!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Анкета: 91 процент од Бугарите сметаат дека македонскиот јазик е ист со бугарскиот


Софија, 20 ноември, 2017 - 11:13 (META) 

Бугарите имаат позитивни ставови кон Македонија, а 51 отсто од нив сметаат дека Македонците се слични или исти со Бугарите, покажа последното истражување на бугарскиот Институт за политика, посветено на односите меѓу Бугарија и Македонија.

Како што пренесува бугарскиот портал „Днес“, на прашањето дали постои македонска нација, различна од бугарската, 72 отсто од испитаниците одговориле дека македонскиот народ бил основан во 20 век и е близок на бугарскиот.

Вкупно 64 отсто од анкетираните ја признаваат вредноста на заедничката историја, а 27 од испитаниците сметаат дека покрај тоа, историјата нема никаква врска со модерното време.

Во однос на јазикот, 91 процент од Бугарите тврдат дека јазикот што го зборуваме е ист или заеднички, а само 8 отсто сметаат дека бугарскиот и македонскиот јазик се различни јазици.

На прашање дали Бугарија треба да го поддржи влезот на Македонија во ЕУ, 87 отсто се изјасниле позитивно, а 80 отсто од испитаниците сметаат дека Бугарија е мост за Македонија на патот кон членството во ЕУ. Во истражувањето се наведува дека 87 отсто од испитаници стекнале нови знаења и го подобриле ставот кон Македонија во август годинава, по потпишувањето на Договорот за добрососедство.

Вкупно 85 отсто од испитаните Бугари сметаат дека минатото создало вештачка дистанца меѓу граѓаните на двете земји и дека двете земји и нивните граѓани имаат заедничка историја или периоди од нив. Анализата покажува дека 43 отсто од Бугарите го признаваат правото на Македонија да го идентификува својот јазик самостојно.


Мемеди: Имплементацијата на точките од декларацијата оди добро


Скопје, 19 јули, 2017 - 16:49 (META) 

Донесување на законот за албански јазик, имплементација на точките од декларацијата на Албанците, разговорите што Македонија ги има со Грција, најавениот договор за добрососедство со Бугарија, биле темите на кои денеска било разговарано на средбата на албанските политички партии во Собранието.

Иницијаторот на средбата за разгледување на точките од декларацијата помеѓу албанските партии, Весел Мемеди од НДП, денеска порача дека нема да дозволат во ниту еден момент некој да ги сатанизира средбите и договорот што го направија албанските партии.

– Потребата за донесување на законот за албанскиот јазик е усогласена. Паралелно сите овие работи ќе одат на Венецијанската комисија и ќе бидат на дневен ред во Собранието. Очекуваме Венецијанската комисија многу бргу да донесе правен совет за законот за албанскиот јазик – изјави Мемеди.

Тој оцени дека динамиката на имплементацијата на точките од Декларацијата на Албанците од страна на Владата оди добро и дека сите точки ќе бидат прифатени од Собранието.

Според него, решавањето на спорот за името со Грција треба да почне што поскоро за Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО и преговорите да течат паралелно. Тој информираше дека сите партии од албанскиот блок, го поддржале потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија.

Средбата помеѓу албанските партии повторно ја бојкотираше Движењето Беса.


Курц смета дека треба да се затворат градинките за деца муслимани во Виена


Виена, 22 јуни, 2017 - 12:08 (META) 

Министерот за надворешни работи и шеф на Народна партија на Австрија (ОВП), Себастијан Курц, смета дека треба да се затворат градинките за деца муслимани во Виена кои ги посетуваат 10.000 деца, пишуваат австриските медиуми.

Тој додал дека таквите градинки, јазично и културно се целосно одвоени од мнозинството во општеството.

Според него, клучот е во успешна интеграција и во знаење германски јазик. Тој се залага за воведување задолжителна посета на градинки во Австрија, за да се спречи децата кога ќе почнат на училиште да не знаат германски јазик.


Борисов кажа сè, само „македонски јазик“ не


Софија, 20 јуни, 2017 - 15:49 (META) 

Запрашан на денешната прес-конференција со неговиот македонски колега Зоран Заев на каков јазик ќе се потпише договорот за добрососедство, бугарскиот премиер Бојко Борисов даде одговор дека тој мора да биде составен „на јазикот што е наведен во Уставот“ на Македонија.

– Детали што, всушност, се важни, но не за денес, туку за евентуално следното поколение. Истовремено, ние како држава први ја признавме Македонија. Во Уставот на Македонија е кажано каков јазик има таа држава. Соодветно на договорот, таа треба да потпише на јазикот што е наведен во Уставот, а во спротивно ќе го нарушите Уставот – рече бугарскиот премиер, пренесува бугарската агенција „Фокус“.

