!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев до ЛГБТИ-заедницата: Ве охрабрувам да бидете гласни и слободно да се изразувате


Скопје, 1 ноември, 2017 - 12:22 (META) 

Ве охрабрувам да бидете гласни, слободно да се изразувате и да дејствувате во насока на заштитата на правата на граѓаните, истакна премиерот Зоран Заев, во своето обраќање по повод одбележувањето на петгодишнината од формирањето на ЛГБТИ-Центарот во Скопје.

Осврнувајќи се на инцидентите и на нападите, кои сè уште не се расчистени и поради кои центарот ја смени својата локација и се иссели од просториите во Скопската чаршија, Заев рече дека тие времиња на беззаконие, на кршење на човековите права по која било основа се минато, затоа што „Владата поставува темели на држава која е заедничка за сите и која ќе се стреми да ги штити правата на секој, без разлика на какви било различности, припадност, уверувања и слично“.

Еден од чекорите што се преземаат во таа насока, рече Заев, е подготовката на новиот закон за спречување и заштита од дискриминација, за кој во тек е јавната расправа.

– Целта е, со овој закон да постигнеме законска усогласеност со меѓународните стандарди за човекови права. Дефинирањето поими, што се подразбира под дискриминација, ќе биде во согласност со меѓународните стандарди. Значајни промени се предвидени и во самата Комисија за заштита од дискриминација, која ќе биде професионализирана, преку транспарентен избор на членови, докажани во областа на човековите права. Знаеме дека законите не се доволни и дека тоа што е потребно е да се погрижиме сите ние, како заедница, да покажеме почитување и недискриминација по која било основа, низ давањето личен пример, во семејството, во нашето непосредно опкружување, во општеството – истакна Заев.


Охрид денеска и утре, домаќин на одбележувањето на 50-годишнината на МПЦ


Охрид, 30 септември, 2017 - 19:00 (META) 

Во Охрид, градот во кој пред половина век е прогласена автокефалноста на МПЦ, денеска и утре се одбележува црковниот јубилеј.

На  17 јули 1967 година на свечена седница во црквата „Св. Климент Охридски“ во Охрид,  Светиот архиерејски синод на МПЦ, во состав митрополитот македонски Доситеј, епископот преспанско-битолски Климент, епископот злетовско-струмички Наум, епископот дебарско-кичевски Методиј и епископот американско-канадско-австралиски Кирил, ја донел одлуката за автокефалност.

Чествувањето на овој настан почна денеска во 17 часот, со вечерна богослужба во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник. За 18.30 часот беше закажан почетокот на Духовната академија во катедралниот храм „Света Софија“, на која свое обраќање ќе има поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан. На свеченоста е поканет државно-политичкиот врв, претставници на дипломатскиот кор, МАНУ, универзитети, културни институции.

Утре, по повод празникот Собор на сите македонски светители, во катедралниот храм „Света Софија“ со почеток во 9 часот ќе се одржи света божествена литургија, со која ќе чиноначалствува поглаварот г.г. Стефан, во сослужение на останатите членови на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.


Македонија одбележува 26 години независност


Скопје, 8 септември, 2017 - 11:35 (META) 

Република Македонија денеска одбележува 26 години од референдумот на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. Убедливо мнозинство, повеќе од 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 Септември 1991 година позитивно одговорија на референдумското прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година.  Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…

Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992 година, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.

На 8 април 1993 година со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181. полноправна членка на светската организација, но поради противењето на Грција зачленувањето во ОН беше под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија.

По повод Денот на независноста, делегација предводена од претседателот на Владата, Зоран Заев, положи цвеќе на гробот на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, а делегација предводена од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, пред споменикот „Ослободители на Скопје“.

Под мотото „Заедно кон врвот“, денеска во Крушево, во организација на Министерството за одбрана и Канцеларијата за врски на НАТО, се организира искачување на Бушева Планина. Најавено е присуство на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, шефот на канцеларијата за врски на НАТО, морнаричкиот капетан Горазд Бартол, како и на амбасадорите на Обединетото Кралство и ЕУ, одбранбени аташеи во Република Македонија, припадници на МО и на АРМ и претставници на граѓански здруженија.

Во Свечената сала на Собранието, Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“ ќе врачи една награда за животно дело и четири награди за остварување во областа на спортот во 2017 година, кои се доделуваат на спортисти, тренери и на спортски работници. Годинава добитник на наградата „8 Септември“ за животно дело е Иван Кочовски, поранешен шаховски селектор и актуелен стручен соработник на Шаховската федерација на Македонија. Други добитници на наградата се каратистот Петар Белистојановски, пливачот Александар Коцевски – Џајо, ракометарот Ристо Магдинчев и кајакарот Ѓокица Николовски.

