!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Судот не знае како обвинетите во „Титаник“ дознале кои судии ќе одлучуваат за притворите


Скопје, 7 јули, 2017 - 15:22 (META) 

Обвинетите во случајот „Титаник“, меѓу кои и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, барале изземање на еден од тројцата судии од кривичниот совет што одлучуваше по барањето на Специјалното јавно обвинителство да им биде одреден притвор, потврди денеска Основниот суд Скопје 1.

Како обвинетите и нивната одбрана дознале кои судии го сочинуваат советот, од судот велат дека тоа не му е познато и не можат да дадат одговор ниту коментар за случајот.

Од судот ги отфрлаат како шпекулации наводите што вчера ги објави порталот „Сакам да кажам“, кој повикувајќи се на анонимни извори од судот објави дека Груевски, како и другите обвинети во „Титаник“ – Гордана Јанкулоска, Мартин Протогер, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски од тричлениот кривичен совет првично добиле притвор. Како што објави порталот, претседателката на советот веднаш му јавила на претседателот на Основниот суд Скопје 1, Стојанче Рибарев, за соодносот на гласовите од 2 – 1 за одредување притвор, по што од советот незаконски бил отстранет еден од судиите.

Во соопштението на Кривичниот суд се наведува дека првично во советот што одлучувал за притворите, биле определени судиите Билјана Коцевска, Дарко Тодоровски и Диана Груевска-Илиевска. Судијата Билјана Коцевска, поради здравствени проблеми, велат од судот, била спречена да учествува во одлучувањето, поради што на нејзино место, како член на советот, била определена судијката Џенета Бектовиќ.

„Според списите од предметот, од страна на обвинетите лица истиот ден (сабота, 1 јули), во 17.20 часот, во судската писарница е поднесено барање за изземање на судијата Дарко Тодоровски од одлучување по тој предмет. Како дознале обвинетите лица и одбраната за составот на советот, не ни е познато и не можеме да дадеме одговор ниту коментар“, стои во соопштението од судот.

Оттаму објаснуваат дека доколку работата по предметот не е завршена, во согласност со членот 37 од Законот за кривична постапка (ЗКП), судијата чие изземање се бара е „должен да престане со работење по предметот и за тоа да го извести претседателот на судот кој е должен да одлучи по барањето“.

Судијата Дарко Тодоровски дал изјава за поднесеното барање за негово изземање и в.д. претседателот на Кривичниот суд, Стојанче Рибарев, го иззел судијата Тодоровски, а за нов член на советот го определил судијата Марин Станевски, кој во саботата вечерта, околу 23.30 часот, дошол во судот.

„Доколку по конкретниот предметот веќе било одлучено, ќе бил подготвен записник за советување и за гласање и судијата Дарко Тодоровски ќе дал изјава со таква содржина, а барањето за изземање ќе било отфрлено. При составувањето на советот е постапувано итно, за да се овозможи почитување на рокот од 24 часа во кој треба да се одлучи по барањето за притвор“, велат од Кривичниот суд.

Оттаму додаваат дека кој судија како гласал при донесувањето на одлуката е забележано на записник, кој е таен и може да му биде достапен само на повисокиот суд при одлучување по жалба.

Инаку, кривичните совети на Основниот суд Скопје 1 како неосновани ги отфрлија сите 18 барања за притвор што ги поднесе Специјалното јавно обвинителство и бараната мерка ја замени со мерки за претпазливост, односно одземање на пасошите и обврска за јавување во судот еднаш неделно.


Вангеловски: Неделкова е изземена од предметите на СЈО бидејќи син ѝ таму е ангажиран


Скопје, 27 април, 2017 - 14:28 (META) 

Врховната судијка Лидија Неделкова била изземена од одлучувањето за предметите на Специјалното јавно обвинителство поради „состојба на блискост“, односно затоа што нејзиниот син бил во некаков работен однос во СЈО, рече претседателот на Врховниот суд, Јово Вангелвоски, на денешниот бирфинг со новинарите.

