Извештајот на ЕК за Македонија пред пратениците


Скопје, 11 јуни, 2018 - 9:38 (META) 

Пратениците на денешната 47. собраниска седница ќе го разгледаат Извештајот на Европската Комисија за Република Македонија за 2018 година.

На дневен ред на седницата се Предлог одлуката за испраќање на припадник на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција на Обединетите Нации „УНИФИЛ“ во Либан, како и измените на Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост, измените и дополнувањата на Законот за акцизите, измените на Законот за трговија, како и измените и дополнувањата на Законот за работните односи.

Пратениците меѓу другото ќе дебатираат и по предлог измените на Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење, по измените на Законот за основање на Технолошко – технички факултет, Ветеринарен факултет и Правен факултет во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, како и по предлог измените на Законот за државен пазарен инспекторат.

На денешната седница ќе биде разгледан и Предлог кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието на Република Македонија, поднесен од Талат Џафери, Фросина Ташевска Ременски, Горан Мисовски, Драган Данев, Томислав Тунтев, Ејуп Алими, Африм Гаши, Сурија Рашиди и Мерал Узеири Ферати.


Владата објави публикација „365 промени за подобар живот на сите граѓани“


Скопје, 30 мај, 2018 - 11:50 (META) 

По повод една година од мандатот, на веб страница на Владата е објавена публикација „365 промени за подобар живот на сите граѓани“ во кои има преглед на клучните мерки и промени реализирани во првата година од мандатот на Владата од јуни 2017 до мај 2018 година.

Во неа се опфатени економски, мерки кои се однесуваат на заштита на културното наследство, идентитет и јазик, мерки за еднакво мултиетничко општетсво, грантови доделени од Европската унија и меѓународната заедница, извештајот на Европската комисија за Македонија.

Во однос на економските мерки се вели дека покачена е минималната плата на 12.000 денари со што 90.000 граѓани добија повисоки плати.

„Просечната месечна исплатена нето плата по вработен е за 5,6 отсто повисока во споредба со истиоте месец лани, а испратената бруто плата е повисока за 5,3 отсто во споредба со март 2017. Псотигнавме зголемување на просечната плата во производство на облека за 16 отсто а во текстилната индустрија за 24 отсто. Со планот за економски раст стимулиране и помагаме компаниите да исплаќаат повисоки плати и да вработуваат висококвалификуван кадар“, се вели во публикацијата.

Во неа се додава дека во буџетот се обезбедило средства за повисоки плати во Армијата за 10 отсто, здравство, образование и детска грижа за 5 отсто.

„Со укинувањето на радиодифузната такса обезбедивме дополнителна заштеда за граѓаните во висина од 12,4 милиони евра. Сметките за струја се пониски. Постигнавме позитивен економски раст во втората половина од 2017, наспроти наследениот негативен раст во орвите шест месеци во 2017“, се вели во публикацијата.

365

Во однос на отчетноста на трошењето, се наведува дека трезорот е отворен за јавноста – граѓаните да гледаат како се троши секој денар, а скратени се директните трошења на носителите на власта.

„Донесовме нов Закон за јавни набавки за подобрување на квалитетот на набавките, за зајакнување на транспарентноста и контролата на постапките и за олеснување на постапките.Направивме 12 клучни промени за подобрување на буџетската транспарентност во Министерството за финансии. Објавивме граѓански буџет за буџетот за 2018 година, со цел граѓаните да добијат разбирлива слика за трошењето на јавните финансии. Значително го намаливме, за околу 90% буџетот за промотивни активности и роуд шоуа“ се вели во публикацијата.

Во публикацијата исто така се опфатени и средствата кои се наменети за инфраструктурни проекти со пари обезбедени од буџетот, но и од фондови од ЕУ.

За политичките постигнувања се споменува извештајот на Европската комисија.

„Македонија е на прво место според остварениот напредок меѓу земјите од регионот. Ова претставува најголемата валоризација на успешноста во имплементацијата на „планот 3-6-9“. Извештајот на ЕК констатираше дека Македонија ги предводи земјите од Западниот Балкан и од аспект на подготвеноста или усогласеноста на земјата со Европската унија и според економските критериуми. Македонија во мај 2018 година стана рамноправна членка на Јадранско-Јонската група земји за соработка. Македонија после решавање на спорот околу името веднаш ќе стане членка на НАТО и со тоа уште позабрзано и поодлучно ќе ги отвори портите на ЕУ и ќе се обезбеди просперитет, стабилен и добар живот за нашиот народ“, се додава во неа.

Во врска со градењето на мутиетничко општество еднакво за сите, во публикацијата се вели дека со политиката „Едно општество“ намалени се поделбите и зголемена е довербата меѓу заедниците.