До потпишување на договорот, сепак, вели Борисов, ќе дојде откако министрите за надворешни работи на двете земји ќе стигнат до последната верзија и тогаш ќе се донесе одлука.

– Јас сум многу добронамерен човек и вистински ве сакам како луѓе. Немаме поблизок народ. Кога историчарите ќе предложат термини за да го затвориме овој договор, тоа ќе биде огромен успех и чекор напред. Ќе дадеме добар пример на Балканот и ќе отвориме пат на Македонија по патот кон НАТО и кон ЕУ. Затоа сакаме да го направиме тоа. Ако се поведеме само по националистички чувства, ништо добро не нè чека – вели Борисов.


Данев: Собранието ќе биде трето во регионот каде седниците ќе се водат и на албански јазик


Скопје, 6 мај, 2017 - 15:14 (META) 

„Талат Џафери најави дека ќе го официјализира албанскиот јазик на целата територија, а Собранието на Република Македонија ќе биде третиот парламент во регионот каде што седниците ќе се водат на албански јазик“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, на прес-конференција.

Тој додаде дека Зоран Заев го навредувал и го понижувал сопствениот народ само за да се обиде да го избере Талат Џафери за нелегален претседател на Собранието.

„Охридскиот рамковен договор предвидува пратениците да може да се обраќаат на својот мајчин јазик, доколку истиот го говорат повеќе од 20 проценти од населението, бидејќи тоа е индивидуално право. Но, кога се води седница, тоа е чин од позиција претседател на Собрание и во име на институцијата што ја претставува и затоа единствен службен јазик и официјален јазик на целата територија е македонскиот“, додаде Данев.


Германија почнува со тестирање на софтвер за препознавање на говорот на мигрантите


Берлин, 18 март, 2017 - 11:39 (META) 

Германските власти почнуваат со тестирање на нов софтвер за препознавање на говор, со кој може да се одреди од која земја доаѓаат мигрантите кои немаат документи, јавуваат светските агенции, повикувајќи се на соопштение на властите во Берлин.

Од заводот за бегалци и мигранти на Германија соопштиле дека новиот автоматизиран систем треба да почне да работи во рок од две недели, но, дека нема да подготвен за официјална употреба уште најмалку една година.

Целта на софтверот е да ги открие мигрантите кои зборуваат на арапски јазик и доаѓаат од Сирија, а немаат документи тоа да го докажат и на тој начин да ги зголеми нивните шанси за добивање на азил во Германија.

Лингвистите, како што пренесуваат агенциите, се скептични околу ефикасноста на новиот систем и наведуваат дека е невозможно софтверот да биде целосно прецизен, бидејќи јазикот и говорот постојано се менуваат.

Новиот софтвер треба да се користи во рамките на технологијата за утврдување на индентитет, кој е веќе во употреба, соопштиле германските власти.


ВМРО-ДПМНЕ: Ќе го поддржиме Заев, ако се откаже од редифинирање на државата


Скопје, 26 февруари, 2017 - 23:46 (META) 

„Време е за искреност. Време е СДСМ да покаже дали е за унитарна и единствена Македонија или е за Македонија скроена по платформата од Тирана. Време е СДСМ да покаже на дело дали љубовта кон татковината е поголема од желбата за власт по секоја цена“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека „доколку СДСМ одлучи да се откаже од платформата од Тирана и ги отфрли непринципиелните уцени за редефинирање на државата, тогаш ќе ја добие поддршката на ВМРО-ДПМНЕ“.

– Граѓаните не гласаа за официјализирање на албанскиот јазик, за менување на банкнотите, за претворање на Македонија во бинационална држава, за нејзина кантонизација или федерализација. Прифаќањето на плановите за редефинирање на Македонија се очајнички обид на Зоран Заев да ја изигра волјата на народот и да дојде на власт без да победи на избори – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата потсетуваат дека „во 2004 година беше донесен Законот за територијална поделба само да се дограбат до некој глас повеќе кој би им ја донел функцијата претседател“.

– Последиците ги гледаме и 13 години подоцна. Државните и национални интереси секогаш ни биле и ќе ни бидат пред сè. Затоа сме подготвени да ја поддржиме желбата на Заев да формира влада, под услов да се откаже од агендата за разнебитување на државата – велат од ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Законот за јазици на СДСМ ќе предизвика долгорочна нестабилност


Скопје, 25 февруари, 2017 - 10:18 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ целосно се спротивставува на обидите да се игнорира и да се изигра волјата на мнозинството Македонци, но и волјата на припадниците на другите етнички заедници кои својот глас го дадоа за Коалицијата за подобра Македонија, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека „реализацијата на платформата од Тирана и обидите преку наметнувањето на албанскиот јазик како официјален, претставува редефинирање на Македонија и оди спротивно на мултиетничкиот карактер на државата, ставајќи ги припадниците на другите етнички заедници во подредена позиција.“

– Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, анализирајќи ја актуелната политичка состојба, заклучи дека неповратно е погазено правилото на коалицирање на победничките партии во македонскиот и албанскиот блок, без разлика дали ДУИ ќе одлучи да коалицира со СДСМ или само ќе даде поддршка за формирање малцинска влада на СДСМ без учество на ДУИ во идната извршна власт. Дел од членовите на предлог-законот за јазици на кој се согласил СДСМ, а беа обелоденети во медиумите, се целосно неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ и исклучително опасни и штетни по државните и националните интереси. Ваквите предлози и отстапки на СДСМ може да предизвикаат долгорочна штета и носат огромен потенцијал за да предизвикаат тензии и нестабилност на подолг период. Истовремено, голем дел од решенијата кои беа обелоденети со ништо нема да им помогнат за подобар живот на Албанците во Македонија – се додава во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „одговорноста за ваквата ситуација е целосно на товар на СДСМ, кој не ја доби поддршката од граѓаните на предвремените парламентарни избори и се обидува на срамен начин, преку тргување со државните и национални интереси да обезбеди поддршка за формирање влада.“

– Извршниот комитет заклучи дека партијата и избраните пратеници ќе се спротивстават на донесувањето на ваков катастрофален закон и ќе преземат соодветни мерки за да ја заштитат волјата на мнозинството – велат од партијата.


Распределбата на судиите е „државен удар на ранетиот ѕвер“, смета Арифи


Скопје, 22 февруари, 2017 - 10:35 (META) 

Најопасна од сите видови власт е власта во заминување, вели Беса Арифи, вонреден професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, во колумна со наслов „Државниот удар на ранетиот ѕвер“ за „Нова ТВ“.

За Арифи не постои друг начин на толкување на чистката што в.д. претседателката на Основен суд Скопје 1 ја направи преку последната прераспределба на судиите во овој суд. Таков напад врз најважните органи на правосудството на една земја не е само обичен државен удар ниту, пак, е само обид да се задржи што е можно подолго ослабената власт, туку е негирање на целосното постоење на една земја како демократска држава, смета Арифи.

Според неа, ова е обид да му се затворат сите порти на правдата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и целосно да се оневозможи кое било негово обвинение или истрага да дочека обелоденување преку фер и непристрасно судење.

– Додека потенцијалните коалициони партнери на идната влада си разменуваат мислења и забелешки околу закон, кој, впрочем, се знае како и каде се подготвува во нормални земји и во нормални демократии, во околината се случуваат загрижувачки работи. Пратеник од новото не докрај конституирано Собрание станува цел на физички напад, блиски роднини на други поранешни пратеници или функционери ненадејно стануваат осомничени за тешки дела, трговците, еснафот и граѓаните на „одметнатите“ градоначалници стануваат таргет на сè поинтензивните претстави на покажување моќ и сила и на праќање пораки да бидат претпазливи со кого „се закачуваат“ и што може да ги снајде – пишува Арифи и заклучува дека „времето чини многу“, а дека секој миг што нè држи далеку од долго очекуваната слобода е директно вложување во понатамошното траење на ропството, кое „не може да се оправда на ниту еден јазик“.


Китани: Македонското малцинство во албанските институции е малку застапено


Охрид, 11 јануари, 2016 - 9:47 (META) 

Македонци можеме да сретнеме речиси во сите државни институции во Албанија, но, за жал, не како преставници од партија на Македонците, туку како преставници на поголемите албански политички патрии. Затоа и преставниците на македонското малцинство во државните институци, за жал, можат да се избројат на прсти.

Ова, во интервју за електронскиот весник на македонски јазик „Илинден“, го вели Нико Китани, преставник на македонското малцинство во Државниот комитет на малцинства во Албанија.

– Од 1991 година, кога Албанија стана демокраска држава, па сè до денес, очекувавме дека и Македонците од Голо Брдо, Гора како и во градовите низ Албанија, каде што живеат Македонци, ќе бидаат признаени и ќе им биде овозможена настава на македонски јазик, во согласност со меѓународните конвенции. За жал, македонско малцинство од страна на албанската држава е признаено само во областа на Преспа, која остана единствената македонска општина во согласност со најновата територијалната поделба на Албанија. Освен во областа Преспа, се признава и во село Врбник, во областа Девол – додава Китани.

Како посебен проблем со кој се соочува македонското малцинство, Китани го наведува недостигот од изучување на мајчиниот јазик во Голо Брдо и во Гора. Македонскиот јазик се изучува еднинствено во училиштата во целата област на општината Пустец.