Станува збор за случаите за апсењето на градоначалникот на општината Пустец во Албанија, Едмонд Темелко, во случајот „Титаник“ и за притворот на бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во „Труст“.

Барањето за изземање на Неделкова, до Вангеловски го поднеле адвокатите на Темелко и на Кочан, а причината била сомневањето во непристрасноста на Неделкова, поради ангажманот на нејзиниот син во СЈО. Како доказ тие доставиле снимка од телевизијата „Телма“, на која случајно во кадарот бил „уловен“ синот на Неделкова, како излегува од просториите на СЈО.

Вангеловски, наведе и друг пример, како „доказ“ дека синот на Неделкова е ангажиран во СЈО.

– Од Врховниот суд беше пратено писмо до СЈО, на кое службено лице на приемното одделение ставило приемен печат и се потпишало на доставницата дека писмото е примено. Тоа лице што го примило писмото и се потпишало врз печатот е Давид Неделков, според потписот на доставницата, која стигна во судот – вели Вангеловски.


Врховниот суд официјално кажа дека одбил буквално сè, но не и зошто


Скопје, 11 април, 2017 - 16:26 (META) 

Врховниот суд попладнево и официјално соопшти дека ги одбил сите барања и приговори што беа на дневен ред на денешната општа седница.

Имено, на седницата се одбиени барањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за изземање на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, приговорот на судијката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, и приговорите на 17-те судии од Основниот суд Скопје 1 против годишниот распоред на работа, што го донесе в.д. претседателот на судот, Стојанче Рибарев.

Во соопштението на Врховниот суд не е наведено никакво образложение зошто и врз основа на што се одбиени барањата и приговорите.

„Врховниот суд на Република Македонија ја информира јавноста дека денеска беше одржана општа седница на Врховниот суд на Република Македонија, на која: Барањето за изземање на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, поднесно од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, беше одбиено; Приговорот на судија на Врховниот суд на Република Македонија (Лидија Неделкова, н.з.) изјавен против одлуката за изменување и за дополнување на одлуката за распоредот за работа на судиите и судската администрација во Врховниот суд на Република Македонија за 2017 година, беше одбиен; Сите 17 приговори на судиите на Основен суд Скопје 1 изјавени против годишниот распоред за работа на судиите на Основен суд Скопје 1 за 2017 година, се одбиени“, стои во соопштението на Врховниот суд.

Претседателот на Врховниот суд треба да одлучува по барањето за заштита на законитоста што на 27 март оваа година го поднесе Републичкото јавното обвинителство, со кое се бара поништување на одлуките на Основниот суд Скопје 1 и на Апелацискиот суд Скопје, а со кои му беше одреден притвор на бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“ на СЈО,  и кој веќе месец и пол е во бегство.

Специјалното јавно обвинителство бараше изземање на Вангеловски, бидејќи е дел од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, а кои биле снимени во период кога тој, исто така, ја извршувал функцијата претседател на судот. Според СЈО, тој разговор ја доведува во прашање непристрасноста на судијата Јово Вангеловски.


Врховниот суд го одби барањето на СЈО за изземање на Вангеловски


Скопје, 11 април, 2017 - 15:55 (META) 

Врховниот суд на денешната општа седница го одбил барањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за изземање на претседателот на судот, Јово Вангеловски, од Кривичниот совет, кој треба да одлучува за притворот на бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“ што го отвори СЈО.

Од Врховниот суд сè уште нема официјална потврда за одлуката за Вангеловски.

Специјалното јавно обвинителство бараше изземање на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, бидејќи е дел од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, а кои биле снимени во период кога тој, исто така, ја извршувал функцијата претседател на судот. Според СЈО, тој разговор ја доведува во прашање непристрасноста на судијата Јово Вангеловски.

Претседателот на Врховниот суд треба да одлучува по барањето за заштита на законитоста што на 27 март оваа година го поднесе Републичкото јавното обвинителство, со кое се бара поништување на одлуките на Основниот суд Скопје 1 и на Апелацискиот суд Скопје, а со кои му беше одреден притвор на Кочан, кој веќе месец и пол е во бегство.

На седницата бил одбиен и проговор на судијката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, поради, како што пренесуваат медиумите, одлуката на Вангеловски да ја тргне од Кривичниот совет што треба да одлучува за притворот на Кочан, иако овој предмет со електронска распределба на предмети ѝ се паднал нејзе.

Врховниот суд на денешната седница треба да одлучи и по приговорите на судиите од Основниот суд Скопје 1 на годишниот план за работа, што на крајот на минатиот месец го донесе в.д. претседателот на судот, Стојанче Рибарев.


Врховниот суд денеска ќе одлучува по барањето на СЈО за изземање на Вангеловски


Скопје, 11 април, 2017 - 10:02 (META) 

Врховниот суд денеска на општа седница во 11.30 часот, ќе одлучува по барањето на Специјалното јавно обвинителство за изземање на претседателот на судот, Јово Вангеловски.

На седницата ќе се резгледуваат и ќе се одлучува и по приговорите на судиите од Основниот суд Скопје 1 за годишниот план за работа, што на крајот на минатиот месец го донесе в.д. претседателот на судот, Стојанче Рибарев.

Специјалното јавно обвинителство бара изземање на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, бидејќи е дел од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, а кои биле снимени во период кога тој, исто така, ја извршувал функцијата претседател на судот. Како што појаснуваат од СЈО во барањето, тој разговор ја доведува во прашање непристрасноста на судијата Јово Вангеловски.

Според последните информации од минатата недела, во Врховниот суд беа пристигнати 17 приговори, но не се исклучува можноста нивниот број да е поголем.

Седницата е затворена за јавноста.


СЈО: Врховниот суд бара информација за изземање на судија, но нема да му одговориме


Скопје, 10 април, 2017 - 16:17 (META) 

Барањето што Врховниот суд на Република Македонија минатиот четврток го испратил до Специјалното јавно обвинителство се однесувало на информација поврзана со барање за изземање на судија од овој суд, соопштија попладнево од СЈО.

Од СЈО не прецизираат за кој судија станува збор, а на прашање на „Мета“ оттаму велат дека не се работи за изземањето на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

Сепак, од Специјалното јавно обвинителство нема да испратат одговор на барањето од Врховниот суд, за, како што велат оттаму, да не се влијае на исходот од постапката.

„Во согласност со Законот за кривична постапка, во постапката за изземање на судија задолжително дејство е прибавувањето изјава од судијата. Со оглед на тоа што бараната информација може да се добие од самиот судија за кој е барано изземањето, ова јавно обвинителство нема да обезбеди одговор за да не се влијае на исходот на постапката“, стои во соопштението на СЈО.

Оттаму велат дека се свесни за итноста на постапките, додаваат оти СЈО не влијае на нивното одолжување и апелираат начелото на итност да биде соодветно применувано и при постапувањето со нивните барања.

Инаку, седницата на која Врховниот суд ќе одлучува за барањето за изземање на Вангеловски и закажана за утре.


Врховниот суд утре ќе одлучува за изземањето на Вангеловски


Скопје, 10 април, 2017 - 15:10 (META) 

Врховниот суд за утре ја закажа општата седница на која треба да одлучува по барањето на Специјалното јавно обвинителство за изземање на претседателот на највисокиот суд во државата, Јово Вангеловски, потврдија за „Мета“ од судот.

На седница која е затворена за јавноста, како што информираат од Врховниот суд, ќе се одлучува и по приговорите на судиите од Основниот суд Скопје 1 против годишниот план за работа што го донесе в.д. претседателот Стојанче Рибарев.

„Ве известуваме дека утре, на 11 април 2017 година, закажана е општа седница на Врховниот суд на Република Македонија, на која ќе се одлучува по приговорите на судиите на Основен суд Скопје 1 против годишниот распоред за работа и барањето за изземање на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија“, стои во одговорот на Врховниот суд на нашите прашања колку вкупно судии досега поднеле приговори за годишниот распоред во Основниот суд Скопје 1 и дали е закажана општата седница на која треба да се одлучува по приговорите и по барањето на СЈО за изземање на Вангеловски.

„Општа седница“ е термин со кој се означуваат седниците на Врховниот суд на кои присуствуваат сите судии.

Од Врховниот суд не кажуваат колку судии досега поднеле приговори за годишниот распоред на Рибарев. Според последните информации од минатата недела, во судот беа пристигнати 17 приговори, но не се исклучува можноста нивниот број да е поголем.

Специјалното јавно обвинителство бара изземање на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, бидејќи е дел од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, а кои биле снимени во период кога тој, исто така, ја извршувал функцијата претседател на судот. Како што појаснуваат од СЈО во барањето, тој разговор ја доведува во прашање непристрасноста на судијата Јово Вангеловски.


Врховниот суд сè уште не ја закажал седницата за изземањето на Вангеловски


Скопје, 31 март, 2017 - 13:10 (META) 

Врховниот суд на Република Македонија сè уште не ја закажал општата седница на која треба да се одлучува по барањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за изземање на претседателот на судот, Јово Вангелвоски, велат за „Мета“ од Врховниот суд.

– Во врска со Вашето прашање, Ве известуваме дека Врховниот суд на Република Македонија сè уште нема закажано општа седница на која ќе се одлучува по барањето за изземање на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, поднесено од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите – стои во одговорот на Врховниот суд.

СЈО бара изземање на претседателот на Врховниот суд бидејќи е дел од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, во период кога Вангеловски исто така ја извршувал функцијата претседател на судот.

Како што соопшти вчера СЈО, во прислушуваните разговори има разговор меѓу поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и Јово Вангеловски, како тогашен претседател на Врховниот суд, што, според СЈО, ја доведува во прашање непристрасноста на судијата Јово Вангеловски да постапува по таков тип предмети, поради постоењето на реална опасност од неговата претходна заинтересираност за решавање на предметот во определена насока.

Бидејќи станува збор за претседател на највисокиот суд во земјава, односно над него нема непосредно повисока судска инстанца, законот предвидел дека за негово изземање одлучува Врховниот суд на општа седница.


За изземањето на Вангеловски треба да одлучува Врховниот суд на општа седница


Скопје, 31 март, 2017 - 10:56 (META) 

Специјалното јавно обвинителство вчера побара изземање на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, бидејќи е дел од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, во период кога исто така ја извршувал функцијата претседател на судот.

Бидејќи станува збор за претседател на највисокиот суд во земјава, односно над него нема непосредно повисока судска инстанца, законот предвидел дека за негово изземање одлучува Врховниот суд на општа седница:

Врховниот суд на Република Македонија на општа седница одлучува по барање за изземање на претседателот на Врховниот суд на Република Македонијa (член 37 од Законот за судовите).

Ова прашање е регулирано и во актуелниот Закон за кривична постапка (ЗКП):

Ако се бара изземање само на претседателот на судот, или на претседателот на судот и на судија или на судија – поротник, одлуката за изземање ја донесува претседателот на непосредно повисокиот суд, а ако се бара изземање на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, одлуката за изземање ја донесува општата седница на тој суд (член 36, став 2 од ЗКП).

Како што соопшти вчера СЈО, во прислушуваните разговори има и разговор меѓу поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и Јово Вангеловски, како тогашен претседател на Врховниот суд, што, според СЈО, ја доведува во прашање непристрасноста на судијата Јово Вангеловски да постапува по таков тип предмети, поради постоењето на реална опасност од неговата претходна заинтересираност за решавање на предметот во определена насока.

Еве го разговорот меѓи Јанакиески и Вангеловски објавен во 11. „бомба“ на СДСМ, на 18 март 2015 година:

Јанакиески: Ало.
Вангеловски: Како си господине министер?
Јанакиески: Добар, на терен, Гевгелија.
Вангеловски: А убоо… Види вака сеа, една малку итна работа, аа знаеш за… моеш да ме следиш? Да не си у гужва, а?
Јанакиески: Влегувам во кола, повели…
Вангеловски: Е, добро. Значи за предметот „Глобал“…
Јанакиески: Добро…
Вангеловски: …има, они нели водат таа постапка, сега е кај мене тука.
Јанакиески: Добро…
Вангеловски: Аа, ми прави проблем едниот од судиите затоа што на решението кое што е донесено од моја страна го нема твојот потпис… Значи во списите на предметот…
Јанакиески: А чиј потпис има?
Вангеловски: Па, нема ничиј, празно е, ја не знам од кои причини, веројатно е таков примерокот, невозможно е да нема затоа што има печат…
Јанакиески: Може да го пушти некој на СМС-бројот на судијата…
Вангеловски: Е, сеа на СМС ќе ти го пуштам бројчето и ако е изводливо, да изорганизираш да ми пратат…
Јанакиески: Утре ќе ти го дам, на рака ќе ти го дам.
Вангеловски: Ее, така, ама не оргинал, копија, затоа што сè е во копија.
Јанакиески: Важи, готово.
Вангеловски: И ова во копија со твој потпис, ја сеа на СМС ќе ти пуштам точни бројки.
Јанакиески: Добро, чао.
Вангеловски: За да може да излезе, утре излегува од кај мене со како што треба…
Јанакиески: Готово, чао.


СЈО побара изземање на претседателот на Врховен суд бидејќи го има во „бомбите“


Скопје, 30 март, 2017 - 11:51 (META) 

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска до Врховниот суд на Република Македонија поднело барање за изземање на претседателот на највисокиот суд во земјава, со образложение дека Јово Вангеловски е дел од „бомбите“ и тоа во период кога исто така ја извршувал функцијата претседател на Врховниот суд.

Во денешното барање од СЈО се вели дека во прислушуваните разговори има и разговор меѓу тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и Јово Вангеловски, кој и тогаш бил претседател на Врховниот суд, со што има „околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, што е причина за изземање на судијата врз основа на член 33, став 2 од Законот за кривичната постапка“. Како што појаснуваат од СЈО во барањето, тој разговор ја доведува во прашање непристрасноста на судијата Јово Вангеловски да постапува по таков тип предмети, поради постоењето на реална опасност од неговата претходна заинтересираност за решавање на предметот во определена насока.

Зврлевски во понеделникот испрати барање до Врховниот суд за заштита на законитоста во врска со притворот на бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“ , односно Врховен да ги укине решенијата на Oсновниот суд Скопје 1 од 7 март 2017 година и на Апелацискиот суд од 15 март 2017 година и предметот да го врати на повторно судење и одлучување.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вчера до Врховниот суд поднела известување дека го повлекува барањето за заштита на законитоста што го испратил Зврлески, со образложение дека обвинителството со кое таа раководи е единственото надлежно за случајот „Труст“.

– Јас, како јавен обвинител, сум исклучиво надлежна да постапувам по предметите поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во сите судски инстанци. Поради тоа, денеска со поднесок испратен до Врховниот суд на Република Македонија го повлеков барањето за заштита на законитоста поднесено од Јавното обвинителство на Република Македонија – вели Јанева во дописот од вчера.

На Сеад Кочан, кој е еден од тројцата осомничени во случајот „Труст“, Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 на 7 март му одреди мерка притвор, а одлуката подоцна ја потврди и Апелацискиот суд. Оттогаш Кочан е недостапен за органите на прогонот и против него е распишана меѓународна потерница.