Северна Кореја успешно тестирала интерконтинентална балистичка ракета


Пјонгјанг, 4 јули, 2017 - 11:35 (META) 

Северна Кореја денеска соопшти дека извршила успешно тестирање на интерконтинентална балистичка ракета, јавуваат светските агенции.

Лансирањето на ракетата „хвасонг-14“ го следел и лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, кој го наредил тестирањето, било наведено во специјалната емисија на севернокорејската телевизија.

„Тестирањето на интерконтиненталната ракета е голем успех во историјата на нашата Република. Северна Кореја е јака нуклеарна сила која може да го нападне кое било место на земјата“, било кажано во емисијата.

Според јапонското министерство за одбрана, лансираниот проектил достигнал височина од 2.802 километри. Аналитичарите сметаат дека тоа одговара на карактеристиките на интерконтинентална ракета.

„Проценките се дека ракетата достигнала височина од 2.500 километри и летела околу 40 минути пред да падне во Јапонското Море, во економската зона на Јапонија, по лет од 900 километри“, било наведено во соопштението.

Станува збор за најуспешниот ракетен тест на Пјонгјанг, а некои аналитичари сметаат дека ракетата би можела да стигне и до Алјаска.

На тестирањето на ракетата реагираше американскиот претседател Доналд Трамп, кој на својот твитер-профил
го критикуваше севернокорескиот лидер Ким Џонг-ун, прашувајќи се дали тој „нема попаметна работа во животот“ од истрелување ракети.

„Тешко е да се поверува дека Јужна Кореја и Јапонија тоа долго ќе го толерираат. Можеби Кина ќе направи силен гест во врска со Северна Кореја со што би ѝ се ставило крај на оваа бесмисленост еднаш засекогаш“, наведува Трамп.


Носачот на авиони на САД наскоро ќе пристигне во Јапонското Mоре, најави Пенс


Сиднеј, 22 април, 2017 - 13:15 (META) 

Американскиот носач на авиони „Карл Винсон“ за неколку дена ќе пристигне во Јапонското Mоре, изјавил денеска во Сиднеј, потпретседателот на САД, Мајк Пенс, пренесуваат светските агенции.

Вашингтон, на почетокот на овој месец, најави дека носачот на авиони и неговата флота ќе тргнат кон Корејскиот Полуостров, што беше протолкувано како демонстрација на сила на администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп.

„Очекуваме носачот на авиони да пристигне во Јапонското Море за неколку дена, а до крајот на овој месец“, изјавил Пенс во Сиднеј.

Американскиот потпретседател истакнал дека режимот во Северна Кореја не треба да се сомнева дека САД имаат ресурси, персонал и присуство во тој дел од светот.

Тензиите помеѓу САД и Северна Кореја добија интензитет по ракетните тестови на Пјонгјанг, но и поради стравот од подготовките за нова нуклеарна проба, шеста по ред.


Ќе ги зајакнеме нашите клучни сојузници на Пацификот, порача Белата куќа


Вашингтон, 12 февруари, 2017 - 18:32 (META) 

Ќе ги зајакнеме нашите клучни сојузници на Пацификот, одговори Белата куќа на лансирањето на балистичката ракета од страна на Северна Кореја.

„Нашата порака е дека ќе ги зајакнеме нашите клучни сојузници во пацифичкиот регион, што е дел од нашата стратегија за спречување на растечкото непријателство кое го видовме изминатите години од режимот на Северна Кореја“, изјави советникот во Белата куќа, Стивен Милер за „Фокс њуз“.

Северна Кореја истрела балистичка ракета од базата Бангјон кон Јапонското море. Проектилот поминал 500 километри пред да падне во морето.


Северна Кореја истрела балистичка ракета кон Јапонското море


Пјонгјанг, 12 февруари, 2017 - 10:05 (META) 

Северна Кореја истрела балистичка ракета, соопшти министерството за одбрана на Јужна Кореја, оценувајќи дека станува збор за провокација кон новата администрација на американскиот претседател, Доналд Трамп.

Ракетата, како што пренесуваат светските медиуми, била лансирана во 7.55 часот според локално време од базата Бангјон во западниот дел на Северна Кореја и летала на исток, кон Јапонското море, каде паднала.

Проектилот поминал 500 километри пред да падне во морето, но од министерството за одбрана во Сеул навеле дека сè уште не се знае за каков тип на ракета станува збор.

Претседателот на САД, Доналд Трамп кој во тој момент се наоѓал на Флорида заедно со јапонскиот премиер Шинзо Абе, кој се наоѓа во посета на САД, кратко изјавил дека Јапонија има 100 отсто поддршка од САД и дека тестирањето на ракетата од страна на Пјонгјанг е „апсолутно недозволиво“.

Северна Кореја од 2006 година изведе пет нуклеарни проби и серија тестирања на балистички ракети поради што на земјата и беа воведени строги меѓународни санкции кои во март 2016 година беа дополнително заострени.