!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Пожарот кај Кондово ставен под контрола


Скопје, 13 август, 2017 - 11:11 (META) 

Големиот пожар кој синоќа избувна во близина на селото Кондово во Општина Сарај е ставен под контрола и нема опасност по куќите во селото за кои постоеше закана да бидат зафатени од огнот, соопштија денеска од Град Скопје.

Оттаму информираат дека на терен интервенирале повеќе од 40 пожарникари, со неколку противпожарни возила, како и голем број лица и механизација од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, кои цела ноќ го гаснеле пожарот и не дозволиле огнената ситхија да ги зафати куќите во Кондово.

Екипите на скопската противпожарна бригада ќе интервенираат на терен до целосното гаснење на пожарот, додаваат од Град Скопје.


Ноќеска фрлени 180 тони сол на скопските улици и булевари


Скопје, 6 јануари, 2017 - 10:40 (META) 

Екипите на зимската служба на Град Скопје синоќа фрлиле 180 тони сол на градските улици и булевари и интервенирале на критичните точки, односно на сите мостови, клучки, надвозници, подвозници и на високите зони кон Водно, Пржино и кон Железара, информираат од Град Скопје.

Од Градот на возачите им препорачуваат да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите.

„Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување. Апелираме до граѓаните, куќните совети и до сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти“, стои во соопштението од Град Скопје.

Од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ апелираат до општините да се придржуваат до обврската за чистење на улиците кои се во нивна надлежност и за поголема ажурност заради непрекинато собирање на комуналниот смет.