ДЗР контра Макрадули: Ревизорскиот наод дека индустријата загадува е точен


Скопје, 11 февруари, 2019 - 16:20 (META) 

Сите податоци кои се презентирани во Меѓународниот ревизорски извештај за квалитет на воздухот, кој неодамна беше објавен од страна на Државниот завод за ревизија се релевантни и се обезбедени од надлежни институции од страна на ревизорскиот тим, се вели во писмената реакција на Државниот завод за ревизија, откако „Мета“ побара коментар на изјавата на Јани Макрадули, заменик-министерот за животна средина дека во овој извештај податоците се само делумно точни.

„Заедничкиот извештајот е резултат на кооперативна ревизија во која учествуваа Европскиот суд на ревизори и Врховни ревизорски институции на 15 земји меѓу кои и Државниот завод за ревизија на Македонија. Координатори беа Врховните ревизороски институции на Холандија и Полска“, стои во писмената изјава од Мијалчо Дургутов, ревизор во Секторот за информациски системи и портпарол на Државниот завод за ревизија.

Дургутов, меѓу другото истакнува и дека за оваа ревизија, Државниот завод за ревизија изготвил и објавил и Национален извештај, кој е објавен на веб-страната на Државниот завод за ревизија во февруари 2018 година и кој беше доставен до надлежните институции. Во Извештајот се дадени и препораки до надлежните институции по кои истите треба да постапат.

Во емисијата „Само вистина“, емитувана на „Канал 5“ телевизија на 4 февруари, каде беше еден од гостите, на прашање како го оценува овој извештај, Макрадули изјави дека апсолутно е неточна констатацијата за индустријата, бидејќи таму е само лоцирана и земена РЕК Битола и влијанието на ЦО2 и СО2, како и дека „тој извештај датира од 2017 година и дека Меѓунардониот ревизорски извештај „лоцира некои точки кои делумно се точни, делумно не се точни“.

Макрадули притоа изјави дека она што најмногу не мачи нас во Скопје, во Тетово, Куманово и во Битола се ПМ- честичките и дека е научно докажано во цел свет, 90 проценти од ПМ-честичките се создаваат од загревањето на дрва.

Коментар на наодите на неодамна објавениот Заедничкиот ревизорски извештај за квалитет на воздухот на EUROSAI, во кој има доста забелешки на начинот на кој македонските надлежни институции се справуваат со загадувањето, „Мета“ побара и од портпаролката на надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање, Беса Татеши, но таа до објавувањето на овој текст не одговори на барањето за изјава.


Владините мерки против загадувањето стартуваат со замена на неефикасните печки


Скопје, 16 јануари, 2019 - 14:10 (META) 

Владата во текот на месецов стартува со реализација на програмата за справување со загадувањето преку директна помош на семејствата со полош социјален статус за замена на нивните неефикасни печки со енергетски поисплатливи и еколошки поприфатливи системи на греење, најави на денешната средба со претставниците на граѓанскиот сектор заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули.

Владата планира во 2019 преку 90 проценти од предвидените средства да потроши за замена на нееколошки начини на греење во домаќинствата, институциите и јавните установи во Скопје, но и низ неколку таргетирани градови како Куманово, Тетово и Битола.

За разлика од досегашните повици за субвенционирање на печки на пелети на Министерството за економија и на општините и Градот Скопје, според Макрадули, овој зафат нема да се базира на принципот „прв дојден прв услужен“, туку ќе се раководи од висината на семејните приходи и ќе почне од зоните на ниска емисија какви што се населбите Лисиче и Шуто Оризари, за да се покаже дека ваквите методи носат резултати.

Заменик-министерот Макрадули најави во текот на јануари поврзување на дел од јавните установи и институции на топлификационата мрежа во Скопје кои досега биле загревани со мазут, при што го наведе примерот на студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу каде до сега за греење се трошеле преку седум милиони денари за набавка на мазутот, додека со приклучувањето на градската мрежа трошоците за греење би изнесувале околу пет милиони при што, освен намалените емисии на чад ќе има и значителен финансиски ефект.

Тој, исто така го наведе примерот на градинката Кочо Рацин под Панорама, каде, наместо 16 илјади евра за мазут, за 12 пати ќе бидат помали трошоците за греење со поставени инвертори.

Зазеленување на дворовите на градинки, училишта и болници кои граничат со сообраќајници со садници на автохтони дрва произведени од страна на студентите на Земјоделскиот факултет во Скопје со цел подигање на заштитна зелена бариера е уште една од мерките за борба против загадувањето кои ќе почнат да се реализираат во наредните месеци, најави на денешната средба Макрадули.

Меѓу првите објекти опфатени со оваа програма ќе се сади во дворот на градинката во општина Гази Баба на влезот во Скопје, а потоа и помеѓу Клиничкиот центар и улица Водњанска во Скопје.

Заменик министерот за животна средина најави и измени во законската регулатива за да се реализираат планираните активности во напуштањето на еколошки загадувачките начини на загревање – преку донесување забрана за користење јаглен за греење и измени во законот за градење.


Макрадули: Ако и утре продолжи загадувањето ќе стапат на сила времени мерки


Скопје, 24 декември, 2018 - 14:36 (META) 

Дефиниран е надминат праг на информирање односно сме во состојба на информирање за загадувањето на воздухот кога важат препораките да не се излегува надвор, јавниот превоз да се користи, повеќе граѓани да бидат во едно возило, изјави денеска заменик-министерот за животна средина просторно планирање Јани Макрадули.

За надминувањето на прагот на информирање, Макрадули рече дека е информирана јавноста и институциите кои се задолжени за тоа.

– Ако и утре продолжи загадувањето ќе има праг на алармирање – вели тој.

Посочи дека согласно уредбата донесена од Владата, според која, прагот на информирање и алармирање за загадување на воздухот од пет и десет дена беа намалени на два дена минатата година, денеска е надминат прагот на информирање, но таа уредба, како што рече, зависи од податоците од мерните станици и од метеоролошките услови.

– Така е секаде во светот. Бидејќи минатиот пат беше јасно дека за кратко време ќе дува северен ветер, бидејќи таа е композит одлука и зависи од два фактори и од податоците од Хидрометеоролошкиот завод и од мерните станици, затоа не се прогласи 0 додаде Макрадули одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на работилницата за дефинирање предлог граници и зони за формирање заштитено подрачје Осоговски Планини.


Екологистите: „Планот за чист воздух“ е нереален, неконкретен и без прецизни рокови


Скопје, 11 декември, 2018 - 9:56 (META) 

Иако сметаат дека е добро што Владата го препознала проблемот со аерозагадувањето како сериозен и усвоила план како да почне да се справува со него, екологистите сепак велат дека владината програма за борба со аерозагадувањето наречена „План за чист воздух“, за чие што финансирање во Собранието беше одржана и донаторска конференција, не дава прецизни одговори кои чекори се приоритетни, со која динамика ќе се реализираат предвидените активности, колку пари ќе се потрошат за која намена и какви ефекти од секоја конкретна мерка се очекуваат.

Од „О2 Иницијативата“ на својата Фејсбук-страна објавија глобална анализа на содржината на владината програма за борба против аерозагадувањето.

„Премногу често, мерките најавуваат воопштени активности како „зголемено, зајакното, зачестено, воведување, стимулирање, примена, измени”, но нема конкретно наведни активности точно за колку зголемено, за колку зајакнато, колку зачестено, како точно ќе се спроведе, тоа што се планира да се воведе, како точно ќе се стимулира, кои точно модели ќе се применат, кои ќе бидат законските измени и што тоа значи конкретно, кои се импликациите од тие измени“, се вели во анализата на „О2 Иницијатива“.

Од таму додаваат дека Планот за чист воздух наведува на заклучок дека не се направени потребни анализи, не е изготвен детален реален план, врз чија основа ќе се реализира програмата, конкретно, месец за месец, со видливи и мерливи резултати за да се постигне зададената цел во зададениот рок.

