Европските колеги ги поддржаа новинарските здруженија против измените на Изборниот законик


Скопје, 14 август, 2018 - 16:28 (META) 

Европската федерација на новинарите (ЕФН) даде силна поддршка на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), кои се спротивставија на последните измени на Изборниот законик.

Според измените, и во приватните медиуми ќе се спроведува платено политичко рекламирање во изборна кампања платено од државата, а дополнително и Државната изборна комисија (ДИК) ќе ги оценува онлајн медиумите во текот на изборите. Исто така, партиите самите ќе креираат медиа-план по кој ќе се спроведува платеното политичко рекламирање. Според новинарските здруженија, тоа е мешање на власта во слободата на медиумите и независноста на уредувачката политика.

„Овие штетни измени на Изборниот законик не придонесуваат во ситуација кога имаме блокирани медиумски реформи и несомнено ќе влијаат и во работата на медиумите и во севкупниот демократски амбиент за време на предизборните кампањи во негативен правец“, се вели во соопштението на ЕФН, која за несогласувањето ја известила и Платформата за заштита на новинарството при Советот на Европа.


Советот на Европа алармира за рестриктивните измени за медиумите во Изборниот законик


Стразбур, 10 август, 2018 - 13:48 (META) 

Советот на Европа вчера на својата платформа за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите објави јавно предупредување за измените и дополнувањата на Изборниот законик, кои можат да имаат негативно влијание врз слободата на медиумите во Македонија. Во предупредувањето стои дека македонската држава е изворот на ваквото загрозување на слободата на медиумите, информираат од Здружението на новинари на Македонија,

Предупредување следи по барање на ЗНМ до платформата на Советот на Европа, која во нејзината реакција се повикува на заедничкото соопштение на ЗНМ, Независниот синдикат на новинари и Советот за етика.

„Измените на Изборниот законик беа усвоени на 25 јули 2018 година од страна на македонскиот парламент во брза постапка, како резултат на политичкиот договор меѓу водачите на четирите главни политички партии. Еден од амандманите на Изборниот законик ја овластува Државната изборна комисија да ги регистрира и следи известувањето на онлајн медиумите за време на изборите. Покрај тоа, членот 181a од законот предвидува казни до 4.000 евра за традиционалните и онлајн медиумите за „неизбалансирано или непристрасно известување”, стои во предупредувањето на платформата на Советот на Европа.

Предупредувањето е упатено до Собранието на Македонија, кој во наредниот период има обврска да ги објасни овие измени кои што ја ограничуваат слободата на медиумите.


ЗНМ: Го злоупотребуваат референдумот за да ги вратат владините кампањи во медиумите


Скопје, 9 август, 2018 - 16:05 (META) 

Делегација на Здружението на новинарите на Македонија се сретнала со претставници на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, со кои разговарале за измените на Изборниот законик и референдумот, кои имаат директно влијание врз работата на медиумите, информираат од ЗНМ.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, истакнал дека власта и опозицијата го злоупотребуваат референдумот за да обезбедат финансирање на нивната политичка пропаганда за изборна кампања со јавни пари предизвикувајќи огромни штети врз слободата на медиумите и професионалното новинарство.

Селмани оценил дека „законското решение ги враќа на голема врата владините кампањи од времето на режимот на Груевски, кога со јавни пари власта спроведуваше медиумски кампањи за наводните успеси во работата.“

Тој смета дека „плаќање на политичка пропаганда во медиумите со пари на граѓаните ќе ги зајакне коруптивните врски на медиумите со партиите и ќе влијае на нивното известување за политичките процеси во земјата“. Според него, меѓународната заедница треба да направи притисок врз власта по одржувањето на референдумот, овие измени да се избришат од Изборниот законик.

За Селмани апсолутно е неприфатливо владини претставници да прават политички и финансиски притисок врз Македонската радио-телевизија во време кога декларативно се залагаат за реформа на јавниот сервис.

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски, го критикувал однесувањето на Државна изборна комисија, која спротивно на добрите европски практики, се обидува да преземе надлежности од Агенцијата за медиуми со регистрација онлајн медиумите. Секуловски смета дека ДИК не може да го оценува известувањето на онлајн медиуми за референдумот и да ги казнува за наводно незибалансирано известување.


ААВМУ: Скандалозни решенија во измените на Изборниот законик


Скопје, 26 јули, 2018 - 15:22 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) ги осудува усвоените измени во Изборниот Законик кои беа донесени вчера во Собранието, по скратена постапка. Смета дека некои од решенијата се скандалозни.

