Шилегов: Ќе го решавам проблемот со воздухот и ќе ги изградам тунелите под Кале!


Скопје, 27 април, 2018 - 15:47 (META) 

Со проекти во вредност од 300 до 350 милиони евра во текот на неговиот мандат, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов очекува дека ќе ги реши во целост или барем во голем дел најголемите проблеми на градот, како што се загадениот воздух, преоптоварениот сообраќај, притоа плаќајќи, како што вели, разумни суми, за разлика од претходното раководство. Фасадата на Сити Галери чинела 2 милиони евра, а  новиот мост што треба да почне да се гради во септември и да ги спои Аеродром и Гази Баба би чинел 3-4 милиони евра, потенцира тој.

Во интервјуто за „Вистиномер“ направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy), скопскиот градоначалник вели дека ќе се зафати со решавање на проблемот со загадениот воздух во Скопје, колку и да чини тоа.

Една од неговите идеи за тоа е Град Скопје да ја преземе топловодната мрежа и топланите, а потоа напоредно да ја врши и гасификацијата до крајните потрошувачи, притоа работејќи по стратегија за тоа кој дел треба да добива централно греење, а кој дел гас.

Планира и концесии за помали топлани кои би работеле на гас, а би обезбедувале централно греење за помали области.

Делот на градската територија северно од Вардар, според Шилегов, е местото каде што треба да се насочи идниот развој на градот. Затоа во мај ќе биде распишан тендер за тунели по Кале, зацртани во Генералниот урбанистички план на Скопје од 1965 година, за кои вели дека ќе го поттикнат развојот на северната територија, заедно со продолжување на булеварите „Словенија“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“, како и претворање на улицата „Босна и Херцеговина“ во булевар кој ќе се надоврзе на „Словенија“.

Јавниот превоз треба да се врши со еколошки автобуси – на струја или на гас, а тие би биле и поисплатливи од сегашните, објаснува скопскиот градоначалник.

Целото интервју на градоначалникот Шилегов може да го прочитате тука.


СДСМ: Да остане бесплатниот автобуски превоз и да се воведе возење „пар – непар“


Скопје, 8 февруари, 2017 - 15:18 (META) 

Мерката бесплатен јавен превоз во Скопје, за која апелираме три години досега, е многу задоцнета и не може да биде ефикасна ако не е придружена со други мерки, вели Пеце Мирчески, потпретседател на комисијата за животна средина на СДСМ.

– Укажуваме на централната власт во заминување и на локалните власти веднаш да преземат чекори што ќе придонесат за намалување на последиците од загадувањето. Освен бесплатниот јавен превоз, да се воведе систем на возење „пар – непар“. Истовремено да се вклучат поголем број автобуси, за сигурен и навремен превоз на граѓаните. Итно, привремено да се запрат сите градежни активности во општините со зголемено загадување и да се субвенционира огревен материјал за социјално загрозените категории граѓани – вели Мирчевски.

Од СДСМ велат дека ова се краткорочни мерки што можат да придонесат привремено да се ублажи загадувањето, а дека властите досега не презеле ништо да го решат проблемот со загадувањето.


Град Скопје апелира на помасовно користење на јавниот превоз


Скопје, 7 февруари, 2017 - 15:40 (META) 

Градот Скопје смета дека има голем простор за помасовно користење на бесплатниот јавен превоз од граѓаните и апелира да се остават автомобилите и да се користат бесплатните услуги на јавните превозници, во период на голема загаденост на воздухот.

Од градската администрација велат дека доколку дозволат временските услови, ќе ги прскаат градските улици со средството калциум магнезиум ацетат, но дека нема да се воведе мерката „пар-непар“.

„Во согласност со сегашните прописи, во градот не може да се воведе системот „пар-непар“, но затоа Градот Скопје апелира до надлежните министерства – за животна средина и просторно планирање, за внатрешни работи и за здравство – да предложат измени во законот за да може да се спроведува оваа мерка“, велат од Град Скопје.

Како што соопштија оттаму, изминатите денови комуналните инспектори на Град Скопје направиле 1.000 контроли и изрекле 12 казни на компании поради непочитување на одредбите од одлуката за комунален ред во Скопје.


Десетина илјади демонстранти протестираа во Брисел за поголеми работнички права


Брисел, 29 септември, 2016 - 18:12 (META) 

Десетина илјади луѓе се собраа денеска во Брисел на протест на работничките синдикати поради владините реформи за законот за работа. Поради протестите, сообраќајот и јавниот превоз биле блокирани неколку часа.

Портпаролката на бриселската полиција, Илса Ван де Кер, изјавила дека околу 45.000 луѓе присуствувале на протестот кој завршил без инциденти.

Ова е четврти протест откако премиерот на Белгија, Шарл Мишел, стапи на должност во 2014 година.

