!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Груби – Вајгл: Посветено работиме, очекуваме и ЕУ да го испорача ветеното


Брисел, 7 декември, 2017 - 11:07 (META) 

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања и пратеник од ДУИ, Артан Груби, за време на неговата дводневна посета на Брисел се сретна со европратеникот, Иво Вајгл, кој е известувач за Македонија во Европскиот парламент.

На средбата Груби истакнал дека Македонија ја цени досегашната поддршка на ЕУ на политички и на економски план, но побарал да се валоризираат напорите на државата за реализирање на бараните реформи со отстранување на условената препорака и со добивање датум за преговори за прием во ЕУ.

– Парламентарното мнозинство, но и граѓаните на Македонија, со посветеност работат на исполнување на очекувањата од Брисел и очекуваме дека и пријателите од Европската Унија догодина ќе испорачаат во согласност со нашите стремежи – рече Груби.

Во врска со подготовката на годишната резолуција за напредокот на Македонија, во Комисијата за надворешна политика – АФЕТ – на Европскиот парламент, како нејзин известител, Вајгл истакнал дека извештајот ќе биде афирмативен, но и дека е потребен, пред сè, политички, граѓански и етнички консензус за заедничко дејствување во спроведувањето на ЕУ-реформите, при што како приоритетни ги посочи судските реформи и реформите од корпусот на владеењето на правото.

Вајгл ја прифатил поканата да учествува на регионалната конференција организирана од Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија во февруари следната година.


Вајгл денеска ќе има средби со Џафери и со опозицијата во Собранието


Скопје, 9 ноември, 2017 - 12:01 (META) 

Иво Вајгл, известувач на Европскиот парламент за Македонија, денеска во Собранието во 14.30 часот ќе се сретне со спикерот Талат Џафери, соопшти собраниската служба за информирање.

Потоа европратеникот од Словенија ќе се сретне со експерти на ЕУ, по што ќе има средби со координаторите на пратеничките групи на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА, Илија Димовски и Африм Гаши. Вајгл ќе се сретне и со Мерал Узеири – Ферати од ДПА.

Денешните активности во Собранието, европратеникот ќе ги заврши со средби со претседателите на две собраниски комисии за надзор.


Мекалистер: Сите шест држави од Западен Балкан имаат европска перспектива


Белград, 19 октомври, 2016 - 15:27 (META) 

Земјите-членки на Европската Унија имаат единствен став дека сите шест држави од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија) имаат европска перспектива, вели известувачот на Европскиот парламент за Србија, Дејвид Мекалистер.

„На сите им е во интерес сите шест држави од регионот, пред сè, Србија, да имаат проевропски курс. Сакаме трајна политичка и економска стабилност и продолжување на добрососедските односи. Сите можеме да дадеме придонес со поддршката на проевропските сили“, вели Мекалистер во интервју што денеска го пренесуваат белградските медиуми.

Мекалистер, кој неделава учествуваше на Економскиот самит во Белград, изјави дека Србија остварила голем напредок со почнувањето на преговорите за членство во ЕУ.

На прашањето за евентуална блокада од страна на Хрватска во процесот на интреграција, Мекалистер рече дека српско-хрватските прашања треба да се решаваат билатерално, додека само тие прашања што се од европско значење можат да бидат решевани во Брисел или Стразбур.

Мекалистер рече дека очекува Европската комисија во новиот извештај за напредокот на Србија во процесот на евроинтеграции да има конструктивно-критички пристап и нагласува дека е важно да се напредува во клучните прашања – владеењето на правото, економските реформи, но и понатамошно нормализирање на односите со Приштина, од кои, истакнува, зависи понатамошниот напредок на патот кон ЕУ и на Белград и на Приштина.

„Тоа значи дека и двете страни мора да се придржуваат на своите права и обврски и дека не смеат меѓусебно да се блокираат на патот кон ЕУ“, рече Мекалистер, додавајќи дека ако тоа сепак се случи, детално ќе се анализира која страна е одговорна.


Германскиот неделник „Шпигел“ го повлече известувачот од Турција


Берлин, 17 март, 2016 - 14:19 (META) 

Германскиот неделник „Шпигел“ тврди дека бил принуден да го повлече својот дописник од Турција поради „неподносливото“ однесување на турските власти.

Угледниот германски неделник пишува дека нивната редакција донела одлука да го повлече дописникот Хаснаин Казим, откако Турција со месеци одбивала да ја обнови неговата прес-акредитација.

– Ваквото однесување спрема нашиот дописник и начинот на однесување спрема „Шпигел“ и „Шпигел онлајн“ е неподносливо и ја крши слободата на печатот – изјави главниот и одговорен уредник, Флоријан Хармус, во соопштение.


Ховит и Вајгел во Македонија


Скопје, 4 декември, 2014 - 9:36 (META) 

Досегашниот известувач за Македонија во европскиот парламент, Ричард Ховит, и неговиот наследник на оваа позиција, Иво Вајгел, денеска во Скопје ќе одржат прес-конференција, а, како што беше најавено, Ховит треба да одржи и предавање.

Тој вчера имаше средба со премиерот Никола Груевски, на која позитивно била оценета досегашната соработка во напредокот на Македонија кон ЕУ, пренесува „Радио Слободна Европа“.

Според најавите, денеска во Брисел, еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, ќе се сретне со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими.