На аџилак годинава ќе заминат 672 верници од Македонија


Скопје, 6 август, 2018 - 11:54 (META) 

Од Република Македонија на аџилак ќе заминат 672 верници кои од 11 до 15 август ќе патуваат со четири авионски чартер летови. Ова го изјави генералниот секретар на Исламската верска заедница на Македонија, Ирсал Јакупи.

Од дебарското муфтиство кое ги опфаќа општените Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово Ростуше, годинава на аџилак ќе заминат 26 верници.

– Нашето муфтиство ги презеде сите неопходни активности за непречено заминување во светите места Мека и Медина, каде се реализира петтиот столб на исламот-аџилакот. Верниците кои се пријавија ги поминаа сите неопходни лекарски прегледи, а ја примија и потребната вакцина – потврди дебарскиот муфтија Хаџи Рамазан Ефеди Хаса.

Верниците од овој регион тргнуваат на 11 и 13 август од Дебар, а потоа заедно со другите верници од земјава кон светите места ќе тргнат од скопскиот аеродром.


Анкета: 42,6 отсто не ја оправдуваат одлуката на МПЦ-ОА да побара од БПЦ да и биде мајка-црква


Скопје, 13 март, 2018 - 13:02 (META) 

Двете најголеми верски заедници МПЦ-ОА и ИВЗ имаат големо влијание врз политиката, покажува истражувањето „Религија-Политика-Општество: Влијанието на Религијата во Политиката и Општеството” на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во соработка со Институтот за Политички истражувања-Скопје и молитвеникот за информации Религија.мк.

Поголемиот дел од анкетираните – 42,6 отсто не ја оправдуваат одлуката на МПЦ-ОА да побара од БПЦ да и биде мајка-црква, додека овој потег на МПЦ го поддржуваат 35,4 отсто од граѓаните.

Високи 89,1 отсто од граѓаните сметаат дека МПЦ-ОА не треба да отстапи од барањето за автокефален статус, а 42,1 процент сметаат дека Српската православна црква (СПЦ) треба да биде првата црква која ќе го признае автокефалниот статус на МПЦ-ОА наспроти 18,6 отсто кои сметаат дека тоа треба да биде бугарската.

На прашањето, дали има и колкаво е влијанието на МПЦ-ОА врз политиката 33 отсто од испитаниците одговориле дека МПЦ-ОА има големо влијание, 32,2 отсто сметаат дека има мало влијание, а дека нема влијание сметаат 26.6 отсто од анкетираните.

Дека ИВЗ има големо влијание врз политиката сметаат 46,2 отсто од граѓаните, 20,3 отсто сметаат дека има мало влијание, а дека нема влијание мислат 21,3 отсто од испитаниците.

Мислењата се поделени на прашањето, дали верски претставници треба да присуствуваат на камен-темелник или отворање на државни објекти, па така резултатите покажуваат дека 47 отсто од граѓаните сметаат дека не треба, а 42,6 отсто сметаат дека треба.

Повеќе од половина од испитаниците – 52,6 отсто сметаат дека црквите и верските заедници треба да бидат повеќе активни во социјалниот живот во општеството, а 27,5 проценти сметаат дека треба да бидат помалку активни.

На прашањето дали покрај државата и верските заедници би требало да отвораат домови за деца без родители или болници за социјално загрозени 81,2 отсто од анкетираните одговориле потврдно а само 10,8 отсто дека не се согласуваат.

Високи 75,9 отсто од граѓаните сметаат дека во Македонија во моментов има доволно верски објекти.

Анкетата била спроведена на национално ниво во текот на месец јануари оваа година на 1.107 испитаници.


Без дозвола за градба, се подготвува теренот за изградба на џамија на Попова Шапка


Тетово, 30 мај, 2017 - 15:03 (META) 

Без дозвола за градба, во туристичкиот центар Попова Шапка, се вршат градежни активности за изградба на џамија, потврдуваат од секторот за урбанизам при Општина Тетово.

– Викенд-населбата на Попова Шапка е под надлежност на Општина Тетово. За оваа викенд-населба сè уште не е изработен детален урбанистички план и секоја нова градба што се гради е дивоградба. За парцелата каде што сега се изведуваат градежни активности, нема издадено одобрение за градба. Кога ќе се изработи нов детален урбанистички план, тогаш ние имаме право да издаваме дозволи за градба – велат од секторот за урбанизам при Општина Тетово.

Од Општина Тетово засега не кажуваат какви мерки ќе преземат во врска со овој верски објект.

Според неофицијални информации, општинскиот инспекторат деновиве ги запрел градежните активности, но денеска граѓани ни испратија фотографии на кои се гледа дека градежна механизација работи на проширување на парцелата.

Од тетовскотo муфтиство при Исламската верска заедница (ИВЗ), од каде побаравме став околу изградбата на џамијата, кусо одговорија дека не вршат никакви градежни активности на Попова Шапка.

Инаку, веќе неколку месеци покрај патот кон Попова Шапка, поставени се повеќе билборди со насликана џамија која треба да се гради на Попова Шапка. На билбордот пишува дека инвеститор на овој верски објект е тетовското муфтиство при Исламската верска заедница, а наведени се неколку жиро-сметки на кои граѓаните можат да донираат за изградба на џамијата.


ИВЗ: Со поставувањето на крстот се поттикнуваат меѓуетнички тензии


Скопје, 27 февруари, 2016 - 13:37 (META) 

Исламската верска заедница денеска реагираше поради поставувањето на крстот во општина Бутел. Изградбата  на верскиот симбол, ИВЗ го оценува како провокација кон муслиманските верници.

Оттаму сметаат дека иницијативата поттикнува меѓуетнички тензии, па затоа ги повикуваат властите, но и меѓународните претставници, да интервенираат да се укине одлуката на Општина Бутел во која, како што велат од ИВЗ, половина од жителите се од исламска вера.

„За да ги избегнеме тензиите кои непотребно беа создадени поради нечија провокација, од некој кој не ѝ посакува добро на оваа земја и кој верските симболи ги злоупотребува за дестабилизирање на односите меѓу граѓаните, апелираме итно да се укине одлуката за поставување на крстот во Бутел. Доколку некој имал цел со изградбата на крстот „да се реваншира“ за поставувањето на орелот во општина Чаир, истакнуваме дека орелот е национален симбол, а крстот е верски“, велат од ИВЗ.


Верниците од ИВЗ донираа 90.000 евра за поплавените семејства во Тетовско


Тетово, 21 август, 2015 - 13:25 (META) 

За време на изминатите две петочни молитви, во џамиите низ Македонија е собрана хуманитарна помош за настраданите од големото невреме, кое на 3 август го зафати тетовскиот регион. По повикот на поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), помошта во парични средства ја донираа верниците, а во акцијата се вклучи и хуманитарната организација „Ел Хилал“ кој подели 600 пакети со храна, облека и средства за хигиена. Собраната помош денеска пристигна во Горната џамија во Мала Речица

– Со донираните пари од верниците и поделените пакети во храна, облека и хигиена е собрана помош во вредност од 90.000 евра. Оваа помош ќе ја поделиме на џамиските одбори на поплавените села, кои потоа ќе ги распределат парите и пакетите на настраданите семејства – изјави поглаварот на Исламската верска заедница, Реус ул Ефенди Сулејман Реџепи.

Досега на сметката на Црвениот крст и на општинската сметка на град Тетово се собрани вкупно 100.000 евра за настраданите семејства од големото невреме.

З.Д.


Именуван нов скопски муфтија, разрешените членови најавија протести


Скопје, 23 мај, 2015 - 16:53 (META) 

Исламската верска заедница за нов скопски муфтија го именуваше Реџеп Јусуфи. Разрешените членови на скопското муфтиство, пак, го обвинуваат поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, дека незаконски го сторил тоа.

– Не е избран, тој е именуван од Сулејман Реџепи, без негова волја. Во комуникација со Реџеп Јусуфи, сам ми кажа дека е принуден да го прифати тоа – изјави разрешениот скопски муфтија, Ибрахим Шабани.

Според Шабани и другите разрешени членови, именувањето се случило на таен состанок, одржан во четвртокот, на кој присуствувале само пет од вкупно 15 членови на скопското муфтиство.

Разрешените членови на скопското муфтиство најавија дека правдата ќе ја барат на суд, а за следната недела закажаа и секојдневни протести.

– Имајќи го предвид фактот дека секојдневно имаме голем притисок од верниците, оформен е иницијативен совет кој ќе биде надлежен за координирање на секојдневните протести, кои ќе имаат една цел – да му кажат стоп на најголемото зло на исламската вера во земјата, Сулејман Реџепи – изјави поранешниот секретар на скопското муфтиство, Скендер Бузаку.

 


Групата која 12 дена ја окупираше ИВЗ, го напушти објектот


Скопје, 15 мај, 2015 - 20:38 (META) 

Групата која 12 дена ја окупираше Исламската верска заедница, го напушти објектот на чело со скопскиот муфтија Шабани.

Судот донесе решение со кое се бараше групата веднаш да ја напушти ИВЗ.

Пред 12 дена, групата предводена од скопскиот муфтија и од неговиот секретар насилно ги зазедоа просториите на ИВЗ, револтирани поради нивното разрешување.


Џамиските одбори од Источна Македонија застанаа зад скопскиот муфтија


Штип, 6 мај, 2015 - 14:36 (META) 

Џамиските одбори од Источна Македонија денеска соопштија дека застануваат на страната на, како што велат, новото раководство на ИВЗ под водство на скопскиот муфтија Ибрахим Шабани, кој во понеделникот оваа недела, со своите приврзаници, ја презеде контролата на седиштето на ИВЗ во Скопје.

„Денеска присутните џамиски одбори од Источна Македонија, кои се собраа во централната џамија „Кадин-ана“ во Штип, безрезервно го подржуваат новото раководство на Исламската верска заедница, под водство на скопскиот муфтија Ибрахим Шабани. Се надеваме дека новото раководство ќе ја извади ИВЗ од кризата во која сè подлабоко тонеше оваа институција во изминатиот период. Исто така, ги повикуваме сите муфтии да го чујат гласот на своите џамиски одбори низ Македонија и во таа насока да постапуваат како нивни претставници во ријасетот. Воедно, ги повикуваме и ги охрабруваме сите џамиски одбори низ Македонија, исто како нас, на мирен и достоинствен начин да ја искажат довербата на новото раководство, со што ќе ги принудат нивните муфтии да постапуваат по нивната волја во џамаатот, а не под диктат и пристисок на старото раководство на ИВЗ на чело со поранешниот реис Сулејман Реџепи“, стои во соопштенито на џамиските одбори од Источна Македонија.

Тие бараат и повлекување од функцијата на штипскиот муфтија, бидејќи, според нив, неговата поддршка за донесените одлуки во ријасетот не била од името на џамиските одбори, туку биле негови „лични ставови“.

„Заради овие причини и поради веќе длабоката старост на муфтијата Исламили, бараме од него да се пензионира и со тоа да се повлече од муфтиската должност. Во спротивно, џамиските одбори од Источна Македонија ќе бидат принудени да преземат порадикални мерки бидејќи веќе не сакаме да нè претставува човек во ријасетот кој е наметнат и со сила држен кај нас од поранешниот реис“, се вели во соопштението.

Штипското муфтивство својот став ќе го соопшти утре, на прес-конференција. Денеска во краткото соопштение оттаму тврдат дека сите џамиски одбори се оградиле од таа декларација што ја прочита мутевелијата на штипската џамија Џевџет Зејнелов. Одборите ја откажале подршката на таа декларација, со исклучок на штипскиот и радовишкиот џамиски одбор.

– Воедно ве информираме дека сите имами од Источна Македонија се во комплетно единство за подршката на Реис ул Улема Сулејман Реџепи. Освен што ја осудуваме оваа вандалистичка група бараме веднаш да ги напуштат просториите на ИВЗ – соопштија од штипското муфтиство.

В.К.


Муфтиите од Источна Македонија на вонреден состанок во Штип


Штип, 6 мај, 2015 - 12:07 (META) 

По настаните во седиштето на Исламската верска заедница (ИВЗ) во Скопје, муфтиите и оџите од Источна Македонија денеска се собраа на вонреден состанок во Штип.

Тие на прес-конференција, закажана за денеска во 13 часот, се очекува да го соопштат заедничкиот став за настаните.

Според првичните неофицијални најави, повеќето локални верски челници му даваат поддршка на реисот Сулејман Реџепи, кого го оспорува скопското муфтиство.

Во понеделникот оваа недела, скопскиот муфтија Ибрахим Шабани и неговите приврзаници упаднаа и ја презедоа контролата на седиштето на ИВЗ и побраа оставка од реисот Реџепи.

В.К.


Шабани: Не мрдаме одовде додека Реџепи не си поднесе оставка


Скопје, 5 мај, 2015 - 16:14 (META) 

Ситуацијата во Исламската верска заедница е сè уште тензична и статус кво откако вчера скопскиот муфтија Ибрахим Шабани и неговите приврзаници упаднаа и го зазедоа седиштето на ИВЗ.

