!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Инженерите и архитектите бараат законски измени за градбите и за овластувањата


Скопје, 21 јули, 2017 - 14:09 (META) 

Подготовка за измени и за дополнување на Законот за градење и на Законот за просторно и урбанистичко планирање за подобрување на инвестиционата клима за домашните компании во Македонија и измени и дополнувања на Законот за градење во делот на категоризација на градбите заради зголемување на квалитетот на инженерските услуги, беа тема на разговор на денешната средба меѓу претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАИ), професор д-р Миле Димитровски, и министерот без ресор задолжен за подобрување на инвестиционата клима за домашните компании, Зоран Шапуриќ.

– Тоа се промени кои ги бараме долго и се однесуваат на категоризацијата на градбите, издавањето и категоризацијата на овластувањата, нивна категоризација според спецификите на образованието по Болоња, мислење за сеизмичка и друга отпорност… Тоа не се драматични промени, туку подобрување на сегашниот закон, кој нам и на фирмите ќе ни олесни и ќе го зголеми квалитетот на инженерските услуги. Сметаме дека подобрувањето на квалитетот на инженерските услуги ќе ја подобри инвестициската клима – вели претседателот на КОАИ, Миле Димитровски.

Министерот Шапуриќ дава целосна поддршка за работата на Комората, особено во однос на воведувањето континуирана професионална обука на членството и меѓународната соработка со соседните држави и пошироко, со што, како што вели, може да се подобри инвестиционата клима за домашните компании.

– Како министер давам целосна поддршка на сите активности во насока на подобрување на законските решенија опфатени со Законот за градење и со Законот за урбанистичко и просторно планирање. Затоа, сите институционално подготвени предлози од Комората ќе ги прегледаме и ќе ги движиме низ процедурите на системот, заедно со надлежното Министерство за траспорт и врски – вели Шапуриќ.

На средбата, освен претседателот на Комората и министерот Шапуриќ, присуствуваа триесетина раководители на професионални одделенија, членови на професионалнои оделенија за урбанизам, архитектура, градежништво, машинство, електротехника. Димитровски ја презентираше Комората и нејзината програма за работа во 2017 година.


Собранието денеска ќе го укинува екстерното и ќе го продолжува мандатот на општините


Скопје, 1 јуни, 2017 - 9:36 (META) 

Собранието за денеска има обемна програма за работа, бидејќи покрај изборот на собраниските комисии, ќе решава и за предлог-закони за да се продолжи мандатот на градоначалниците и на советите на општините, како и за укинување на екстерното тестирање.

Продолжувањето на мандатите на општинските татковци и совети ќе се прави со предлог-закон за изменување и за дополнување на Изборниот законик по скратена постапка. Предлогот е поднесен од Оливер Спасовски, Ејуп Аљими, Африм Гаши и од Весел Мемеди.

Екстерното тестирање ќе се укине со изменување и со дополнување на законите за основното и за средното образование, како и на законот за наставници во основните и во средните училишта. Сите три закони се поднесени од коалицијата на СДСМ.


Трајановски: Итно да се донесат законските измени и да се распишат локалните избори


Скопје, 15 мај, 2017 - 19:05 (META) 

Градоначалниците на општините во Македонија од утре ќе работат без мандат, изјави денеска по состанокот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски. Тој упати барање до политичките партии во Собранието на Македонија што поскоро да ги донесат законските решенија за нивно функционирање до следните избори.

– Со оглед на тоа што има различни толкувања од професори или институции за тоа дали градоначалниците можат да продолжат да функционираат или не, ние, како ЗЕЛС, за да бидеме сигурни и да нема поделеност, бараме од Собранието што побргу да се состане и да ги донесе измените на Законот за избори и на Законот за локална самоуправа со што ќе се распишат следните локални избори – изјави Трајановски.

Тој го поздрави договорот помеѓу политичките партии за одредување на датумот на локалните избори и додаде дека секој поминат ден без решение им нанесува голема штета на локалните власти.

