!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Заев – Алтхаузер: Реформи во судскиот систем и СЈО целосно да си ја заврши работата


Скопје, 11 јануари, 2017 - 16:21 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорката на Германија во Македонија, Кристине Алтхаузер.

Тие разговарале за потребата од продолжување на демократските процеси во Македонија и за формирање нова и силна Влада, посветена на реформските приоритети.

На средбата, како клучни биле посочени препораките во извештаите на Европската комисија и на Рајнхард Прибе.

Заев и Алтхаузер разговарале и за потребата од реформа на судскиот систем, според најдобрите практики во регионот и во светот, како и околу потребата Специјалното јавно обвинителстви целосно да ја заврши својата работа, за да се обезбеди функционирање на правдата и на правната држава во земјава.


Коцијанчич: Одблиску ќе ги следиме изборите, тие се можност за нов почеток


Брисел, 9 декември, 2016 - 14:03 (META) 

Европската Унија одблиски ќе ги следи изборите в недела, а првата реакција околу исходот ЕУ очекува да ја има в понеделник, на 12 декември, попладне, изјави денеска портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.­

– Во однос на тоа што ќе се случи како следен чекор, ние, се разбира, одблиску ќе ги следиме изборите, како што правевме и со целиот процес до изборите. Се разбира, ќе има и меѓународни набљудувачи на теренот и ние, исто така, ќе го чекаме нивниот извештај, по што очекувам дека ќе имаме реакција некаде попладнето в понеделник – рече Коцијанчич.

Таа истакна дека предвремените парламентарни избори во Македонија се можност земјата да направи нов почеток и да се врати на евроинтеграцискиот пат.

– Како што досега повеќепати сме кажале во однос на овие избори, тие се можност за земјата да направи нов почеток, да се обедини околу стратешките цели и да се врати на евроинтеграцискиот пат. Очигледно, ова е само еден чекор од еден многу подолг процес, како дел од процесот од Договорот од Пржино и јасно е дека ова што е договорено во рамки на овој договор, ќе треба да продолжи да се имплементира – истакна Коцијанчич.

­


Пратениците денеска во Собрание ќе им поставуваат прашања на членовите на Владата


Скопје, 29 септември, 2016 - 10:34 (META) 

Пратениците во Собранието денеска ќе ја одржат 121. седница.

Според дневниот ред на денешната пленарна седница, како што е вообичаено секој последен четврток од месецот, пратениците треба да им поставуваат прашања на членовите на Владата.

Во 12 часот е закажана расправа на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на која пратениците треба да расправаат за извештаите за работата на Специјалното јавно обвинителство и на основните јавни обвинителства во Македонија.

Претседателот на комисијата, Влатко Ѓорчев, досега трипати ја одложи расправата за извештаите поради неприсуство на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која во понеделникот ја напушти седницата со образложение дека пратениците ѝ прават мобинг.


10 години од основањето на Комисијата за заштита на правото на пристап до информации


Скопје, 28 септември, 2016 - 18:32 (META) 

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, денеска се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на правото на пристап до информации од јавен карактер и 10-годишниот јубилеј од постоењето на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Сите ја знаеме онаа стара изрека дека оној кој ги има информациите тој владее со светот, рече денеска претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на одбележувањето на Меѓународниот ден на правото на пристап до информации од јавен карактер и 10-годишниот јубилеј од постоењето на оваа Комисија во Македонија.

– Токму затоа правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер денес претставува еден од носечките столбови на демократијата, а во исто време и значајна алатка со која јавноста може да врши општествена контрола врз власта. Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во изминативе десет години направи квалитетен чекор напред во остварувањето на еден од темелните демократски принципи, а тоа е слободниот пристап до информациите од јавен карактер. Тоа што особено сакам да го истакнам е фактот кој произлегува од вашите редовни извештаи, дека од минатата година се зголемува бројот на граѓани кои како поединец поднеле жалби за кршење на нивното право до слободен пристап на информации од јавен карактер – рече Вељаноски.

Според него, токму овие жалби покажуваат дека се зголемува свеста кај граѓанинот за индивидуалното право да биде информиран.

Вељаноски апелираше до сите институции, вклучувајќи го и Собранието, за доследно почитување на своите обврски кога станува збор за слободен пристап на информации од јавен карактер.


Продолжува седницата на собраниската комисија за извештаите на Јанева и на Зврлевски


Скопје, 23 септември, 2016 - 10:03 (META) 

Денеска во 13 часот треба да продолжи седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на која специјалната јавна обвинителка Катица Јанева треба да продолжи да одговора на прашањата на пратениците.

По два дена работа, синоќа на Јанева ѝ се слоши и таа ја напушти седницата.

По кратко време од Специјалното јавно обвинителство испратија соопштение во кое Јанева се извинува што ја напуштила седницата поради влошената здравствена состојба.

На седницата на собраниската комисијата, освен извештајот за работата на СЈО, на дневен ред е ставен и извештајот на Јавното обвинителство, каде одговорен е обвинителот Марко Зврлевски.


Најавена истрага за нападот со хлорин во Алепо


Дамаск, 8 септември, 2016 - 11:28 (META) 

Организацијата за забрана на хемиското оружје најави истрага околу употребата на гас хлорин во сирискиот град Алепо, наведувајќи дека информациите за користење на гасот се вознемирувачки, јавуваат светските агенции.

Се очекува и Советот за безбедност на Обединетите нации да ги разгледа извештаите на контролната група на ОН и Организацијата за забрана на хемиското оружје, кои ги обвинуваат сириските владини сили за напади со отровни гасови.

Сириската цивилна заштита, која е ангажирана во областите под контрола на опозициските сили, соопшти дека владини хеликоптери фрлиле буриња-бомби кои содржеле хлорин во Алепо, што предизвикало тешкотии со дишењето кај 80 лица, меѓу кои и деца.

Извори од сириската војска ги демантираат ваквите обвинувања и тврдат дека извештатите за употреба на отровен гас се „обид на бунтовниците да го тргнат вниманието од бројните порази“.


Инцидентот на границата ја врати Македонија во светските медиуми


Гевгелија, 1 март, 2016 - 11:40 (META) 

Вчерашниот инцидент на македонско-грчката граница, кога илјадници мигранти се обидоа да ја урнат жичената ограда и да влезат во земјава, на што полицијата реагираше со солзавец за да ги одврати од намерата, повторно ја врати Македонија во фокусот на светските медиуми и новински агенции.

Поголемиот дел од нив известуваат прилично објективно, но имаше и такви кои сакаа да му дадат поголема доза драматичност на инцидентот со „гумени куршуми“ и со „шок-бомби“.

Американската телевизија „Си-ен-ен“ во своите вести за инцидентот пренесе дека илјадници мигранти од кампот кај селото Идомени, од грачката стана на границата со Македонија, со импровизиран „овен“ се обиделе да ја пробијат жичената врата на границата, поради што македонските власти употребиле солзавец и „гумени куршуми“ за да ја вратат толпата назад.

Телевизијата пренесе и дека дел од мигрантите успеале да ја поминат границата во моментот кога вратата била насила отворена. Во инцидентот, според „Си-ен-ен“, полесно биле повредени 23 лица, од кои 10 биле деца.

„Сè се случи одеднаш, кога група од околу 300 луѓе, додека ја тресеа оградата, почнаа да викаат „Отворете ја границата“. Во еден момент ја урнаа, но никој не се обиде да премине на другата страна на границата“, пишува лондонски „Гардијан“, пренесувајќи ја изјавата на портпаролката на „Лекари без граници“, Гема Џили, која била сведок на инцидентот.

Британскиот весник пишува дека македонската полиција испукала солзавец кон мигрантите за да ги одврати од намерата.

„Хафингтон пост“ за случувањата кај Гевгелија го пренесе извештајот на новинската агенција „Ројтерс“, во кој се вели дека македонската полиција испукала неколку патрони солзавец кон толпата кај оградата и на железничката пруга, на која другите мигранти седнати, одбивале да се тргнат, барајќи да влезат во Македонија.

Британскиот национален сервис „Би-си-си“ својот извештај од границата го почнува со тоа дека македонската полиција употребила солзавец за да ги растера мигрантите кои претходно, со импровизиран „овен“, урнале дел од оградата на границата.

„Засега нема информации дали некој од мигрантите ја поминал гранцата“, известува „Би-би-си“.

Безмалку сите медиуми, во своите извештаи, даваат поширок осврт на драматичната ситуација со мигрантите во Грција и долж западно-балканската рута.


Американски разузнавачи тврдат дека извештаите за ИД биле „фризирани“


Вашингтон, 10 септември, 2015 - 14:56 (META) 

Повеќе од 50 безбедносни аналитичари кои работат за Централната воена команда на Соединетите Американски Држави (САД) се пожалиле дека нивните извештаи за Исламска држава и за разгранокот на Ал каеда во Сирија биле несоодветно менувани од високи функционери на службите заради политички цели, објавува американскиот новински портал „Дејли бист“.

Двајца аналитичари во „Сентком“, кои ја потпишале жалбата што во јули била испратена до генералниот инспектор на Министерството за одбрана на САД, обвинуваат дека извештаите, од кои дел биле доставувани до претседателот Барак Обама, војната со терористичките групи ја прикажувале во поблаго светло од тоа што било процена на аналитичарите.

Извештатите, наводно, биле менувани од високи службеници во „Сентком“ за да одговараат на наративот што администрацијата ѝ го сервира на јавноста, односно дека САД ја добиваат војната со ИД, Ал нусра и со сирискиот разгранок на Ал каеда.

Поплаките, како што пишува порталот, биле причина и генералниот инспектор на Пентагон да иницира истрага за наводна манипулација со разузнавачките извештаи.

Фактот што поплаките доаѓаат од толку многу луѓе, наведува на заклучок дека станува збор за вкоренет, системски проблем за тоа како американската воена команда, задолжена за војната со ИД, ги оценува разузнавачките податоци, пишува „Дејли бист“, повикувајќи се на информации од разузнавачите.