„Ја подобривме климата за соработка и вклучување на граѓанското општество како партнер во демократизацијата на општеството. Донесовме Закон за употреба на јазиците, со кои ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, согласно Уставот и Амандманот V и ги зголемивме можностите на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик и со тоа полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права. Законот за употреба на јазиците целосно  ја гарантира и соодветната употреба на македонскиот јазик, но и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локална самоуправа (албански, турски, ромски, српски, влашки и бошњачки). Презедовме серија мерки за заштита на културното наследство и за заштита и унапредување на македонскиот јазик“, се додава во публикацијата.


Религијата и натаму игра улога во судските спорови, констатира Стејт департментот


Вашингтон, 30 мај, 2018 - 9:43 (META) 

Американскиот Стејт департмент синоќа го објави годишниот извештај за верските слободи за 2017 година, во кој во делот за Македонија се наведува дека верските разлики продолжуваат да играат улога во кривични и граѓански судски процеси.

Притоа, Стејт департментот го нотира повторениот процес против владиката Јован Вранишковски.

„Основниот суд Скопје лани во март го осуди Вранишковски, архиепископ на Охридска архиепископија, за перење на пари. Владиката беше осуден на седум месеци затвор. Судот, исто така, нареди конфискација на земјиште на ОА во вредност од 140 илјади евра, што подоцна и се изврши“, се наведува во извештајот.

Во него, исто така, се наведува дека „Европскиот суд за човекови права во ноември пресуди во корист на ОА, наведувајќи дека со одбивањето да ја регистрира како одделна верска група, власта ги нарушила првата на оваа црква за слобода на здружување и слободно практикување вера“.

Нотирани се и поплаките од Исламската верска заедница во Македонија, за тоа дека во селото Лажец и во Крива Паланка се вршат блокади за изградба на џамии под притисок од локални жители, кои се противат на изградбата. ИВЗ, исто така, се пожалила дека властите продолжуваат да ја блокираат реконструкцијата на џамијата во Прилеп, запалена за време на конфликтот во 2001 година.

Во извештајот за 2017 година се наведува и дека Македонската православна црква се пожалила дека општина Струга се уште не донела одлука за изградба на православна црква во селото Белица и дека општина Тетово одбила да изгради пристапен пат до градската црква.

Стејт департментот наведува дека американскиот амбасадор и други претставници на амбасадата имале средби со владини и парламентарни претставници, верски заедници и организации од граѓанското општество, со кои дискутирале за прашања поврзани со верската слобода.

Стејт департментот вчера славеше 20-годишнина од донесувањето на Законот за меѓународни верски слободи. Оттогаш секоја година поднесуваат извештаи до американскиот Конгрес за поддршка на верските слободи и права на граѓаните низ светот, за кои САД се голем поборник.

По повод годишнината, државниот секретар Мајк Помпео ова лето ќе биде домаќин на министерски совет за поддршка на верските слободи на кој ќе се соберат верски лидери, активисти за човекови права и граѓанско општество од целиот свет.


Катица Јанева најави дека до крај ќе ги истражи сите снимки


Скопје, 4 мај, 2018 - 9:37 (META) 

На вчерашното „бранење“ на најновиот шестмесечен извештај за работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева, пред собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, побара да се реши правната положба на обвинителството и нагласи дека има намера докрај да ги истражи сите индиции за криминал кои се содржани во снимките од прислушуваните разговори, но и дека ќе ги докаже обвиненијата влезени во судска процедура.

– Сметам дека е потребно од страна на судот да се има предвид сериозноста на кривичните дела кои се предмет на обвиненија поднесени од страна на СЈО, и да обезбеди непречено водење на судските постапки, како и избегнување на нивно непотребно одлагање – порача специјалната обвинителка.

Јанева рече дека конечно е воспоставена соработка со Основното јавно обвинителство, со Обвинителството за организиран криминал и со други домашни и меѓународни институции.

На забелешките во јавноста дека не се третираат прислушувани лица од опозицијата, Јанева рече дека тие не можат да бидат предмет на истрага бидејќи не биле функционери.

ВМРО-ДПМНЕ бараше детално објаснување кој го спровел прислушувањето, каде се потрошени парите кои обвинителството ги добива од буџетот, но и одговор зошто за судските постапки се ангажирале вештаци – поранешни функционери од СДСМ. Од Алијанса за Албанците ја повикаа обвинителката да има еднаков третман за сите кои се огрешиле пред Законот.

