едно помало, но немаме луѓе за да работат. Имаме три подвижни студија, но во најдобар случај имаме 10 настани во неделата. Можеме многу повеќе, но немаме луѓе за преноси во живо. Броени ни се позициите, а некои се и празни – вели тој.

Според извештаите за работата на МТВ, заклучно со 2016 година, таму се вработени 864 луѓе од кои 46,4 отсто се со средно образование. Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски, коментира дека криза во МТВ нема само со пари, туку и со вработените.

– Половина од вработените се со средно образование, немаат нови вработувања, а просечна возраст на кадарот е 58 години, особено во радиото – вели Секуловски.

Потребни се специјализирани канали

Токму потребата за отворање на специјализирани канали ја нагласи и професорката Снежана Трпевска од Институтот за комуникациски студии. Таа објаснува дека мрежите со кои управува Македонската радио-дифузија се веќе дигитализирани, а тоа за МРТ е огромна можност да ги исполни подобро своите функции на јавен сервис.

– Тоа значи дека сега може да емитува повеќе програмски сервиси за да ја исполни својата обврска да емитува разновидни програми за различни делови на публиката – вели таа.

Според неа, процесот на дигитализација заостанува поради тоа што МРТ со години се бореше финансиски да опстане. Ова и води до прашањето дали МРТ има ресурси (финансиски, кадровски, продукциски) да емитува повеќе програмски сервиси на дигитализираните мрежи.

– Ако се сеќавате, МРТ пред повеќе години имаше на македонски јазик два канали. За да ја исполни својата функција на јавен сервис (на македонски јазик) потребно е да се врати поранешниот втор сервис на МРТ што ѝ беше земен кога се отвори Собранискиот канал. Првиот сервис треба да си биде наменет за информативната функција (вести, актуелни информативни, документарни и специјализирани програми), а вториот за спорт, филмови, забавни содржини за млади – вели Трпевска.

Марио Макрадули, професор на Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ), смета дека МТВ има техничка можност за повеќе аудиосигнали, но недостига кадар, ресурси.

–  Дигиталната телевизија секако ја нуди таа можност, четири тонски сигнали во еден момент може да се пренесат. Дигиталниот сигнал по природа на нештата дозволува и повеќе титлови, но тоа бара големи човечки ресурси и, секако, уште нешто да се дополни од технички аспект – смета Макрадули.

Но, тој е скептичен како би се одвивал процесот на преведување.

– Тешко е да се следи дали секој преведувач превел точно во реално време или направил некоја белја. Комплексно и рискантно е, постои голема можност за човечки грешки. Преводот ни „кашла“ во Собрание, па затоа сум скептик за ова да се постигне – вели Макрадули.

МТВ  уште од јуни требало да емитува програма на албански јазик 24 часа

Малото семејство што ги работи програмите на другите етнички заедници сместено во јавниот радиодифузен сервис, допрва ќе се соочува со проблеми бидејќи во иднина ќе треба да обезбеди програма на албански јазик 24 часа, како и нов канал за другите националности. Всушност, тие законски и се обврзани од јуни да го прават тоа, но емитуваат програма само 16 часа.

– Точно е тоа дека треба 24 часа да емитуваме програма на албански јазик. Но, каде да ги ставиме емисиите на другите заедници? Истово ме прашаа на состанок во програмскиот совет. Им одговорив дека не можам на улица да ги исфрлам другите редакции. Каде ќе се пушта програмата на турски, влашки, бошњачки, српски, кои сега одат на вториот канал. Зарем јас треба да им кажам – вели Горенца.

Со измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, донесен од претходната влада, МРТ треба да обезбеди и еден телевизиски програмски сервис на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните кој е различен од македонскиот јазик, кои ќе емитуваат програма 24 часа секој ден во неделата, како и телевизиски програмски сервис кој ќе емитува програма на јазиците на другите немнозински заедници. Оваа Влада, која го подготвува новиот закон, го прецизира овој член. Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, најави отворање на четврти канал.

Ги прашавме и дали МТВ е обврзана да емитува програма 24 часа на албански јазик. Ни одговорија дека тој член нема да се менува, но прецизираа дека МТВ нема да има обврска да емитува нова, сопствена продукција на албански јазик 24 часа.

–  За динамиката на известување, односно дали се запазени предвидените начела на известување, обврска на ААВМУ е да врши надзор – ни одговорија од кабинетот на Манчевски.

Вториот канал бара барем уште 90 нови вработувања

Уредничката на вториот канал на МТВ ни објасни дека веднаш по донесувањето на измените за емитување на 24 часа програма на албански јазик во јуни, испратиле извештај  до Владата за состојбата со кадар и со техника, како и за сè што треба да им се обезбеди за да ја остварат програмата.

– Во тој извештај, правен пред да знаеме дека ќе има и четврти канал, напишавме дека ни се потребни барем уште 90 нови вработувања. Сега МТВ веројатно ќе треба да прави нова процена бидејќи од нас се бара многу повеќе – вели Горенца.

Таа објаснува дека телевизијата има само две големи студија за снимање, па буквално се борат  за термини.

– Сите сакаме ударни термини за дебатните емисии, за утринските програми, а што ќе биде кога ќе се отвори и четврти канал? Како ќе работиме ако не се вложи во дополнителна опрема, не само во кадар – прашува таа.

Во албанската редакција има 52 вработени, а ако утринската во МТВ1 се прави со шест новинари, тука се работи со двајца хонорарци.

– Тоа само по себе говори за состојбата со кадарот. Кога целосно ќе треба да покриеме еден канал, ќе ни треба многу повеќе од тоа што го имаме во моментов – вели Горенца.

Според извештаите за работата на телевизијата, на крајот на 2016 година таму работеле 624 Македонци, 156 Албанци, 32 Турци. За разлика од претходната година, има за четириесетина вработени помалку.

Селмани: МТВ е пациент во кома

Македонската телевизија има долг, поголем од нејзиниот буџет за 2018 година и тој изнесува повеќе од 20 милиони евра. Новото финансирање на јавниот сервис ( 0,7 проценти од државниот буџет) нема да му донесе повеќе пари од досега. Напротив, ќе има помалку ако се знае дека МРТ во последните години располагала со буџет од 21 до 19 милиони евра. Министерот Манчевски за ПИНА изјави дека 0,7 проценти од државниот буџет ќе значат дека МРТ ќе добие повеќе од 19 милиони евра. Но, според Законот, од овој колач за телевизијата ќе останат 74,5 отсто, бидејќи остатокот оди за Македонската радиодифузија и за ААВМУ. Во превод, за телевизијата ќе има 14,4  милиони евра. Дали ова е доволно за покривање на трошоците, дополнително и на долговите, за отварање нов четврти канал и за 24-часовна програма на албански јазик?

– Во никој случај не е доволно – вели уредничката Горенца.

Со неа се согласува и Насер Селмани, кој објаснува дека со новото законско решение има назадување околу моделот за финансирање на МРТ. ЗНМ смета дека МТВ треба да се финансира со 1 процент од буџетот и дека следната година ќе има пет милиони евра помалку отколку годинава.

– Замислете со пет милиони евра помал буџет, МРТ треба да ги исполни сите стари обврски и дополнително да отвори два нови канала, едниот со програма на албански јазик 24 часа, а другиот наменет за програмата на помалите етнички заедници.  Јасно е дека МТВ не е подготвена ни кадровски, ниту технички да одговори на новите предизвици – вели Селмани.

Тој претпоставува дека програмата на заедниците ќе биде неквалитетна и веројатно просторот ќе го пополнат со репризирање стара програма.

Селмани открива дека програмскиот совет на МРТ месецов усвоил предлог-план за имплементација за вториот канал на албански јазик, за кој предвиделе околу два милиони евра. Ако за четвртиот канал за помалите заедници се потроши уште најмалку еден милион евра, МРТ ќе ја почне 2018 година со 12 милиони евра, смета Селмани.

Од кабинетот на министерот Манчевски ни потврдија дека нема дополнителни средства за четвртиот канал.

– Средствата и за овој канал се обезбедени од буџетот, како дел од 0,7 отсто што ќе се одвојуваат од буџетот и ќе се префрлаат на сметката на МРТВ – ни изјавија од кабинетот на Манчевски.

Селмани е сигурен дека МРТ никако нема да ги исполнува обврските.

– Ќе продолжи да биде како еден пациент кој дише со помош на апарати. Владата сака да ја игра улогата на докторот, кој практично одлучува дали пациентот ќе продолжи да дише или ќе го заврши животот. Со овој несериозен и неискрен пристап на Владата, МРТ никогаш нема да прерасне во сериозен јавен сервис на граѓаните, туку ќе постои колку да се рече дека имаме јавен сервис затоа што мора да го имаме поради Европската Унија – вели Селмани.

Во последниот извештај на Прибе, покрај забелешките за реформите во МТВ,  исто така констатирано е дека медиумскиот пејзаж во земјава се карактеризира со голем број актери, со 130 радио и телевизиски канали, но и дека медиумите претежно се делат по политички и по етнички линии.

– Какво ни е општеството, такви ни се и медиумите. Поделени сме комплетно како општество по етничка линија, така е и со медиумите. Не знаеме што ни се случува едни на други, одиме на исти настани, секој од свој агол ја тера приказната. Јавниот сервис има шанса да го промени тоа, но Владата треба да покаже волја, пред сè да ни се овозможат услови за работа – вели уредничката Горенца.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Николовски: Науката е важна за креирање на развојните политики на земјоделство


Скопје, 19 октомври, 2017 - 14:14 (META) 

Земјоделството е еден од најважните сектори кој во вкупниот домашен бруто-производ (БДП) учествува со 13 отсто, вклучително и во преработувачката индустрија, и е трет по големина сектор во земјата, по услугите и по индустријата, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на Меѓународен симпозиум за земјоделство и за храна на Факултетот за земјоделски науки.

Тој додаде дека земјоделството обезбедува приходи и вработување на приближно 17 отсто  од работната сила во државата, иако реалниот придонес го надминува овој процент.

– Модернизирањето на земјоделското производство преку воведување нови современи технологии, зголемување на обработливите земјоделски површини, производство на конкурентни производи со висока додадена вредност, зголемување на извозот, се дел од стратешките цели на политиките на Владата во тековниот период – додаде Николовски.

Тој рече дека во исполнувањето на овие зацртани цели и во креирањето на развојните политики за земјоделството, од голема важност е учеството на македонската наука, односно на стручниот кадар од Факултетот за земјоделски науки и храна, кој годинава слави 70 години.


Десковска: Потребни се реформи во стручното образование за потребите на пазарот на труд


Скопје, 29 август, 2017 - 15:34 (META) 

Министерката за образование и наука, Рената Треневска-Десковска, денеска се сретна со делегација на германското стопанство во Македонија, предводена од шефот на делегацијата Патрик Мартенс, информираат од Министерството.

На средбата се разговарало за популаризирањето на средното стручно образование и за реформите во наставните планови и програми, кои треба да придонесат, млади луѓе по завршувањето на средното образование да бидат високо-квалификувани и компетитивни на пазарот на трудот.

Десковска ја нагласила потребата од вклученост на стопанската комора во процесот, за подобро усогласување на потребите на пазарот на трудот и профилирањето на работниот кадар.

Според видот на образованието, оваа година бројот на новозапишани ученици во гимназиите изнесува 6.665, додека бројот на новозапишани ученици во средните стручни училишта изнесува 10.023 ученици.

Странските инвеститори во земјава веќе подолг период алармираат дека компаниите се соочуваат со недостиг од квалификувана работна сила и потребни им се стручни работници во сите сектори.


Директор на тетовско средно училиште смета дека е разрешен незаконски и тенденциозно


Тетово, 12 мај, 2017 - 13:28 (META) 

Директорот на Средното стручно училиште „Моша Пијаде“ од Тетово, Александар Бачевски, смета дека решението за негово разрешување донесено од Општина Тетово е незаконско, тенденциозно и од политички причини.

Тој изјави дека ќе го прифати решението за да не ја усложнува ситуацијата која, според него, е и онака комплицирана, во период кога завршува мандатот на градоначалниците и на советите на општините.

– Решението за мое разрешување, кое е потпишано лично од градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, е невалидно и незаконско, затоа што е донесено според Законот за локална самоуправа, а не според Законот за средно образование. Но, јас ова решение ќе го прифатам и нема да поднесам жалба затоа што в понеделник истекува мандатот на градоначалниците и ако поднесам жалба, уште повеќе ќе се искомплицира работата, а тоа ќе штети и на воспитно-образовниот процес во нашето училиште – додаде Бачевски.