Тие велат и дека во програмата нема конкретни одговори како ќе се овозможи приклучување на индивидуални домови на топловодната или на гасоводната мрежата, а во своите домови треба да извршат градежни активности за поставување инсталација, радијатори, кога ќе се намали ДДВ за парно греење, како ќе се спроведе одлуката за забрана за продажба на јаглен за греење, како ќе се спроведе поефикасна инспекциска контрола, што подразбира планираниот „зимски режим на сообраќај“, како Владата ќе ја подигнува еколошката свест и други дилеми.

Од невладината „Еко-Свест“, пак, велат дека сепак е за поздравување тоа што за првпат Владата воопшто излегува со стратегија за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот.

„За прв пат имаме план со планирани финансиски средства за негова реализација. Но, важно е како и дали оваа стратегија ќе се спроведе и колку ќе биде ефикасна“, вели Ана Чоловиќ Лешоска, извршен директор на „Еко-Свест“ и додава дека неопходно е еколошките граѓански здруженија будно да го следат нејзиното спроведување.

Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули пред донаторската конференција повторно ги повика невладините еколошки здруженија да работат на кампањи за информирање на граѓаните кои користат загадувачки материјали каков што е јагленот за загревање на домовите, по угледот на нивни колеги од други европски земји.

Екологистите сметаат дека не е доволно Владата само да декларира вакви мерки и да ги повикува невладините да работат на подигање на јавната свест.

„Токму граѓанскиот сектор упорно инсистира на соработка со Министерството за животна средина и со Владата, но сега не сме консултирани за начинот на реализација на овој аспект од владината програма“, вели Чоловиќ Лешоска од „Еко-Свест“, додавајќи дека за такви кампањи требаат пари, а не само нивна волонтерска работа.

За „О2 Иницијатива“ ова е уште една непрецизно осмислена мерка која покажува дека отсуствува детален реален план, врз чија основа ќе се реализира програмата, конкретно, месец за месец, со видливи и мерливи резултати за да се постигне зададената цел во зададениот рок.

„Какви ќе бидат едукативните кампањи, директни, преку медиуми? Кој ќе ги спроведува овие кампањи? Под чиј надзор?“ прашуваат од „О2 Иницијатива“.


„О2“: Од Макрадули чекаме точни анализи и статистики, а не брза пропаганда


Скопје, 5 декември, 2018 - 15:45 (META) 

Каква е оваа статистика, кога од неа се исклучени станиците кои покажуваат историски највисоки вредности, најголема загаденост со ПМ10, Лисиче и Гази Баба?, го прашуваат екологистите од Иницијативата „О2“ заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули.

Тој завчера излезе во јавност со делумни податоци од мерните станици во државата, кои покажуваат тренд на намалување на загадувањето на воздухот во некои делови од државата, посебно во градовите Скопје, Тетово и Битола.

Според соопштението на „О2“ недозволиво е врз основа на нецелосни и селективни податоци – на пример, од само една мерна станица во Скопје (онаа во Карпош), или „Битола 2“ или од станици за кои нема податоци за сите денови – да се тврди дека во 2018 година постои намалување на бројот на денови на загаденост во однос на 2017 и 2016 година.

„„Лисиче“ е исклучена од октомври, „Гази Баба“ од август, што е крајно неприфатливо, особено што предизборно беше ставено како приоритет. Голем број од другите мерни станици кои се земени за споредба имаат големи „дупки“ во податоците. Не ни е јасно како „Лисиче“ не се земало за споредба, но „Велес 2“ да?“, велат од Иницијативата.

Од „О2“ го потсетуваат заменик-министерот и дека за „Велес 2“ нема податоци од јули, а исто така немало податоци и за најголемиот дел од јануари, но и во други месеци од изминатава година. Исто така, посочуваат екологистите,  од „Битола 2“ годинава два месеца немало податоци, исто како и минатата година. Мерната станица „Битола 1“ во 2016 година речиси цели три месеци не давала податоци, а годинава тоа било случај речиси еден месец.

„Годишна статистика и споредување на податоци не е можно кога има толкави ,дупки’ во мерењата. Не може да правите споредба за три години, потполно да ги игнорирате овие фактори и да излезете во јавност со изјава дека споредбено со претходните две години, во 2018 година постои намалување на бројот на загадени денови“, велат екологистите.

