!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Синдикатот на „Југохром“ бара нова средба со Заев


Тетово, 17 јули, 2017 - 13:23 (META) 

Синдикатот на компанијата „Југохром“ бара нова средба со премиерот Зоран Заев, бидејќи, како што велат оттаму, сè уште ништо не е реализирано од претходниот состанок помеѓу нивните претставници и Владата, што се одржа на 18 јуни оваа година.

Од синдикатот велат дека сакаат да бидат информирани од премиерот за „моменталната состојба и за неговото видување на статусот на комапнијата“, бидејќи, како што се додава во соопштението, синдикатот бил под притисок од вработените во „Југохром“, кои бараат организирање протести.

„На одржаната средба со Вас и со Кочо Анѓушев беше договорено дека Вие ќе преземете активности за одржување средба со сопственикот на компанијата и со невладините организации, за повторно да се разгледаат и да се најдат начини за фабирката да почне со работа. Бидејќи помина подолго време, а сме под силен притисок од вработените во „Југохром“ за организирање протести, бараме да одржиме средба на која би нè информирале за моменталната состојба и за вашето мислење за статусот на компанијата. Ве молиме бараната средба да биде одржана во најкраток можен рок, односно уште во текот на оваа недела“, стои во соопштението од синдикатот на „Југохром“.

Комбинатот престана со работа на 31 октомври минатата година, откако Инспекторатот за животна средина донесе одлука да се запре производствениот процес на фабриката, поради непочитувањето на рокот за изградба на филтер-станицата. Од раководството на „Југохром“ велат дека не успеале навреме да ја изградат станицата поради одолжување на постапката за добивање градежна дозвола.


На владина седница ќе се расправа за дислокацијата на тетовската депонија


Скопје, 30 јуни, 2017 - 18:00 (META) 

Се работи на решение за дислокација на депонијата во Тетово и тоа прашање наскоро ќе се најде на владина седница. Што се однесува до комбинатот „Југохром“,  прашањето ќе се решава со писмени гаранции за преземени обврски од сите засегнати страни.

Тоа премиерот Зоран Заев на денешната средба, на која биле и вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку, им го соопштил на претставници од невладината организација „Еко-герила“ од Тетово, соопшти Владата.

Заев, зборувајќи за „Југохром“, кој сега не работи поради ненавременото решавање на проблемот со загадувањето, односно непоставување филтри, рекол дека при наоѓање решение ќе се земаат земаат предвид и еколошките и егзистенцијалните потреби на граѓаните.

Досега веќе е разговарано со претставници на синдикатот на вработените во фабриката „Југохром“, како и со менаџментот.


Заев, Анѓушев и Спасовски разговарале со претставници на синдикатот на „Југохром“


Скопје, 18 јуни, 2017 - 19:36 (META) 

Премиерот Зоран Заев, вицепремиерите Кочо Анѓушев и Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и претставникот од Министерството за животна средина, Лирим Шабани, на денешната средба со претставниците на синдикатот на работници во комбинатот „Југохром“, Бајрам Амити и Светислав Спасовски, како и со генералната секретарка на СИЕР, Маре Анчева, разговарал за можноста за рестартирање на „Југохром“, кој не работи веќе осум месеци, поради што 1.200 вработени се без егзистенција.

– Решение за проблемот има, ако постои волја од сите засегнати страни. Проблемот треба да се реши институционално. Ќе направиме сè, преку активна посветеност, да помогнеме ова прашање да се реши – рекол Заев.

Претставниците на синдикатот на работници на „Југохром“ ги презентирале проблемите со кои живееле во изминатите осум месеци, откако не работи комбинатот, при што некои од порано вработените заминале од родните огништа.

Заев најави дека по денешната средба со синдикалните преставници на вработените во „Југохром“, тој и претставниците на Владата ќе се сретнат и со менаџментот на фабриката, во врска со поставувањето на еколошките филтри, како и со еколошките здруженија.


Еко-активистите имаат големо влијание врз институциите за заштита на околината


Тетово, 9 мај, 2017 - 14:41 (META) 

Активностите и дебатите за еколошките теми имаат големо влијание врз надлежните институциите во преземањето соодветни чекори за заштита на животната средина, беше истакнато на денешната панел-дискусија „Жените во заштита на животната средина“, организирана во чест на Денот на Европа.

Универзитетската професорка Беса Арифи смета дека досегашните акции на невладините организации дале плод и дел од институциите презеле превентивни мерки во областа на екологијата.

– Па, знаете дека Тетово беше еден од најзагадените градови во Македонија. Имаше повеќе герила-акции и протести од невладината органзиација „Еко-герила“, исто така и од невладината „Мајка и дете“. Од нивна страна имаше голем притисок врз властите, најголемиот загадувач „Југохром“ да не работи без филтри. „Југохром“, знаете, сега не работи и наложено му е додека не ги постави филтрите, да не ги вклучува печките. Затое ние треба да бидеме поактивни, и како жени да ги притискаме институциите да преземаат чекори во областа на заштита на животната средина, затоа што се работи за нашето здравје“, изјави Арифи.

На панел-дискусијата присуствуваа и активистки кои им порачаа на студентите и на средношколците да бидат еколошки посвесни и со разни активности да придонесуваат повеќе за заштита на животната средина.


„Југохром“: Филтер-страницата би била готова за 8 месеци ако Владата ни дозволи да работиме


Тетово, 26 април, 2017 - 16:11 (META) 

Денеска почнаа градежните активности за бетонирање на темелите на системот за отпрашување на комбинатот „Југохром“, чија изградба претставува услов поставен од Владата за овој некогашен гигант да продолжи со работа.

Активностите почнаа во присуство на раководството и на синдикатот на „Југохром“. Оттаму истакнаа дека филтер-станицата со сигурност би ја изградиле во наредните осум месеци, доколку централната власт дозволи во овој период „Југохром“ да работи.

– Ако Владата дозволи „Југохром“ да работи во наредниот период, ние со остварениот профит од работењето би ја граделе интензивно филтер-станицата, која би била целосно завршена до октомври. Наредниот месец веќе очекуваме да се градат и челичните столбови. Во овој временски период би работеле со 50 отсто од производствениот капацитет на комбинатот и би се работело во период кога воздухот не е толку загаден, со што не би влијаеле на загадувањето на животната средина. Оттука упатуваме апел до Владата, да дозволи комбинатот да работи. Со работата на „Југохром“ би се решиле социјалните и економските проблеми. Вработените би се вратиле на работа, а парите од работењето на фабриката би се инвестирале во филтер-станицата – изјави Васко Скендеровски директор на „Југохром фероалојс“.

Поради неработењето на „Југохром“, 600 поранешни вработени во комбинатот се на улица. До 1 март тие се водеа како да се на принуден одмор, но сега се без никави примања.

– Ние, како синдикат, имавме две барање. Првото беше да се продолжи со изградба на филтер-станицата. Тоа барање од раководството на „Југохром“, како што гледате, денеска се исполнува. Второто барање беше упатено до Владата, да донесе одлука фабриката да работи додека се гради филтер-станицата. Но, на второто барање не наидовме на позитивен одговор. Сè уште очекуваме разбирање од Владата, да дозволи да работи фабриката, која е сериозна во намерата за изградба на филтер станицата – изјави Бајрам Амити, претседател на синдикатот на „Југохром“.

Комбинатот престана со работа на 31 октомври минатата година, откако Инспекторатот за животна средина донесе одлука да се запре производствениот процес на фабриката, поради непочитувањето на рокот за изградба на филтер-станицата. Од раководството на „Југохром“, велат дека не успеале невреме да ја изградат станицата поради одолжување на постапката за добивање градежна дозвола.

Инаку, системот за отпрашување е наменет за речиси целосно прочистување на издувните гасови на фабриката, доколку би работела со 50 отсто од производствениот капацитет. Вкупната инвестиција за изградба на филтер-станицата изнесува 12 милиони евра.


Синдикатот на „Југохром“ бара итна средба со Димитриев


Тетово, 23 март, 2017 - 13:45 (META) 

Синдикатот на „Југохром Алзар – Јагуновце“ бара итна средба со техничкиот премиер, Емил Димитриев, поради ситуацијата со комбинатот, чии печки се исклучени поради пробивањето на рокот за изградба на пречистителна станица.

Од синдикатот реагираат на игнорирањето од страна на Владата на нивниот последен допис и бараат средбата со Димитриев да се случи најдоцна в понеделник.

Оттаму наведуваат дека за утре, синдикатот имал најавено протест пред зградата на Владата, кој самите го откажале поради сложената политичка ситуација во земјава.

– Сметаме дека имавте доволен временски простор да оформите став како влада за работењето на „Југохром Алзар Јагуновце“. Сакаме да укажеме дека ова е последно обраќање до Вас и бараме владата дефинитивно да се произнесе со став за „Југохром“. Сметаме дека оваа влада секогаш имала агенда на отворање нови работни места и развој на економијата, меѓутоа со нас – вработените во „Југохром“ се покажува спротивното – стои во дописот на синдикатот на „Југохром“ до техничкиот премиер Емил Димитриев.