Тензиите меѓу работниците настанаа откако американската компанија за производство на тешка механизација „Катерпилар“ најави затворање на белгискиот производствен погон што би значело и затворање на повеќе од 2.000 работни места.


Ден на масовни протести низ цела Грција


Атина, 15 јуни, 2016 - 11:01 (META) 

Грција денеска е преплавена од штрајкови и од протести. Илјадници Грци обединети под мотото „Дајте си оставка“ вечерва ќе излезат на протест пред парламентот во Атина и пред Белата кула во Солун.

Граѓаните кои ќе бидат дел од ова движење сметаат дека владата на Алексис Ципрас не успеала во нејзината работа и бараат да се повлечат и да распишат избори за Грција да се врати на вистинскиот пат како демократска европска држава.

Протестот го поддржуваат најголемите опозициски партии Нова Демократија, Пасок и Река, поради што околу самиот протест е создадена контроверзија и судир меѓу владата и опозицијата. Од грчката влада сметаат дека протестот е креација на Нова демократија за на секаков начин да се поткопа работата на коалициската влада на СИРИЗА и на Независни Грци. Судирот се разви до тој степен што министер од владата на Ципрас се закануваше дека ќе го забрани протестот.

Покрај овој повик за масовен собир, денеска штрајкуваат и вработените на солунското пристаниште и на пристаништето Пиреја. Овој штрајк трае веќе 20 дена, а вработените се бунтуваат против приватизацијата на пристаништата и бараат поголеми гаранции за нивните работни места при процесот на приватизација.

Против приватизацијата штрајкуваат и вработените во атинскиот јавен транспорт, поради што Атина ќе остане без јавен превоз од 21 часот вечерва. На улиците денеска ќе излезат и грчките професори незадоволни од новиот закон за пензиско и за здравствено осигурување.


Поднесени 11 кривични пријави против лица вмешани во акцијата „Гора“


Скопје, 17 април, 2016 - 13:28 (META) 

Единицата за економски и компјутерски криминал поднела 11 кривични пријави против 11 лица за сторени 11 кривични дела во акцијата „Гора“, од кои осум за вршење јавен превоз без поседување лиценца, две злоупотреба на службена положба и овластување и едно дело – пустошење шума.

Притоа, по однос на кривичното дело вршење јавен превоз без поседување лиценца, пријавените повеќепати со товарни возила вршеле транспорт на дрва, иако не поседувале лиценци за вршење јавен превоз на стоки во внатрешниот патен сообраќај издадени од Министерството за транспорт и врски.

За кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување, кривично се пријавени лицата З.Г. (55) и С.Д. (51), и двајцата вработени како шумски полицајци во Шумска полициска станица-Скопје.

Иако како дел од шумско-полициска патрола повеќепати извришиле контрола и констатирале прекршоци во согласност со постојните нормативи, сепак на прекршителите им ги вратиле товарните возила и дел од дрвната маса.


Министерство за животна средина: Владата и општините итно да преземат мерки за загадувањето


Скопје, 25 декември, 2015 - 16:19 (META) 

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе препорача до Владата и до општините итно да преземат конкретни мерки против загадувањето, истакна Нурхан Изаири, министер за животна средина.

Тој рече дека мерките се однесуваат на тоа Град Скопје и Општина Тетово да ги интензивираат активностите за чистење на улиците, а особено околу градилиштата. Втора мерка што ја препорачува Министерството, според Изаири, е државниот инспекторат за животна средина, во соработка со овластените инспектори за животна средина и со комуналните инспектори на Град Скопје и на другите општини, да врши секојдневна вонредна контрола во инсталациите што подлежат на интегрирани еколошки дозволи А и Б, а во соработка со Министерството за здравство да се воведе мерка на сите правни субјекти (работодавци) во Скопје и во Тетово за ослободување од работни обврски на хронично болни, бремени жени и на лица постари од 60 години.

– Во соработка со единиците за локална самоуправа и Министерството за образование, да се донесе одлука за почнување на зимскиот распуст за основните и за средните училишта на 28 декември. Веднаш да се зголеми фреквенцијата на автобуси и да се намали цената на билетот што би било стимул за користење на јавниот превоз. МЖСПП во соработка со Град Скопје, Општина Тетово и со Државниот инспекторат, во период на алармантната состојба на загадувањето на амбиенталниот воздух, да воведе редуцирана работа на индустриските капацитети во соодветната единица на локалната самоуправа, да се сопрат градежните активности и да е ослободат работниците што работат на отворено од работните обврски – рече Изаири.

Министерот рече и дека вечерва на Комитетот за здравје и животна средина ќе се дискутираат мерките за воведување на системот пар-непар во сообраќајот и во соработка со единиците на локалната самоуправа и со Министерството за труд и социјална политика ќе се препорача децата од предучилишна возраст да не се носат во градинка.

Изаири рече дека граѓаните ќе треба да користат јавен превоз, возилата да не ги користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време и да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и од мебел, стиропор, ПЕТ- амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал.