!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Министерство за финансии: Ќе се почитуваат законите за исплата на платите во јавниот сектор


Скопје, 10 октомври, 2017 - 14:43 (META) 

Министерството за финансии реагира на пишувањата во дел од медиумите, во кои се вели дека нема пари за исплата на минимална плата, и истакнува дека во однос на исплатата на платите во јавниот сектор ќе ги почитува законите и прописите.

„Во однос на минималната плата, исплатите се вршат во согласност со законските решенија и со доставените барања од буџетските корисници.Кај дел од институциите веќе се префрлени средства за минимална плата и тие истата ја исплаќаат во согласност со законот. Би сакале да истакнеме дека законите еднакво важат за сите и тие во целост се почитуваат од страна на Министерството за финансии“, се вели во соопштението на министерството.


ВМРО-ДПМНЕ бара поддршка за законот за зголемување на платите во јавниот сектор


Скопје, 3 август, 2017 - 13:47 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува министерот Драган Тевдовски, Владата на СДСМ и Зоран Заев, заедно со пратениците на СДСМ, да го поддржат предлогот за зголемување на платите во јавниот сектор за пет проценти, изјави на прес-конференција Владимир Ѓорчев, пратеник и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека тие пари се за војската, полицијата, вработените во здравството, во образованието, во јавните претпријатија на локално и на државно ниво.

– Значи, бараме да се зголемат платите во Македонија за пет проценти. Ветувањата со кои СДС дојде на власт, за просечна плата од 30.000 денари, подразбира секоја година, четири години по ред, платите да се зголемуваат најмалку 10 проценти. А, кога имаме конкретен прв предлог-закон за зголемување на платите од пет проценти, тој предлог веднаш се одбива. Не е доцна. На Комисијата за труд и социјална политика го изгласавме зголемувањето на платите. Сега тој предлог ќе дојде на пленарна седница – додаде Ѓорчев.


Поднесен предлог-закон за зголемување на платите во јавниот сектор


Скопје, 2 август, 2017 - 12:43 (META) 

Водени од реалните потреби на вработените во јавниот сектор, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија во Собранието поднесоа предлог-закон за зголемување на платите во јавниот сектор за пет проценти, изјави денеска на прес-конференција Зекир Рамчиловиќ, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека овој закон предвидува зголемување на платите во јавниот сектор за пет проценти во 2018 година и дополнително зголемување од пет проценти во 2020 година.

– Со овој предлог-закон се предвидува зголемување на платите на вработени во државната и во јавната администрација, значи здравство, образование, полиција, војска и јавни претпријатија. Истиот закон претставува изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ и претставува реална потреба за вработените – изјави Рамчиловиќ.

Тој додаде дека од ВМРО-ДПМНЕ се задоволни што овој закон поминал на собраниската Комисија за труд и социјална политика, каде што добил поддршка и од пратеници кои не се дел од нивната коалиција.

– Предлог-законот наскоро ќе се најде и на собраниска седница и ВМРО-ДПМНЕ искрено се надева дека СДС ќе се надмине себе си и партиските интереси и ќе даде поддршка за истиот – нагласи Рамчиловиќ.


Манчевски: Ќе има детален извештај за новите вработувања во Владата


Скопје, 24 јули, 2017 - 18:34 (META) 

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска изјави дека во текот на оваа недела, Владата ќе соопшти детали за сите нови вработувања, но дека ќе излезе и со извештај за, како што рече, измамата околу вкупниот број на вработени во јавната администрација.

– Во текот на оваа недела, многу побргу од предвидениот рок, ќе доставиме детална информација за сите вработувања. Ќе се види дека се создава фама околу нешто што е апсолутно согласно закон и не постои никакво гломазно вработување. Но, исто така, ќе излеземе и со детални информации за сите илјадници незаконски вработувања во периодот од распишување на парламентарните избори до креирањето на новата влада, како и со многу детален извештај за измамата околу вкупниот број на вработени во јавниот сектор – изјави Манчевски, одговарајќи на новинарско прашања при промоцијата на новата инвестиција „Ин плејер“.

Во врска со поставувањето нови кадри на клучни позиции во власта, тој рече дека за разлика од претходната влада, оваа влада не поставува кадри насилно во еден ден, туку дека ги наоѓа соодветните луѓе што треба да ги исполнат соодветните услови за да може соодветно да одговорат на задачите. Тој појасни дека станува збор за процес во кој сите коалициски партнери во Владата наоѓаат соодветни кадри за соодветна позиција.

Вчера од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија Владата дека почнала со реализација на планот да ја направат партијата држава, а државата партија.

– Деца на коалициони партнери на Заев, комедијанти кои глумеле објективни критичари, граѓани кои глумеле независни и невладини корективи на власта – сите денес се вработени во Владата и се платени со стотици милиони денари пари на граѓаните. Без квалификации и без критериум, освен тоа дека одработувале на интересите на Заев и ги манипулирале граѓаните. Стотици милиони денари од буџетот секоја година наместо да се трошат за нови училишта, за болници и за градинки, Заев ќе ги троши за вработувања партиски војници и профитери од граѓанскиот сектор – изјави Колариќ.


Синдикатите и јавниот сектор во Грција денеска излегуваат на 24-часовен генерален штрајк


Атина, 8 декември, 2016 - 9:46 (META) 

Грција денеска ќе биде парализирана од генерален 24-часовен штрајк на работничките синдикати и на јавната администрација. Илјадници членови на синдикатите се очекува да излезат на масовниот протест во центарот на Атина, за да го изразат своето незадоволство од владините мерки кои влијаат на социјалните и на финансиските можности на граѓаните на Грција.

