!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Возило со 14 мигранти откриено кај селото Удово


Валандово, 9 октомври, 2017 - 13:31 (META) 

Полициска екипа од Валандово вчера на бензинската пумпа кај селото Удово, пронашла автомобил, марка „ауди а6“ со скопски регистарски ознаки, во кое имало 14 мигранти од Пакистан, информира МВР.

По извршениот увид, автомобилот и мигрантите биле преземени од екипа од полициската станица од граничниот премин Богородица, а за случајот бил известен јавен обвинител. По негова наредба, возилото било задржано во полициската станица на преминот Богородица, а мигрантите биле однесени во Прифатниот центар за странци во Скопје.

Инаку, како што информираат од МВР, регистарските таблички на возилото биле од товарно возило „застава“.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, велат од полицијата.


Собранието го изгласа распишувањето оглас за нов јавен обвинител


Скопје, 7 септември, 2017 - 16:25 (META) 

Пратениците во Собранието со 61 глас „за“ го изгласаа предлогот за распишување оглас за именување нов државен јавен обвинител. За време на гласањето, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, побара гласањето да биде в понеделник, бидејќи претходно со претседателот на Собранието, Талат Џафери, констатирале дека нема мнозинство.

Ставањето на оваа точка на гласање, за Димовски е изигрување на дадениот збор од страна на Џафери дека седницата ќе продолжи в понеделник.

– За нас ова е прекршување на членот 8а од Изборниот законик. Ве информираме дека ако го прекршите дадениот збор дека седницата ќе ја продолжите в понеделник, за време на гласањето ќе излеземе надвор од салата – изјави Димовски.

Џафери му одговори дека по разговорот со него, координаторите на пратеничките групи го информирале дека парламентарното мнозинство е обезбедено и затоа свикал седница.

По завршувањето на гласањето, Џафери констатираше дека Собранието огласува именување на јавен обвинител на Република Македонија.

По гласањето за оваа точка, претседателот на Собранието даде 15 минути пауза за да се координира со координаторите на пратеничките групи, за продолжението на седницата.


ВМРО-ДПМНЕ повторно бара одложување на расправата за оглас за нов јавен обвинител


Скопје, 6 септември, 2017 - 13:14 (META) 

На продолжението на 12. пленарна седница, на која се расправа за предлогот на Владата за распишување оглас за именување нов државен јавен обвинител, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ повторно бараа расправата по оваа точка да се одложи и да продолжи по одржувањето на локалните избори.

Тие сметаат дека со оваа расправа Собранието не ги почитува законите.

– Како и разрешувањето на јавниот обвинител, така и објавувањето оглас за поставување нов јавен обвинител е незаконско. Ако Собранието не ги почитува законите, зошто тоа да го прават другите – рече Иван Иванов од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците на опозицијата ја обвинија власта за арогантно однесување и за манифеситирање самоволие бидејќи го крши членот 8-а од Изборниот законик.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина седницата поради протоколарни обврски и најави продолжување во 15.15 часот.


Законот за јазиците и огласот за наследникот на Зврлевски денеска во Собранието


Скопје, 6 септември, 2017 - 10:52 (META) 

Собраниската Комисија за европски прашања денеска треба да ја продолжи седницата на која се расправа за предлог-законот за употреба на јазиците, во прво читање. Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, да биде и албанскиот јазик.

За предлагачот и за пратениците од мнозинството, законот е дел од патот на евроатлантските интеграции на Македонија и на никаков начин не го нарушува ниту Уставот, ниту унитарниот карактер на државата. За пратениците од опозицијата, пак, тој е противуставен за што, според нив, говори и фактот што се носи со европско знаменце иако нема никаква европска регулатива со која се усогласува и тој ќе донесел само дополнителни поделби, а не кохезија во општеството.

Во Собранието треба да продолжи и седницата на која ќе се расправа за предлогот за распишување оглас за нов јавен обвинител на Република Македонија.