Макрадули рече дека постои сериозно намалување на бројот на загадени денови во Тетово, каде во 2016 година имало 273 загадени денови, во 2017 година – 115, додека во 2018 тој број паднал на 105. Исто така, Макрадули рече дека во Битола минатата година имало 105 загадени денови споредбено со 65 денови годинава на првата мерна станица, или 99 загадени денови лани наспроти 70 годинава на локацијата на втората мерна станица.

Заменик-министерот тврдеше и дека просекот од сите мерни станици на национално ниво покажува благ пад, од 99 загадени денови во 2016 и 2017 на 86 загадени денови во 2018 година, во периодот 1 јануари – 30 ноември. Според Макрадули, тоа е доказ дека напорите на Владата, но и на сите други институции, за намалување на аерозагадувањето веќе даваат резултати.

Потегот на Макрадули од О2 Иницијативата го оценуваат како „крајно манипулативно и непрофесионално, од Министерство од кое се очекуваат издржани и точни анализи и статистики, а не брза пропаганда“.


Не може да се активираат итните мерки за загадувањето без мерните станици во Лисиче и Гази Баба


Скопје, 3 декември, 2018 - 12:57 (META) 

Нефункционалните мерни станици за загадување со ПМ10 честички во Лисиче и Гази Баба ја оневозможуваат Влада на Република Македонија да ги активира интервентните мерки против аерозагадувањето, велат од „Скопје смог аларм“.

„Согласно уредбата, доколку среднодневната концентрација на ПМ10 честички е над 200 микрограми на кубен метар во два последователни денови во најмалку две мерни станици во Скопје, тогаш стапуваат на сила мерки како ослободување од работни обврски на бремени жени, постари лица, лица со хронични заболувања, потоа воведување на бесплатен јавен превоз, дневно чистење на улиците, зачестени инспекции, посебен сообраќаен режим итн. Фактот што мерните станици за ПМ честички во Лисиче и Гази Баба се нефункционални во екот на загадувањето, укажува на несериозен пристап кон проблемот од страна на надлежните“, стои во соопштението од „Скопје смог аларм“.

„Мета“ во неколку наврти пишуваше дека граѓаните со месеци не можат реално да се информираат за нивото на загадување на воздухот во дел од најзагадените подрачја во земјава. Во скопските населби Гази Баба и Лисиче мерните станици работат селективно, па така, инструментот за мерење на ПМ10 честички во Гази Баба е исклучен од 14 август оваа година односно, а во Лисиче од 5 октомври односно два месеци.

Нефункционирањето на инструментите за ПМ10 честички на мерните станици нема да биде прикажано како намалување на загадувањето на воздухот во годишните извештаи, изјави заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули како одговор на новинарско прашање на „Мета“.

– Не, нема да бидат прикажани како намалување на загадувањето бидејќи не работат. Сакам да го потенцирам уште еднаш Планот за чист воздух кој се справува со загадувачите. Дали мерната станица покажува 100 или 150 микрограми на кубен метар е важно, но најбитно е да го спречиме тој што предизвикал 150. Планот се базира токму на тоа, како да го решиме загадувањето – вели Макрадули.

Тој информираше дека со Планот се предвидува во 2019 година да се набават комплетно нови инструменти за веќе постоечките 18 мерни станици. Во мониторингот ќе има предвидување во реално време, односно тридневна проекција на загадувањето.

Последното мерење на станицата во Лисиче за ПМ10 честички било на 5 октомври во 8 часот утрото кога мерната станица покажа 137 микрограми на кубен метар. Три часа претходно во 5 часот утрината покажала 629 микрограми, во 3 часот после полноќ 382 микрограми, а во 1 часот 259.


Макрадули: Има мораториум на ДУП-от во Центар, зградата кај ГТЦ не може да се гради


Скопје, 30 ноември, 2018 - 14:05 (META) 

Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, при денешната посета на Цементарница УСЈЕ во рамки на отворениот ден на компанијата, прашан за изградбата на висококатницата кај паркингот пред „Холидеј ин“, рече дека во овој момент ДУП-от има мораториум.

