МТСП: Државниот инспекторат за труд со засилени контроли за исплатата на К-15


Скопје, 9 јануари, 2019 - 11:49 (META) 

Државниот инспекторат за труд, прави засилени контроли во приватните фирми за исплата на К-15 на вработените, информираат од Министерство за труд и социјална политика (МТСП).

Надзорот кој што започна од почетокот на годината ќе се спроведува до крајот на февруари, а инспекторите ги посетуваат правните субјекти од сите дејности, вклучувајчи ги и фабриките за производтсво на текстил и чевли.

„Засилениот инспекциски надзор во областа на производство на  текстил и чевли е од причини што најголем број на преставки  во изминатите години беа од работниците во наведените дејности. Напоменуваме дека во случаите каде ќе се утврди дека не е постапено согласно Законот и Колективните договори, Државниот инспекторат за труд ќе преземе мерки согласно со Закон. Државниот инспекторат за труд е орган кој е надлежен да врши инспекциски надзор над примената на правата и обврските на работниците и работодавачите утврдени со Закон и со Колективен договор. Во таа насока, при инспекцискиот надзор,  ќе се проверува  исплатата на регресот за годишен одмор (К-15), право коешто е утврдено со Спогодба за изменување и дополнување на Општиот колективен договор  за приватниот сектор  од областа на стопанството“, се вели во соопштението.

Во Спогодбата е утврдено дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценри од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач.

„Истовремено ги повикуваме работниците неисплатата на К-15 да ја пријавуваат на дежурниот телефонски број на Државниот инспекторат за труд 15 131“, се додава во соопштението.


Хелсиншкиот комитет дал бесплатна правна помош на повеќе од 5.300 текстилци


Скопје, 31 декември, 2018 - 11:41 (META) 

Македонскиот Хелсиншки комитет (МХК) им понудил бесшлатна правна помош на 5.379 работници во 82 конфекции во текстилната индустрија во периодот од февруари до декември годинава, во рамки на проект за правно зајакнување на текстилните работнички за самозастапување.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија иницирал 37 управни постапки за прекршување на работничките права на текстилните работнички иработници, стои во инфографикот што во средата го објави МХК. Инспекторите утврдиле прекршување на правата во четири постапки. Во 12 постапки не биле утврдени прекршувања, а за 21 постапка сеуште нема одговор.Тимовите за бесплатна правна помош изготвиле 37 барања за вонреден инспекциски надзор, подготвиле 5 жалби и дале 444 правни советувања. Од февруари до декември со проектот биле опфатени 5.379 работници во текрилната индустрија во 17 места, главно во источна Македонија, најмногу во Штип 2.131, во Кочани 1.109, Пробиштип 1.076 и Македонска Каменица – 830 работнички и работници.

– Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во соработка со Фондацијата Отворено општество – Македонија го спроведува проектот „Правно зајакнување на текстилните работнички за самозастапување“. Една од активностите во рамките на овој проект е издавање на инфографици кои имаат за цел да ја информираатјавноста за состојбата со работничките права во текстилната индустрија, пријавени случаи на прекршувања, поведени постапки пред надлежен инспекторат и суд и утврдени прекршувања – соопшти МХК.

Текстилните работници беа посочени како особено ранлива категорија и во апелот за исплата на регрес за годишен одмор (К-15) што МХК го објави минатата недела.

– Ги повикуваме сите синдикални организации да застанат на страна на заштита на работниците и будно да ја следат состојбата со исплатата на регресот за годишен одмор, особено во текстилните и кожарски фабрики каде има формирано синдикати. На крај, ги повикуваме и охрабруваме сите работнички и работници, а особено оние одтекстилната, кожарска и чевларска индустрија и понатаму да продолжат со пријавувањето на прекршувањата на работничките права – повика Хелсиншкиот комитет.

Организацијата ги повика текстилните работнички и работници да пријават прекршување на работничките права и дискриминација и да побараат бесплатна правна помош во просториите на здружението „Гласен текстилец“, на ул. Сутјеска бр. 59, Штип, и на телефонските броеви 032 307 377 и 078 452 510.


ССНМ потсетува дека работодавачите имаат обврска да исплатат К-15


Скопје, 26 декември, 2018 - 12:29 (META) 

Работодавачите имаат обврска да им исплатат регрес за годишен одмор, познат како К-15, на сите вработени во медиумите, потсетуваат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

„Оваа обврска на работодавачите произлегува од колективниот договор за приватниот сектор од 2015 година и изнесува минимум 9.610 денари. Регресот за годишен одмор им следува на сите вработени кои работеле најмалку шест месеци во календарската година што изминува, а доколку не се исплати работодавачите може да добијат парична или затворска казна“, нагласуваат од ССНМ.