Собраниската расправа за огласот за нов државен јавен обвинител продолжува в среда


Скопје, 4 септември, 2017 - 18:32 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, точно во 18 часот ја прекина расправата по точката за предлогот на Владата за распишување оглас за именување нов државен јавен обвинител, по разрешувањето на претходниот – Марко Зврлевски.

Следното продолжение на седницата Џафери го закажа за среда, во 11 часот, затоа што утре тој ќе присуствува на Меѓународната научна конференцијата „Балканот помеѓу Западот и Истокот: Стари и/или нови безбедносни предизвици“ во Охрид.

Расправата по оваа точка помина во говори на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои го обвинија владејачкото мнозинство дека незаконски, спротивно на членот 8-а од Изборниот законик, сака да го протурка именувањето на новиот државен јавен обвинител.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека одењето спротивно на законот и на членот 8-а, кој беше изгласан на барање на СДСМ, е ароганција и надминување на нормалното функционирање на државата.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, рече дека доаѓањето на новиот јавен обвинител е неминовно и дел од пакетот реформи во правосудството.


ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи изборот на нов јавен обвинител


Скопје, 4 септември, 2017 - 12:16 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи изборот за нов јавен обвинител бидејќи е спротивно на членот 8а од Изборниот законик и на денешната седница ќе се спротивстави на ваквата иницијатива на СДСМ, рече пратеникот Илија Димовски во однос на распишувањето оглас за избор на нов јавен обвинител.

Димовски најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе поднесе три закони по скратена постапка – закон за зголемување на минимална плата за административците од 5 отсто, закон за извршители и закон со кој на студентите ќе им бидат доделувани ваучери за компјутери.

Тој, исто така, истакна дека ако СДСМ имаат фер пристап кон предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш и тие исто така ќе бидат фер и конструктивни кон нивните предлози.


Владата во вторник ќе ја почне процедурата за именување нов јавен обвинител


Скопје, 18 август, 2017 - 14:35 (META) 

Владата првата наредна седница, предвидена за следниот вторник ќе ја почне процедурата за именување на нов државен јавен обвинител, откако вчера Собранието го разреши Марко Зврлевски, кој досега ја извршуваше оваа функција.

Како што соопшти портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, на седницата во вторник на дневен ред ќе биде усвојување заклучок со кој Владата ќе му предложи на Собранието да распише оглас за пријавување кандидати за нов државен јавен обвинител.

Бошњаковски ја образложи процедурата за именување нов државен јавен обвинител, според која огласот трае 15 дена, по што процедурата повторно се враќа во Владата, која треба да избере еден кандидат од пријавените, кој потоа ќе му го предложи на Собранието кое треба да го избере со просто мнозинство од 61 глас.

Прашан, дали постапката за именување нов јавен обвинител е во спротивност со Изборниот законик, имајќи го предвид и мислењето на Државната комисија за спречување корупција, Бошњаковски рече дека на тоа прашање веќе одговорил претседателот на Собранието Талат Џафери, додавајќи дека таа е процедурата.

Советот на јавни обвинители најави дека следната недела ќе закаже седница на која ќе биде избран в.д. јавен обвинител до изборот на нов.


Џафери ја помести седницата за 15 часот, Димовски најавува „повеќе реакции“


Скопје, 17 август, 2017 - 11:37 (META) 

Наместо во 11 часот, како што утрово првично беше најавено од стручните служби на Собранието, првата пленарна седница денеска ќе почне во 15 часот. Според новото соопштение од Собранието, распоредот за работа нема да се смени – првин ќе се одржи продолжението на 8-та седница, на чиј дневен ред се 12 точки, меѓу кои и изборот на заменици на генералниот секретар на Собранието, но и измените на законот за зголемување на минималната плата.

