Жонглирања со дневниот ред и барања за конструктивност во Собранието


Скопје, 4 септември, 2017 - 13:35 (META) 

Собраниското мнозинство денеска не го поддржа предлогот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, одлучувањето за распишување оглас за нов државен јавен обвинител да биде отстрането од дневниот ред на 12. седница бидејќи, според пратениците на опозициската партија, се коси со Изборниот законик.

Мнозинството гласаше и против предлогот на Илија Димовски од дневен ред да биде отстранет и изборот на потпретседатели на Собранието, бидејќи опозицијата е против решението да има пет потпретседатели.

– Според Изборниот законик, не треба да има именувања и разрешувања на високи државни функционери за време на избори. Ваквата измена на Изборниот законик беше донесена на барање на СДСМ и ние, како Собрание, треба да ја почитуваме за да може овој предизборен период да биде оценет како фер и демократски. Предлагам точката 15 да се симне од дневен ред и да биде на дневен ред по изборите – рече Милошоски, за чиј предлог гласаа 39 пратеници, а 62 беа против.

По ова неколкумина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се јавија за збор и бараа промена на дневниот ред, односно законите чиј предлагач е опозцијата да добијат приоритет, а распишувањето на огласот за нов државен јавен обвинител и изборот на потпретседатели да бидат последни точки на дневен ред.

Пратениците од мнозинството не ги прифатија ваквите барања и го усвоија предложениот дневен ред.

Претходно Собранието ги усвои предлозите на владејачката коалиција законите за минимална плата, за стечајците и за укинување на радиодифузната такса да бидат донесени во скратена постапка. Мнозинството го поддржа и предлогот по скратена постапка да бидат донесени и законот за зголемување на платата на полицајците, војниците, наставниците и на вработените во јавни претпријатија и фондови за пет отсто, законот за извршување и за доделување на ваучери за студентите за набавка на компјутери.

Димовски истакна дека ако власта сака опозицијата да биде конструктвина, тогаш парламентарното мнозинство треба да покаже двојно поголема конструктивност.

Процедурата за шесте закони, кои се и први на дневниот ред на 12. седница, продолжува во матичните комисии, по што се враќаат на расправа и на одлучување на пленарна седница.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери по двочасовна расправа даде пауза до 15 часот.


Кој и под кои услови во Македонија може да нареди прислушување на дипломати


Скопје, 23 август, 2017 - 9:34 (META) 

Прислушувањето на странски дипломати, во чии редови без исклучок има и разузнавачи, според Законот за следење на комуникации се врши на барање на министрите за внатрешни работи и за одбрана, а го одобрува судија на Врховен суд.

Во Законот за следење на комуникациите условите и постапката за прислушување е уредена во две глави. Едната се однесува на сторители на кривични дела, а другата (Глава 3) на услови и постапка за следење на комуникациите за заради заштита на интересите на безбедноста и на одбраната на земјата, под која, наверојатно може да се стават евентуалните „законски“ следења на комуникациите на странските претставници.

Во тој случај, според членот 29 од Законот, судот може да нареди следење на комуникациите кога постојат основи на сомневање дека се подготвува извршување на кривично дело против државата, против вооружените сили или против човечноста и меѓународното право.

„Освен во случаите од ставот 1 на овој член, судот може да нареди следење на комуникациите и кога се подготвува, поттикнува, организира или учествува во вооружен напад против Република Македонија или во онеспособување на нејзиниот безбедносен систем да ги врши своите функции, кога на друг начин не можат да се обезбедат податоци за таквата активност или нивното обезбедување би било сврзано со поголеми тешкотии за да се спречи извршувањето на кривичното дело, вооружениот напад или онеспособувањето на безбедносниот систем“, стои во членот 29.

Барањето за донесување наредба за прислушување може да поднесе:

  • Министерот за внатрешни работи
  • Министерот за одбрана

или

  • Лице овластено од нив.

Барањето се доставува до:

  • Државниот јавен обвинител
  • Тој потоа го поднесува до судија на Врховниот суд кој дава наредба за прислушување
  • Судијата може да дозволи следење на комуникациите не подолго од шест месеци.

Сето ова се однесува на домашното законодавство, а однесувањето на дипломатите и на органите во земјата во која службуваат е уредено и со Виенската конвенција која го штити нивното дејствување на „туѓа“ територија.

По повлекувањето на целокупниот персонал од амбасадата на Србија во Македонија на итни консултации во Белград, српските власти соопштија дека тоа е направено бидејќи имало докази за „многу офанзивни разузнавачки активности против органите и институциите на Србија во Македонија“. Српските медиуми објавија дека српските дипломати во Македонија биле следени, прислушувани и застрашувани од македонските служби.

На ваквите тврдења, министерот за надворешни работи, Никола Димитров на прес-конференција изјави дека Владата ниту имала намера, ниту пак дала наредби да се вршат разузнавачки активности против и на штета на некоја од соседните држави, вклучувајќи ја и Србија и дека чекаат официјални информации од Белград за ваквите тврдења.


Рокови, процедури и можни сопки за изборот на новиот Јавен обвинител


Скопје, 17 август, 2017 - 16:16 (META) 

Со разрешувањето на Марко Зврлевски од функцијата државен јавен обвинител, Владата може да почне со процедурата за именување на негов наследник. Ако разрешувањето на Зврлевски ја окупираше јавноста добар дел од летото, со развлекувањето на расправата од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш речиси извесно е дека постапката за именување на нов јавен обвинител, која и онака е покомплицирана, ќе биде актуелна во текот на оваа есен.

Постапката за назначување на нов Јавен обвинител е уредена со членот 41 од Законот за јавно обвинителство:

  • Владата дава предлог до Собранието;
  • Собранието распишува оглас за кандидати за јавен обвинител во „Службен весник“ и во најмалку два дневни весника од кои еден мора да биде на албански јазик;
  • Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од денот кога огласот ќе биде објавен во „Службен весник“;
  • За именувањето на новиот државен јавен обвинител, Владата мора да поднесе барање за мислење до Советот на јавни обвинители, кое овојпат има обврзувачка улога, за разлика од постапката за разрешување, кога мислењето на Советот е повеќе од процедурална природа;
  • Советот има рок од 15 дена од денот на приемот на барањето од Владата да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.

По ова Владата до Собранието доставува предлог за именување јавен обвинител со кандидатите за кои Советот дал позитивно мислење.

  • Доколку Советот на јавни обвинители од оправдани причини во рок од 15 дена не достави мислење, добива дополнителен рок од 15 дена;
  • Ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно – што е друга разлика од постапката за разрешување;
  • Во случај Советот да не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да достави предлог за именување јавен обвинител и може да му предложи на Собранието да го повтори огласот;
  • За разрешувањето и за именувањето јавен обвинител, Собранието одлучува со просто мнозинство, односно со 61 глас.

Покрај, основните услови – да е државјанин на Република Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да е работоспособен и да е во добра општа здравствена состојба, да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од странство и да има положено правосуден испит во Република Македонија – кандидатите за државен јавен обвинител треба да исполнуваат и посебни услови. Тоа подразбира да имаат работно искуство од најмалку осум години со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит, или редовен или вондреден универзитетски професор кој предавал повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика.

Премиерот Заев вчера изјави дека негов личен став е новиот јавен обвинител да биде експерт, кој ќе ја има довербата, пред сè, кај граѓаните.

Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години, со право на повторен избор.

Дел од медиумите излегоа со информации дека до назначувањето на нов државен јавен обвинител, вршител на должност на функцијата ќе биде поранешниот министер за труд и социјална политика и поранешен заменик-министер за внатрешни работи Џелал Бајрами.


Десетто продолжение на седницата за разрешување на Зврлевски


Скопје, 14 август, 2017 - 10:06 (META) 

Во Собранието на Република Македонија денеска напладне треба да ја продолжи шестата седница, на која се расправа за разрешувањето на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.

Во саботата, на деветтото продолжение од собраниската расправа во најголем дел помина во реплики и контрареплики помеѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и во процедурални забелешки.

Иако првично се очекуваше продолжението да се одржи вчера, претседателот на Собранието, Талат Џафери сепак вчера се премисли и расправата за разрешувањето на државниот јавен обвинител ја презакажа за денеска. Во саботата Илија Димовски, координатор на една од десетте пратенички групи побара да не се работи во неделата, но Џафери тоа го одби, а потоа се предомисли.


Зврлевски имал мирна совест, работел по закон, немал врска со политиката


Скопје, 12 јули, 2017 - 17:27 (META) 

„Со мирна совест ве уверувам дека во изминатите четири години работев совесно, само врз основа на законот и Уставот и врз основа на правилата во Јавното обвинителство. Разрешувањето на Марко Зврлевски нема да изврши никаква реформа во правосудството. Во јавноста сум познат како некој кој нема никаква врска со политиката“, истакна дражавниот јавен обвинител Марко Зврлевски во своето обраќање во Собранието на Република Македонија, каде денеска почна расправата по предлогот на Владата за негово разрешување.

Зврлевски, зборувајќи за себе во трето лице, нагласи дека ништо од наводите во барањето за негово разрешување – дека несовесно, нестручно и незаконски ја извршувал функцијата – не е точно.

