!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Северна Кореја се закани дека ќе ја погуби поранешната претседателка на Јужна Кореја


Пјонгјанг, 28 јуни, 2017 - 20:23 (META) 

Северна Кореја соопшти дека се обврзува да ги погуби поранешната претседателка на Јужна Кореја, Парк Геун-хје, и шефот на разузнавачката служба кој на позицијата бил за време на нејзината власт.

Пјонгјанг ги обвинува за планирање на убиство на врховниот севернокорејски лидер, Ким Јонг-ун.

Официјалната новинска агенција на Северна Кореја КЦНА објави дека Северна Кореја бара од Јужна Кореја да ги предаде Парк и шефот на разузнавачката служба. Земјата наведе дека ќе примени смртна казна над сменетата јужнокорејска претседателка.

Јужнокорејската претседателка е сменета и уапсена во март оваа година поради корупциски скандал. Северна Кореја во мај ги обвини американските и јужнокорејските шпионски агенции дека се обидуваат да го убијат Јонг-ун со користење на биохемиско оружје.


Јужна Кореја избира нов претседател на државата


Сеул, 9 мај, 2017 - 10:38 (META) 

Граѓаните на Јужна Кореја денеска избираат нов претседател на земјата, откако во март оваа година од функцијата шеф на државата беше сменета Парк Геун-хје, поради корупциски скандал.

Како што пренесуваат светските агенции, анкетите предвидуваат победа на либералниот кандидат Мун Џае-ин, кој, меѓу другото, се залага за подобрување на односите со Северна Кореја. Негов најжесток ривал е Ан Чеол-су.

Мун Џае-ин е јасен фаворит во земјата, каде силните конзервативни сили се обидуваат повторно да се групираат по корупцискиот скандал, кој во март доведе до смена на претседателката Парк Геун-хје.

Последната анкета објавена минатата недела покажува дека Мун Џае-ин, кој е кандидат на Демократската партија, има околу 20 процентни поени повеќе од своите двајца главни ривали, кандидатите на центристите и на конзервативците.

Доколу победи, тоа ќе значи крај на речиси десетгодишното владеење на конзервативците во Јужна Кореја, односно на Парк Геун-хје и на нејзиниот претходник Ли Мјунг-бак.


Уапсен потпретседателот на „Самсунг“ поради истрага за корупција


Сеул, 17 февруари, 2017 - 11:13 (META) 

Јужнокорејските власти го уапсија потпретседателот на компанијата „Самсунг електроникс“, Ли Џае-јонг во рамки на истрага за корупција, која доведе до отповикување на јужнокорејската претседателка Парк Геун-хе.

Судот во Сеул соопшти дека е неопходно Ли Џае-јонг да биде уапсен поради нови докази. Сепак, судот го одби барањето за апсење и на претседателот на компанијата, Парк Санг-јин.

Канцеларијата на специјалниот обвинител во вторникот побара да се уапсат двајцата раководители на „Самсунг“ поради корупција и други обвиненија.

Компанијата е обвинета дека донирала 36,3 милиони долари на невладини организации поврзани со Чои Сун-сил, блиска пријателка на јужнокорејската претседарелка, во замена за поддршка на спорни зделки.


Состанок на Советот за безбедност на ОН поради ракетните тестови на Северна Кореја


Њујорк, 13 февруари, 2017 - 9:37 (META) 

Соединетите Американски Држави, Јапонија и Јужна Кореја денеска побараа итни консултации во Советот за безбедност на Обединетите нации за севернокорејското лансирање на нов тип балистичка ракета со среден до долг дострел, соопшти денеска претставник на мисијата на САД во ОН.

Како што соопшти јужнокорејската војска, Северна Кореја користела систем „студено исфрлање“, каде проектилот го покрева компресиран гас. Јужнокорејската војска наведе дека станува збор за тип ракети со среден дострел.


Северна Кореја истрела балистичка ракета кон Јапонското море


Пјонгјанг, 12 февруари, 2017 - 10:05 (META) 

Северна Кореја истрела балистичка ракета, соопшти министерството за одбрана на Јужна Кореја, оценувајќи дека станува збор за провокација кон новата администрација на американскиот претседател, Доналд Трамп.

Ракетата, како што пренесуваат светските медиуми, била лансирана во 7.55 часот според локално време од базата Бангјон во западниот дел на Северна Кореја и летала на исток, кон Јапонското море, каде паднала.

Проектилот поминал 500 километри пред да падне во морето, но од министерството за одбрана во Сеул навеле дека сè уште не се знае за каков тип на ракета станува збор.

Претседателот на САД, Доналд Трамп кој во тој момент се наоѓал на Флорида заедно со јапонскиот премиер Шинзо Абе, кој се наоѓа во посета на САД, кратко изјавил дека Јапонија има 100 отсто поддршка од САД и дека тестирањето на ракетата од страна на Пјонгјанг е „апсолутно недозволиво“.

Северна Кореја од 2006 година изведе пет нуклеарни проби и серија тестирања на балистички ракети поради што на земјата и беа воведени строги меѓународни санкции кои во март 2016 година беа дополнително заострени.


Бан Ки-мун нема да се кандидира за претседател на Јужна Кореја


Сеул, 1 февруари, 2017 - 10:56 (META) 

Поранешниот генерален секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, објави дека нема да се кандидира за претседател на Јужна Кореја и дека се повлекува од политиката.

Бан тоа го соопшти на претходно ненајавена прес-конференција во парламентот, по состанокот со лидерите на конзервативните партии, јавува јужнокорејската агенција „Јонхап“.

– Се повлекувам од политиката. Жал ми е што разочарав многу луѓе – рече Бан, додавајќи дека е разочаран од потезите на политичкиот естаблишмент во земјата, но не изнесе детали.

Бан минатиот месец се врати во Јужна Кореја и на големо се очекуваше дека ќе биде кандидат на годинешните претседателски избори. По враќањето во Сеул, Бан најави дека наскоро ќе донесе „несебична одлука“ во врска со својата политичка кариера.


Уапсена министерката за култура на Јужна Кореја поради „црна листа“ на уметници


Сеул, 21 јануари, 2017 - 18:17 (META) 

Јужнокорејското обвинителство денеска ги уапсило министерката за култура на земјата, Чо Јун-сун, и поранешниот шеф на кабинетот на отповиканата претседателка на државата, Парк Геун-хе, Ким Ку-чин, под обвинение дека правеле списоци со уметници кои имаат критички ставови кон владата, јавуваат светските медиуми.

Министерката и Ким Ку-чин, заедно со уште тројца претходно уапсени функционери, според обвинувањата, направиле листа со имињата на неколку илјади „неподобни“ уметници и други лица од областа на културата, за да ги оневозможат да учествуваат во програмите финансирани од државата. Тие, меѓу другото, се товарат и за злоупотреба на моќта.

Неколку часа по апсењето, министерката за култура си поднела оставка, која веднаш била прифатена од премиерот Хванг Кјо-ан, кој по отповикувањето на Парк, ја врши должноста претседател на земјата.

Како што јавуваат светските медиуми, меѓу уметниците на „црната листа“ наводно, се и режисерот на филмот „Олдбој“ (Oldboy), Парк Чан-вук, и поетот Ко Ун, кого многумина го сметаат за кандидат за Нобеловата награда.

Обвинувањата за правење „црни листи“ се појавиле откако јужнокорејските власти ја прошириле истрагата за политичкиот скандал кој доведе до импичмент на претседателката Парк Геун-хе, на крајот на минатата година.

Конечната одлука дали претседателката Парк предвреме ќе го заврши својот мандат или ќе се врати на функцијата треба да ја донесе уставниот суд на земјата.


Бан Ки-мун се врати во Јужна Кореја, навестува претседателска кандидатура


Сеул, 12 јануари, 2017 - 11:44 (META) 

Поранешниот генерален секретар на ОН, Бан Ки-мун, денеска се врати во својата земја, Јужна Кореја, каде многумина очекуваат да се кандидира за претседател на земјата.

Бан пристигна во Сеул, а стотина приврзаници го пречекаа на аеродромот, извикувајќи го неговото име. Тој во обраќањето, кое го пренесуваше државната телевизија, рече дека ќе се посвети на постигнување национално единство.
Бан Ки-мун и претходно има давано слични изјави, но аналитичарите сметаат дека со тоа ги навестува своите амбиции да се кандидира за претседател.

Анкетите покажуваат дека Бан Ки-мун е еден од фаворитите да ја наследни претседателката Парк Гуен-хје, на која на 9 декември ѝ беше изгласана недоверба и привремено е отповикана поради корупциски скандал. Уставниот суд сега треба да одлучи дали и официјално ќе стави крај на нејзиниот мандат и ќе свика нови избори.


Јужнокорејскиот парламент ѝ изгласа импичмент на претседателката на државата


Сеул, 9 декември, 2016 - 11:48 (META) 

Парламентот на Јужна Кореја денеска ѝ изгласа импичмент на претседателката на земјата, Парк Геун-хје, со што ги суспендираше нејзините извршни овластувања поради големиот корупциски скандал, јавуваат светските медиуми.

Предлогот за отповикување на претседателката го поддржале 234 пратеници, а 56 биле против, од вкупно 300 членови колку што брои јужнокорејскиот парламент. За отповикување на Парк Геун-хје беше потребно двотретинско мнозинство, за чие постигнување беше потребно да гласаат и некои од членовите на нејзината партија, што тие очигледно и го направиле, пишуваат агенциите.

Сега уставниот суд на земјата треба и формално да ја разреши претседателката од функцијата или да донесе одлука за повторно воспоставување на нејзините претседателски овластувања. За донесување одлука судот има рок од 180 дена.

Засега, Парк Геун-хје го задржува звањето претседател, но ѝ се одземени извршните овластување, кои до одлуката на уставниот суд ќе ги извршува премиерот на Јужна Кореја, Хванг Кјо-ан.

Во Сеул повеќе од еден месец се одржуваат протести на кои граѓаните бараа од претседателката да поднесе оставка поради обвинувањата дека ѝ овозможила на својата советничка и пријалетка Чои Су-сил, која нема официјална функција, да го користи своето влијание и да принудува компании да донираат милиони долари во двете фондации што биле под нејзината контрола.


Јужна Кореја тврди дека има план за целосно уништување на Пјонгјанг


Сеул, 11 септември, 2016 - 13:18 (META) 

Јужна Кореја има план за целосно уништување на севернокорејската престолнина Пјонгјанг, доколку тамошните власти покажат каков било знак дека подготвуваат нуклеарен напад, објавила јужнокорејската агенција „Јонхап“, повикувајќи се на воени извори, пренесува „Би-би-си“.

Воени извори за агенцијата рекле дека секој агол во Пјонгјанг „ќе биде целосно уништен со балистички ракети и со високо-експлозивни гранати“.

Северна Кореја во петокот ја изведе петтата и најсилна досега нуклеарна проба, што предизвика жестока реакција на меѓународната заедница. САД и Јапонија ги разгледуваат можностите за воведување унилатерални поостри санкции кон Пјонгјанг.

Претставник на јужнокорејската војска за „Јонхап“ рекол дека делот на Пјонгјанг, во кој, како што се смета, живее лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-Ун, би бил особено изложен на удари.

Престолнината на Северна Кореја, додал изворот, „ќе биде претворена во пепел и целосно ќе исчезне од светската мапа“.

Дописникот на „Би-би-си“ задолжен за Северна и за Јужна Кореја, Стив Еванс, наведува дека Сеул сега ја користи истата остра реторика, од која се замрзнува крвта во вените, што Пјонгјанг често ја употребува кога зборува за јужнокорејската влада.