Првата забелешка е на промената со која платеното политичко рекламирање, кое досега партиите и кандидатите го плаќаа од свој џеб, сега се префрла на товар на државниот буџет, а ќе се плаќа од Министерството за финансии, односно од парите на граѓаните.

„Во европската пракса постојат изолирани случаи за надоместување на трошоците на медиумите од државните буџети за време на избори, но за медиумите на кои им се наметнуваат обврски за бесплатно политичко претставување на учесниците во изборите, во услови кога е забрането платеното политичко рекламирање, што не е случај во Република Македонија“, порачува ААВМУ.

Од регулаторот на медиумите велат и дека новововедените дополнителни лимити за платено рекламирање нема да обезбедат еднакви услови за сите, оти ги фаворизира големите партии, а целосно ги изостава независните кандидати.

„Новата одредба за дополнителните лимити за платено политичко рекламирање на радијата и телевизиите, повторно не обезбедува еднакви услови за пристап до платеното политичко рекламирање за сите учесници во изборниот процес, затоа што им дава предност на партиите од власта и од парламентарната опозиција, а воопшто не предвидува време за рекламирање за независните кандидати“, се вели во соопштението од ААВМУ во кое посочуваат и дека одредбата партиите и кандидатите да ги изготвуваат медиа плановите за платено политичко рекламирање, наместо тоа да го прават медиумите, е мешање во уредувачката слобода на медиумите.

Агенцијата реагира и што наместо да се избрише обврската за мониторирање на онлајн медиумите во политичка кампања, тоа се префрла на Државната изборна комисија (ДИК)

„И на крајот, наместо да се избрише обврската за мониторинг на медиумското претставување на интернет порталите по двегодишните укажувања од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Здружението на новинарите на Македонија, граѓанскиот сектор и стручната јавност, затоа што е спротивна на европските стандарди, со измените обврски за мониторинг на порталите и се наметнуваат на Државната изборна комисија“, велат од ААВМУ.


Измените на Изборниот законик на дневен ред во Собрание


Скопје, 23 јули, 2018 - 9:21 (META) 

Измените на Изборниот законик дeнеска ќе се дискутираат на 53. седница на Собранието.

Седницата треба да продолжи со Предлогот за разрешување на претседателот и членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, што започна во четвртокот, завршната сметка на Буџетот за 2017, дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, во второ читање и други.

На предлог на владејачкото мнозинство на седницата на дневен ред се и измените на Законот за заштита на потрошувачите, во второ читање, но и дополнет предлог на закон за изменување на Законот за пратениците, во второ читање, извештаи и други закони.


Преведени сите 401 амандмани од ВМРО ДПМНЕ за Изборниот законик


Скопје, 20 јули, 2018 - 12:25 (META) 

За помалку од 24 часа преведени се и архивирани сите 401 амандмани за законот за измена на Изборниот законик поднесени од опозициската ВМРО ДПМНЕ, изјави претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби. Амандманите ќе се разгледуваат на денешната седница

Вчера опозицијата побара одложување на седницата поради поднесените амандмани, со образложение дека ќе треба време да ги поминат сите собраниски филтри за да се достават до Комисијата за европски прашања.

Расправата беше отворена вчера, но веднаш беше одложена.


Груби ги стави амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за Изборниот законик на седница во 11 часот


Скопје, 20 јули, 2018 - 9:44 (META) 

Седницата на Комисијата за европски прашања ќе продолжи денеска во 11 часот, а на дневен ред се 401 амандман поднесен од ВМРО-ДПМНЕ за предлог законот за измени на Изборниот законик по скратена постапка.

Предлог законот за изменување, го поднесе владата, тој е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка. Со него, владата предлага наместо со двотретинско мнозинство – 81 глас, членовите на Државната изборна комисија (ДИК) да се бираат со просто мнозинство – 61 глас.

Вчера седницата беше прекината за да се архивираат и преведат амандманите кои опозициската партија ги поднесе непосредно пред почетокот на Комисијата, која, пак, претседателот Артан Груби, ја закажа експресно по завршување на лидерската средба.

Според Деловникот, Комисијата има два дена за да ги разгледа амандманите и да гласа за измените на Изборниот законик што ги предложи Владата. Груби, рече дека очекува гласањето да биде в сабота кога истекува рокот.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста велат дека премиерот Зоран Заев погазува Устав, закони, политички принципи за да дојде до својата цел, а тоа е да го згази во целост достоинството на Македонија и македонските граѓани.