Централната прослава по повод Денот на независноста се одржа вчера пред платото на Владата на Република Македонија под слоганот „Македонија слободна, слободно живее“. Домаќин на прославата беше Владата, а на присутните им се обрати премиерот Зоран Заев.


Повеќе од милион луѓе во Истанбул на годишнината од обидот за пуч


Истанбул, 16 јули, 2017 - 13:18 (META) 

Повеќе од еден милион Турци во Истанбул синоќа беа на гигантскиот собир наречен „Епопеја на победата за демократија“, со кој беше одбележана првата годишнина од обидот за државен удар, што се случи на 15 јули лани.

Мостот над Босфор, наречен Мост на мачениците на 15 јули, кој е долг 1,5 километар, беше исполнет со луѓе, а според некои проценки, имало повеќе од еден еден милион лица. Пред една година мостот беше заземен со тенкови. Притоа  беа убиени повеќе луѓе, но тенковите беа запрени и не им беше дозволено да минат на другиот брег, што беше одлучувачки момент за неуспехот на пучот.

Точно на тоа место беше отворен меморијалот на мачениците од пучот на 15 јули, во кој загинаа 249 лица, а 2.100 беа ранети.

Синоќешниот собир почна со огромна поворка, на чие чело беа претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине. Фатени за рака, тие минаа пеш од домот до мостот, заедно со голема група луѓе, меѓу кои семејствата и блиските на жртвите на превратот.

– Овој мост пред една година беше сведок на најкрвавиот злосторнички преврат во нашата историја. Но истата таа ноќ, тој стана и сведок на победата. Како и денеска луѓето во рацете имаа единствено знамиња. Но тие имаа посилно оружје. Својата вера – рече Ердоган.

Ердоган од Истанбул замина за Анкара, каде по полноќ учествуваше на седницата на парламентот во спомен на жртвите, која почна во 2.32 минути по локално време, кога парламентот беше подложен на напад од турски „Ф-16“ за време на пучот. Опозициските пратеници го бојкотираа настанот.

Во говорот во Анкара, Ердоган изјави дека ќе го потпише законот за враќање на смртната казна доколку му биде доставен.


Во Турција се одбележува годишнина од неуспешниот пуч


Анкара, 15 јули, 2017 - 11:29 (META) 

Во Турција денеска се одбележува првата годишнина од неуспешниот обид за државен преврат. Според турските власти, организацијата ФЕТО на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, прогласена од безбедносните структури за терористичка, е одговорна за пучот извршен ноќта на 15 спроти 16 јули минатата година.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган објави вчера дека во државата ќе почне „национално демократско бдеење“ и ќе трае до полноќ на 16 јули. Закажана е седница на парламентот со специјална програма. Попладне во Истанбул ќе почне поход на национално единство на Ердоган, ветерани од превратот и роднини на загинатите. Претседателот ќе има говор и ќе биде прикажан документарен филм за 15 јули. Ќе биде отворен и споменик на жртвите од неуспешниот пуч.

Турските власти, инаку, вчера отпуштија повеќе од 7.000 полицајци, војници и јавни службеници. Декретот за отпуштање претставува дел од мерките по обидот за пуч. Турција досега суспендира повеќе од 150.000 официјални лица и уапси околу 50.000 припадници на армијата, полицијата, вработени во судството, академици и луѓе од други сектори. Во најновиот декрет меѓу отпуштените од работа се 2.303 полицајци, како и 302 вработени на универзитети во државата.


ВМРО-ДПМНЕ денеска слави 27 години од основањето на партијата


Скопје, 17 јуни, 2017 - 13:12 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска прославува 27 години од формирањето на политичката партија, како и 124 години од основањето на Внатрешно-македонската револуционерна организација.

Церемонијата ќе се одржи вечерва, со почеток во 19 часот, во Музејот на македонската револуционерна борба, под мотото „Единствени“.

Во рамки на манифестацијата на одбележување на роденденот, вчера и завчера партијата одржа две панел-дискусии: „Единствени кои носат инвестиции и отвoраат работни места“ и  „Единствени кои реализираат проекти во инфраструктурата“.


Мандолинскиот оркестар на МКЦ Скопје со концерт одбележува 35-годишен јубилеј


Скопје, 27 април, 2017 - 12:09 (META) 

Мандолинскиот оркестар на Младинскиот културен центар (МКЦ) од Скопје, под диригентската палка на Ванчо Јовчев, вечерва, во 20 часот, во салата „25 Мај“ на МКЦ, со свечен концерт ќе го одбележи својот 35-годишен јубилеј. Влезот е бесплатен.

Членовите на оркестарот од сите генерации, собрани по овој убав повод, ќе изведат дела од Бах, Огински, Брамс, Пучини, Марчело, Вагнер, Хрисиќ, Трајковски, Бранѓолица,… како и неизбежното „Македонско капричо“ од Драган Шуплевски. Солисти ќе бидат Здравко Ангелов – кларинет, Гонце Богоромова – сопран, Јане Дунимаглоски – тенор и Ана Димовска – обоа.

Мандолинскиот оркестар на Младинскиот културен центар (некогашен Дом на млади „25 Мај“) е основан во 1981 година од академскиот музичар Рамадан Шукри. Низ годините зад диригентскиот пулт застанаа и нашиот врвен диригент Сашо Татарчевски, а на една од турнеите во Португалија како гостин-диригент и Вања Николовски – Ѓумар. Во моментов со ансамблот, освојувач на врвни државни и меѓународни награди и признанија, раководи Ванчо Јовчев.

Повеќе од три децении оркестарот добиваше стоечки овации, освен од домашната, и од публиката во Португалија, Шпанија, Белгија, Полска, Чешка, Австрија, Данска, Шкотска, Унгарија, Словенија, Хрватска, Босна, Србија, Грција, Бугарија…


Заев со честитка до ЕУ: Очекуваме да се отворат вратите за Македонија


Скопје, 25 март, 2017 - 14:12 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во чест на одбележувањето на 60-годишниот јубилеј од потпишувањето на Римскиот договор, со кој се поставени основите на Европската Унија, во свое име и во име на СДСМ, денеска упати честитка до амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, и до Делегацијата на Европската комисија.

„Во оваа пригода ја нагласувам цврстата определеност на СДСМ, како политичка партија, но и како субјект што очекувам дека ќе ја предводи новата реформска влада во Македонија, за европска перспектива на Република Македонија во духот на европските вредности. Одлучни сме да воспоставиме независни државни институции, владеење на правото и правната држава, економски развој и социјална кохезија во земјата, преку развој на концептот на заедништво, наспроти концептот на поделби, како и интеграција, наместо политиките на изолација што изминатиов период ја загрозија европската иднина на Македонија“, се вели во честитката од Заев.

Тој истакна дека очекува отворање на вратите на Европа за граѓаните на Република Македонија низ заедничка соработка со ЕУ, базирана на принципиелна и демократска основа, преку реформските процеси.


Белата куќа ѝ го честиташе 60. роденден на ЕУ


Вашингтон, 25 март, 2017 - 13:07 (META) 

Белата куќа ѝ ја честиташе на Европската Унија 60-годишнината од потпишувањето на Римскиот договор и од основањето на Европската економска заедница.

Белата куќа во соопштението наведува дека двата континенти делат исти вредности и посветеност на унапредување на мирот и на безбедноста.

Во пораката на Белата куќа се забележува значителна промена во тонот на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, кој претходно изразуваше длабок скептицизам во поглед на Брисел.

„САД ѝ ја честитаат на ЕУ 60-годишнината од потпишување на Римскиот договор во 1957 година и од основањето на Европската економска заедница. Нашите два континенти делат исти вредности и пред сè иста посветеност кон унапредување на мирот и просперитетот низ слобода, демократија и владеење на правото“, стои во честитката.

Белата куќа, исто така, порача дека заедно со ЕУ ќе работи на заедничка безбедност и просперитет во наредните 60 и повеќе години.


Кралицата Елизабета слави „сафирен јубилеј“ – 65 години владеење


Лондон, 6 февруари, 2017 - 10:40 (META) 

Елизабета Втора (90), актуелна кралица на Обединетото Кралство со најдолго владеење во светот, денеска ќе прослави „сафирен јубилеј“ и на тој начин ќе стане првиот британски монарх кој обележал 65 години владеење со кралството.

По повод прославата, канцеларијата на британската кралица објави нејзин портрет од 2014 година, на кој кралицата е прикажана како носи сафирен накит, кој го добила од својот татко како подарок за венчавката во 1947 година.

Кралицата, сепак, веројатно ќе го прослави денот зад затворени врати, на својот имот во Сандрингхам во Норфолк.

По повод јубилејот, ќе бидат истрелани 41 плотун во лондонскиот Грин парк, како и 62 плотуни од Лондон тауер.

Кралицата сè поретко се појавува во јавност, а поради болест не присуствуваше ниту на божиќната ниту на новогодишната верска служба.