Мајлинда Брегу e новата генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка


Сараево, 4 јануари, 2019 - 10:30 (META) 

Мајлинда Брегу од денеска е на функцијата генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС), на местото на досегашниот секретар Горан Свилановиќ, официјално е соопштено во Сараево.

РСС е извршно тело на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија.

Во својата писмена изјава Брегу ја подвлече мислата на Жан Моне за обединување на европските народи како услов да опстојат и додаде дека тоа исто важи и за народите на Западен Балкан.

– Иднината е во поврзаноста. Во интегрирање на нашите економии во единствен пазар, поврзување на луѓето и на заедничките вредности, во вложување во човечкиот и интелектуалниот капитал, во нашиот заеднички политички, безбедносен и економски интерес – порача Брегу.

Новата генерална секретарка на РСС на оваа функција стапува откако пред неколку месеци ја доби довербата од министрите за надворешни работи на земјите членки на Процесот, на самитот во Брдо крај Крањ, Словенија.

Таа е искусна политичарка од Албанија, која силно ја поддржува Европската Унија и интегративните процеси.

Пред Брегу, на оваа позиција беше Горан Свилановиќ во два последователни мандати – од 2013 до 2018 година.


Електропреносните систем-оператори ќе формираат едeн пазар за струја на ЈИЕ


Струга, 11 мај, 2018 - 15:42 (META) 

Единствен пазар на електрична енергија во земјите од регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ) и негова интеграција во Пан-европскиот пазар на електрична енергија е заедничката цел на компаниите преносни систем-оператори од девет држави учесници на Форумот под мотото „Границите да станат мостови“, што во организација на МЕПСО денеска се одржува во Охрид.

Форумот на преносни систем-оператори под мотото „Границите да станат мостови“ свечено го отворија премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и Сашо Василевски, генералниот директор на МЕПСО. Организацијата на овој форум е поддржана и од Бен Ворхорст, претседател на Собранието на Европската асоцијација на електропреносни систем-оператори (ЕНТСО-Е).

– Овој собир овде во Охрид е од исклучителна важност ако се има предвид целта на форумот: Креирање на единствен пазар на електрична енергија и негово вклучување во пан-европскиот пазар на електрична енергија.  Toa е најдобар начин за зголемување на транспарентноста и конкурентноста меѓу сите учесници на пазарот: производители, снабдувачи и трговци затоа што за сите важат истите услови односно правила – истакна во своето обраќање премиерот Заев.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека стремежот посебно на малите земји како што е Република Македонија е во регионално поврзување на  пазарот на електрична енергија и инвестиции во енергетиката, а се со цел бенефитот да го почустваваат граѓаните преку пониски цени на електричната енергија.

– Само со градење на капацитети во делот на производството а посебно каде што вие управувате во делот на преносните линии, односно на далекуводите кои што се на високо напонско ниво, над 110 киловолти, можеме да гарантираме сигурност за нашите граѓани – порача вицепремиерот Анѓушев.

Целта на форумот е јакнењето и унапредувањето на меѓусебната соработка на преносните систем-оператори. Во него учествуваат највисоки претставници, односно генерални директори, извршни директори, претседатели на управни одбори на операторите на електропреносните системи: МЕПСО од Македонија, ОСТ од Албанија, ЕМС од Србија, ЕСО од Бугарија, КОССТ од Косово, НОС од Босна и Херцеговина и високи претставници на управите на систем-операторите од АДМИЕ од Грција, ХОПС од Хрватска и ЕЛЕС од Словенија.


Земјите од ЈИЕ заеднички ќе го контролираат малото и лесно оружје


Подгорица, 2 февруари, 2018 - 10:13 (META) 

Замениците-министри за внатрешни и надворешни работи на земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ) изразија решителност во иднина заеднички да работат на контролата на малото оружје и лесното вооружување во регионот.

Оваа обврска е наведена во заедничката изјава усвоена на регионалната конференција на високо ниво „Јакнење на обврските за контрола на малото оружје и лесното вооружување во ЈИЕ“ што синоќа заврши во Подгорица, Црна Гора.

Со заедничката изјава е засилена обврската за борба против недозволената трговија со овој тип на оружје, како и разработка на „Мапа на патот за контрола на малото оружје и лесното вооружување на Западен Балкан“, која во текот на годината треба да биде усвоена на Самитот на Западен Балкан во Лондон како дел од Берлинскиот процес.

Конференцијата ја организираше Центарот за контрола на малото оружје и лесно вооружување во Југоисточна и Источна Европа, под покровителство на Регионалниот совет за соработка и Сојузна Република Германија.

Регионалниот совет за соработка е оперативното тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа – ПСЈИЕ, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија.

Заменик-министерот внатрешни работи на Македонија Агим Нухиу на конференцијата потенцираше дека е “особено важно да се воспостави соодветен систем за евиденција и контрола на оружјето, кој ќе помогне во понатамошните постапки за пронаоѓање на оружјето со кое евентуално е извршено одредено кривично дело, а со тоа и самиот сторител“.

Тој ги презентираше активностите на македонската полиција во однос на проблематиката со малото и лесно оружје, и нагласи дека е неопходно интензивирање на соработката, како на регионално ниво, така и пошироко.


Мора да се најдат начини за борба против корупцијата, нема еден ефикасен модел


Љубљана, 25 октомври, 2017 - 14:12 (META) 

Ефикасно утврдување и проценка на ризикот од корупција во јавните институции е главна тема на дводневниот регионален форум што почна денеска во главниот град на Словенија, Љубљана.

Собирот е во организација на Регионалниот совет за соработка (РСС), Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), а со помош на Комисијата за спречување на корупцијата на Словенија. На собирот учествуваат претставници на министерствата за правда на владите од регионот, државните тела за спречување на корупција и претставници на невладини организации.

Раду Котики, експерт за јавна администрација и за борба пртив корупцијата при РСС, потсети на неодамна објавените резултати од истражувањето „Балкански барометар 2017“, според кои корупцијата е една од најголемите грижи на граѓаните од регионот на Балканот, бидејќи така се изјасниле дури 32 отсто од испитаниците, што е зголемување за 5 отсто во однос на претходната година.

– Не постои еден ефикасен модел кој одговора за сите средини и затоа е исклучително важно да воспоставиме форуми за меѓусебна соработка, како што е овој, да размениме искуства и да ги утврдиме начините на кои најдобро можеме да се бориме притив корупцијата – изјави Котики.

Претседателот на РАИ, Давор Дубравица, изјави дека антикорупциската иницијатива останува посветена на националните институции во регионот што се занимаваат со ова прашање и во следните две години, под капата на Регионалната програма за борба против корупцијата на Југоисточна Европа, финансирана од Австрија, а која се спроведува во соработка со Канцеларијата на Обединетите нации за борба против криминалот и корупцијата УНОДЦ.

Една од главните активности во рамките на Стратегијата „Југоисточна Европа 2020“, усвоена на самитот во Трст годинава, е воведување на јасни и транспарентни правила за пристап до јавните услуги, со што треба да се зголеми интегиртетот на јавните институции. Во тој контекст, во изминатите години во регионот се подобрени проценките за ризик од корупција и проценките на квалитетот на законските прописи што се однесуваат на корупција, соопшти РСС.


План за намалување на институционалната затвореност во Македонија и во регионот


Скопје, 11 август, 2017 - 13:30 (META) 

„Сеопфатен план за добро владеење за државните институции во Република Македонија“ е најновото издание изработено врз основа на истражувањето за степенот на отвореност на институциите во шест земји од регионот во рамки на проектот АКТИОН СЕЕ – Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

За да се измери степенот на институционалната отвореност, партнерите од АКТИОН СЕЕ, ги оценуваа институциите врз основа на: пристап до информации на официјалните веб-страници на институциите, квалитет на правната рамка за одделни прашања, други извори на информирање на јавноста, како и прашалници доделени на институциите.

Резултатите од истражувањето спроведено од октомври до крајот на декември 2016 година покажуваат дека просечната отвореност на извршната власт, вклучувајќи ги Владата, министерствата и другите извршни органи, во Македонија изнесува 36 отсто, a во регионот – 47 отсто. Македонското Собрание, пак, исполнува 59 проценти од индикаторите на отвореност, што е исто под просекот од 63 отсто отвореност на парламентите во регионот.

Судовите кај нас исполнуваат 52 проценти од индикаторите на отвореност, додека Судскиот совет е незначително подобар и исполнува 58 отсто од индикаторите на отвореност. Општините исполнуваат само 34 проценти од индексот на отвореност.

Врз основа на следењето на податоците и на наодите, се создаде сет на практични предлози за подобрување на степенот на отвореност на државните институции во Македонија, но и во Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и во Босна и Херцеговина.


Свилановиќ: Прогресот на соработката на Балканот е видлив и покрај осцилациите


Дубровник, 29 јуни, 2017 - 20:35 (META) 

Прогресот во регионалната соработка на Балканот и во Југоисточна Европа е видлив и покрај пречките и осцилациите што се создаваа повремено на националните и на политичките сцени, оцени денеска генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС), Горан Свилановиќ.