Според Трајановски, со овој „правен вакуум“ ќе бидат доведени во прашање функционирањето на градинките, основните и на средните училишта, културните институции, противпожарната бригада и на администрацијата, кои зависат од блок-дотации.


Каде да (не) се бега: Екстрадиција имаме само со Италија, Србија, БИХ, Хрватска и Црна Гора


Скопје, 6 мај, 2017 - 11:21 (META) 

Македонија досега има склучено билатерални договори за екстрадиција на сопствени државјани со пет држави. Последниот ваков договор беше постигнат со Италија во јули минатата година, а информациите од Министерството за правда беа дека во тек се преговори за постигнување вакви договори и со други држави од регионот и од Европска Унија.

Инаку, ваквите билатерални договори, меѓу другото, оневозможуваат злоупотребата на двојно државјанство од страна на лица кои сториле кривично дело. Според договорите, не постои правна пречка македонски државјанин кој поседува и државјанство на некоја од овие пет држави да биде екстрадиран во земјава, доколку е осомничен, особено за организиран криминал и за корупција.

До пред шест години, Македонија не можеше да предаде сопствени државјани на друга држава, бидејќи тоа не го дозволуваше членот 4, став 2 од Уставот.

Измените на Уставот беа направени во 2011 година, а постапката ја спроведе Министерството за правда на чело со тогашниот министер Михајло Маневски. Образожението беше токму да ѝ се застане на патот на злоупотребата на двојното државјанство за избегнување на правдата. Тој беше иницијатор и за склучување на билатералните договори за екстрадиција со Србија, Хрватска и со Црна Гора.

Во постојната одредба од членот 4, став 2 од Уставот на Република Македонија е пропишано дека на државјанин на Република Македонија не може да му биде одземено државјанството, ниту да биде протеран или предаден на друга држава. Оваа одредба во делот ’или предаден на друга држава’ претставува пречка за склучување билатерални договори со кои ќе биде уредена можноста за предавање на државјанин на Република Македонија на друга држава заради водење кривична постапка за сторено кривично дело од областа на организираниот криминал и за предавање на државјанин на друга држава за сторено кривично дело во Република Македонија. Сè почести се појавите, ивршители на тешки кривични дела од областа на организираниот криминал да го избегнуваат кривичното гонење и извршувањето на кривично-правните санкции, злоупотребувајќи го начелото за забрана за предавање на сопствени државјани на други држави за да ги задржат приносите од казнените дела. Со тоа се доведуваат во прашање превентивната и репресивната функција на казненото право и меѓународната и регионална соработка за спречување на овој најтежок криминал и обврските на државата од меѓународните инструменти

(Михајло Маневски во дел од својот говор пред пратениците во Собранието за измените на Уставот, во кој со додавањето на амандманот 32 се овозможи екстрадицијата на сопствени државјани)

Сепак, во практика, билатералните договори не секогаш се покажаа како ефикасни. Таков е случајот со поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, кој благодарение на српското државјанство речиси две децении избегнува екстрадиција во Македонија, каде е осуден за тешки малверзации додека беше директор на Царината, во периодот од 1999 до 2002 година, за време на владата на Љубчо Георгиевски. Во март минатата година, Даравелски беше уапсен од српската полиција во Белград врз основа на потерницата од македонските власти. Оттаму беше соопштено дека е прифатено и барањето за негова екстрадиција, но по неколку часа дојде информација дека српското министерство за правда го повлекло решението за екстрадиција.

Основниот суд во Приштина на 29 октомври минатата година донел одлука со која не се дозволува екстрадиција на двајцата првообвинети за случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои се осудени на доживотни затворски казни за петкратното убиство што се случи на Велики четврток, во април 2012 година, кај Смиљковско Езеро во близина на Скопје.

Благодарение на двојното државјанство, македонско и бугарско, долги години правдата ја одбегнуваат и стечајниот управник Владимир Тамбурковски, како и поранешниот министер за здравство, Владо Димов.

