!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Македонски Австралиец убиен во ресторан во Мелбурн, напаѓачите избегале


Мелбурн, 9 септември, 2017 - 20:16 (META) 

Дени Димовски (31) е избоден до смрт во тепачка на забава во еден ресторан во западниот дел на Мелбурн, Австралија, јавуваат австралиските медиуми.

Несреќниот настан се случил во ресторанот „Корзо грил“ во Каролин Спрингс, во раните утрински часови во саботата. Полицијата соопшти дека групата избегала од местото на настанот. Групата заминала пеш од македонскиот ресторан откако жртвата била прободена неколкупати, но се верувало дека имало неколку автомобили во близина.

Димовски починал веднаш откако бил пренесен во болница.

Сопствениците на ресторанот, Џим и Јасмина Рибаровски, изјавиле дека Димовски бил редовен гостин во нивниот ресторан.


Две деца повредени – едното паднало од трети кат, другото прободено со нож во стомакот


Штип, 25 јули, 2017 - 13:10 (META) 

Вчерашната ноќ била ужасна за две деца од Штип и од Битола – едното паднало од трети кат и добило тешки повреди, а другото било прободено со нож во стомакот.

Како што соопшти МВР, во Клиничкиот центар во Штип вчера во 22.10 часот било донесено 12-годишно дете од Штип, кое добило тешки телесни повреди при пад од трети кат од зграда на улицата Енгелсова. Поради сериозноста на повредите, малолетникот бил пренесен во Ургентен центар Скопје за понатамошно лекување.

Вчера пет минути пред полноќ, во СВР Битола било пријавено дека во итна медицинска помош бил донесен 14-годишник, кој бил повреден со нож во стомакот. За среќа, не биле повредени внатрешните органи, но детето е задржано на лекување. Било прободено со нож во стомакот од непознат сторител на улицата Филип Втори Македонски во Битола. Полицијата трага по сторителот.


Избоден бегалец од Сирија на островот Хиос


Атина, 27 декември, 2016 - 14:55 (META) 

Нов инцидент се случи во бегалскиот камп Суда на островот Хиос, кога пет лица брутално нападнаа бегалец од Сирија. Момчето на 26-годишна возраст било прободено повеќепати во градниот кош и во раката.

Повредениот бегалец сам успеал да дојде до болницата на островот и колабирал само што стигнал пред влезот. Извори од болницата за локалните медиуми на островот изјавиле дека бегалецот се појавил доцна вечерта сам и веднаш бил префрлен на интензивна нега поради големиот број рани, кои, за среќа, не биле премногу длабоки и не претставувале опасност за неговиот живот. Сепак, момчето било задржано во болница од безбедносни причини.

Грчката полиција објави дека бегалецот бил нападнат од пет лица, кои, според тврдењето на нападнатото момче, биле со потекло од Алжир. Засега нема информации дека се најдени напаѓачите.

Нападите меѓу бегалците во камповите стануваат сè почеста појава, а неретко се и причина за поголеми демонстрации, масовни насилни судири кои водат до палење и до уништување на дел од камповите. Причините некогаш се финансиски, некогаш етнички, а некогаш и банални, како земање туѓо место во редот за храна.


Поддржувач на Исламска држава избодел наставник во Париз


Париз, 14 декември, 2015 - 11:34 (META) 

Напаѓач, кој извикувал „Исламска држава“, утрово избодел наставник во училиште во париското предградие Обервилие, јавуваат светските медиуми.

Како што пренесува „Би-Би-Си“, напаѓачот почнал да извикува „Ова е Исламска држава, ова е предупредување“, по што го избодел наставникот со нож за сечење кутии или со ножици.

Според информaциите, наставникот, кој бил повреден околу вратот, е надвор од животна опасност, додека напаѓачот е во бегство и полциијата трага по него.

Напаѓачот, како што пренесуваат медиумите, во училиштето дошол невооружен, а нападот го извршил со предмет кој го нашол во училницата.

Одделот за антитероризам на обвинителството во Париз отворил истрага за обид за убиство поврзано со тероризам.

Франција и понатаму е со подигнато ниво на тревога и безбедносни мерки, по терористичките напади на 13 ноември, во кои загинаа 130 лица.

Како што пренесуваат светските агенции, неодмна Исламска држава преку својот магазин на француски јазик „Дар ал Ислам“ ги повикала своите поддржувачи да убиваат наставници во Франција, бидејќи, како што било наведено, тие се „непријатели на Алах“ поради секуларизмот што го предаваат.


Приведени татко и син, нападнале и изболе со нож жител на Делчевско


Делчево, 7 октомври, 2015 - 11:47 (META) 

Делчевската полиција вчера привела 48-годишен маж, кој заедно со неговиот татко нападнал и со нож избодел жител на селото Трботивиште.

Според полициските информации, инцидентот се случил вчераутро, околу 9.50 часот, во селото, кога осомничениот О.С.(48), со својот татко М.С.(85), дошол пред куќата на неговата поранешна сопруга В.Ж. (33) и двајцате почнале вербално да ѝ се закануваат. Во расправијата се вклучил и В.С. (48), кого О.С. по кратко време го нападнал со нож. Тој првин го прободел во десната рака, а потоа му нанел уште три убоди во десната нога, додека неговиот татко го удирал со дрвен предмет.

Осомничениот О.С. и неговиот татко биле приведени од полицијата, а повредениот В.С. со возило на Итна помош бил пренесен во делчевската болница, каде по укажаната лекарска помош бил пуштен на домашно лекување.

Од полицијата велат дека преземаат мерки за расчистување на случајот.


Сириец избоден со нож во расправија меѓу мигранти


Куманово, 18 јуни, 2015 - 14:41 (META) 

Дваесет и четиригодишен Сириец бил избоден со нож во расправија меѓу мигранти, што утрово се случила во атарот на кумановското село Табановце, соопшти полицијата.

Инцидентот се случил околу 1 часот, кога на И.К. со нож му биле нанесени убодни рани во ногата.

Тој бил пренесен во кумановската болница за укажување лекарска помош.

Од полицијата велат дека работат на расчистување на случајот.


Гостиварец избоден во сопствениот двор


Гостивар, 1 април, 2015 - 14:29 (META) 

Педесет и деветгодишен жител на гостиварската населба Питарница, синоќа, околу 21.30 часот, бил нападнат и избоден со остар предмет од непознато лице во дворот на неговата куќа, соопшти полицијата.

Како што информираат оттаму, напаѓачот со остар предмет на Р.Ј. (59) му нанел две исеченици на лицето и на вратот и една убодна рана во стомакот.

Гостиварецот бил пренесен во Медицинскиот центар во Тетово, каде му била извршена хируршка интервенција, а потоа бил префрлен во Ургетниот центар во Скопје.

Јавен обвинител и увидна екипа на гостиварската полиција извршиле увид и преземаат мерки за откривање на напаѓачот и за расветлување на случајот.