Извозот во првите осум месеци зголемен за 24,3 проценти


Скопје, 4 октомври, 2018 - 16:25 (META) 

Извозот во првите осум месеци изнесува 4.428.642.000 долари и бележи пораст од 24,3 проценти во однос на истиот период лани. Вредноста  на увeзената стока, во истиот период, изнесува 5.885.969.000 долари што е за 21,4 проценти повеќе од лани. Трговскиот дефицит, во првите осум месеци од годината изнесува 1.457.327.000 долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или  бродови и др.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Бугарија.


Петер: Европските пари ќе секнат и државата ќе оди во изолација ако кажете не ЕУ


Скопје, 25 септември, 2018 - 13:24 (META) 

Компаниите членки во Советот за странски инвестиции се за полесно водење на бизнис во Македонија, а  НАТО и ЕУ се вратата кон полесно водење на бизнис, рече денеска на прес-конференција претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер.

Тој додаде дека Македонија во Европска Унија би била постабилна отколку надвор од неа, што би значело пристап до евтини кредити, финансиска помош од ЕУ за проекти како и стабилен пазар за извоз.

– Доколку Македонија каже НЕ на претстојниот референдум ќе го изгуби кредибилитетот, а со тоа и довербата односно вербата во иднината. Ако младите и децата немаат верба во иднината, најпаметните ќе заминат, ќе дојде до изолација. Едена милијарда евра финансиска помош од ЕУ за различни проекти, нема да дојдат во Македонија. Стабилноста на денарот би можела да биде нарушена, притисокот врз банкарскиот сектор ќе се зголеми, а ќе се намалат увозот и извозот. Компаниите ќе ја изгубат конкурентноста, ќе се намалат странските директни инвестиции бидејќи земјата ќе нема долгорочни перспективи, а ќе ја изгуби и конкурентноста во однос на други земји-кандидати за членство во ЕУ. Банкарскиот сектор ќе се стесни и кредитите ќе бидат поскапи – рече Петер.

Тој вели дека ќе ги нема и позитивните аспекти кои сега ЕУ ги поттикнува во државата, а тоа е владеење на правото, поттикнување на подобра животна средина, како и подобрување на правото на потрошувачите.

– Важно е да излезете да гласате, активно да учествувате во демократијата, не да бидете себични и да размислувате за себе, туку за последиците од гласањето за иднината. За демократијата да функционира нацијата треба да учествува, а не да набљудува. Оној кој нема да гласа го губи правото да се жали. Гласајте, па потоа жалете се за резултатот – рече Петер.


Економијата закрепнува, пораст од 3,1 процент на БДП во вториот квартал


Скопје, 6 септември, 2018 - 17:14 (META) 

Стапката на пораст на бруто-домашниот производ (БДП) за второто тримесечје од 2018 година е 3,1 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во второто тримесечје од 2018 година, номинално расте за 3,2 проценти, а нејзиното учество во структурата на БДП изнесува 69,6 проценти.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 13 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 6,6 проценти.

БДП во првиот квартал годинава, имаше пораст од само 0,1 процент.


Размената со Русија падна за 13 проценти, причините не се политички туку економски


Скопје, 6 септември, 2018 - 15:11 (META) 

Трговската размена помеѓу Македонија и Руската Федерација бележи опаѓање од 12,7 отсто, што е помалку за 9,3 милиони долари во однос на истиот период од минатата година, беше истакнато на трибината на Македонско-руската стопанска комора и еднодновната обука на тема „Особености на рускиот пазар и стратегија на успех (потенцијал, можности, реализација)“.

Исто така, загрижувачки е што македонскиот извоз е намален за речиси четвртина во споредба со истиот период лани (24,36 проценти).

– Овој преоден шестмесечен намален обем на трговска размена со Руската Федерација воопшто не се должи на некои политички причини или притисоци, имајќи ја предвид чувствителната фаза на меѓусебните односи на двете земји. Единствено се работи за економски причини, македонските извозници се подложни на огромно зголемена конкуренција на рускиот пазар од производители од другите земји. Претстои макотрпно прилагодување за да се издржи и задржи позицијата кај руските трговци – увозници. На пример, добар дел од намалениот македонски извоз во овој период се должи на драстично намалениот пласман на македонската рана зелка, бидејќи рускиот пазар беше преплавен со овој зеленчук од Иран и други земји со далеку пониски цени – рече Ѓорѓи Дика, претседател на Македонско-руската стопанска комора.

Препорака е бизнисмените да настапуваат со разработена маркетинг стратегија на овој по големина петти пазар во светот.

– Во Москва се присутни производите од Македонија и проценуваме дека имаат голема шанса за пласман на рускиот пазар. Но, мора да има баланс меѓу цената и квалитетот на производите и на тоа посебно треба да се посвети внимание – истакна Виктор Алексеев, експерт за продажба во „Македонски дом“.


МЗШВ: Штетата од царината на Косово за земјоделските производи е околу 180.000 евра


Скопје, 7 август, 2018 - 11:42 (META) 

Одлуката на Косово, со која царините за овошјето и зеленчукот од Македонија беа зголемени за 30 отсто, предизвика штета од околу 180.000 евра или 2.000 тони нереализиран извоз, одговори денеска на новинарско прашање, шефот на кабинетот во Министерството за земјоделство, Трајан Димковски.

Тој додаде дека штетите се пресметани врз основа на извозот реализиран лани од 18 до 31 јули, период во кој годинава важеше одлуката на Владата на Косово.

