Кумуцакос: Преспанскиот договор може да биде штетен за Грција


Белград, 4 октомври, 2018 - 13:11 (META) 

Одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија, Јоргос Кумуцакос оцени дека Преспанскиот договор не дава добро, конечно и интегрално решение и дека може да биде штетен за Грција.

Во интервјуто за „Политика“, Кумуцакос, вели дека Нова демократија се залага за членство на Скопје во ЕУ и НАТО, но дека не се подготвени да прифатат било какво решение.

-Преспанскиот договор има празнини и може да биде штетен за Грција, затоа што не дава добро, конечно и интегрално решение, а остава отворени и некои прашања кои можат да бидат погодно тло за национализам – вели Кумуцакос кој денеска во Белград се сретна со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ. Тој учествува на регионален собир кој го организира британски „Економист“.

Кумуцакос вели дека исходот од референдумот во Македонија е двосмислен затоа што постои големо прифаќање со мала излезност.

-Таков резултат од референдумот ја воведува соседната земја во долгорочен период на неизвесност и тешко е да се предвиди развојот на таквите случувања – додаде тој.


Коѕиас: Решението на спорот за името е во интерес на Грција


Атина, 29 мај, 2018 - 16:59 (META) 

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, по средбите во Берлин изјави дека постигнувањето договор за името со Македонија е прашање коешто е од национален интерес на Грција.

– Договор ќе биде постигнат бидејќи земјата сака да се приклучи кон ЕУ и НАТО, што ние го поддржуваме и е во наш интерес – изјави Коѕиас.

За време на прес-конференцијата тој не откри повеќе околу рамката за решението на спорот, повторувајќи го веќе кажаното дека неговата и задачата на министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, е завршена и дека во последната етапа ќе преговараат премиерите на двете земји, кога ќе се расчистат техничките и правните аспекти на договорот.

Одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, денеска изјави дека решението што ќе се постигне треба да биде добро решение, во спротивно, тие кога ќе дојдат на власт, одново ќе преговараат.

– Ако владата не постигне добро решение, бидејќи ние не веруваме во решение само за да биде решение, туку веруваме само во решение со добро решение, ако нема добро решението ние сме подготвени по изборите, како нова влада, повторно да преговараме за ова прашање – вели Кумуцакос во интервју за грчката државна телевизија „ЕРТ“, потенцирајќи дека решението треба да биде добро за земјата, а не за нив како партија.

Тој смета дека во преговорите сѐ уште постојат нерешени прашања и потенцира дека забележува разидување на позициите на премиерот и министерот за надворешни работи.


Кумуцакос: Каменос со изјавата ги поткопува обидите на владата


Атина, 23 мај, 2018 - 9:29 (META) 

Со изјавата дека нема да има решение во разговорите за името, Панос Каменос ги поткопува преговорите што се во тек, смета одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија, Јоргос Кумуцакос.

– Ако ова е изјавата на Каменос, тогаш владата има голем проблем, бидејќи додека преговорите се во тек и додека Коѕиас се наоѓа во Вашингтон и Њујорк за овие преговори, се појавува министерот за национална одбрана и во суштина ги поткопува напорите на владата. Ова е голем проблем, голем проблем што пред себе го има владата и треба да го реши – изјави Кумуцакос по конференција во Атина, коментирајќи го ставот на грчкиот министер за одбрана, извести МИА.

Во однос на името „Република Илинденска Македонија“,  што според соопштението на Нова демократија во петокот вечерта, грчката Влада го разгледуваше како предлог за евентуален договор, а 24 часа подоцна, од кабинетот на Ципрас индиректно го отфрлија. Одговарајќи на прашање на дописничката на МИА од Атина Кумуцакос уште еднаш го повторува ставот на неговата партија против ова име и вели дека ова „не е прв пат што владата е изгубена во превод“.

– Тоа се има случено повеќе пати, дали на дипломатско, дали на економско ниво. Тоа е нивни проблем и јас не можам да го толкувам. Едноставно ќе треба во следните денови да разјаснат која точно е нивната позиција. Во секој случај многу ми е тешко да разберам како грчката Влада прифати, па дури и како предмет на разговор, едно име што има тешка политичка и геополитичка одговорност,  односно наследство што е идентификувано со „македонскиот иредентизам“ и со македонската експанзија – вели Кумуцакос и додава дека „прославите на Илинден се моментите кога се отвораат карти на Голема Македонија“.


Кумуцакос: Изјавите на Димитров го покажуваат патот кон утрешниот протест


Атина, 3 февруари, 2018 - 14:36 (META) 

Пратеникот на грчката опозициска партија Нова демократија, Јоргос Кумуцакос изјави дека се неприфатливи изјавите на министерот за надворешни работи, Никола Димитров дека Скопје отфрла било какви преговори за наводна „македонска етничка припадност“, јавува дописникот на Македонската информативна агенција (МИА).

Според Кумуцакос, „таквите изјави го покажуваат патот, односно утре на плоштадот Синтагма изразувањето на националната чувствителност станува сила на преговорите“.

За утре, во Атина се најавува голем протест под мотото „Македонија е грчка“ против употребата за терминот „Македонија“ во решението за спорот за името. Според „Катимерини“, протестот наместо во центарот на Атина ќе се одржи во Пиреја, за да не создаде сообраќаен хаос во градот.


Димитров во дводневна посета на Грција


Скопје, 14 јуни, 2017 - 10:18 (META) 

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, од денеска е во дводневна официјална посета на Грција.

Како што соопштија од македонското МНР, Димитров ќе има средби со министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас, грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, а предвидена е и средба со Јоргос Кумуцакос, висок претставник на најголемата грчка опозициска партија, Нова демоктратија.

Спорот за името нема да биде дел од темите на разговорите на Димитров со грчките претставници. Главниот фокус ќе биде билатералната, регионалната и меѓународната соработка меѓу двете земји, а се очекува да се разговара и за можностите и за модалитетите за понатамошно унапредување на односите, вклучително и во рамки на процесот на мерките за градење доверба.


Нова демократија бара објаснување од грчкото МНР за радикалните изјави на Каменос за Македонија


Атина, 9 мај, 2017 - 14:01 (META) 

Грчката десничарска партија Нова демократија бара официјално објаснување од грчкото Министерство за надворешни работи околу позициите на грчката влада за Македонија и спорот за името по новите радикални изјави на министерот за одбрана, Панос Каменос.

Каменос во интервју за телевизијата „Скај“ изјави дека тој никогаш нема да прифати име во кое ќе фигурира зборот Македонија, но и дека спорот за името во моментов не е толку важен бидејќи не се знае дали државата воопшто ќе постои. Каменос, исто така, нагласи дека мнозинството граѓани во Македонија се со албанско потекло, но дека Грција во случај на судири треба да го заштити христијанското население во регионот.

Пратеникот на Нова демократија, одговорен за надворешна политика, Јоргос Кумуцакос, заедно со 18 други пратеници, остро ги критикува изјавите на Каменос и денеска преку писмо побара од грчкото МНР да ги објасни ставовите на грчката влада по овие изјави на Каменос.

Во писмото се нагласува дека грчката надворешна политика треба да се води одговорно и резервирано, особено во период кога е критична ситуацијата на Балканот и бараат да се објасни дали грчкото МНР ги поддржува ставовите на министерот за одбрана и коалициски партнер во владата на Алексис Ципрас.

„Го прашуваме министерот за надворешни работи дали се согласува со изјавите на министерот за одбрана? Дали позициите на министерот за одбрана за создавање „христијанси блок“ е официјална позиција на МНР? Која е официјалната позиција на државата во однос на името на БЈРМ – таа што ја има МНР или таа од изјавата на министерот за одбрана? Дали изјавите на министерот за одбрана се основата врз која се гради балканската политика на Грција“, се вели во писмото на Кумуцакос и на другите 18 пратеници на Нова демократија.

Каменос, кој е од десничарската Независни Грци, од самиот почеток има дијаметрално спротивни позиции од Сириза во однос на спорот за името и тврди дека нема да дозволи и да прифати користење на терминот Македонија.


Грција внимателна во реакциите за турскиот референдум


Атина, 18 април, 2017 - 11:48 (META) 

Грција е резервирана во реакциите од исходот на референдумот во Турција. Грчката влада не излезе со официјална реакција, но извори од владиниот кабинет во изјава за грчката информативна агенција АПЕ испратија порака за поддршка на демократијата и на стабилноста на државата.