„Повикуваме на протест како реакција на континуираната политика на казнено штедење, сиромаштија и целосно истоштување на народот. Проблемите и предизвиците со кои се соочуваат вработените се многу и постојани и уште еднаш се наоѓаме соочени со нелогичните барања на кредиторите. Реагираме против секакво размислување кое има цел да ја зголеми невработеноста, да ја укине социјалната правда и безбедност“, се вели во соопштението на работничкиот синдикат – ГСЕЕ, со кое се повикува на штрајк.

На протестот му се приклучува и целиот државен сектор, поради што нема да работат болниците, бидејќи докторите и медицинскиот персонал штрајкуваат против мерките во здравството, а прекини во работата ќе има и во јавниот превоз.

Целосно парализиран ќе биде морскиот сообраќај и нема да сообраќа ниту еден патнички брод. Кон штрајкот се приклучува и дел од приватниот сектор, односно вработените во банките.


Европските кредитори бараат нови построги мерки за штедење од Грција


Атина, 1 декември, 2016 - 9:58 (META) 

Грција ја очекуваат нови отпуштања во јавниот сектор и итна приватизација на државни компании доколку грчката влада се согласи на барањата на кредиторите за кои се преговара, пренесува весникот „Та неа“. Потенцијалниот договор со кој би се затворила втората проценка на сработеното од грчката влада, се оценува дека ќе донесе ново финансиско стегање на ременот за грчките граѓани.

Според „Та неа“, доколку се постигне договор, бројката на масовни отпуштања ќе се зголеми од 5 на 10 отсто, а воедно и ќе се укине административното одобрување за масовни отпуштања и таа улога ќе ја добие Високиот совет за труд, кој, во суштина, нема да може да ги одбива одлуките за масовни отпуштања туку само ќе може да го провери легитимитетот на одлуката.

Одлуките за протести, наместо со најава од 24 часа, ќе мора да се најават 48 часат пред протестот, со што автоматски се влијае на работничкото право на протест и на штрајк. Ќе мора да се воведат шест нови патарини со кои дополнително ќе поскапи патувањето низ Грција, и тоа кај Солун, Аспровалта и Кавала.

Една од мерките ќе биде и итно вработување нови советници за приватизација на државната компанија „Хеленик петролеум“, компанијата за вода, гас, телекомуникации и 30 отсто од атинскиот аеродром и итна продажба, до крајот на годината, на дел од компанијата за електродистрибуција.

Приватизацијата сè уште е една од најболните точки на сите грчки влади. Државата доживеа нов неуспех на овој фронт бидејќи пропадна договорот за продажба на мнозинските акции од една од државните компании за гас ДЕСФА, која требаше да ја преземе азербејџанскиот гигант за природен гас „Сокар“, кој го обезбедува и гасот за Трансјадранскиот гасовод.


Кирацовски: Администрацијата во Охрид е уценувана да присуствува на протестот на ГДОМ


Скопје, 20 април, 2016 - 14:02 (META) 

Вчера и денеска, во Општина Охрид се вршат масовни притисоци врз вработените во институциите на јавниот сектор, за да присуствуваат на собирот на ГДОМ, вели дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Кирацовски.

„На вработените во јавниот сектор во Охрид им се врши политички притисок и им се закануваат со дисциплински постапки, отказни решенија, слаби оценки преку оценувањето на администрацијата итн. Целта е под присила да присуствуваат на денешниот собир во организација на ГДОМ. Заканите одат до таа мера што се бара цели семејства да присуствуваат на собирот под притисок дека ќе бидат евидентирани со фотографирање“, се вели во соопштението на Кирацовски.

Дополнителниот заменик-министер апелира сите одговорни и раководни лица, како и партиските моќници од локалната власт во Охрид, веднаш да престанат со притисоците, уцените и со заканите кон вработените во институциите на јавниот сектор, затоа што, како што вели, ќе следат соодветни санкции кон секој што го прекршил законот.


Преговорите за К15 во јавниот сектор ќе почнат по изборите


Скопје, 11 февруари, 2016 - 14:36 (META) 

Преговорите за задолжителниот регрес за годишен одмор (К15) во јавниот сектор ќе почнат веднаш штом ќе биде формирана нова влада по изборите, најави денеска претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Живко Митревски.

Според анализите на ССМ, околу 15 проценти од компаниите не ја исполниле законската обврска и на работниците не им исплатиле К15.

– Сакам да укажам на фактот дека ССМ успеа да го задржи ова право да биде задолжително, а таму каде што имаше проблеми, заедно со синдикатите се утврдуваше дали тие проблеми се реални, кои во одредени гранкови синдикати придонесоа да дојде и до намалување на висината на регресот за годишен одмор. Но, морам да ви кажам дека тоа беа исклучително мал број на претпријатија – изјави Митревски.


Во јавниот сектор во Србија, бројот на вработени намален за 15.500


Белград, 16 октомври, 2015 - 15:54 (META) 

Бројот на вработени на неопределено и на определено работно време во јавниот сектор во Србија, вклучувајќи ги и јавните комунални претпријатија, е намален за речиси 15.500 вработени, соопштиле од кабинетот на потпретседателот на Владата на Србија и министерката за државна администрација и локална самоуправа, Кори Удовички, а пренесуваат српските медиуми.

Предвидено е во периодот од 2015 до 2017 година, Србија да отпушти 70.000 вработени во државната администрација.

Целта на оваа стратегија за фискална консолидација е масата на плати во буџетот да се намали по 5 проценти годишно до 2017 година.