– Косово ја воведе одлуката со која ги зголеми царините на 18 јули годинава, по што донесе делумно укинување, а потоа одлуката беше и целосно повлечена. Лани во овој период, од 18 до 31 јули Македонија на Косово извезла околу 2.000 тони земјоделски производи во вредност од 180.000 евра – рече Димковски.


Извозот во првите шест месеци со пораст од 26,5 проценти


Скопје, 6 август, 2018 - 14:08 (META) 

Во првите шест месеци, извозот бележи пораст од 26,5 проценти и изнесува 3.323.298.000 долари, објави Државниот завод за статистика. Вредноста на увезената стока во истиот период изнесува 4.441.172.000 долари и бележи пораст од 24 проценти.

Трговскиот дефицит, во првите шест месеци е 1.117.874.000 долари, a pокриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – јуни 2018 година, изнесува 74, 9 проценти.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и друго.

Најзастапени во извозот се катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, делови на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица.

Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.


Бектеши од Хасани денеска ќе бара целосно укинување на царината од Косово


Приштина, 27 јули, 2018 - 11:43 (META) 

Mинистерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе се сретна со косовскиот колега Бајрам Хасани за повлекување на царините за земјоделските производи кои останаа неопфатени со одлуката на косовската Влада.

„Во име на досегашната успешна трговска и, воопшто, економска соработка со Република Косово се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик со мојот косовски колега, а дека средбата ќе резултира со решение кое ќе биде од взаемен интерес. Уверен сум дека имаме заедничка цел, а тоа е олеснување на трговијата на Западен Балкан, согласно правилата на договорот ЦЕФТА и принципите на слободна трговија“, вели Бектеши.

Царина од Косово се уште важи за доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето.Владата се уште дава можност за преговорите да успеат и не воведува контрамерки за косовските производи.

Министрите од регионот денеска во Белград на заеднички состанок ја повикаа косовската Влада целосно да ги укине зголемените царини за извоз на земјоделски производи во Косово.


Бектеши од косовскиот колега ќе бара укинување на царината за сите производи


Скопје, 25 јули, 2018 - 16:21 (META) 

Mинистерот за економија Крешник Бектеши најави состанок со неговиот косовски колега Бајрам Хасани, в петок на 27 јули. Производи кои останаа неопфатени со одлуката на косовската Влада за повлекување на мерките се доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето.

„Во име на досегашната успешна трговска и, воопшто, економска соработка со Република Косово се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик со мојот косовски колега, а дека средбата ќе резултира со решение кое ќе биде од взаемен интерес. Уверен сум дека имаме заедничка цел, а тоа е олеснување на трговијата на Западен Балкан, согласно правилата на договорот ЦЕФТА и принципите на слободна трговија“, вели Бектеши.

Министрите од регионот денеска во Белград на заеднички состанок ја повикаа косовската Влада целосно да ги укине зголемените царини за извоз на земјоделски производи во Косово.


МЗШВ прави анализа на штетите од царината на земјоделските производи за извоз на Косово


Скопје, 18 јули, 2018 - 16:18 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во овој период активно работи на заедничкиот Меморандум за соработка помеѓу македонското и косовското Министерство за земјоделство, кој што треба да придонесе за олеснување на трговската размена помеѓу двете земји, информираат од МЗШВ.

„Одлуката од страна на Владата на Косово за воведување времена мерка за воспоставување на зголемена царина од 30 отсто за одредени увозни земјоделски производи (овошје и зеленчук) не e во согласност со заеднички зацртаните цели, како што се брз проток на стока и отстранување на царинските бариери, дефинирани преку Берлинскиот процес. Дополнително, Косово е претседавач со ЦЕФТА оваа година каде што како три први приоритети во неговата програма како претседавач се наведени олеснувањето на трговијата со стоки, хармонизација на ЦЕФТА пазарите со ЕУ и креирање на регион без нетарифни бариери и мерки кои ја нарушуваат трговијата“, се вели во соопштението на МЗШВ.

Од таму велат дека од македонска страна сите ресорни министерства и Царинската управа работат на анализи на ефектите од мерката и многу брзо ќе излезат со реакција во однос на воведената мерка, за што ќе бидат известени и членките на ЦЕФТА.

„Наша обврска како ресорно министерство е да го заштитиме домашното производство и извозно оринетираните земјоделски производи. Очекуваме Владата на Косово да ги земе предвид придобивките од започнатиот Берлински процес и низ една заедничка дискусија преку разгледување на сите анализи и факти, да дојдеме до заедничко решение, кое што ќе подразбира олеснување на трговската размена во регионот“, се додава во соопштението.

Косово воведе времена мерка на зголемување на царината на земјоделските производи од 30 проценти кои се увезуваат на тој пазар. Вкупниот извоз на зеленчук и овошје од Македонија во Косово во периодот од јануари до јуни изнесува над 2,5 милијарди денари.


ЕУ се заканува со царина од 300 милијарди долари кон САД


Брисел, 3 јули, 2018 - 14:03 (META) 

Царинската „војна“ помеѓу Европската унија и САД се заострува, бидејќи Брисел се заканува на Вашингтон со воведување на царина во износ од 300 милијарди долари на американскиот увоз.

Тоа ќе биде одговор на заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување на царината за увоз на автомобили од Европа.

ЕУ ги предупредува САД дека воведувањето на таквата царина ќе биде штетно за американската економија.

Трамп, неодамна на „Твитер“ најави дека САД ќе воведат царина од 20 отсто на увозот на автомобили од Европа, доколку постоечките царини од ЕУ и бариерите спрема САД не бидат отстранети.