„Последен доказ за тоа е срамниот обид да се измени Изборниот законик со мнозинство од 61 пратеник без било каква консултација со експертите и опозицијата. Тоа само говори за апсолутистичкото лице на Заев кој со години вешто и лицемерно го криеше од граѓаните“, велат од партијата.


Груби ја закажа за попладнево комисијата за изменување на Изборниот законик


Скопје, 19 јули, 2018 - 17:22 (META) 

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби, за 17.30 часот денеска закажа седница на која единствена точка е предлог-законот за изменување на Изборниот законик, по скратена постапка.

Овој потег на Груби уследи кратко по завршувањето на лидерската средба, на која претседателите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Беса на Билал Касами не постигнаа договор.

ВМРО-ДПМНЕ претходно многу пати го оквалификува потегот на Владата избор на ДИК наместо со двотретинско, да се овозможи  со мнозинство од 61 пратеник, како јасен обид да се погазат процедурите и да се донесуваат еднострани одлуки.


Мицкоски: Излеговме поради Изборниот законик и неприсуството на сите партии


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој вчера ја напушти лидерската средба во Клубот на пратениците по еден час, набргу образложи дека тоа е направено поради, како што рече, неделовничкото донесување измени на Изборниот законик за да се избира Државната изборна комисија (ДИК) без опозицијата, како и поради неприсуството на средбата на сите парламентарни партии. Сепак, на средбата остана Социјалистичката партија на Македонија, која повеќе од деценија беше коалициски поврзана со ВМРО-ДПМНЕ.

– Навистина за нас не беше јасен концептот зошто сите политички парламентарни партии не се застапени на овој состанок. Добивме објаснување кое што навистина не можевме да го прифатиме во стилот во кој што ни беше објаснето. Исто така како ВМРО-ДПМНЕ изразивме сериозен револт и негодување на девијантното однесување од страна на владините претставници, но и од парламентарното мнозинство во текот на вчерашниот ден кога на еден начин, неделовнички, на еден начин кој што досега не беше пракса во политичкиот живот во Република Македонија се утврди потребата од промена на Изборниот Законик без поддршка на најголемата опозициска партија – рече тој.

Лидерот на најголемата опозициска партија вели дека на средбата го изразиле револтот и ги соопштиле причините за напушањето. Тој се извини во име на партијата на сите парламентарни партии што не биле повикани на средбата.

Мицкоски побара нова лидерска средба, на која би биле само СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и најголемата опозициска партија на Албанците.

– Да седнеме да разговараме отворено од самиот почеток на сите оние отворени прашања кои што му претходат на формирањето на новиот состав на ДИК, па дури потоа да дискутираме за формирањето на  новиот состав на ДИК – рече Мицкоски.

Откако тој со Тања Каракамишева – Јовановска ја напуштија средбата, во Клубот на пратениците останаа претставниците на Социјалистичката партија на Македонија, која повеќе од деценија е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

Одговарајќи на новинарско прашање, Заев по средбата рече дека тоа што од СПМ останале на средбата, не е потврда за окрупнување на владејачкото мнозинство со оваа мала партија.

– На средбата не разговараме кој како ќе гласа за уставните измени. Од СПМ на средбата рекоа дека тие се посебна партија од ВМРО-ДПМНЕ и ќе останат на средбата – рече Заев.


Бошњаковски: Лидерската средба може да го одблокира формирањето на ДИК


Скопје, 17 јули, 2018 - 14:59 (META) 

Измените на Изборниот законик кои се веќе во собраниска процедура, и со кои изборот на членовите на Државната изборна комисија (ДИК) би се вршел со мнозинство од 61 пратеник, наместо двотретинско мнозинство како досега, ќе влезат во процедура ако утре на лидерската средба не се постигне политички консензус за ДИК, рече владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

На редовната прес-конференција во Владата на која информираше за владиниот предлог-закон за измена на Изборниот законик, одговарајќи на новинарско прашање, Бошњаковски рече дека новиот состав на ДИК би се формирал во многу скоро време.

– Измените се доставени во Собранието, утре е лидерската среда. Да го видиме резултатот од неа, но мислам дека во многу скоро време може да очекува формирање на ДИК. Или утре ќе има политички консензус или измените влегуваат во процедура – рече Бошњаковски.