!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Северна Кореја тестираше уште една ракета над Јапонија


Пјонгјанг, 15 септември, 2017 - 10:18 (META) 

Северна Кореја испукала уште еден проектил од близината на Пјонгјанг. Американците и Јужнокорејците ги анализираат податоците од оваа проба. Јапонија тврди дека една ракета го прелетала островот Хокаидо, а потоа паднала во Тихиот Океан.

Јужнокорејскиот совет за национална безбедност одржа итна седница веднаш откако беше објавена веста за новиот ракетен тест на режимот во Пјонгјанг.

Јапонскта телевизија НХК објави дека проектил го прелетал островот и се урнал во Тихион Океан, околу 2.000 километри источно од брегот на Јапонија.

Ракетата е лансирана еден ден откако Пјонгјанг се закани дали ќе ја „потопи“ Јапонија и во САД ќе донесе „пепел и мрак“ поради новата поддршка на пакетот санкции на Советот за безбедност на ОН против Северна Кореја.

Претходното тестирање проектили, Пјонгјанг го изведе кон крајот на август, кога севернокорејска ракета исто така прелета над Хокаидо пред да се урне во океанот.


Кина ја повика Јапонија да не му воведува нови санкции на Пјонгјанг


Пекинг, 2 септември, 2017 - 16:55 (META) 

Кина ја повика Јапонија да не ѝ воведува еднострани санкции на Северна Кореја поради лансирање на севернокорејската ракета преку јапонската територија, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.

Министерот Ванг Ји вчера изјави дека едностраните санкции не се во духот на резолуцијата на Советот за безбедност и дека за нив нема основа во меѓународното право и дека затоа Јапонија не треба да донесе погрешна одлука.

Тој додаде дека се надева дека Јапонија ќе работи на подобрување на билатералните односи со обновување на меѓусебната доверба и градење пријателство.


САД тестираше пресретнување балистички ракети


Вашингтон, 30 август, 2017 - 16:51 (META) 

Eден ден откако Северна Кореја лансираше ракета која прелета над Јапонија, американската војска изведе проба за пресретнување балистички ракети кај брегот на Хаваи, соопшти Американската агенција за ракетна одбрана.

Во соопштението се наведува дека Агенцијата за ракетна одбрана, заедно со маринците, успешно пресретнала балистички ракети со среден домет од разорувачот „Џон Пол Џон“.

Директорот на агенцијата, генерал потполковник Сем Грејвс, вели дека тестот претставува клучна пресвртница.

– Продолжуваме да развиваме одбрана од балистичка ракетна технологија за да се справиме со заканите – вели Грејвс.

Северна Кореја во вторникот истрела ракета која прелета над северот на Јапонија и падна во водата на Тихиот Океан кај островот Хокаидо.


Ракетниот тест е подготовка за воени акции во Пацификот, порача Пјонгјанг


Пјонгјанг, 30 август, 2017 - 10:49 (META) 

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го оценил вчерашното тестирање на балистичката ракета како успешно и го опишал како подготовка за напад на американскиот остров Гуам во Пацификот, се наведува во соопштението што го пренесе државната новинска агенција на Северна Кореја – КЦНА.

Во соопштението се наведува дека Ким Џонг-ун изразил големо задоволство поради успешниот тест и наредил уште неколку слични тестирања во области во Тихиот Океан.

Агенцијата КЦНА истакна дека балистичкиот тест на Пјонгјанг е одговор на заедничките воени вежби на САД и на Јужна Кореја.

Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) синоќа одржа итен состанок на кој остро го осуди лансирањето на балистичката ракета кон Јапонија и го повика Пјонгјанг да се откаже од ракетната и од нуклерната програма.

Советот за безбедност на ОН ги оцени акциите на Северна Кореја како „невидени“, наведувајќи дека се изведени со намера да се загрози мирот и стабилноста во регионот. Советот го повика Пјонгјанг да преземе „директни и конкретни мерки“ за намалување на тензиите на Корејскиот Полустров.

Итниот состанок беше одржан на барање на Вашингтон, Токио и на Сеул, откако Пјонгјанг вчера истрела балистичка ракета која ја прелета Јапонија пред да падне во Тихиот Океан.


Северна Кореја истрела ракета преку Јапонија, итна седница на Советот за безбедност на ОН


Пјонгјанг, 29 август, 2017 - 10:45 (META) 

Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) денеска ќе одржи итна седница на барање на САД, Јапонија и на Јужна Кореја, откако Пјонгјанг истрела балистичка ракета што ја прелета територијата на Јапонија пред да падне во Тихиот Океан.

Како што јавуваат светските медиуми, сирените за тревога се активирале во северниот дел на Јапанија, предупредувајќи ги луѓето да побараат засолниште, а железничкиот транспорт бил прекинат.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе денеска изјавил дека во текот на 40-минутниот телефонски разговор со американскиот претседател, Доналд Трамп, се согласил да се засили притисокот на Северна Кореја.

Тој истакнал дека потегот на Пјонгјанг претставува „сериозна закана, без преседан“.

Истовремено, Северна Кореја поднела жалба до Советот за безбедност на ОН поради заедничките воени вежби на САД и на Јужна Кореја, наведувајќи дека таквите акции се провокација во екот на тензиите на Корејскиот Полуостров.

Советот за безбедност на ОН на почетокот на август усвои резолуција која предвидува воведување на нови, поостри санкции кон Северна Кореја, откако Пјонгјанг во јули истрела интерконтинентална балистичка ракета, втора по ред.

Северна Кореја претходно се закани дека би можела да истрела ракета кон американскиот остров Гуам во Пацификот, на што претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека во таков случај Пјонгјанг ќе се соочи со „оган и бес“.


Пјонгјанг испали три балистички ракети во Јапонското Море


Пјонгјанг, 26 август, 2017 - 11:18 (META) 

Американската војска соопшти дека Северна Кореја испукала од покраината Гвангвон три балистички проектили со краток домет кои летале 250 километри и паднале во Јапонското Море.

По минатомесечното испукување интерконтинентални балистички ракети, Пјонгјанг се закани дека ќе ги насочи своите проектили кон американскиот остров Гуам, но најновите нуклеарни тестови не се закана ниту за САД, ниту за островот, соопшти американската војска.

– Ниту еден балистички проектил не дојде до јапонските територијални води или до нашата економска зона. Известен сум дека нема директни последици по безбедноста на Јапонија. Сепак јапонскиот премиер Шинѕо Абе даде упатства до властите да останат во состојба на зголемена готовност – рече секретарот на јапонската влада, Јошихиде Суга.


Пронајдена бомба во близина на нуклеарната електрана Фукушима


Токио, 10 август, 2017 - 13:40 (META) 

Бомба за која се претпоставува дека е од Втората светска војна е пронајдена на градилиште во близина на комплексот на нуклеарната електрана Фукушима во Јапонија.

„Работниците рано утринава ја забележале бомбата ископувајќи земја на едно паркиралиште, кое е околу еден километар оддалечено од реакторот, кој во 2011 година беше уништен со земјотресот и со цунамито“, стои во соопштението на операторот на постројката, ТЕПКО.

Властите велат дека за’рѓаниот објект е со должина од околу 85 сантиметри и широк околу 15 сантиметри.

Воените единици, како што е соопштено, се упатени на терен за да ја деактивираат бомбата.


Во налет на тајфун во Јапонија повредени 51 лице


Токио, 8 август, 2017 - 9:57 (META) 

Најмалку 51 лице е повредено во Јапонија во налетот на тајфунот Нора, проследен со обилен дожд кој предизвикал поплави.

Тајфунот ги погодил западните делови на земјата, проследен со ветер кој достигнал брзина и до 108 километри на час.

Метеоролозите истакнуваат дека тајфунот се поместува накај североисток.

Јапонската телевизиска станица НХК известува дека 51 лице се повредени, како и дека многу куќи и патишта се поплавени.


18 жртви и многу исчезнати во поплавите во Јапонија


Токио, 9 јули, 2017 - 10:59 (META) 

Најмалку 18 лица загинаа, а 27 се водат како исчезнати во поплавите што го погодија југот на Јапонија, соопштија јапонските власти.

Островот Кјушу е опустошен откако реките се излија од коритата, а водата однела делови од патиштата, куќите и од училиштата.

Повеќе од илјада луѓе се евакуирани и префрлени во привремени засолништа во школски сали и во јавни згради, но голем дел се сè уште заробени во своите куќи.

Повеќе од 500 луѓе се целосно отсечени, а локалните медиуми јавуваат дека урнатите мостови и надојдената вода ги отежнуваат напорите на спасувачите.


Јапонски воен авион исчезна со четиричлен екипаж


Токио, 15 мај, 2017 - 15:35 (META) 

Јапонското министерство за одбрана испратило авиони и хеликоптери за да пронајдат авион со четиричлен екипаж, кој денеска исчезна на северот на Јапонија.

Извидувачкиот авион исчезнал од радарите во близина на аеродромот Јакадате, на островот Хокаидо, додека се обидувал да собере пациент во Хакодате, на барање на градоначалникот на градот, соопшти портпаролот на министерството.

– Пративме четири хеликоптери и два авиона да го пронајдат исчезнатиот авион. Засега немаме најдено никакви траги – рече портпаролот, додавајќи дека временските услови се многу лоши, особено по планините.

Исчезнатиот авион требало да превезе пациент од болница во Хакодате го градот Сапора, главен град на префектурата Хокаидо, за посебен медицински третман.