– Тоа го докажува самиот предлог на Владата, каде во ниту една алиенеа не стои како јавниот обвинител Марко Зврлевски нестручно, несовено и незаконски ја вршел функцијата. Денеска овде нафрлано со наведените случаи не укажавте на нестручноста во работата, туку на апсолутно непознавање на функцијата на jавниот обвинител и кои се неговите обврски – рече Зврлевски.

Тој рече дека нему, како на јавен обвинител, не му е работа да поведува кривични постапки, не запира постапки, не одлучува да не се поведува постапка, туку дека тоа е работа на јавните обвинители во одделените обвинителства, кои се самостојни во својата работа.

„Марко Зврлевски не влијаел на никого“, нагласи јавниот обвинител, додавајќи дека исто така негова работа не е да предлага, избира и да разрешува јавни обвинители.

За случајот „Актор“, Зврлевски рече дека за него е отворена истрага, сослушани се повеќе сведоци, обезбедени се докази и дека истрагата на Европската агенција за борба против корупција (ОЛАФ) целосно се базира на истрагата на македонското обвинителство.

Тој наведе дека немало погрешно постапување ниту во случајот „Македонска банка“, ниту за притворот на Сеад Кочан, каде, како што рече, не се барало укинување на притворот, туку запазување на законитоста на постапката, како и дека обвинителствот стручно, согласно околностите и фактите откриени од МВР, води истрага и за насилствата од 27 април во Собранието.

Тој истакна дека во Јавното обвинтелство е речиси 30 години и дека како менаџер на институцијата се трудел да го подобри статусот – професионален и материјален – на јавните обвинители.

– Обезбедивме мобилни телефони за сите обвинители, преносни и персонални компјутери за сите обвинители. Обезбедивме надомест за дежурства. Обезбедиме надоместоци кои досега не се исплаќаа во обвинителстава, а се исплаќаа во други институции. Обезбедивме специјален компјутерски систем за следење на предметите – рече Зврлевски, реагирајќи на довикувањата од пратениците, посочувајќи дека кога тој дошол во јавното обвинителство, неговите колеги немале мобилни телефони и компјутери.

Зврлевски нагласи дека не си поднел оставка бидејќи немало основни причини за тоа и дека следејќи ја негативната кампања во медиумите против него, свесен е оти со него ќе се случи истото што и со неговите претходници, Стефан Павлески, Ставре Џиков и Александар Прчевски, кои иако многу придонеле за јавното обвинителство, биле разрешени како наводно нестручни и неспособни.

– Никој од нив не беше нестручен и неспособен. Ако ме разрешите и мене, тоа ќе значи токму спротивното дека сум бил еден од најдобрите – нагласи Зврлевски.

Пратеникот Антонио Милошоски побара да биде обезбеден стенограм од обраќањето на Зврлевски, по што Џафери даде еден час пауза и најави дека седницата ќе продолжи по 18 часот.


Разрешувањето на Зврлевски денеска на дневен ред на Собранието


Скопје, 5 јули, 2017 - 9:37 (META) 

Собранието на Република Македонија на денешната 6. седница треба да расправа и да одлучува по барањето на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, од функцијата.

Разрешувањето на Зврлевски е 30. точка на дневниот ред на седницата, но според најавите, можно е таа да биде поместена и да биде една од првите за кои ќе одлучуваат пратениците.

За разрешување на државниот јавен обвинител е потребно просто мнозинство од 61 пратеник. Зврлевски, според Законот за јавно обвинителство, има право да присуствува на седницата на Собранието и да се произнесе пред пратениците во врска со предлогот за негово разрешување.

Во образложението на предлогот за разрешување на Зврлевски пред истекот на неговиот мандат, стои дека тоа се бара поради незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата.

„…Исто така, во своето однесување и дејствување именуваниот покажа дека не е способен за извршување на функцијата, поради неподнесување барање за поведување кривична постапка за случаи предвидени со закон и поради нарушување на угледот на функцијата“, стои во образложението на предлогот.

Покрај расправата за Зврлевски, на дневен ред на Собранието е и предлогот поднесен од пратеничките Нола Исмајлоска, Магдалена Манаскова и Весна Пемова за продолжување на породилното отсуство.

Ќе се разгледуваат и годишни извештаи на некои агенции и комисии, како и одлуки за нивната работа, а ќе се дискутира и за Македонска радио телевизија и за работата на народниот правобранител.


Предлогот за разрешување на Зврлевски тргна од Влада кон Собрание


Скопје, 19 јуни, 2017 - 11:03 (META) 

Предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски денеска бил потпишан од генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, и испратен во Собранието на Република Македонија.