Оценката доаѓа само еден ден пред состанокот на шефовите на дипломатиите и самитот на шефовите на држави или влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа – СЕЕЦП (SEECP).

„Видлив напредок е постигнат во унапредувањето на трговијата и на инвестициските интеграции, на дефинирање на ефикасните политики за вработување, на засилување на соработката на полето на образованието, истражувањата и иновациите, на доброто владеење и на полето на соработка во областа на безбедноста“, рече Свилановиќ, зборувајќи на годишната средба на РСС во Дубровник.

Тој додаде дека иако регионалните предизвици и осцилациите на националните политички сцени понекогаш го попречуваа Регионалниот совет за соработка, она што влева надеж е напредокот кој е видлив во поглед на продлабочување на економската соработка, на силно управување и на стабилност во самиот регион.

Денеска беше поднесен неговиот годишен извештај за работата на РСС, меѓувладино оперативно тело на СЕЕЦП, кој беше одобрен од поканетите учесници на годишниот собир. Се очекува негово одобрување и усвојување и од земјите-членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кои утре и задутре на највисоко ниво ќе се состанат исто така во Дубровник.

Република Македонија е основач и полноправен член на СЕЕЦП и активно партиципира во активностите во регионот, што ги координира РСС.


Белград инсистира кај ЕУ за мирно решение на кризата во Македонија


Белград, 5 мај, 2017 - 11:23 (META) 

Јавниот дискурс кој повикува на насилство, во отсуство на суштински дијалог меѓу Белград и Приштина, и нестабилноста во Македонија претставуваат сериозна и отворена закана за мирот во Југоисточна Европа, е главната порака на неофицијалниот документ што српската министерка за европски интеграции, Јадранка Јоксимовиќ, и директорот на Канцеларијата за Косово, Марко Ѓуриќ, им го предале на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Белград.

Во документот кој бил врачен на состанокот на владата на Србија, Белград инсистира на барање избалансирано и мирно политичко решение за кризата во Македонија, како и на безусловно почитување на меѓународните норми во поглед на почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитетот на меѓународно признатите држави и „отфрлање на насилството како средство за остварување на политичките цели“.

Србија, исто така, апелира сите релевантни меѓународни актери „да ја осудат агресивната реторика која несомнено го турка регионот на Западен Балкан во нови судири и поделби“ и повикува „на итно продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите“ под покровителство на ЕУ.

Во документот се наведуваат новите примери на „неодговорни и провокативни изјави и агресивната реторика“ на албанските политички лидери во Албанија, Косово, на југот на Србија, со оценка дека станува збор за координирани потези за промовирање на идејата за „голема Албанија“.


Министрите од ЈИЕ се обврзаа на соработка околу климата и околината


Подгорица, 1 април, 2016 - 15:40 (META) 

Министрите за екологија од земјите на Југоисточна Европа (ЈИЕ) се обврзаа на заедничка соработка околу климатските промени и еколошките предизвици, како на билатерално, така и на регионално ниво.

Оваа обврска се наведува во Декларацијата за соработка наречена „Иницијатива Подгорица“, која произлезе по денешниот прв панел на оваа тема што се одржа во главниот град на Црна Гора, во организација на црногорското Министерство за одржлив развој и Регионалниот совет за соработка – РСС, интервладино тело на земјите од ЈИЕ.

Министрите се задржаа околу досегашните активности и очекуваните бенефити од нив, поаѓајќи од девизата дека најдобра економија е „зелената економија“, односно одговорно однесување кон природата и сериозен пристап кон климатските промени и последиците од нив. Во декларацијата го поддржаа регионалниот пристап кон прашањата за околината и климатските промени и побараа од новиот претседавач – Србија, овие прашања да ги адресира на јунскиот самит на Западен Балкан во Париз.

Генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ, зборувајќи на конференцијата, потсети дека ЈИЕ е ранлива на климатските промени и дека водата, енергијата, храната и критичната инфраструктура се загрозени од зголемениот интензитет на екстремни промени, какви што беа катастрофалните поплави во БиХ, Србија и Хрватска во 2014 година. Тој потсети дека еден од најважните глобални настани минатата година беше Париската конференција за клима и дека регионот мора да биде сигурен дека се спроведуваат насоките од тој собир.

Во целиот регионален процес за заштита на природата и превенција од климатските промени, како партнери се вклучени и повеќе владни и невладини агенции, меѓу кои и Агенцијата за човекова околина од Австрија, Германската агенција за меѓународна соработка и Меѓународната унија за зачувување на природата