Владата најави законски измени за намалување на извршителските тарифи


Скопје, 1 мај, 2018 - 14:42 (META) 

Владата формираше работна група која треба да изготви законски измени за намалување на севкупните трошоци во структурата на извршните решенија.

Како што соопшти денеска премиерот Зоран Заев, предвидено е постојните 42 тарифи во извршителските служби да се намалат на десетина, да се отстранат дополнителните адвокатски трошоци, а побарувањата за комуналните услуги да ги наплаќаат самите претпријатија.

Секој треба да се откаже од нешто, порача Заев, зашто Владата и службите, извршителите и нотарите, постојат и работат заради граѓаните и треба да се има чувство за нивната социјална состојба.

– Убеден сум дека можеме да успееме. Ако посветено работиме можеме да изнајдеме решение за вакви горливи проблеми. Но, од еден дел од своите приходи треба да се откажат и нотарите и државата. Голем број од нашите граѓани имаат проблеми дури и за долгови од 2003, 2007 година, со огромни камати – рече Заев на прес-конференцијата по одржаниот Економско-социјалниот совет.

За координирање на работната група е задолжен потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, а во неа учествуваат претставници од секторите правда, финансии, труд и социјална политика.

Премиерот во овој контекст информира и дека заедно со опозицијата претставена преку неколку пратеници е покрената иницијатива за изготвување законско решение за отпишување на каматите за струја за голем број граѓани.

– Утре го имам првиот работен состанок со тие пратеници и претставници од институциите во државата. Ќе се обидеме заедно да помогнеме преку одредено откажување од каматите на соодветни институции, вклучително и приватни и со државна интервенција да помогнеме на граѓаните – потенцира Заев.


Мисијата на ОБСЕ на Косово го осуди убиството на Оливер Ивановиќ


Приштина, 16 јануари, 2018 - 13:07 (META) 

Шефот на мисијата на ОБСЕ на Косово, амбасадорот Јан Брату го осуди убиството на Оливер Ивановиќ, еден од лидерите на косовските Срби, и ги повика правосудните органи да направата сè што е во нивна можност да ги изведат извршителите пред лицето на правдата.

Брату изјави дека Ивановиќ речиси две децении бил еден од најистакнатите претставници на косовските Срби, кој неуморно се ангажирал во корист на својата заедница.

– Да се види дека еден политичар може да биде ладнокрвно убиен во 2018 година на Косово е страшна помисла. На најстрог можен начин го осудувам овој гнасен чин и ги повикувам органите за спроведуавње на законот, но и сите актери, да направат се што е можно извршителите да се изведат пред лицето на правдата. Ова ќе биде голем тест за владеењето на правото на Косово – изјави Брату.

Убиството на Ивановиќ, кој утрово беше застрелан со огнено оружје пред неговата канцеларија во Северна Митровица, го осуди и косовската влада и претседателот на Косово, Хашим Тачи.

Тој ги повика надлежните органи што побрзо да ги расветлат околностите на убиството и да ги изведат извршителите пред лицето на правдата.


Извршителите нема да блокираат сметки на приматели на социјална помош


Скопје, 29 декември, 2017 - 12:35 (META) 

Министерството за труд и социјална политика и Комората на извршители на Македонија денеска потпишаа меморандум со кој извршителите се обврзуваат да не ги блокираат сметките на лицата приматели на социјална помош.

Извршителите ќе имаат пристап до посебен електронски регистар, така што веднаш ќе имаат увид дека станува збор за луѓе од ранлива категорија.

-Со овој меморандум ние веднаш ќе можеме да утврдиме, дека ако утврдила државата дека тоа лице е социјален случај, треба да се отстрани од системот на извршување до промена на неговиот статус. Кога ќе се промени статусот, до вработување или до стекнување на некој имот, тогаш ќе може да се реализира извршувањето во тој дел – изјави претседателот на Комората на извршители, Зоран Димов.

Претходно овие лица чекаа и по неколку дена да заврши писмената коресподенција меѓу извршителот и Центарот за социјални работи, а дури потоа да им бидат деблокирани сметките и да имаат пристап до парите за социјална заштита.

Оваа новина ја забрзува постапката и штити од непотребни трошоци, но не подразбира отпис на долговите, туку нивна наплата штом ќе имаат паричен прилив од друго место.


Статистика на МВР: Мажите најмногу вршат семејно насилство, а жените се најчести жртви


Скопје, 9 октомври, 2017 - 13:09 (META) 

Во првите шест месеци од оваа година, полицијата поднела кривични пријави против вкупно 388 лица осомничени за семејно насилство, покажуваат статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи.

Од вкупниот број на сторители на ова кривичното дело, според статиските, 94 отсто се мажи. Во најголем број од пријавените случаи или во вкупно 161 случај, насилството било извршено од сопруг, во 84 случаи од син и во 21 случај од татко.

Најранлива категорија во семејното насилство и понатаму се жените, кои во 75 од пријавените случаи биле жртви на насилство. Покрај нив, жртви на семејно насилство се и родителите и децата.

„Според начинот на извршување, најзастапено е физичкото насилство, во дури 323 од случаите, во 17 случаи е пријавено физичко насилство со ладно оружје и во еден случај со употреба на огнено оружје. При семејно насилство, на жртвите во 58 отсто од случаите им се нанесени телесни повреди, а во 39 отсто од случаите се работи за кривично дело загрозување на сигурноста. Најчесто семејните насилства се извршени во состојби на растројство и тоа во 164 од случаите“, стои во соопштението на МВР,

Во првите шест месеци, како што покажуваат статиските на МВР, регистрирано е и едно убиство на сопруга и два обиди за убиство.


СДСМ: Ќе бидат преиспитани милионските долгови на државните претпријатија


Скопје, 11 мај, 2017 - 16:04 (META) 

„Ќе бидат преиспитани сите милионски долгови што државните и јавните претпријатија ги направиле врз основа на неплатени даноци“, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека и според последната должничка листа на УЈП, меѓу најголемите должници се државните и јавните претпријатија, кои должат и по неколку милиони евра за неплатен данок.

„Институциите го толерираат ваквото расипничко работење на државните и на јавните претпријатија, меѓу кои е „Македонската радио-телевизија“, без никој да поднесе одговорност за тоа, а илјадници граѓани заради сметки за радиодифузна такса секојдневно се мачат со блокирани сметки и со извршители на врата“, се додава во соопштението.


Извршителите нема да наплаќаат од должниците без претходно да ги известат


Скопје, 20 ноември, 2016 - 14:42 (META) 

Извршителите нема да можат да повлекуваат пари од сметките на должниците без претходно да ги информираат, предвидуваат измените на Законот за извршување кои стапуваат на сила од 1 јанури 2017 година.

Со новите измени, должникот мора да биде информиран каде и колку должи, па потоа добива рок од три дена да го намири долгот и доколку не го направи тоа, тогаш му се блокира сметката.

Вкупниот изноз на наплата од извршување годинава изнесува повеќе од 76 милиони евра, два милиони евра помалку од лани.


Извршителите нема да блокираат сметки без предупредување?


Скопје, 28 декември, 2015 - 11:08 (META) 

Со новиот закон за извршување, кој е во собраниска процедура, извршителите нема веќе да им ги блокираат сметките на граѓаните без предупредување. Со овој акт се предлага извршителот, задолжително, пред да блокира сметка, писмено да го извести должникот и да побара од него во рок од три дена да го плати долгот.

Истовремено, должникот треба да го извести извршителот дали е вработен или не, каква е неговата имотна состојба, висината на приходите од плата и други надоместоци. Ако должникот не одговори на предупредувањето, тогаш сметката ќе му биде блокирана.

Со новиот закон, исто така, се воведува и вонсудска наплата на долгови за струја, вода, парно, за телефон, кабелски оператори или куќен совет. Тоа значи дека со новата постапка ќе се избегнат трошоците што за комуналните сметки сега ги прават адвокатите, нотарите или, пак, судовите.

Законот е во собраниска процедура и се очекува да биде изгласан на почетокот на 2016 година.