Посочуваат дека работодавачот во зависност од економско-финансиската состојба во медиумот може да утврди пониска сум за исплата на регресот за годишен одмор, но тоа не може да го стори без претходно да се консултира и да добие согласност од синдикатот на ниво на гранка.

„Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници има информации дека дел од медиумите во Македонија се уште не го исплатиле регресот за годишен одмор и затоа апелира до новинарите и медиумските работници да се информираат со случувањата во врска со регресот за годишен одмор во нивната фирма и во случај да наидат на проблеми да го контактираат синдикатот за помош“, апелираат од ССНМ.


Исплатата на К-15 е задолжителна и не помала од 40 отсто од платата, потсетува Хелсиншки


Скопје, 24 декември, 2018 - 14:41 (META) 

Исплатата на регресот за годишен одмор е задолжителнa и не постои можност работодавачот да не исплати регрес за годишен одмор поради потешкотии во работењето. Работниците имаат право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 отсто од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач, наведува македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права во својот денешен апел.

„Во изминатите две години Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрираше голем број случаи во кои работодавачите на своите вработени не им исплатија или пак им исплатија многу низок износ на регрес за годишен одмор (К-15). Најчесто стануваше збор за исплата на регрес за годишен одмор во висина од 500 и 1.000 денари, а голем број на работнички кои користеле породилно отсуство беа лишени од правото на регрес за годишен одмор и истиот не им беше исплатен, спротивно на одредбите од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството“, нагласува Хелсиншкиот комитет .

Во апелот се наведува дека регрес во помал износ од утврдениот може да се одреди само кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација.

Организацијата потсетува и дека К-15 се исплаќа до крајот на календарската година на сите работници кои 6 месеци работеле кај ист работодавач, но не е задолжително тој период да бил непрекинат.
Право на регрес за годишен одмор имаат и работничките кои користеле породилно отсуство, нагласува Комитетот.

„Поради трендот на исплата на регрес за годишен одмор во многу мал и незначителен износ, апелираме дека ќе ја следиме ситуацијата со исплата на регрес за годишен одмор особено кај оние работодавачи кои сега ќе се обидат да исплатат регрес за годишен одмор во мал и незначителен износ поради тешкотии во работењето, ценејќи ја економско финансиската состојба на работодавачот ќе бараме од сите надлежни институции да извршат надзор со цел за да се утврди дали работодавачот навистина се соочува со финансиски во работењето, односно дали е возможно работодавачот континуирано да има зголемен обем на работа, а истовремено да се соочува со финансиски потешкотии, па како резултат на тоа да исплаќа регрес за годишен одмор во износ помал од утврдената основица“, наведува Хелсиншкиот комитет и ги повикува сите синдикални организации будно да ја следат состојбата, а Државниот инспекторат за труд да врши засилен мониторинг.


Минималниот износ на К-15 оваа година ќе биде 9.610 денари


Скопје, 30 мај, 2018 - 10:37 (META) 

Вработените во приватниот сектор, до крајот на годината ќе добијат регрес за годишен одмор попознат како К-15, во износ од минимални 9.610 денари.

Според податоците за движењето на нето/бруто платата по вработен, К-15 за оваа година ќе се движи од 9.610 денари (40 отсто од износот на просечната нето плата во последните три месеци) до 14.090 денари (40 отсто од износот на просечната бруто плата во последните три месеци).

Регрес за годишен одмор работодавачот треба да им исплати на сите работници кои за него работеле најмалку шест месеци во календарската година, а ако не го стори тоа, може да добие парична или затворска казна.

Регресот за годишен одмор или К-15, и годинава им следува на вработените во приватните компании од стопанство. Вработените во јавните институции се уште немаат право на него бидејќи истиот не е пропишан со нивниот Колективен договор од 2010 година.


ДДВ да се плаќа по наплатена фактура и помали казни, бараат компаниите


Скопје, 2 октомври, 2017 - 13:28 (META) 

Компаниите детектирале 60 проблеми при примената на одредени закони, а честите измени на регулативата изминатите неколку години им создавале проблеми во работењето, изјави денеска Јадранка Аризанковска, виш советник во Стопанска комора на Македонија.

