Анализа: Полицијата и образованието најнетранспарентни при јавните набавки


Скопје, 15 февруари, 2019 - 10:35 (META) 

Центарот за граѓански комуникации го објави најновото годишно рангирање на министерствата, секретаријатите и Собранието според транспарентностa, отчетностa и интегритетoт во јавните набавки.

Според истражувањето, најдобро рангирани се оние институции што трошат најмалку пари, и обратно.

Најслабо рангирани се Министерството за образование и наука и Министерството за внатрешни работи, со исполнување на само 37 проценти од утврдените критериуми, додека најдобро рангирани се Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор и Секретаријатот за европски прашања, кои исполнуваат 71 проценти проценти од критериумите.

Шесте највисоко рангирани институции, со процентуална исполнетост меѓу 61-71 проценти, всушност трошат најмал дел од парите за јавни набавки, односно 15 проценти од вкупните средства што ги потрошиле опфатените институции. Спротивно на ова, двете институции со најниска процентуална исполнетост, меѓу 31-37 проценти, трошат дури 39 проценти од вкупните средства за јавни набавки. Од нив, најниско рангираната институција – Министерството за образование и наука, има и најголем обем на набавки“, се вели во истражувањето.

Ниту една институција не ги исполнила сите или барем доминантен дел од утврдените критериуми за транспарентност, отчетност и интегритет во сите фази од циклусот на јавните набавки, односно од утврдувањето на потребите за набавките, преку планирањето и спроведувањето на тендерите, сѐ до реализацијата на договорите. 

„Сите анализирани институции се наоѓаат во трите средни нивоа на рангирање. Ниту една институција не е рангирана во најдоброто, „високо“ ниво на транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки, ниту пак во најслабото, „оскудно“ ниво. Најмногу институции се рангирани во „ограниченото“ ниво, со исполнување на критериумите меѓу 40 и 60 проценти. Имајќи предвид дека станува збор за рангирање врз основа на 31 критериум утврдени од обврските кои произлегуваат од Законот за јавните набавки, од обврските кои произлегуваат од Акцискиот план на Отвореното владино партнерство 2016-2018 година и од обврските кои ги наметнува добрата практика, произлегува дека „институциите во Македонија не вложуваат доволно напори за да гарантираат ефикасно, наменско и рационално трошење на јавните пари“, се вели во истражувањето.


Во новиот закон за јавни набавки, исклучоци само за одбраната и безбедноста


Скопје, 28 јануари, 2019 - 15:30 (META) 

Осум исклучоци во кои законот нема да се применува за јавни набавки во одбраната и безбедноста се предвидени во новиот закон за јавни набавки, кој е на дневен ред на денешната, 81-ва, седница на Собранието. Во новиот текст се опфатени само исклучоците, затоа што до крајот на март треба да биде завршен нацртот на сосема нов закон за јавни набавки од областа на одбраната и безбедноста, што го подготвува Министерството за финансии.

Оваа материја досега беше опфатена со два члена од досегашниот закон, кој предвидуваше широки дискрециски права во овие јавни набавки.

Целта на двата нови закони е да се усогласи македонското со правото на Европската Унија во делот на јавните набавки, и во набавките за потребите на одбраната и безбедноста.

Во текстот на предлог-законот за јавни набавки членот 19 предвидува одредбите од законот да се применуваат за „ постапките за јавни набавки на стоки, услуги или работи во областа на одбраната и безбедноста, освен за јавните набавки на стоки, услуги и работи кои се уредени со законот за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста“.

Исклучоци се набавките кои се вршат во друга земја и кога АРМ треба да купува во мисија или на вежба во странство, ако државата од друга влада купува безбедносно-осетлива опрема или услуги и опрема и услуги за посебни воени цели, или ако набавките се наменети за разузнавачки и контраразузнавачки дејствија.

Понатаму, исклучоци од општиот закон се и набавките преку кои би можеле да се откријат информации чие објавување може да ја загрози безбедноста, и набавки кои се спроведуваат според поинакви правила, утврдени со меѓународен договор или билатерална спогодба.

Законот предвидува комбинираните набавки, кои вклучуваат и аспекти од одбраната и безбедноста, да можат да се поделат или за нив да се примени законот за јавни набавки од областа на одбраната и безбедноста.


Навалица од новогодишни државни тендери околу 31 декември


Скопје, 29 декември, 2018 - 8:20 (META) 

Министерства, агенции, здравствени установи, државни претпријатија и други буџетари очекуваат понуди по распишаните огласи за јавни набавки и на 31 декември, последниот ден од годината.

Забележително е дека станува збор за јавни набавки за кои огласите се распишани во последните десетина дена од декември, а за краен рок за доставување на понудите е определен последниот ден од 2018 година.

Така, неколку часа пред дочекот на Новата година во Министерство за одбрана – сектор за логистика очекуваат да пристигнат понудите по распишаниот тендер за набавка на софтвер за дигитална форензика. Огласот за набавката бил распишан на 24.12.2018, а за краен рок е определен 31.12.2018 во 10.30 часот.

Во Агенцијата за администрација на на 31.12.2018 година во 10 часот ќе ги очекуваат понудите по огласот за набавка на одржување на системот за снимање на полагањето и емитувањето во живо, кој бил распишан на 26.12.2018.

Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор понудите за набавка на услуга перење, полирање и хемиско чистење на возила по огласот распишан на 24.12.2018 ќе ги очекуваат на 31.12.2018 во 11.00 часот.

АД Електрани на Македонија – Скопје очекува понуди по огласот за набавка на електричен алат на 31.12.2018 во 09 часот, а по оглас кој бил распишан на 26 декември.

Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за дигестивна хиругија на 25 декември распишала оглас за набавка на услуга – изработка дизајн, лого, хостирање и одржување на веб-платформата за потребите на Клиника за дигестивна хирургија Скопје, а понудите ќе ги очекува на 31 декември во 10.30 часот.

ЈП Водовод и канализација – Скопје по огласот за одржување на клима уреди со вградување на резервни делови распишан на 20.12.2018 понудите ќе ги очекува на 31.12.2018 во 09 часот.

Општина Карпош, пак, распишала оглас за осигурување на имот и опрема за потребите на општината на 20.12.2018, а понудите ќе ги очекува на 31.12.2018 во 09 часот.


Тевдовски: Значаен прогрес во реформата на јавните финансии


Скопје, 20 декември, 2018 - 12:31 (META) 

Направен е значаен прогрес во реформата на јавните финансии. Законските решенија предвидени со Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии (ПФМ) се или подготвени или во финална фаза на подготовка, додека истовремено се работи на оперативата и јакнење на капацитетите на институциите.

Ова беше истакнато денеска на третиот ПФМ дијалог кој се одржа во Министерство за финансии, на кој присуствуваа министерот за финансии Драган Тевдовски, амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевески, претставници од институциите, од невладиниот сектор и експертската јавност.

-Во 2018 година бевме фокусирани на подобрување на легислативата во повеќе клучни области, како планирање и буџетирање, јавни набавки јавна внатрешна финансиска контрола, управување со јавен долг и финансиска контрола во јавниот сектор – рече министерот за финансии Тевдовски.

Министерот посочи дека за новиот Закон за буџети има подготвено работна верзија и дека во текот на следната година истиот ќе се најде во собраниска процедура. Со тоа ќе се направат значајни измени во носењето на буџетот, односно ќе се воведе среднорочно буџетирање.

Тој посочи и дека во тек е подготовката на новиот Закон за јавна внатрешна финансиска контрола, кој исто така се очекува да влезе во собраниска процедура следната година. Новите закони за јавни набавки и јавен долг се веќе подготвени. Првиот е веќе во собраниска процедура, додека вториот закон е објавен на ЕНЕР. Министерот Тевдовски истакна дека како дел од сеопфатната реформа на јавните финансии се и континуираните мерки за зголемување на транспарентноста.

-Направена е веб-платформа за „Граѓански буџет“ на која беа поставени ребалансот на буџетот за 2018 и предлог-буџетот за 2019 година. Исто така во процес е и креирањето на платформата „Open finance” со која јавноста ќе има увид во исплатите од Трезорот во реално време – рече Тевдовски.