„Ќе се почитуваат одлуките на турскиот народ за иднината. Ние ги поддржуваме стабилноста и демократијата. Сакаме да видиме една Турција што ќе придонесе за дијалогот и за нашата соработка врз основа на заемно почитување“, велат владини извори за АПЕ.

Референдумот во Турција се следеше со големо внимание во Грција, каде последниот период има затегнување во врските со Турција поради одлуката да не се вратат во матичната земја избеганите турски војници по пучот против претседателот Реџеп Таип Ердоган, како и поради зачестените грчки и турски воени вежби околу островите.

Во Грција постои постојана загриженост дали Турција ќе остане доследна на договорот за контролирање на бегалците, кои доаѓаат кон грчките острови.

Грчките партии во целост беа внимателни во реакциите. Европратеникот на СИРИЗА, Димитрис Пападимулис, на „Твитер“ забележа дека референдумот покажува една длабоко поделена Турција, како и дека победата не е доволна за Ердоган да стане „султан“.

Одговорниот за надворешна политика на опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, истакна дека е потребна Турција која ќе придонесе за стабилноста и за мирот во регионот, без политички тензии и провокации кои не водат кон ништо.

„Турција оди кон сериозна уставна промена. Отсега работите ќе се судат поради маргиналниот резултат, од мудроста која ќе ја покажат политичкото лидерство и турскиот народ. Ние во Грција се надеваме на пријателски врски и на соработка“, истакна Кумуцакос.

Лидерот на ПАСОК, Фофи Генимата, истакна дека се надева дека Ердоган ќе престане со провокациите и ќе ја раководи државата со почит кон меѓународните договори, додавајќи дека Грција сака деморкатија и стабилност во Турција, како и одржување на добрососедските односи.


Бакојани бара Коѕиас да објасни која е црвената линија на грчката влада за името


Атина, 25 мај, 2016 - 13:10 (META) 

Екс шефицата на грчката дипломатија и пратеник на Нова демократија, Дора Бакојани бара објаснување од грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас за грчките позиции околу спорот за името со Македонија.

Барањето доаѓа по кавгата во неделата меѓу Бакојани и министерот за одбрана Панос Каменос, кој тврди дека грчката национална позиција за името е поставена во 90-те и не дозволува во името на нашата држава да стои терминот „Македонија“.

Бакојани заедно со Јоргос Кумуцакос и пратеникот Јанис Кефалојанис прашуваат, која е точно позицијата на владата и грчкото министерство за надворешни работи, бидејќи ставот на Каменос кој е владин партнер е спротивен од грчката позиција договорена во 2008 година, за сложено име со географска одредница ерга омнес.

– Министерот за одбрана Каменос јасно посочи дека националната линија, формирана на Советот на политички лидери во април 1993 не е сменета. Вие, пак, на повеќа наврати имате изјавено дека Грција има направено чекори кон заеднички прифатливо сложено име со географска одредница за севкупна употреба – пишува во писмото на Бакојани, Кумуцакос и Кефалојанис до Коѕиас.

Пратениците на Нова демократија коментираат дека покрај изјавата на Каменос збунувачки за нив е што членови, пратеници и министри на СИРИЗА повремено изјавуваат дека немаат против Македонија да го задржи и своето уставно име.

– Која е позицијата на владата и на Министерството за надворешни работи во врска со спорот за името за Скопје – прашуваат тројцата пратеници, барајќи Коѕиас да расчисти кој точно е ставот на владата на СИРИЗА и Независни Грци околу ова прашање.

Од самиот старт на почетокот на коалицијата СИРИЗА-Независни Грци е познато дека двете партии имаат целосно спротивни ставови по ова прашање и јавно се воздржуваат од коментари за меѓусебните позиции.

Во неделата за време на парламентарната расправа за грчките мерки за штедење Каменос и Бакојани имаа жестока расправија околу името.

Каменос инсистираше дека грчката позиција е да не се дозволи користење на името Македонија за нашата држава во преговорите, додека пак Бакојани школски му објасни дека пред НАТО самитот во 2008 мнозинството грчки партии ја прифатија новата позиција за сложено име ерга омнес.

Премиерот Ципрас кој беше присутен во Собранието се воздржа од коментари на темата.