Апелација ќе ја разгледува жалбата на Василевски за притворот за 27 април


Скопје, 12 јануари, 2018 - 11:27 (META) 

Кривичниот совет на Апелацискиот суд Скопје денеска ќе ја разгледува жалбата за продолжениот притвор на пратеникот Сашо Василевски, осомничен за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

Јавната седница на која ќе се разгледува жалбата е закажана во 12.30 часот.

Кривичниот суд во Скопје на 27 декември, минатата година на Василевски, Крсто Мукоски и на Љубен Арнаудов им го продолжи притворот за нови 30 дена, додека нивните колеги Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски добија куќен притвор, кој исто така им продолжен за 30 дена.

Вчера и завчера Апелација на јавни седници ги разгледуваше жалбите на Митко Чавков, Мунир Пепиќ, Душко Лазаров, Игор Дурловски, актерот Владо Јовановски, Горан Ѓошевски и на Оливер Поповски.

Нивните адвокати побараа од второстепниот суд на седуммината осомничени за насилствата во Собранието да им го укине притворот и да го замени со куќен притвор или дрига поблага мерка за обезбедување на присуството.

Единствено за Владо Јовановски, претставникот на Вишото јавно обвинителство се изјасни дека притворот треба да се укине и му предложи на Апелацискиот суд тој да биде заменет со друга мерка.

Се очекува Апелацискиот суд во текот на денот да објави дел од одлуките за жалбите.


Владо Јовановски и уште тројца од 27 април бараат јавни седници за жалбите за притворите


Скопје, 4 јануари, 2018 - 13:55 (META) 

Актерот Владо Јовановски, поранешниот шеф на обезбедувањето на Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски, Оливер Поповски од шестата управа и Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање побарале Апелацискиот суд на јавна седница да ги разгледува нивните жалби за продолжувањето на притворот.

Од Апелација потврдија дека кај нив стигнале осумте жалби и дека се испратени на одговор во Вишото јавно обвинителство и откако ќе бидат комплетирани судот ќе ги закаже јавните седници.

Инаку, рокот за жалба за најголем дел од осомничените на кои им беше продолжен притворот сè уште трае бидејќи нивните адвокати уште ги немаат добиено решенијата на Кривичниот суд.

Кривичниот суд во Скопје на предлог на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција пред точно една недела, односно на 27 декември 2017 година им го продолжи притворот за нови триесет дена на пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, на поранешниот министер за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски и на уште шестнаесет лица осомничени за насилствата во Собранието.

Куќниот притвор им е продолжен на пратениците Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и на уште еден осомничен, додека за С.М. и М.М. судот го прифати предлогот на обвинителството за укинување на мерката притвор и определување мерка куќен притвор.


Апелација ја одложи седницата за ПИ-мерките во „Поткуп“ на неопределено време


Скопје, 27 ноември, 2017 - 12:18 (META) 

Апелацискиот суд Скопје ја одложи на неопределно време јавната седница на која треба да се расправа по жалбите на одбраната на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, околу користењето на посебните истражни мерки (ПИМ) како доказ во судскиот процес за случајот „Поткуп“, во кој Заев е обвинет.

Причина за одложувањето на седницата е тоа што судијата известител по овој предмет, Африм Фидани, е избран за судија во Врховниот суд.

Судијата Сафет Кадриу соопшти дека сè уште не е направена прераспределба и поради тоа се одложува седницата на неопределено време.

Одбраната и Заев бараат снимките да не бидат доказ бидејќи веќе биле објавени во јавноста, односно делови од нив биле ставени на видеосервисот „Јутјуб“, а потоа преземени и објавени од медиумите.

Поради чекањето на одлуката на Апелацискиот суд, минатата недела беше одложено рочиштето за „Поткуп“, а следното е закажано за 25 декември.

Заев во случајот „Поткуп“ е осомничен за барање и за земање поткуп во висина од околу 200.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов-Сачевалиев, во врска со легализација на земјиште.


Укинување на пресудите и ново судење за случајот „Монструм“, бара Обвинителството


Скопје, 3 октомври, 2017 - 16:55 (META) 

Јавната обвинителка Лилјана Спасоска на денешната јавна седница за случајот „Монструм“ во Врховниот суд побара укинување пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд и враќање на предметот на повторно судење.

Врховниот суд на јавна седница денеска ги разгледуваше жалбите на шесттемина осудени за доживотните затворски казни што им ги одреди Основниот суд Скопје 1, а кои беа потврдени и од Апелацискиот суд во Скопје.

Барањето на Спасоска, која е и в.д. шеф на Јавното обвинителство, на местото на разрешениот Марко Зврлевски, е поради „неутврдена фактичка состојба“, но и поради евентуално постоење на прислушувани разговори, кои ги поседува Специјалното јавно обвинителство, и кои би можеле да го сменат текот на постапката, пренесува „Телевизија 24“.

Обвинителката пред судот, исто така, побарала да бидат уважени и жалбите на одбраната на осудените за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, кои и денеска пред Врховниот суд ги отфрлија обвинувањата дека се извршители на масакрот и повторно тврдеа дека се невини.