Последната екстрадиција во Македонија беше на новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, осомничен во случајот „Шпион“. Тој на 21 април минатата година, беше уапсен во Нови Сад и неколку часа подоцна беше екстрадиран во земјава. Божиновски беше уапсен и во ноември 2013 година во Нови Сад, по потерница преку Интерпол, и помина повеќе од една година во екстрадициски притвор, по што беше пуштен да се брани од слобода со одлука на српскиот апелациски суд.


Рибарев: Нема да има промена на судиите за предметите што се во тек


Скопје, 4 мај, 2017 - 20:11 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 денеска се одржал колегиум на судиите на кој в.д. претседателот на судот, Стојанче Рибарев, ги известил колегите дека со новиот годишен распоред за работа, помеѓу судиите ќе бидат прераспределени само прекршочните предмети за кои сè уште не е закажно судење, соопштија од судот.

Сите други предмети, соопштил Рибарев на колегиумот, за кои процедурата веќе тече, „ќе ги завршат судиите кај кои тие се распоредени и по кои постапуваат, со што нема да има никакво непотребно одолжување на предметите и штетни последици за странките“.

„Истовремено претседателот на судот ги извести судиите дека поради промена на околности, односно промена на бројот на предмети и заминувањето на одредени судии во пензија, ќе почне измена и дополнување на постојниот распоред за работа на судот, во кој ќе бидат земени предвид и забелешките на судиите во однос на распоредот“, се додава во соопштението.


Собирањето потписи за лицата со посебни потреби продолжува во другите градови


Штип, 24 април, 2017 - 14:15 (META) 

Денеска до пладне во Штип, 600 граѓани се потпишаа во книгите за собирање потписи за измена на закони и на подзаконски акти за соодветни права на децата со посебни потреби.

Претседателот на здружението „Сплотени срца“, Зоран Мијалков, кој е и татко на дете со посебни потреби, изјави дека очекува акцијата да се интензивира.

– Денеска и утре ќе се постават книги за потписи во сите градови и села. Им благодариме на граѓаните, кои масовно нè подржуваат секаде во земјава – рече Мијалков.

Претставниците на здруженијата што ги обединуваат лицата со посебни потреби очекуваат неделава да бидат повикани на средба со претставници на повеќе министерства.

Тие очекуваат да почнат со преговори за бараните законски измени, со кои ќе се олесни животот на лицата со посебни потреби и нивните семејства.

Овие здруженија бараат корекции во неколку закони или промена на формулацијата на одредбите, со кои правата на лицата со посебни промени и практично ќе можат да заживеат.


Зврлевски: Неопходни се законски измени за контрола на прислушувањето


Скопје, 28 март, 2017 - 11:28 (META) 

Нелегалното следење на комуникациите доведе до голема општествена криза во Република Македонија, но ова не е првпат системите за следење на комуникациите да бидат злоупотребени во земјава, изјави републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски, на конференција на тема „Следење на комуникации – законска рамка и искуства, улогата на јавниот обвинител“, која денеска се одржува во Скопје.

– Системите за следење на комуникациите како средство се користат и се злоупотребуваат и од други земји. Токму поради тоа улогата на јавните обвинители треба да стане поизразена, за да се намалат ваквите злоупотреби – рекол Зврлевски, пренесува „Телевизија 24“.

Токму поради овие причини, нагласил Зврлевски, потребни се измени на законското решение со кое се регулира следењето на комуникациите. Според него, иако е предвидено главниот збор да го има јавниот обвинител, тоа е само на хратија, бидејќи системите за следење на комуникацијата и понатаму остануваат единствено во рацете на Министерството за внатрешни работи.

Зврлевски смета дека според законските измени што ги предлага и меѓународната заедница, треба да се воведат силни контролни механизми на употребата на средствата за следење на комуникациите.

На меѓународната конференција присуствуваат јавни обвинители и нивни заменици од Албанија, Косово, Русија, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска и од Босна и Херцеговина.


Бизнисмените плаќаат казни бидејќи не можат да го следат брзото менување на законите


Тетово, 27 март, 2017 - 16:28 (META) 

Стопанствениците најчесто се казнуваат поради непознавање на законите, затоа што постојано се менуваат, а понекогаш се сложени и нејасни. Ова беше истакнато на информативната сесија која се одржа во Тетово, во рамки на проектот – „Партнерство за подобра бизнис регулатива“.