– Осумнаесет месеци поминаа одамна, а гледам дека вие понатаму продолжувате со предистражни постапки и продолжувате со најави дека ќе покренете обвиненија. Продолжувате флагрантно да го кршите законот – рече Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Бетијан Китев од СДСМ порача дека извештајот е објективен и дава јасна слика за реалната состојба. Постоењето на СЈО, како што кажа Китев го оправдуваат поднесените обвиненија, донесените пресуди и одлуката на Апелацискиот суд „снимките“ да се користат како докази во судските постапки.


Димитров: Ќе сториме се што можеме во јуни да добиеме датум за преговори


Скопје, 29 април, 2018 - 20:11 (META) 

Успеавме да добиеме досега најуспешен извештај од Европската комисија и ќе сториме се што можеме во јуни да го преточиме во политичка одлука, порачал вечерва шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на свеченото одбележување на Денот на Министерството за надворешни работи, јави МИА.

Министерот нагласил дека Македонија сега е модерна, стабилна и европска демократија која секогаш го бира патот на мирот и дијалогот.

Предизвиците остануваат, рекол Димитров, и потсетил дека на 27 април беше одбележана една година од нападите во Собранието кога, како што рече, демократијата на земјата беше ставена до бездна.

Министерот потсетил дека на 29 април 1969 година било формирано Биро за односи со странство кое со текот на годините стана денешното Министерство за надворешни работи.

Денот на МНР беше одбелжан во присуство на претставници на дипломатскиот кор, вработени во Министерството и претставници на медиумите.

 


Извештајот на СЈО и денеска не се најде пред пратениците


Скопје, 25 април, 2018 - 13:22 (META) 

Ниту денеска не стигна на ред Извештајот за работата на СЈО пред Комисијата за политички систем. Иако пред два дена претседателот на оваа комисија, Александар Кирацовски посочи дека Катица Јанева денеска ќе го презентира извештајот пред нив, седницата се одложи за следната недела.

Официјалното објаснување на Кирацовски е дека во пишана форма Извештајот го добиле дури денеска и за да имаат пратениците повеќе време за дебата по извештајот, на посебна седница ќе биде разгледан идната недела.

На денешната седница, комисијата расправа за годишните извештаи за работата на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Агенцијата за администрација и за Народниот правобранител, а во Собранието за утре се закажани и пратенички прашања.


„Репортери без граници“: Омразата кон новинарството е закана за демократијата


Париз, 25 април, 2018 - 10:20 (META) 

Македонија, според Индексот на слобода на медиумите во светот за 2018 година на „Репортери без граници“ се наоѓа на 109. место, што е скок за две позиции од минатата година, кога била на 111. место.

Според извештајот насловен „Омразата кон новинарството е закана за демократијата“, во светот расте анимозитетот кон новинарите и непријателското расположение кон медиумите, поттикнато од политичките водачи и стремежите на авторитарните режими да го наметнат својот став за новинарството.

„Климата на омраза станува повидлива во Индексот, кој го одредува нивото на медиумските слободи во 180 земји во светот. Непријателскиот став на политичките водачи кон медиумите повеќе не е ограничен само на авторитарните земји, како Турција (која паднала за две места и е на 157 место) и Египет (на 161), каде „медијафобијата“ е толку присутна што новинарите рутински се обвинуваат за тероризам и сите тие што не покажуваат лојалност, се туркаат во затвор без процедура“, велат од „Репортери без граници“.

Во краткиот опис, за Македонија се вели дека систематските напади на медиумските слободи биле трајна одлика на деценијата на владеење на Никола Груевски и на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Груевски воспостави ниво на контрола над медиумите каква што немаше на друго место на Балканот, а многу водечки опозициски медиуми престанаа да функционираат. Во моментот јавниот радиодифузер уште му служи на ВМРО. Падот на „режимот“ на Груевски доведе до благо намалување на владината контрола врз медиумите, но се уште е прерано да се има сигурноста дека владата сака да создаде трајно подобрување на ситуацијата. Немаше значителна промена на економската ситуација на новинарите во Македонија, коишто обично се многу слабо платени и немаат гаранции за работното место“, се вели во извештајот на „Репортери без граници“.

Токму во Европа, каде што слободата на медиумите е најгарантирана, се случило најголемото влошување на регионалниот индикатор во однос на претходната година. Четири од земјите што за една година забележале најголем пад се од Европа. Малта паднала за 18 позиции на 65. место, Чешка, паднала за 11 позиции на 34. место, Србија со пад од 10 места и сега е на 76-то место, како и Словачка со пад од 10 позиции, на 27-то место.

„Бавната ерозија на европскиот модел продолжува“, се вели во извештајот.