Комбинатот „Југохром“ престана со работа на 31 октомври минатата година, откако инспекторатот за животна средина донесе одлука фабриката да ги згасне печките поради пробивањето на рокот за изградба на пречистителна станица.


Вработените од „Југохром“ третпат го блокираа автопатот Тетово – Скопје


Тетово, 2 март, 2017 - 13:58 (META) 

Владата да донесе одлука фабриката да работи, а менаџерскиот тим на компанијата да продолжи со изградба на филтер-станицата, побараа вработените од „Југохром“ преку денешната блокада на автопатот Тетово – Скопје кај Желино, која траеше околу два часа. Од синдикатот на „Југохром“ најавија дека утре ќе остварат средба со премиерот Емил Димитриев. Велат дека од одлуката на владата ќе зависи нивната судбина.

– Од премиерот Емил Димитриев ќе побараме владата да донесе одлука „Југохром“ да работи. Компанијата веќе нема финансии за плати и за придонеси, од вчера не ни исплатува ниту пензиско ниту здравствено осигурување. Затоа мора компанијата да работи, да има профит, па да ни плаќа плати и придонеси, а ако работи, фабриката ќе има и пари да ја продолжи изградбата на филтер-станицата – рече Светислав Спасовски од синдикатот на „Југохром“.

Комбинатот „Југохром“ не работи од ноември мината година, откако инспекторатот за животна средина донесе одлука компанијата да ги згасне печките затоа што не го испочитувала крајниот рок за изградба на филтер-станицата. Со затворањето на „Југохром“, 700 лица останаа на улица, но без работа се и надворешните соработници на фабриката, посочија од синдикатот.

– Ние сме 700 лица, но секој вработен во металургијата треба да го помоножиме со пет, значи од „Југохром“ егзиситраат неколку илјади лица – рече Бајрам Амити, престедател на синдикатот на „Југохром“.

Вработените од „Југохром“ поради нивниот нерешен статус, денеска третпат го блокираа автопатот Тетово – Скопје.


Вработените во „Југохром“ в четврток повторно ќе го блокираат патот Тетово – Скопје


Тетово, 27 февруари, 2017 - 10:53 (META) 

Синдикатот на „Југохром“ в четврток ќе организира нов протест поради, како што велат од синдикалната организација, неоправданото исклучување на печките на фабриката.

Вработените во „Југохром“ ќе го блокираат регионалниот пат Тетово – Скопје, кај наплатната рампа Желино, во двата правци, а за време на протестот ќе ги соопштат своите барања.

„Југохром“ престана со работа на 31 октомври минатата година, откако инспекторатот за животна средина донесе одлука фабриката да ги згасне печките поради пробивањето на рокот за изградба на пречистителна станица.


Вработените во „Југохром“ утре ќе го блокираат патот Скопје – Тетово


Тетово, 30 јануари, 2017 - 10:12 (META) 

Утре, од 11 до 13 часот, вработените на „Југохром“ ќе го блокираат регионалниот пат Тетово – Скопјке, кај наплатната рампа во Желино, во двата правца, поради, како што велат, неоправдано исклучување на печките од погон.

Протестот ќе го организира синдикалната организација „Југохром Алзар“, известија оттаму.


Вработените во „Југохром“ во вторник продолжуваат со блокади и со протести


Тетово, 27 јануари, 2017 - 16:06 (META) 

Вработените во „Југохром“ во вторник од 11 до 13 часот ќе го блокираат автопатот Тетово – Скопје, кај наплатната рампа Желино. Блокадата, како што велат од синдикалната организација на фабриката, е поради неоправданото исклучување на печките во комбинатот.

Од синдикатот на „Југохром“ велат дека во последните десет дена, оствариле средби со премиерот Емил Димитриев и со вицепремиерот Владимир Пешевски, кои биле конструктивни, но од властите сè уште не добиле никаков одговор во врска со статусот на вработените и на фабриката.

– Ние од власта немаме никаков одговор. Ние, вработените, до 31 јануари сме на принуден одмор, имаме некаков статус, но по 1 февруари не се знае ништо и најверојантно ќе бидеме под Заводoт за вработување, a државата ќе има нови 700 невработени лица. Затоа бараме државата да дозволи да се рестартира фабриката и од тоа нема да се откажеме. Oвие барања ќе ги изнесеме на 31 декември, на блокадата на автопатната делница Тетово – Скопје – изјави Светислав Спасовски, член на синдикатот на „Југохром“.

Југохром престана со работа на 31 октомври минатата година, откако инспекторатот за животна средина донесе одлука фабриката да ги згасне печките поради пробивањето на рокот за изградба на пречистителна станица.