Целта на проектот, финансиски поддржан од УСАИД, е зајакнување на капацитетите на бизнис-заедницата за следење на законските регулативи.

– Пребрзото менување на законите без период каде бизнис-заедницата ќе биде свесна за оваа постапка, без да има канали кои ќе придонесат овие информации навремено да стигнат до фирмите, се причините поради кои бизнис-заедницата не ги знае доволно законите, поради што и ги прекршува соочувајќи се со казни – изјави Тамара Тодоровска од организацијата „Епицентар“.

За да се спречи ваквата појава, од Стопанската комора на Северозападна Македонија советуваат при донесувањето на законите да учествува самата бизнис-заедница.

– Донесувањето на тие закони треба да почне од самите компании, тие да ги креираат законите, а владата односно извршната власт да ги спроведува. И така на тој начин, би се донесувале закони кои би биле во интерес на фирмите, а не од интерес на дневната политика која ја водат политичките партии – изјави Мендерес Кучи од Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Денешната информативна сесија во рамки на проектот – „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ е втора по ред од планираните осумнаесет, кои ќе се одржат во повеќе градови во Македонија.


Ердоган ги одобри уставните реформи


Анкара, 10 февруари, 2017 - 14:11 (META) 

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска одобри одржување национален референдум за уставните реформи кои му овозможуваат на претседателот зголемени овластувања.

Ердоган ја потпиша реформата за Уставот, со што е отворен пат за референдум за воведување на претседателскиот систем што ги проширува неговите овластувања.

Референдумот по тоа прашање најверојатно ќе биде одржан на средината од април.

Турскиот парламент минатиот месец одобри уставни реформи со минимално потребниот број гласови. Од 550 пратеници, само 488 гласаа, од кои 399 за поддршка на реформите, а 142 против.

Со измените на уставот, претседателот ќе може да именува министри и високи функционери, да го распушти парламентот, да прогласи вонредна состојба, да издава декрети и да именува половина од членовите на највисокото судско тело.

Бројот на пратеници во парламентот ќе биде зголемен на 600, минималната старосна граница на пратениците ќе биде намалена на 18 години и се предвидува одржување на парламентарни и на претседателски избори на секои пет години.

Опозицијата на измените гледа како обид на Ердоган, кој де факто воспостави претседателски систем од стапувањето на должност во 2014 година, дополнително да си ја зголеми власта.


Повеќе од 300 пензионери оштетени со вториот пензиски столб, најавени измени на законите


Скопје, 26 јануари, 2017 - 22:55 (META) 

Повеќе од 300 пензионери ќе земаат значително пониски пензии бидејќи се зачлениле во вториот пензиски фонд. Случајот го обелодени Народниот правобранител, до кого неколкумина оштетени пензионери поднеле претставки во врска со случајот.

Станува збор за граѓани кои во 2005 година имале од 10 до 15 години до пензионирање и се зачлениле во вториот пензиски столб, без да знаат дека со тоа ќе бидат оштетени и ќе добијат двојно пониски пензии.

„Во приговорите граѓаните кажуваат дека никој не им кажал, ниту ги предупредил дека не требало да станат членови на приватните фондови затоа што немаат доволно време да акумулираат доволно средства и за нив членството било финансиски неисплатливо“, велат од Народниот правобранител.

Од Министерството за труд и социјална политика денеска соопштија дека по почнувањето со имплементацијата на вториот столб во 2007 година, била направена анализа во која било утврдено дека „за некои осигуреници кои доброволно се зачлениле во втор столб, не е поволно да бидат во него имајќи ги предвид нивната возраст и стаж“.

Оттаму велат дека веќе била формирана работна група, која направила анализи во врска со случајот и дека министерството ќе подготви измени на повеќе закони, односно на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, Законот за пензиското и инвалидското осигурување и на Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капиталното финансирано пензиско осигурување.