– Според изјавата на градоначалникот на Општина Центар не мислам дека е се поизвесно градењето на таа висококатница. Во овој момент, тој ДУП има мораториум и согласно тоа, во овој момент не постои начин како да се издаде дозвола за нешто што е во рамки на некој план кој има мораториум – одговори Макрадули на прашањето дали Министерството ќе реагира на оваа изградба.

Тој потсети дека лани се донел Законот за зеленилото, кое што треба да го има во процесот на градење на секој објект.

– Правилникот е готов и тој ќе биде објавен деновиве. Така што задачата на министерството да се грижи за бројот, површината и зеленилото ќе биде спроведувано согласно закон – додаде Макрадули.

Тој уште еднаш го повтори својот став дека главни причинители за загадувањето во Скопје и Битола се домаќинствата.

– Уште еднаш да повторам, може да се зборува и за мустаќите на заменик-министерот и за фотомонтажите, но она што е реалноста и науката го вели тоа, дека во Битола и во Скопје за загадувањето е виновно домашното затоплување. За жал, многу граѓани не од тоа што сакаат, туку заради социјалниот статус користат извори на затоплување кои не се еколошки. Тоа е наша задача, со средства од буџетот со партнерски однос со компаниите да им ги замениме, да не ги ставаме во дополнителен трошок – рече Макрадули.


Цементарница УСЈЕ: Ако не работат филтрите, процесот на работа во фабриката застанува


Скопје, 30 ноември, 2018 - 14:00 (META) 

Цементарница УСЈЕ денеска ги отвори вратите за сите заинтересирани граѓани, организации и институции за да се запознаат со работата на компанијата и да добијат одговори на прашањата за загадувањето.

Главниот извршен директор Борис Хрисафов најдоговорно тврди дека Цементарница УСЈЕ во целост работи според сите законски прописи и ги почитува регулативите кои се пропишани од македонското, па и европското законодавство. Тој уверува дека тие не се компанија која работи ноќе, а дење гаси, бидејќи тоа скапо ќе ги чини, и не се компанија која нема филтри.

„Потенцирам дека без работење на филтрите, процесот застанува. Не е можно процесот да тече, ако нашите филтри не се во функција. Станува збор за најсовремени филтри кои овозможуваат да имаме ниски емисии на прашина и на азотни оксиди“, вели Хрисафов.

Тој додаде дека иако Цементарница УСЈЕ многу често на фејсбук-страниците е посочувана како компанија која допринесува во загадувањето, во многу погледи се далеку под нормите кои се пропишани со законот.

kvalitet

„Емисиите во воздухот се контролирани преку 24-часовен мониторинг, независен систем кој не е контролиран од нас воопшто. Повремено ангажираме и други акредитирани компании, уште еднаш паралелно независно да вршат мерење. Резултатите ги објавуваме на нашата веб-страница и ги испраќаме до Министерството за животна средина и просторно планирање согласно со нашата еколошка дозвола, еднаш месечно. Донесовме одлука, во овој период кога загриженоста на граѓаните е многу поголема, тоа да го правиме и на неделно ниво и во секое време на барање на граѓаните“, додаде Хрисафов.

За чадот од оџаците кој е видлив со голо око, и од кој, најчесто има објавувани фотографии директорот вели дека е водена пареа, односно чиста кондензација.

„Ако малку добро го погледнете оџакот и се сконцентрирате ќе видите дека во првиот метар нема ништо, а потоа тоа кондензира и се претвора во водена пареа. Кога е сончево време и на лето тоа го нема, а ние тогаш работиме со два пати поголем капацитет од зимскиот период“, вели Хрисафов.

На новинарско прашање за загревање на печките, тој рече дека тие се палат на мазут, но ќе преминат на природен гас, а главно гориво е јагленот. Но се тоа поминува низ филтрите.

систем1

Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, рече дека иако пред осум дена Државниот инспекторат за животна средина имал контрола во компанијата, тие денеска го искористиле отворениот ден да дојдат, со цел како што рече, да придинесат во транспарентната борба која ја водат со добивање на реални податоци што се случува со загадувањето и кои се причинителите.

– Овде сме за разбивање на некои стереотипи, да ги потсмириме граѓаните, но од друга страна да не престанеме со нашите активности во справување со изворите на загадувањето. Започнува иницијатива на партнерски однос помеѓу владата и бизнис-заедницата. Очекувам компаниите да се придружат во заедничката акција на спроведување на Планот за чист воздух и веќе имаме неколку најави на компании кои ќе се придружат. Тоа е пред се во делот, нееколошките извори на затоплување во градинките, основните училишта, здравствените домови да ги замениме со извори на загревање кои се еколошки. Очекувам и другите компании да го следат примерот на Цементарница Усје и да направат отворени денови, бидејќи само на тој начин со зголемена комуникација и транспарентност ќе можеме да ги лоцираме вистински извори на загадување и полесно да се справиме со нив“, рече Макрадули.

Од Цементарница Усје додават дека тие остануваат отворени за посета за сите заинтересирани страни, во кое било време. Денеска немаше претставници на ниту една од невладините организации, граѓанските активисти или кој било заинтересиран граѓанин.

Инаку на барање на граѓаните, Инспекторатот на Град Скопје поднесе барање да биде извршен инспекциски надзор во компанијата согласно надлежностите на Државниот инспекторат за животна средина. Заклучокот од ДИЖС е дека не постои поврзаност помеѓу концентрација на ПМ10 честички и емисии на Цементраница УСЈЕ.

За заштита на животната средина, компанијата лани вложила еден милион евра, а од 1998 година 40 милиони евра.


Макрадули вечерва на „Фејсбук“ ќе одговара на прашања за загадувањето


Скопје, 29 ноември, 2018 - 15:25 (META) 

Денеска во 20.30 часот на „Фејсбук“ страницата „План за чист воздух“, граѓаните ќе можат да му поставуваат прашања од доменот на борбата против загадувањето на воздухот на заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули и тој ќе одговара на нив во живо. Прашањата, исто така, ќе можат да бидат поставувани и преку „Твитер“, со користење на хаштагот #ЗаЧистВоздух.

Оваа информација беше објавена и на „Фејсбук“ страницата „План за чист воздух“, кој како програма на Владата за намалување на аерозагадувањето, неодамна претставен на јавноста и чијшто координатор е токму Макрадули. Веднаш откако беше објавено дека ќе има дијалог со вториот човек од ресорното министерство за екологија, почнаа да пристигнуваат прашања од граѓаните.

Беше поставено прашањето како можат граѓаните, кои ќе пријават загадувач до Државниот инспекторат за животна средина, да следат што потоа се случува со нивните пријави. Прашуваат зошто не се покриени депониите со опасен отпад во кругот на некогашната фабрика „Охис“, кои опасно ја загадуваат околината и зошто не е алармирана јавноста за опасноста за уште една отровна депонија на линдан во месноста Паленица каде се одвиваат многу школски екскурзии од основни училишта во Скопје.

Дел од корисниците на социјалните мрежи прашуваат дали министерот за екологија, Садула Дураки, кој рече дека не го интересираат граѓаните, ќе поднесе оставка, потоа зошто е изгубена цела година откако беше формирана интерресорската група која требаше да работи токму на проблемот со загадувањето, а се нема состанато седум месеци, како и за интервентна набавка на маски за децата, која ја најави Владата пред една година, а маските се уште ги нема.


Ќе се исфрла нафтата за греење во две училишта во Ѓорче Петров


Скопје, 28 ноември, 2018 - 16:37 (META) 

Во основните училишта „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ и „Тихомир Милошевски“ во општина Ѓорче Петров наскоро ќе се исфрли нафтата како енергенс во училишните системи за затоплување и ќе се замени со поеколошки горива, најавија заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски.

Макрадули појасни дека пренамената ќе се направи следната година.

– Во рамките на „Планот за чист воздух“, во партнерски однос со деловната заедница интервенираме и ќе ја замениме нафтата како извор на затоплување со еколошки извор на затоплување – рече Макрадули.

Градоначалникот на Ѓорче Петров, пак, порача дека досега општината немала ниту еден проект за енергетска ефикасност, посебно во однос на заштитата на најранливата категорија, децата и учениците.

Наумоски побара граѓаните да бидат посовесни во поглед на фрлање на ѓубрето и објасни дека за контрола за намалување на дивите депонии воведени се инспекции во две смени.