Мачките во Русија ги плаќаат долговите на своите газди


Москва, 2 јануари, 2015 - 11:53 (META) 

Мачките во Русија, особено оние од скапите раси, стануваат заложници на своите презадолжени сопственици.

Судски извршители во Новосибирск неодамна примениле драстична мерка, запленувајќи расна кратковлакнеста британска мачка и нејзините три мачиња бидејќи во студентскиот стан немало ништо друго вредно што би можело да го намири долгот од 198 евра на нејзината сопственичка, пишуваат весниците.

„Бидејќи станува збор за расна мачка со исклучителна вредност, претставниците на законот одлучиле да ја запленат заради намирување на долгот на нејзиниот сопственик“, пренесува руската агенција „Интерфакс“.

Во Сибир бил забалежан уште еден таков случај, а станувало збор за заплена на имотот на деловна жена која не го намирила долгот кон пензискиот фонд. Извршителите на крајот ѝ ја вратиле мачката под услов да го исплати долгот.

Во Русија мачките се многу ценети домашни љубимци, а некогаш се и симбол за престиж.

Според руската традиција, мачката е синоним за среќен живот во нов стан и затоа, според тамошните верувања, е добро прво мачката да го помине домашниот праг. Доколку мачка му избега на сопственикот, тоа се толкува како лош знак.

Токму поради овие традиционални верувања, руските судски извршители се досетиле да почнат да го применуваат овој радикален метод за наплата на долгови.


Иџет Мемети: Се подобрува заштитата на фундаменталните човекови права


Охрид, 24 ноември, 2014 - 14:25 (META) 

Народниот правобранител, Иџет Мемети, оценува дека се подобрува заштитата на фундаменталните човекови права, како и неговата комуникација со извршителите, но истакнува дека граѓаните сè уште имаат проблеми со банките, како и со избирачкото право.

– Во нашиот систем има голем број права, особено во делот на социјалата, кои извршителите не смеат, во согласност со законот, да ги зафаќаат. Понекогаш, од незнаење или од други причини, се случуваше извршителите да посегнат по правата на граѓаните. Имаше случаи, на почетокот, во кои извршителите, наместо да ги прашуваат граѓаните дали се приматели на одредена социјална помош или не, преземаа зафати во извршувањето – рече народниот правобранител Мемети, на отворањето на дводневната Тркалеза маса, посветена на поефикасна заштитата на фундаменталните човекови права, која се одржува во Охрид.

Како што истакна Мемети, ефикасноста на народниот правобранител на почетокот била недоволна затоа што извршителите не прифаќале, во доволна мера, тој да го надгледува нивното работење. Таа состојба сега се подобрува, додава Мемети.

– Република Македонија премина од еден систем на извршување во друг и, како и секогаш, кога се случуваат такви промени, се појавуваат проблеми во практиката во однос на извршувањето на законите. Извршувањето во Република Македонија на почетокот им создаваше големи проблеми на граѓаните, било од формален аспект или поради тоа што она што е пропишано во закон, не се почитува или не се спроведува како што треба – рече Мемети.

На тркалезната маса во Охрид говореше и Марк Ласер, виш правен советник при амбасадата на САД во Република Македонија, кој рече дека Македонија ги презема потребните активности од аспект на потребата од реформи во кривично-правниот и во правосудниот систем.

– По една година примена на новиот закон за кривична постапка, нашата оцена е дека се воведени некои нови дополнителни процесни права за странките вклучени во постапките. Исто така, државата презема чекори од аспект на реформи на казнената политика, а тоа е директно поврзано со правата на граѓаните. Има уште многу работа која треба да се заврши. Од државата се обидуваме да побараме поголемо финансирање токму на правосудниот систем во целост, затоа што се потребни дополнителни ресурси на одредени судови и јавни обвинителства во некои градови во Македонија – рече Ласер.

На тркалезната маса во Охрид, денеска дискутираа претставници на органите од правосудсниот систем во Република Македонија, додека утре, кога ќе се расправа за избирачкото право, ќе бидат вклучени и претставници на министерствата за правда и за внатрешни работи, како и од Државната изборна комисија.