Откако ќе го добие, Собранието треба да закаже седница на која пратениците треба да го разгледаат и да гласаат за разрешувањето на Зврлевски. За разрешување на државниот јавен обвинител е потребно просто мнозинство од 61 пратеник.

Според Законот за јавно обвинителство, Зврлевски има право да присуствува на седницата на Собранието и да се произнесе по предлогот на Владата за негово разрешување.

Инаку, поради отсуството на претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој учествува на безбедносен форум во Рига, Летонија, следната пленарна седница на Собранието е закажана за четврток.

Владата на седница во петокот минатата недела, ја донесе одлуката за разрешување на Зврлевски поради незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Констатирано е дека Зврлевски не е способен за извршување на функцијата, не поднесувал барања за поведување кривична постапка за случаи предвидени со закон и со тоа го нарушил угледот на функцијата.

Претходно минатата недела, и Советот на јавни обвинители донесе позитивно мислење, односно го прифати предлогот на Владата за разрешување на актуелниот државен јавен обвинител.


Предлогот за разрешување на Зврлевски допрва на Влада, па потоа во Собрание


Скопје, 15 јуни, 2017 - 17:05 (META) 

Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, Владата сè уште не го доставила до Собранието на Република Македонија. Како што дознаваме неофицијално од Владата, предлогот со сите потребни документи првин треба да биде разгледан и усвоен на седница на Владата, по што ќе биде испратен во законодавниот дом.

Според информациите, Владата и формално треба да го усвои предлогот за разрешување на Зврлевски, пред да го достави до Собранието на една од следните седници деновиве.

Постапката за разрешување на Зврлевски, Владата ја почна во вторникот минатата недела, а предлогот го поддржа и Советот на јавни обвинители.

Откако ќе го добие предлогот, Собранието треба да закаже седница на која треба да се изгласа разрешување на Зврлевски, за што е потребно просто мнозинство од 61 пратеник.

Штом заврши постапката за разрешување на актуелниот државен јавен обвинител, како што најави премиерот Зоран Заев, Владата веднаш ќе почне процедура за именување негов наследник.


Новиот Зврлевски ќе се избира на оглас: Какви се роковите, процедурата и условите


Скопје, 15 јуни, 2017 - 8:08 (META) 

Штом заврши постапката за разрешување на актуелниот државен јавен обвинител, Марко Зврлевски, Владата веднаш ќе почне процедура за именување негов наследник, изјави премиерот Зоран Заев.

Сепак, за разлика од процедурата за разрешуавање на Зврлевски, која може да заврши до крајот на оваа недела, а десетина дена откако Владата ја почна, постапката за именување нов државен јавен обвинител е покомплицирана и најверојатно добар дел од летото ќе ги окупира надлежните институции и јавноста.

Постапката е пропишана во членот 41 од Законот за јавно обвинителство:

  • Владата дава предлог до Собранието;
  • Собранието распишува оглас за кандидати за јавен обвинител во „Службен весник“ и во најмалку два дневни весника од кои еден мора да биде на албански јазик;
  • Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од денот кога огласот ќе биде објавен во „Службен весник“;
  • За именувањето на новиот државен јавен обвинител, Владата мора да поднесе барање за мислење до Советот на јавни обвинители, кое овојпат има обврзувачка улога, за разлика од постапката за разрешување, кога мислењето на Советот е повеќе од процедурална природа;
  • Советот има рок од 15 дена од денот на приемот на барањето од Владата да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.

По ова Владата до Собранието доставува предлог за именување јавен обвинител со кандидатите за кои Советот дал позитивно мислење.

  • Доколку Советот на јавни обвинители од оправдани причини во рок од 15 дена не достави мислење, добива дополнителен рок од 15 дена;
  • Ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно – што е друга разлика од постапката за разрешување;
  • Во случај Советот да не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да достави предлог за именување јавен обвинител и може да му предложи на Собранието да го повтори огласот;
  • За разрешувањето и за именувањето јавен обвинител, Собранието одлучува со просто мнозинство, односно со 61 глас.

Покрај, основните услови – да е државјанин на Република Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да е работоспособен и да е во добра општа здравствена состојба, да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од странство и да има положено правосуден испит во Република Македонија – кандидатите за државен јавен обвинител треба да исполнуваат и посебни услови. Тоа подразбира да имаат работно искуство од најмалку осум години со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит, или редовен или вондреден универзитетски професор кој предавал повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика.

Премиерот Заев вчера изјави дека негов личен став е новиот јавен обвинител да биде експерт, кој ќе ја има довербата, пред сè, кај граѓаните.

Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години, со право на повторен избор.