Од балканските земји, најдобро позициониран е Кипар на 25. место, Словенија е на 32-то, Хрватска на 69-то, Романија е на 44-то, Грција на 74-то, по неа се Албанија (75), Србија (76), Северен Кипар (77) и Косово (78), додека Бугарија е на 111. место, а Турција на 157 позиција.

Мапата на светот дадена во Индексот е дополнително поцрнета, затоа што ситуацијата во 21 земја е дефинирана како „многу сериозна“, што претставува нов рекорд.

Под администрацијата на Доналд Трамп, САД падна за две позиции и се рангира на 45. место. Трамп смета дека новинарите се „непријатели на народот“, квалификација која му се припишува на Сталин, истакнува „Репортери без граници“.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


Јанева на собраниска комисија ќе го образложи шестмесечниот извештај на СЈО


Скопје, 25 април, 2018 - 9:43 (META) 

Специјалната обвинителка Катица Јанева се очекува денеска да го презентира извештајот пред членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.

Во шестмесечниот период од септември 2017 до март годинава стои дека Специјалното јавно обвинителство отворило 136 предистражни постапки, седум нови истражни постапки, а Судот целосно му одобрило 15 обвиненија.

Седницата за Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во понеделникот се одложи, пред Јанева да го претстави извештајот, поради координацијата на политичките партии, по барање на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

На седницата не беа присутни претставниците од државните комисии за да ги образложат извештаите за нивното работење во текот на 2017 година, а притоа за нивното отсуство не го известиле Собранието. Претседателот на комисијата тогаш го закажа продолжението, на кое ќе се расправа за извештајот на СЈО, за денеска во 12 часот.

Освен извештајот на СЈО, Комисијата ќе ги разгледува и годишните извештаи на Народниот правобранител, на Дирекцијата за заштита на лични податоци, како и на Агенцијата за администрација.


Тунтев: Македонија прокоцка една шанса, трета нема да добие


Скопје, 24 април, 2018 - 13:42 (META) 

Во Македонија се вратија надежта и перспективата за развивање општество, вели координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, според кого извештајот од ЕУ ја потврдува заложбата на парламентарното мнозинство и Владата, а опозицијата има придонес само со поддршката што ја дала за усвојување на реформските закони.

– Не смееме поради еуфоријата да го заборавиме темпото. Не така далечното минато покажа дека може да се скршне од патот и да се уништат сите заложби. Опозицијата е во право дека претходно сме имале позитивни извештаи од ЕУ. Но, со лошо владеење и непромислени политики, за 10 години се вративме 10 години назад. Станавме заробена држава – вели Тунтев, додавајќи дека една шанса Македонија прокоцкала, а трета нема да добие.

Според пратеникот на СДСМ, Владата за 10 месеци покажала прогрес за решавање на проблемот со Грција. Тунтев вели дека неизвесно е дали ќе има решение со јужниот сосед, но треба да се продолжи со спроведување на реформите.

– Моите деца, вашите деца, целата младина е со една нога надвор од државата. Затоа мора да дејствуваме. Премногу беа заробени, па можност побараа подалеку од нас и нашите домови. Факт е дека ќе треба да поминат повеќе години за поправање на штетите од лошите и непромислени политики. Само со вистинска стратегија ќе се забрза полноправното членство во ЕУ. Заслуживме да живееме во нормална држава – додава Тунтев.


Подготвени сме да преземеме радикални реформи за влез во ЕУ, вели Османи


Љубљана, 24 април, 2018 - 13:12 (META) 

Мотивацијата со којашто влегуваме во овој процес е силна и како држава подготвени сме да преземеме брзи, и таму каде што е потребно, радикални реформи, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи кој ја предводеше владината делегација на Самитот на шефови на држави или влади на земјите-членки на процесот на соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој се одржува на Брдо кај Крањ, Словенија.

Тој посочи на охрабрувачката содржина во минатонеделниот Извештај на Европската Комисија за состојбите и напредокот на земјата, и безусловната препорака за започнување на преговорите за членство во ЕУ.

– Во овие турбулентни времиња важно е тесно да соработуваме за зголемување на вкупната безбедност во регионот – истакна Османи и додаде дека Самитот овозможува да се осознаат предностите на регионалната соработка, инклузивноста, посочувајќи на квалитетот и предностите при изградбата на добри меѓусебни односи. Во овој контекст, Османи заклучи дека земјите од Регионот заради заедничкиот географски, историски и социо-економскиот потенцијал треба да ја споделуваат и заедничката европска иднина.

Во рамките на посетата, Османи ќе има и билатерална средба со Јоанис Аманатидис, заменик министер за надворешни работи на Грција, каде ќе бидат отворени прашањата за унапредувањето на меѓусебната соработка, предизвиците на тој пат, како и можностите за соработка за искористување на регионалните и европските инцијативи.