Потоа пратениците ќе го почнат  13-то продолжение на 6-тата седница, на кое би требало да се гласа за разрешувањето на Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски.
Претседателот на парламентот вчера најави дека денеска ќе се гласа за предлогот на владата за разрешување на Зврлевски, откако попладнето пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата повикувајќи се на писмото од Антикорупциската комисија која смета дека во периодот пред изборите не треба да се расправа и да се разрешуваат државни функционери.

Илија Димовски вчера изјави дека таквото постапување е спротивно на Изборниот законик. Денеска за „Мета“  тој најави дека ќе уследат повеќе реакции од ВМРО-ДПМНЕ „за грубо кршење на законот“.


Собраниските служби и официјално најавија дека денеска ќе се гласа за Зврлевски


Скопје, 17 август, 2017 - 9:58 (META) 

Во Собранието на Република Македонија денеска треба да се одржи 13-то продолжение на 6-тата седница, на кое би требало да се гласа за разрешувањето на Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски, според вчерашната најава од претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Прво, според денешната најава на собраниските служби, ќе одржи продолжението на 8-та седница, на чиј дневен ред се 12 точки, меѓу кои и изборот на заменици на генералниот секретар на Собранието. На оваа седница ќе се гласа и за измените на законот за плати со кои ќе се зголеми минималната плата.

Претседателот на парламентот вчера најави дека денеска ќе се гласа за предлогот на владата за разрешување на Зврлевски, откако попладнето пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата повикувајќи се на писмото од Антикорупциската комисија која смета дека во периодот пред изборите не треба да се расправа и да се разрешуваат државни функционери.

Џафери смета дека Државната комисија за спречување на корупција неовластено се обраќа до Собранието и го прекршува Деловникот за работа.

– Претседателот на Собранието, не се обрати до Државната комисија за спречување на корупција имајќи предвид дека автентичното толкување на одредени закони според Деловникот е надлежност на Собранието. Писмото на ДКСК не произведува формално-правни обврски кон мене и кон Собранието кое е највисок законодавен орган и не може да ја попречи работата на Собранието. Претседателот на Собранието не се обрати до оваа Комисија – рече Џафери на крајот на вчерашното продолжение на 6-та седница.

Според Илија Димовски, координаторот на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ,  разрешувањето на Зврлевски е „дрско и арогантно кршење на законот, досега невидено во Македонија“


Заврши одморот, Антикорупциска в понеделник ќе почне да го пишува одговорот


Скопје, 11 август, 2017 - 14:57 (META) 

Членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) в понеделник се враќаат на работа, бидејќи в недела им завршува годишниот одмор, информираа од Комисијата за „Мета“.

Антикорупциската комисија беше во центарот на политичките препирки, откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија во вторникот поднесоа барање за мислење до ДКСК, велејќи дека собраниската седница за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски, почната на 5 јули и сè уште во тек, е во спротивност со член 8-а од Изборниот законик.

Според тој член, од денот на донесувањето на одлуката за распишување избори не може да се почне со постапка за вработување нови лица или постапки за престанок на работен однос во државни и во јавни институции, а воедно почнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случај на итни и неодложни работи, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците велат дека точката за разрешување на Зврлевски не е „итна и неодложна“ и бараат мислење од Антикорупциска комисија.

Според информацијата што ја добивме денеска од комисијата, можно е антикорупционерите да се зафатат со одговорот за ВМРО-ДПМНЕ најрано в понеделник.

Во досегашната расправа на шестата седница на Собранието за разрешувањето на Зврлевски, кој од СДСМ, кога оваа партија беше во опозиција, беше нарекуван еден од главните соработници на „режимот на Никола Груевски“, зборуваа главно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои тврдеа дека Зврлевски е професионалец без дамка врз кариерата во последните 30 години, а СДСМ сака да го смени поради политички причини, односно како одмазда за тоа што ги почнал случаите „Пуч“ и „Поткуп“ против претседателот на партијата, Зоран Заев.