Амбасадорот на ЕУ во земјава Самуел Жбогар истакна дека спроведувањето на Програмата за управување со јавните финансии е од исклучително значење. Тој посочи дека има напредок, особено во делот на фискалната транспарентност.

ПФМ е прва сеопфатна програма за реформи во јавните финансии.  Таа има за цел да го зајакне системот на јавни финансии и да ја подобри ефикасноста и ефективноста на јавните трошења. Оваа Програма е подготвена врз основа на интензивна соработка на релевантните национални институции, со поддршка од Делегацијата на ЕУ и експертска помош од СИГМА, при што земени се предвид препораките од извештаи за оценка на состојбите во областа на управување со јавни финансии: PEFA, WB PFM Review, SIGMA Baseline Assessment.


„Црвени знаменца“ ќе алармираат за ризик од корупција на системот за јавни набавки


Скопје, 12 декември, 2018 - 14:10 (META) 

Реформата на системот на јавни набавки е еден од главните приоритети, јавните набавки се една од клучните алатки во економските политики на една Влада и веројатно се највидливиот сигнал за доброто управување со јавните финансии, рече денеска министерот за финансии Драган Тевдовски на прес-конференција по повод завршување на проектот за „Зајакнување на праксата на јавни набавки“ имплементиран од Бирото за јавни набавки (БЈН) и Светска банка (СБ).

Сигнализирање ризик од корупција, надградба на електронскиот систем за јавни набавки и јакнење на капацитетот на Бирото за јавни набавки, се трите успешно имплементирани активности преку заедничкиот проект на БЈН и Светска банка.

– Новата управна контрола што ќе ја врши Бирото за јавни набавки во голема мера ќе се потпира на системот за проценка на ризик кој директно произлегува од главната активност на проектот за генерирање индикатори на успешност и ризици, кои во праксата се познати како „црвени знаменца“. Исто така, се имплементираа модули за електронска жалба и електронска архива кои се предвидени како решенија во новиот закон и кои треба значително да ја олеснат неговата примена во овие сегменти што покажуваа одредени слабости во досегашната практика – истакна Тевдовски.

Според податоците, во Македонија минатата година вредноста на склучените договори изнесувала 38,2 милијарди денари, што е 6,2 процента од БДП. Во светски рамки, на пример во ЕУ, јавните набавки се еднакви на БДП на Франција, или приближно еднакви на светската продажба на автомобили. Ова е само уште една потврда за важноста на јавните набавки за една економија.

Директорот на Канцеларијата на Светска банка во Макeдонија, Марко Мантованели, оцени дека „црвени знаменца“ ќе го поддржат следењето на системот и ќе алармираат во текот на обработката, што ќе придонесе за зголемување на транспарентноста.

– Програмата не беше огромна, но беше насочена кон клучните функционалности и го пренесе системот за електронски јавни набавки на наредното ниво – рече Мантованели и изрази отвореност за натамошна соработка во исполнување на оваа агенда.

Директорот за јавни набавки, Бардул Насуфи, објаснувајќи ги бенефитите од имплементацијата на проектот, рече дека сега сите проекти финансирани од меѓународни организации можат да се објавуваат на Електронскиот систем.

– Ова претставува одлична можност без дополнителни трошоци да се публикуваат тендерите онаму каде што е најкорисно и каде што секоја заинтересирана фирма ќе ја види можноста што ја има за учество. Се олесни и регистрацијата на странските економски оператори на Електронскиот систем. Имплементиравме плаќање на надоместокот со кредитна картичка, што  ја прави регистрацијата брза и поевтина бидејќи банкарските трошоци се далеку пониски – појасни Насуфи.

Проектот за „Зајакнување на праксата на јавни набавки“ е финансиран од Фондот за грант средства за зајакнување на финансиската отчетност, со кој управува Светска банка. Главен финансиер на проектот е Европската комисија. Неговата цел е да се подобри управувањето со јавните финансии во регионот на Европа и Централна Азија.


Општините лани склучиле договори за јавни набавки во вредност од 80 милиони евра


Скопје, 18 јули, 2018 - 11:05 (META) 

Вкупната вредност на јавните набавки на општините во Македонија лани изнесувалa 80 милиони евра, а биле реализирани 2.737 јавни набавки, покажува базата на податоци со сите набавки на општините во 2017 година, изработена од Центарот за граѓански комуникации. Трошоците за јавни набавки по жител изнесуваат 2.401 денари.

Општина која склучила најмногу јавни набавки е Град Скопје со 153, а најмалку Градско со три набавки.

Вкупната вредност на јавните набавки на Град Скопје изнесува околу 10 милиони евра и тие учествуваат со 8,58 проценти удел во општинскиот буџет. Трошоците за јавни набавки по жител во Скопје чинеле 1.179 денари.

На оваа листа, „Пуцко петрол“ е компанија со склучени највредни договори за јавни набавки во вредност од 2,9 милиони евра, на второ место е „Бауер БГ“, со 2,3 милиони евра и на трето „НБ Цомпани“ од Тетово во вредност од 2 милиони евра.

„Пуцко петрол“ е и на листата на фирми со најмногу договори за јавни набавки, 29. На оваа листа, прва е компанијата „Макпетрол“ со склучени 39 договори и „Рики јуниор“ со склучени 35 договори.

„Во 2017 година општините потрошиле за јавни набавки 80 милиони евра, што е за 44 проценти помалку од претходната година. Базата содржи податоци за општинските тендери за последните три години.  Базата на податоци за јавните набавки открива голем јаз помеѓу вредноста на набавките на општините. Само десет општини потрошиле за јавни набавки половина од парите што ги трошат сите општини заедно, односно околу 42 милиони евра. И кај фирмите е забележана истата концентрација. Првите десет фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки заедно учествуваат со 22 проценти во вкупната вредност на набавките на општините“, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Базата овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, како и графички прегледи на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно.


ЦГК: Загрижувачки бројки кај тендерите на локално ниво на крајот на минатиот мандат


Скопје, 26 јуни, 2018 - 12:06 (META) 

Во периодот април – септември 2017, постапките за јавни набавки спроведени од институциите на локално ниво се одликуваат со загрижувачки параметри, соопшти Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), изнесувајќи ги резултатите од својот нов извештај.

Според ЦГК, и во периодот на набљудување продолжила тенденцијата да се јавуваат помалку од три понудувачи на локалните тендери, што е минимумот за задоволување на принципот на конкурентност. Просекот е 2,8 понудувачи.

Исто така, во однос на претходно, зголемен е процентот на тендери со една или ниту една понуда, односно такви биле 40% од тендерите во периодот април – септември 2017. Тоа е највисокото ниво на такви тендери во последните три години, велат од ЦГК.

Забележан е уште еден пораст, односно 20 отсто од вкупниот број постапки биле поништени, што е највисоко ниво на понишувања во последните пет години. Исто така, во половина од случаите, тендерите биле поништени оти немало ниедна понуда.

Од Центарот за граѓански комуникации алармираат на фактот дека електронска аукција се одржала само во 58 отсто од случаите.


Владата ги повика граѓанските организации внимателно да ги следат сите јавни набавки


Скопје, 20 јуни, 2018 - 11:00 (META) 

Ги повикуваме сите граѓански организации внимателно да ги следат сите постапки на јавните набавки, со една цел, колку што е можно повеќе да ги отстраниме сите сомнежи како се прават постапките, рече министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на денешната прес-конференција, на која, со министерот за здравство, Венко Филипче, генералниот директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски и директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Пеце Мирчевски ги повикаа граѓанските организации внимателно да ги следат сите јавни набавки на државните органи.

– Ги повикуваме граѓанските организации што имаат експертиза за тоа, медиумите и граѓаните, внимателно да ги следат сите набавки. Целта е да се следи како се трошат парите на граѓаните и граѓанските организации ќе имаат можност да се вклучат од самиот почеток на постапката се до склучување на договорите – рече Поповски.

Министерот за здравство Венко Филипче, рече дека сите заинтересирани граѓански здруженија ќе имаат можност за увид од почнување на тендерската постапка, па се до склучување на договорите во министерството за здравство. Дополнително, тие ќе може да присуствуваат на сендиците на комисиите за јавни набавки.

– Во следниот период Министерството за здравство, во соработка со експерти од невладиниот сектор, ќе изврши анализа на ризиците од корупција во јавните набавки во Министерството за здравство. Со увид на ризик-факторите при процес на јавните набавки, ќе се намали и ризикот од судирот на интереси, во насока на спречување на непотизам и блиски релации со компании пријатели. Се прават анализи и за промена во самите тендерски постапки. Се проценуваат потребните количини за набавка на лекови, за да се намали потребата од интервентен увоз на лекови, но се прават и обиди за заштеда од неколку милиони евра со систем на централизирани набавки – изјави Филипче.

Генералниот директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски исто така рече дека компанијата е целосно отворена за увид во тендерските постапка од почеток до крај, па дури и во оние фази за кои постои доверливост во постапката.

– Имавме состанок со неколку невладини организации и сме максимално отворени за бараните податоци. Подготвени сме на партнерски однос, заштита на доверливоста за неизнесување на податоци на трети страни за да не се наштети на постапката – рече Миновски.

Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Пеце Мирчевски рече дека оваа служба ги отвора вратите за граѓаните да ги мониторираат јавните набавки.

– Нема место за провизии и приоритетни добавувачи. Сите тендерски договори ги објавуваме пред очите на јавноста – рече Мирчевкси.


Клиниката за хематологија најави засилен мониторинг на јавните набавки со лекови


Скопје, 10 мај, 2018 - 11:23 (META) 

ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија – Скопје информира дека организациите „Транспарентност Македонија“ и Здружението на граѓани за борба против рак „Борка“, со свои претставници ќе го мониторираат целокупниот процес на јавни набавки.

„Согласно член 30, став 1 од Законот за јавни набавки, со својство на надворешни стручни лица кои не се вработени на клиниката, со делегирана надлежност да го следат и да вршат увид во начинот на кој се реализираат јавните набавки на клиниката, назначени се Ана Јаневска Делева и Биба Додева Христова. Уверени сме дека со овој чекор за унапредување на соработката со НВО-секторот воспоставуваме највисоки стандарди за отчетност и транспарентност во процесот на спроведување на јавните набавки“, се вели во соопштението на Клиниката.

Од таму веруваат дека „преку ваквиот пристап пациентите и целата јавност ќе добијат поголема сигурност во квалитетот на здравствени услуги и лековите кои се неопходни за нивно лекување.“

„Несомнено е дека даночните обврзници имаат целосно право да знаат и во секое време да имаат увид на кој начин и за кои цели се троши секој нивен денар. Наша обврска е тоа да го овозможиме преку вклучување на највисоко ниво на јавност во нашето функционирање. Се надеваме дека ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија – Скопје ќе стане пример кои ќе го следат сите јавни здравствени установи со цел сите заедно да придонесеме за враќање на довербата на граѓаните во јавното здравство“, се додава во соопштението.


Васе Доневски доби притвор, Волфганг Гампер мерки на претпазливост


Скопје, 16 март, 2018 - 17:19 (META) 

Јавното обвинителство на Република Македонија соопшти дека судија на претходна постапка, постапувајќи по барањето од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, изрекол притвор за поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Васе Доневски, а мерки на претпазливост за Волфганг Гампер, сопственик и управител на компанијата „Секјуриком Мултисервис Интернационал ДОО Скопје“.

Притворот го изрекол судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1).

Како што објасни Управата за финансиска полиција, со местење тендер, односно изигрување на постапката и избегнување на Советот за јавни набавки, со формирање неделива јавна набавка за пет дејности поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата и  сопственикот и управител на „Секјуриком Мултисервис Интернационал ДОО Скопје“, овозможиле фирмата противправно да се стекне со 660.834.855 денари, односно речиси 11 милиони евра.

Доколку пак целата постапка се спровела според законите, таа сума би била барем за 45 отсто пониска.