Утре Брисел ќе препорача отворање на преговори со Македонија


Брисел, 16 април, 2018 - 10:08 (META) 

Европската комисија повторно препорачува отворање на пристапните преговори со Македонија, а извештајот за напредокот на земјата е меѓу попозитивните во овој пакет на Брисел, кој, како што стои во извештајот, „јасно ја препознал политичката волја за напредок“, јави Радио Слободна Европа (РСЕ), чии дописници од Брисел имале увид во документот што ќе биде објавен утре во Стразбур.

Во него се предупредува дека „штетата која се правела години наназад, не може да се среди преку ноќ“, но дека земјава ја надминала длабоката политичка криза и дека структурните реформи се долг процес кој може да потрае.

Според РСЕ, во извештаите невралгични точки во сите држави од Западен Балкан остануваат владеењето на правото, организираниот криминал и корупцијата, како синоними за секоја држава во регионот. Исто така, ЕК повторно во повеќе наврати го користи изразот „заробени држави“, со забелешка дека јавната управа во државите од регионот останува слаба, и малку или воопшто нема прогрес на полето на слобода на изразување.

Како и во минатогодишните извештаи, повторно се нагласува дека билатералните спорови и понатаму се главни пречки во процесот на евроинтеграција.

За Македонија во нацрт-извештајот се нагласува дека за понатамошен напредок на државата одлучувачки фактор е задржување и продлабочување на динамиката во процесот на итни реформски приоритети. ЕК изразува подготвеност да го поддржи тој процес со примена на засилен пристап за преговарачките подрачја за судството, основните права и слободи и слободата и безбедноста на државата.


Османи: Очекувам најдобар извештај и чиста и безусловна препорака од ЕК за Македонија


Скопје, 7 март, 2018 - 13:52 (META) 

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи очекува најдобар извештај на Европската Комисија за Македонија досега, кој ќе биде проследен со чиста и безусловна препорака за почеток на преговорите на Македонија за зачленување во ЕУ.

Тоа, рече тој на конференцијата во Владата, ќе биде најголема потврда дека Македонија повторно е вратена на европскиот колосек.

– Секако, тоа не значи дека реформите по Извештајот ќе запрат, туку напротив, реформскиот процес продолжува, а конечно, очекуваме сиот овој напор да резултира и со одука на Советот на ЕУ за почеток на преговорите во јуни, и, согласно Стратегијата за проширување, да се приклучиме кон динамиката 2025 за полноправно членство во Европската Унија – изјави Османи  пред да се одржи презентацијата за реализираното од планот „3-6-9“ пред амбасадорите од земјите-членки на ЕУ во Македонија.

Во свечената сала на Владата Османи, министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за правда Билен Саљији и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, одржаа презентација на статусот на имплементацијата на планот „3-6-9“ пред амбасадорите.


Министерот за правда Џафери мртов ладен додека ресорот му го тресат скандали


Скопје, 17 ноември, 2016 - 16:20 (META) 

Иако во најголемиот кривичен суд во земјава, Основниот суд Скопје 1, се случува циркус, а Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија нотира сериозни недостатоци во правосудниот систем и опструкции врз работата на Специјалното јавно обвинителство, најодговорниот за правосудниот систем во земјава, министерот за правда, е целосно отсутен од случувањата во неговиот ресор – го нема во јавноста и не се изјаснува за ништо.

Дали во земјава има министер за правда и што тој прави деновиве?

Младиот кадар на ДУИ, 26-годишниот министер за правда, Валдет Џафери, досега не излезе со никаков коментар и со став околу извештајот на ЕК, а молчи и за случувањата во Кривичниот суд, каде судии преку писма и претставки се бунтуваат против претседателот на судот, Владимир Панчевски, а вработени меѓусебната нетрпеливост ја решаваат со навреди, закани и со физички пресметки.

Последната активност на министерот Џафери објавена на официјалната интернет-страница на Министерството за правда е неговото учество на традиционалната манифестација „Нотарски денови“ од 31 октомври годинава. На страницата, во категоријата каде треба да биде биографијата на Џафери, кој на функцијата беше назначен во април годинава, не само што нема никакви податоци, туку го нема ниту неговото име. Стои само слика.

Од манифестацијата „Нотарски денови“ досега во Кривичниот суд и во сферата на правосудството се случија следните настани, кои како да не го интересираат младиот министер Џафери:

  • Судијата Иван Џолев поднесе кривична пријава против претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, за примање награда за противзаконско влијание;
  • Европската комисија во годинешниот Извештај за напредокот на земјава во евроинтеграциите, во делот за судството нотира назадување, политичкото влијание, опструкции, недостиг од независност и недостигот од спречување на селективна правда;
  • 13 судии испратија писмо и претставка до Судскиот совет од кого бараат да го санкционира Панчевски, поради злоупотреби и користење на официјалната интернет-страница на судот за лични постапувања и ставови за одреден судија;
  • Панчевски преку страницата на Кривичниот суд информираше дека дал исказ во Обвинителството за организиран криминал и корупција по пријавата до Џолев и дека веднаш потоа му поднел на колегата контрапријава за лажно пријавување на кривично дело;
  • Претседателката на највисокиот суд во земјава, Врховниот суд, Лидија Недлекова, во интервју за емисијата 360 степени“ на „Алсат М“ меѓу другото искоментира дека во судскиот систем во земјава има сериозни проблеми, а нејзиниот колега Владимир Панчевски не заслужува нов мандат како претседател на Кривичниот суд, со оглед на тоа како досега ја извршувал функцијата;
  • Кривичниот суд соопшти дека референтот за човечки ресурси првин ѝ се заканувал по животот, а потоа и физички ја нападнал портпаролката на судот, поради што интервениралa полиција и се правел записник. Референтот вчера тврдеше дека не ја нападнал колешката и го обвини Панчевски дека им се заканува на вработени кои реагирале на воспоставената норма за работа и незаконското распоредување на службениците;
  • Во меѓувреме, Панчевски изјави дека „секој судија во Основниот суд Скопје 1 е дуќанче, секој судија е чешмичка. Чешмичките им се затворија, па затоа се бесни“.

Министерството за правда, иако еден од најважните ресори во Владата, изминативе години го водеа министри кои не се покажаа многу на оваа функција, а некои од се најдоа вплеткани и во скандали.

Валдет Џафери министерската фотелја ја презеде од Аднан Јашари (исто така кадар на ДУИ), кој иако беше поактивен, речиси двегодишното министерување го заврши без позначајни резултати.

Неговиот претходник пак Блерим Беџети, не само што не помогна во унапредувањето на правосудниот систем, во јуни 2013 година се најде на тапет на јавноста, откако пратеникот на ДПА во Собранието, Беким Фазлиу рече дека за време на полициска акција во ноќниот клуб „Шери“ во Градскиот парк, кај Беџети бил најден пиштол и дрога.

Тогашниот министер за правда ги демантираше ваквите тврдења, но случајот остана нерасчистен и без епилог.


Јанева и СЈО се повлекоа од камерите, a не ги коментираат ни изјавите на ЕК, Хан и на Кукан


Скопје, 11 ноември, 2016 - 9:52 (META) 

Специјалното јавно обвинителство не ги коментира изјавите на еврокомесарот Јоханес Хан и наодите од извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, во делот за работата на СЈО, како и изјавите на европратеникот Едвард Кукан.

Од СЈО во средата побаравме, но не добивме коментар на изјавите и на извештајот, а вчера откако се јавивме во службата за односи со јавноста, оттаму ни беше кажано дека реакција нема да има бидејќи „во практика СЈО не коментира политички изјави“.

На средата во Брисел, на прашање на „Мета“ дали Собранието треба да го продолжи мандатот на Специјалното јавно обвинителство и да има специјално одделение во судот, Хан одговори дека најважно е да има веродостојни избори, а потоа нова влада, и таа влада треба да се погрижи за овие прашања.

Претходно, пак, европратеникот Едвард Кукан, кој заедно со колегите Иво Вајгл и Ричард Ховит беа тројката од Европскиот парламент што посредуваше во преговорите меѓу партиите и постигнувањето на Договорот од Пржино, ни изјави дека Специјалното јавно обвинителство треба да биде независно во вршењето на својата работа и дека имало одредени критики за неговата работа.

– Специјалното јавно обвинителство треба да биде независно во вршењето на својата работа. Имаше одредени критики за неговата работа, поради што испративме порака да работи во согласност со Договорот од Пржино, односно делот за СЈО… Тоа што е договорено со Договорот од Пржино треба да се спроведе. СЈО доби одреден мандат и засега не гледам причина за продолжување – рече Кукан, одговарајќи на прашањето на „Мета“, како ја коментира блокадата на работата на СЈО.

На 25 октомври европските дипломати во земјава на брифинг со новинарите, меѓу другото, истакнаа дека се загрижени што СЈО се нашло во центарот на предизборните кампањи на партиите и на власта и на опозацијата, секоја за свои цели, и рекоа оти сметаат дека е подобро во овој период СЈО да биде помалку видливо во јавноста, а да ја интензивира својата работа на случаите поврзани со незаконското прислушување.

Последен пат Специјалното јавно обвинителство излезе во јавноста на 20 октомври, кога обвинителките Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска ги презентираа истражните постапки за случаите „Топлик“ и „Тендери“.

Еден ден претходно специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со тим од обвинители и истражители и два судски налози влезе во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) заради прибирање документација од посебните истражни марки и податоци од системите за следење на комуникациите. По неколку часа, Јанева во изјава за медиумите, кои чекаа пред зградата на МВР, го обвини раководството на УБК дека ја опструира нејзината работа и не ги дава податоците. Тензиите на линија СЈО-УБК кулминираа на 21 октомври вечерта, кога од УБК беше избркан истражител на СЈО кој беше оставен да дежура, а во меѓувреме во полициска станица беше приведен негов колега бидејќи, како што соопштија од МВР, фотографирал објект на Водно, сопстевнот на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.

Јанева последен пат се појави на судењето за случајот „Пуч“, кога се скараа со судијката Љубинка Башеска поради одложувањето на судскиот процес на неопределено време.

Последната објава на интернет-страницата е од 28 октомври, кога СЈО информираше дека со помош на надворешниот експерт од шведската компанија „Ериксон“ од УБК биле извадени сите податоци што Јанева ги бараше со судски налог.