Според него, откако се обзнанила коалицијата СДСМ –  ДУИ, тој постојано имал притисоци и од заменик-директорот во училиштето, кој е кадар на ДУИ, но и од други луѓе од општината, иако со нив во изминативе неколку години имал одлична соработка.

– Сите знаат дека моево разрешување е политички мотивирано. Јас имав одлична соработка со Општина Тетово, многу успеси сум постигнал со училиштево, дури и од Општината имам добиено награда – рече Бачевски.

Инаку директорот на средното земјоделско училиште „Моша Пијаде“ беше разрешен од градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, поради, како што пишува во решението, „учеството на директорот во настаните во Собранието на 27 април, за време на одвивањето на воспитно-образовниот процес во училиштето.“


Ангелоски: На компаниите им требаат современи машини за да бидат конкурентни


Скопје, 12 април, 2017 - 15:26 (META) 

На компаниите им треба полесен пристап до финансиски средства за да ги обноват своите машини со современа и висока технолошка вредност, заради добивање краен производ со поголема додадена вредност, изјави Богослав Ангелоски од Сојузот на стопански комори.

„За поголем развој на индустриското производството и за финализирање производи со поголема додадена вредност, потребен е економски план за развој, а врз таа основа да се изработи стратегија за извоз на македонски производи на странските пазари во контекст на принципите на ЦЕФТА и Светската трговска организација“, изјави Ангелоски.

Според него, важно е македонските компании да ги следат сите релевантни европски и светски трендови во областа на индустријата, како иновациите, новите технологии и новите компании кои се присутни на пазарите.

„Крајната цел е македонските компании да станат дел од интегрираниот глобален светски пазар. За компаниите, покрај искусен кадар, потребен е и свеж кадар, кој ќе придонесува за развој на новите технологии“, изјави Ангелоски.

Според него, доколку сакаме да се приклучиме на земијите со висок технички и технолошки развој, потребно е минималниот пораст да изнесува од седум до девет проценти на годишно ниво и таквиот тренд да се одржува во континуитет од пет до 10 години.


Нема услови за формирање национален авиопревозник


Струга, 14 ноември, 2016 - 10:22 (META) 

Анализите на состојбите на пазарот во овој момент укажуваат на тоа дека нема услови за формирање национална авиокомпанија, одговори на новинарско прашање директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Горан Јандреоски, на работилницата за авијација организирана од „ТАВ Македонија“ во Струга.

– Истражувањата на пазарот се одвиваат во две фази. Анализата на консултантите во првата фаза покажа дека нема одржливост за да се формира национална авиокомпанија и затоа не се премина на втората фаза од истражувањата. Инвестиците во авиони и во кадри се многу големи, а се работи и за процес кој е многу долг – истакна Јандреоски.

За следната година не е планирано да се направи анализа за состојбите на пазарот и, како што информираше Јандреоски, тоа се прави на неколку години.

Исто така, тој додаде дека светското искуство покажало дека не постои полош управник за една авиокомпанија од државата.


СЈО го објави вториот извештај, очекува непречена работа во интерес на правдата


Скопје, 15 септември, 2016 - 15:12 (META) 

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, денеска го објави вториот шестмесечен извештај за работата на Специјалното јавно обвинителство, кое беше формирано пред точно една година.

Извештајот, кој е на 16 страници, е поделен на шест глави, во кои се наведени детали за финансиското и за кадровското работење на СЈО во изминатите шест месеци, бројот на отворени предистражни и истражни постапки, двете поднесени обвиненија, преселувањето во новите простории на улицата Франклин Рузвелт, соработката со другите државни органи, која, како што стои во извештајот, сè уште е отежната и за другите предизвици со кои се соочуваат Јанева и нејзиниот тим.

„Наведениот временски период го карактеризира зголемена административна и оперативна активност, со проширено предметно постапување, позачестена соработка со други државни органи, покооперативна соработка со меѓународни институции, како и поинтензивна комуникација со домашната и со меѓународната јавност. Станува збор за континуитет во работата на ова јавно обвинителство, за зголемување на бројот на предистражните и на истражните дејства и на опфатот на инволвираните лица во тие дејства, за подобрување на стручниот капацитет на истражувачките тимови, како и за стручно и похрабро спротиставување на опструкцијата на работата на ова јавно обвинителство, за пораст на оптимизмот кај обвинителскиот тим, за поквалитетно извршување на поставените задачи и за зголемувањето на довербата на ова јавно обвинителство во очите на домашната и на меѓународната јавност“, стои во извештајот.

