Град Скопје: Дадовме 3,4 милиони евра на ЈСП, но не за Панорамското тркало


Скопје, 18 август, 2017 - 13:35 (META) 

Град Скопје денеска соопшти дека на последната седница на Советот донел одлука за субвенционирање на работата на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ со 3,4 милони евра, но тврдат дека оваа сума не е за финансирање на изградата на Панорамското тркало, туку за покривање на загубите на ЈСП и помагање на други проекти.

Од Град Скопје велат дека неточни се информациите што пред два дена ги соопшти советникот од редовите на СДСМ, Драги Давчевски, дека парите ќе бидат наменети за изградбата на Панорамското тркало.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека оваа информација е неточна и дека овие средства немаат никаква врска со изградбата на овој објект. Градот Скопје секоја година на ЈСП му дава субвенции за покривање на загубите од потешкотиите во работењето и Градот Скопје никогаш не го финансирал Панорамското тркало“, стои во соопштението од Градот.

Оттаму тврдат предвидените пари за субвеници на ЈСП „Скопје“ се наменети за финансирање на имплементацијата на „двата капитални проекти“ – електронската наплата во автобусите и поставувањето на автоматската локација во сите автобуси на ЈСП.


Скопје утре ќе ги пречека ракометарите на Вардар – новиот европски ракометен шампион


Скопје, 5 јуни, 2017 - 16:51 (META) 

Градот Скопје утре на плоштадот Македонија ќе организира пречек на новите европски ракометни шампиони – ракометарите на Вардар.

Ракометарите на Вардар, како што соопштија денеска од Град Скопје, се очекува да слетаат на аеродромот „Александар Велики“ утре во 11.15 часот, од каде ќе се упатат кон плоштадот Македонија, преку булеварите Александар Македонски, Гоце Делчев, Крсте Мисирков и Кочо Рацин.

Во 13 часот се очекува екипата на Вардар да пристигне на плоштадот Македонија, преку Порта „Македонија“.

По повод освојувањето на европската клупска шампионска титула на РК Вардар, Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ организира бесплатен автобуски превоз за дочек на ракометарите на аеродромот „Александар Велики“.

На следниот линк се термините и локациите на тргнување на автобусите.


Денеска градските автобуси во Скопје по изменети траси


Скопје, 7 мај, 2017 - 10:19 (META) 

Поради одржувањето на „Скопски маратон 2017“, денеска, во периодот од 7 до 14 часот, градските автобуси во Скопје, односно тие на ЈСП „Скопје“ и на приватните превозници, ќе сообраќаат по посебни траси, кои ќе отстапуваат од вообичаените линии.

Toчниот распоред може да се види на веб-страницата на ЈСП „Скопје“.


Петиција на 7.882 граѓани за запирање на изградбата на панорамското тркало


Скопје, 11 февруари, 2017 - 14:52 (META) 

Петиција на која 7.882 граѓани се потпишале против изградбата на панорамското тркало во Скопје е поднесена до градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Петицијата, со која се бара запирање на изградбата на панорамското тркало, денеска се појави на социјалните мрежи, и ако што може да се види од документот, таа е поднесена и архивирана од службите на Град Скопје на 10 февруари, оваа година, односно вчера.

„Во име на 7.882 потписници на оваа петиција спроведена електронски во периодот од 23.12.2016 до 03.01.2017 година, Ви ја доставувам истата во знак на протест против одлуката заградење на Панорамско тркало во Скопје и барам, во името на сите загрижени граѓани да ја запрете изградбата на овој финансиски бесмислен и за градот и за жителите опасен проект“, стои во документот, потпишан од Горазд Смилевски, како подносител на петицијата до Град Скопје.

Иницијативата за собирање на потписите, како што пишува Смилевски на својот фејсбук-профил, е на Анета Георгиевска – Шајн.

Панорамското тркало треба да биде поставено на просторот меѓу зградата на „Телеком“ и новиот мост на реката Вардар што треба да се изгради помеѓу Камениот мост и мостот „Гоце Делчев“.

Тркалото го град скопски „Бетон“, чија понуда беше единствена на конкурсот што го распиша Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, надлежно за проектот и изнесува 18,2 милиони евра.

Овие пари ЈСП, како што е предвидено ќе ги обезбеди од сопствениот буџет и со донации од Владата, а изградбата ќе се финансира во повеќе буџетски години, до 2018 година.

Тркалото треба да биде готово до 2019 година.