Според адвокатите на осудените, нема докази дека тие се сторители на петкратното убиство, а пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд се пристрасни и неправични. Одбраната има забелешки и на сведочењето на заштитетниот сведок, кое, според адвокатите, е контрадикторно.

Тие посочија и дека, според судското вештачење, времето на смртта на жртвите не можело прецизно да се утврди, а сведоците не ги препознале обвинетите.

За петкратното убиство кај Смиљковското Езеро, на доживотен затвор се осудени Алил Демири, Африм и Аѓим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Самил Љута. Масакрот кај Смиљковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.


Врховниот суд повторно ја одложи јавната седница за „Монструм“


Скопје, 12 септември, 2017 - 13:04 (META) 

Врховниот суд денеска по четврти пат ја одложи јавната седница за случајот „Монструм“, бидејќи полицијата не можела да донесе едно од осудените лица од затвор.

Јавната седница, на која треба да бидат разгледувани и да се одлучува по жалбите на шесттемина осудени на доживотни затворски казни за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, овојпат е презакажана за 3 октомври.

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, рече дека следниот пат ќе бидат издадени наредби сите осудени во случајот да бидат донесени во судот.

Адвокатот Насер Рауифи, кој е бранител на дел од осудените, повторно истакна дека овој случај треба да го преземе Специјалното јавно обвинителство.

– Оправдувањето досега беше дека нема соработка меѓу Специјалното јавно обвинителство и Државното јавно обвинителство, меѓутоа таа пречка сега е отстранета, бидејќи е разрешен државниот јавен обвинител. Не знам која е пречката што СЈО не го презема случајот, бидејќи има надлежност да го преземе. Ние како одбрана сметаме дека само на тој начин можеме да дојдеме до вистината во овој предмет, кој очигледно е монтиран – изјави Рауфи.

Неговиот колега Сашо Дуковски, во тој контекст, се осврна на изјавата на застапникот на обвинението, Лилјана Спасоска, која е и актуелен в.д. шеф на државното јавно обвинителство, на местото на разрешениот Марко Зврлевски, која претходно побара одложување на јавната седница на неопределно време за да може Врховниот суд да ги обезбеди доказите кои СЈО ги има за случајот „Монструм“.

– Тоа е прилично ретка појава, тој што гони самиот да бара одложување на седницата на неопределно време за правилно утврдување на фактичката состојба, односно за обезбедување на тие докази, а времето ќе покаже каков ќе биде епилогот од тоа барање – рече Дуковски.


Апелација ги разгледува жалбите на СЈО и на Канческа-Милевска


Скопје, 24 јули, 2017 - 11:10 (META) 

Во Апелациски суд – Скопје денеска се одржува јавна седница на која се разгледуваат жалбите за случајот „Тендери“, во кој првообвинета е поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска. Жалби до Апелацискиот суд имаат поднесено и Специјалното јавно обвинителство, кое бара да се поништи одлуката на првостепениот суд и на Канчевска-Милевска да ѝ се одреди притвор, но и обвинетата, која исто така бара поништување на одлуката на Кривичниот суд така што ќе ѝ биде вратен пасошот.

Случајот „Тендери“ што го отвори СЈО се однесува на набавките за дополнителни работи на Музејот на ВМРО. Специјалното јавно обвинителство бараше притвор за Канческа-Милевска, но ѝ беа одредени поблаги мерки, односно на поранешната министерка ѝ беше одземен пасошот. Таа и уште две лица се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување со што е нанесена штета на државниот буџет од 54 милиони денари.

Вчера Апелација ги одби жалбите на СЈО за определување притвор на поранешниот премиер Никола Груевски и на неговите најблиски соработници, но судот донесе одлука да останат без пасоши.


Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат итна и јавна седница за договорот со Бугарија


Скопје, 20 јули, 2017 - 17:17 (META) 

Пратениците од Коалицијата за подобра Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе поднесат барање за свикување итна и отворена за јавноста седница на Собранието на Република Македонија, за разгледување на договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, изјави денеска пратеникот Антонио Милошоски, на прес-конференција во Собранието.

Барањето, како што рече Милошоски, доаѓа по денешната изјава на министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, дека текстот на договорот е затворен и дека Софија нема намера да преговара за евентуални измени.

– Пратениците на Коалицијата за подобра Македонија увидоа пет суштински слабости кои овој договор го прават штетен за интересите на Република Македонија и дадовме пет препораки, за денеска да добиеме официјална изјава од министерката за надворешни работи на соседна Република Бугарија, госпоѓата Захариева, која наспроти тврдењата на Заев дека текстот на договорот е отворен и може да има подобрувања, тврди дека текстот на македонско-бугарскиот договор за добрососедство е затворен… Очекуваме на нашата покана, повик и барање, Собранието да одржи итна и отворена седница за договорот помеѓу Македонија и Бугарија, да се придружат и да го поддржат и пратениците на владејачкото мнозинство, а Заев да го декласифицира текстот на договорот, да каже дали е конечен или дали сè уште е нацрт-договор – рече Милошоски

Тој нагласи дека Собранието и Владата се одговорни да отворат јавна дискусија за договорот за да може јавноста да знае што ќе биде потпишано и колкава и која ќе биде користа од овој текст за Бугарија, а колкава може да биде штетата за Македонија.


Врховниот суд закажа јавна седница за „Монструм“ за 29 јуни


Скопје, 21 јуни, 2017 - 15:58 (META) 

Врховниот суд за следниот четврток, 29 јуни, ја закажа јавната седница на која треба да бидат разгледани и да се одлучува по жалбите на шестемина осудени на доживотни затворски казни во случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро.

Седницата, како што соопшти судот, ќе биде јавна, а ќе се одржи во големата сала на Врховниот суд.

Судот претходно двапати ја одложи оваа седница, која првин требаше да се одржи на 30 мај, па беше презакажана и повторно одложена на 9 јуни, бидејќи дел од адвокатите на обвинетите беа на боледување.

На една од одложените седници, јавниот обвинител од државното Јавно обвинителство, Лилјана Спасовска, бараше одложување на седницата на неопределено време за да може Врховниот суд да ги прибави доказите и новите факти во врска со случајот, кои, според информациите во јавноста, ги поседува Специјалното јавно обвинителство. Но, претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, кој воедно претседава со петчлениот Кривичен совет на судот, не го прифати барањето и наведе дека доколку имало нови сознанија, јавното обвинителство имало доволно време самото да ги побара од СЈО.

Инаку, Врховниот суд овој предмет го стави на дневен ред 15 месеци откако одбраната на осудените поднесе жалба на пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд Скопје, со кои шестемина обвинети беа осудени на доживотни затворски казни.

Убиството на четирите момчиња и на средовечен маж се случи на Велики четврток во април 2012 година, кај Смиљковско Езеро.

Двајца од осудените, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, сè уште се на Косово, а тамошните власти одбија да ги екстрадираат во земјава.


Врховниот суд повторно ја одложи седницата за „Монструм“, еден од адвокатите бил болен


Скопје, 8 јуни, 2017 - 15:03 (META) 

Јавната седница на Врховниот суд на која треба да се разгледуваат жалбите на шестемина осудени на доживотен затвор во случајот „Монструм“, а која беше закажана за утре, повторно е одложена, овојпат на барање на еден од адвокатите, кој бил болен.

Претходно седницата требаше да се одржи на 30 мај, но петчлениот Кривичен совет на Врховниот суд, со кој претседава Јово Вангеловски, ја одложи за 9 јуни поради отстуство на адвокатот Насер Рауфи, кој е бранител на дел од осудените.

Врховниот суд овој предмет го стави на дневен ред 15 месеци откако одбраната на осудените поднесе жалба на пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд Скопје, со кои шестемина обвинети беа осудени на доживотни затворски казни.


Вангеловски ја одложи седницата за „Монструм“, ОЈО бара нови докази од СЈО


Скопје, 30 мај, 2017 - 13:12 (META) 

Петчлениот Кривичен совет на Врховниот суд, со кој претседава Јово Вангеловски, ја одложи јавната седница на која требаше да се разгледуваат жалбите на шестемина осудени во случајот „Монструм“, поради отстуство на адвокатот Насер Рауфи, кој е бранител на дел од осудените.

Вангеловски седницата ја презакажа за 9 јуни, во 11 часот, а таа, како што беше предвидено и за денеска, ќе се одржи во големата сала на Врховниот суд.

Пред одложувањето, јавниот обвинител од државното Јавно обвинителство, Лилјана Спасовска, побара од судот наместо за 9 јуни, да ја одложи седницата на неопределно, односно на подолго време, за да може Врховниот суд, како негова обврска согласно Законот за кривична постапка, да ги прибави доказите и новите факти во врска со случајот, кои според информациите во јавноста, ги поседува Специјалното јавно обвинителство. Тоа, како што наведе обвинителката, е потребно за да може предметот да се анализира целосно и да се утври дали новите околности ќе влијаат на конечната пресуда.

Вангеловски на ова рече дека Јавното обвинителство неколку месеци го имало предметот и доколку имало некакви сознанија, и самото можело да ги побара доказите од СЈО, на кои се повикува. Тој не го прифати барањето на обвинителството за одложување на седницата на подолг период и остана на веќе дадениот термин, односно на 9 јуни.

Инаку, највисокиот суд во земјава овој предмет го стави на дневен ред 15 месеци откако одбраната на осудените поднесе жалба на пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд Скопје.

Кривичниот суд на 30 јуни 2014 година ги осуди шестемина обвинети на доживотни казни затвор, а Апелацскиот суд Скопје во декември 2015 година ги одби жалбите на одбраната и ја потврди пресудата на првостепениот суд.

Двајца од осудените, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, сè уште се на Косово, а тамошните власти одбија да ги екстрадираат во земјава.

Убиството на четирите момчиња и на средовечен маж се случи на Велики четврток во април 2012 година, кај Смиљковско Езеро.