Јанева, исто така, вели дека во наредниот период очекува во целост да се нормализира соработката со институциите и со органите во земјата за да се овозможи непречена и ефикасна работа на Јавното обвинителство, што е во интерес на правдата и на сите граѓани.

Извештајот денеска ќе им биде доставен на Советот на јавни обвинители и на Собранието на Република Македонија, а специјаланата обвинителка изрази подготвеност и лично да се појави и да го претстави во овие две институции.


Во рударскиот сектор не се издаваат концесии за истражување и за експлоатација


Скопје, 16 мај, 2016 - 15:56 (META) 

Запирање на добивањето концесии како за истражување така и за експлоатација на минерални суровини е состојба со која се соочува рударскиот сектор, а е последица на моменталната политичка состојба во земјата, оценуваат од Македонската асоцијација на рударството (МАР) при Стопанската комора.

Според претседателот на МАР, Николајчо Николов, индустриското производство кај рударството и вадење камен, за првите три месеци од оваа година споредено со истиот период лани, бележи опаѓање од 1,2 отсто.

Тој истакна дека намалувањето на индустриското производство во рударството, особено кај металите, е последица и на затворањето на двата рудника, Тораница и Злетово.

Недостигот од стручна квалификувана работна сила беше истакнат како дополнителен проблем во оваа индустрија. Проблемот, како што истаканаа од МАР, е во средното образование, кое не продуцира соодветен образовен и квалификуван кадар, кој би бил подготвен веднаш да се вклучи на пазарот на трудот.

Вкупниот извоз на рударството и на производството на неметални минерали изнесува околу 40 милиони долари, додека увозот изнесува околу 90 милиони долари.

Извозот најчесто се остварува во Грција, Бугарија и многу мал дел во Хрватска и во Словенија.

Според податоците, домашниот бруто-производ (БДП) во рударскиот сектор се движи приближно до 1 отсто, со нaдеж дека во иднина ова учество ќе се зголеми, пред сè со најавувањето и за отворање на нови рудници за метали.


Градежниците очекуваат поволен период за секторот


Скопје, 4 мај, 2016 - 15:37 (META) 

Очекувањата за договори за градежни работи и за бројот на вработени во наредните три месеци се поповолни во однос на претходното тримесечје, објави Државен завод за статистика.

Оценката за економската состојба во првото тримесечје од 2016 година е поповолна во однос на претходното тримесечје, а поповолна и во однос на истиот период лани.

Најголемо влијание на ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат зголемените трошоци за материјали со 22 проценти, зголемените финансиски трошоци (камати) со 19,4 проценти, недостигот од обучен кадар со 12,9 проценти и зголемените трошоци за труд со 12,5 проценти.


ССК: Секоја компанија што се занимава со туризам, да го обучува кадарот


Скопје, 13 април, 2016 - 14:23 (META) 

Tуристичките можности што ги нуди Македонија, потенцијалите за унапредување на туризмот, проширување на туристичката дејност во делот на алтернативниот туризам, како и за потребата за постојано инвестирање во туризмот за промоција на Македонија во европски и во светски рамки, бea темите на денешната прес-конференција на Сојуз на стопански комори (ССК).

Според претседателот на Туристичко-угостителската комора при ССК, Аркан Керим, туризмот е еден од најбрзорастечките економски сектори кој располага со големи можности за привлекување странски и домашни гости, што воедно значи и можност за нови работни места.

– Вложувањето во туризмот, во угостителството и во кулинарството како нераздвојни туристички сегменти, развојот на кадар и иновативноста несомнено даваат позитивни резултати. Во оваа насока, инвестирањето во обучување на квалитетен кадар треба да биде девизата на секоја компанија со дејност туризам во Македонија. Едукацијата и усовршувањето сочинуваат континуиран процес, но прецизноста и следење на правилата се круцијални за константност и за квалитет – истакна Керим и ја посочи можноста за поголема посетеност на Македонија од европските туристи.