Стопанска комора, во соработка со другите комори и со помош на УСАИД, го спроведуваат проект „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“, за компаниите полесно да ги применат законите што се однесуваат на нивното работење и да предложат измени каде што има проблеми.

Бизнис-заедницата бара данокот на додадена вредност да се плаќа по наплатена, наместо како што е сега, по издадена фактура.

Исто така, бараат измени во Законот за готовинско плаќање, во кој доколку се утврдат неправилности при издавање фискални сметки, според нив, би требало да следува само парична казна, но не и забрана за вршење на дејноста. Овие барања за измени на овој закон веќе се влезени во собраниска процедура.

Во однос на Законот за работни односи, компаниите бараат практиканството да биде посебно регулирано, пред да биде склучен договорот за работа, бараат прецизирање во однос на исплатата на К-15, како и намалување на висината на казните.

– Практичната работа треба да биде посебно регулирана, односно надвор од договорот за работа. Сега како што е регулирано, претставува финансиско оптоварување за компаните, бидејќи постојат специфични индустрии каде што освен плаќањето придонеси има и други давачки –  изјави Павлина Димовска, правен советник за регулатива во рамките на УСАИД.


К-15 нема да биде задолжителен


Скопје, 14 јули, 2015 - 11:17 (META) 

Регресот за годишен одмор, односно К-15, повеќе да не биде задолжителен, договорија денеска Сојузот на синдикати на Македонија и Организацијата на работодавци.

Во согласност со договорот, исплаќањето на К-15 ќе зависи дали тоа е утврдено во договорот меѓу вработените и работодавците.


КСС, „Ленка“ и „Солидарност“: Зошто К-15 не треба да се укине?


Скопје, 15 јуни, 2015 - 15:36 (META) 

Претставниците на Конфередацијата на слободни синдикати, „Солидарност“ и на „Ленка“, го соопштија својот став, зошто К-15 не треба да се укине.

Според Здравко Савески од „Солидарност“, работодавците треба да ги имаат предвид намалените обврски за исплата на работниците во однос на намалената стапка на персонален данок и придонесите за плата.

-Исплатата на К-15 не се почитува во пракса. Има случаи на исплаќање, па враќање и затоа не може да се бара да се укине. Ако компаниите имаат проблем со рентабилноста нека се пожалат на Владата да им укажат на инспекциите кои имаат една единствена цел, а тоа е наплата на пари. Не може нерентабилноста и профитот да се наплаќаат врз грбот на работниците – порача Савески.

Марјан Ристовски од Конфедерацијата на слободни синдикати прашува зошто се водат преговори за укинување на К-15 кога ние според ММФ сме најбрзорастечка економија во Европа.

– Ако ССМ ги застапуваат интересите на работниците, треба да се водат преговори за зголемување на примањата.Економската и политичката криза не може да падне врз грбот на граѓаните. Ако не ги застапуваат интересите на работниците, тогаш во оваа згрдата ќе влезат кои вистински ги застапуваат работниците – изјави Ристовски.

К-15 да не се однесува само на приватниот сектор побара Дејан Лутовски од Ленка. Според него задолженијата во јавниот сектор не се помали од приватниот и на овој начин се удира врз стандардот на работниците и врз квалитетот на животот.


Синдикатите разговараат дали ќе се укине К15


Скопје, 8 јуни, 2015 - 14:36 (META) 

Организацијата на работодавци на Македонија и Сојузот на синдикатите на Македонија денеска ги почнаа разговорите за измени и за дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.

– Од социјалните партнери беа презентирани ставовите за повеќе прашања, од кои и за регресот за годишниот одмор. Ставовите беа насочени кон прашањата за начинот и за висината на исплатата на регресот за годишен одмор врз основа на анализата што ја презентираа социјалните партнери. Социјалните партнери се договорија и понатаму да продолжат разговорите за да се утврдат модалитетите, начинот и висината за исплата на регрес за годишен одмор – се вели во соопштението на Синдикатите.

Од друга страна, минстереот за труд и социјална политика, Диме Спасов, истакна дека регресот за годишен одмор во приватниот сектор не е утврден со измена на закон ниту, пак, Владата направила измена на закон за да се овозможи исплата на К15.

Станува збор за право кое се дефинира со колективен договор, во овој случај со Општиот колективен договор во приватниот сектор, што го потпишуваат работодавците и синдикатите.