Денеска пред седиштето на ИВЗ е мирно, но може да се почувствува извесна тензија, како ехо од вчерашните случувања. Неколкумина полицајци сè уште се пред влезот на службените простории и го контролираат влегувањето и излегувањето, за да се спречи евентуална нова ескалација на тензиите.

Под сенките на дрвјата, во дворот од седиштето затекнавме дваесетина приврзаници на скопскиот муфтија. Не сакаат да зборуваат за случувањата, а таму се како поддршка на муфтијата и на привременото раководство на ИВЗ.

Муфтијата и привремениот реис, Африм Тахири, до неодамна секретар на ИВЗ, цврсто остануваат на барањето поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, да си поднесе оставка и да се избере ново раководство. Доколку не го направи тоа, тие најавуваат дека работата ќе ја изнесат на суд и ќе бараат решение низ правна процедура.

Додека бевме во просториите на ИВЗ, таму пристигна адвокат, кој чекаше за состанок со скопскиот муфтија и со привременото раководство.

– Излезот од ситуацијата ќе биде полесен доколку тој (реисот Сулејман Реџепи) даде неотповиклива оставка. Ако не, ние ќе тераме со судска процедура да го тргнеме човекот што ја води оваа институција. Во меѓувреме, ние ќе доаѓаме и ќе работиме. Нема да бидат блокирани институции, печатите ги има секретарот на ИВЗ, административните работи ќе продолжат како што треба – изјави за „Мета“ скопскиот муфтија Ибрахим Шабани.

Според него, вчера во ИВЗ не се случил пуч, туку тој со своите приврзаници дошол да разговара со реисот околу одлуката за разрешување на скопскиот муфтија на седница на реисатот, во четвртокот минатата недела.

– ИВЗ од овие денови е во една вонредна состојба. Тоа што се случи вчера не беше пуч. Ние дојдовме да се видиме со него поради некои шпекулации, односно одлуки што тој ги објавил на таа седница во Кондово. Ние дојдовме во 8.30 часот и сите што работат во ИВЗ беа на своите работни места и никој не беше спречен да работи. Ние бевме упатени во кабинетот на реисот. Ни рекоа дека не е тука. Во меѓувреме се појавија двајца луѓе, вработени тука. Мустафа Даути назначен за раководител на „Ел Хилал“ и Реџеп Зибери, назначен за раководител на здружението „Илмије“ – вели Шабани.

ivz5

Дупката од куршум во таванот сведочи за вчерашните тензии во просториите на ИВЗ

Тој тврди дека во тие моменти ситуацијата станала тензична, паднале тешки зборови, а еден куршум завршил во таванот од ходникот.

– Почнаа да се креваат тензии. Од Мустафа Даути почнаа тензиите… „Ќе се пролее крв, ќе се поубиеме, ќе се тепаме“, велеше. Таа порака сигурно ја имал, односно тој сам треба да каже кој го насочил така да каже – тврди скопскиот муфтија.

Покрај барањето да се извини за наводните навреди, кои, како што тврди скопскиот муфтија, реисот Реџепи ги кажал пред една недела, тој и неговите приврзаници, велат дека поглаварот е и нелегитимен лидер на ИВЗ, бидејќи бил реизбран незаконски, односно без правилник за избор на Реис врз основа на новиот устав на ИВЗ.

– Тој е избран по уставот од 2003 година, по член 41, кој вели дека мандатот на реис ул улема трае пет години со право на еден реизбор. Промена на уставот имаше 2008 година, каде што веќе имаме ситуација тие што ќе се избираат по новиот устав да имаат неограничен мандат. Муфтиите кои беа избирани по уставот од 2003 година кога им заврши мандатот, имале резибор во 2009 година по новиот устав и сите муфтии се легитмини бидејќи се избрани по новиот устав. Кога се смени уставот, требаше да се менуваат многу акти и нормативи и сите тие се поминати во собрание на ИВЗ. Нема само нормативи, односно нема правилник за избор на реис ул улема. Само тој правилник го немаме. Зошто? Како муфтиите што имале резибор во 2009 година и тој требаше да се подготвува за резибор во 2011 година и да се изготви правилник за избор на реис – објаснува привремениот реис на ИВЗ, Африм Тахири.

На прашање зошто од 2011 година досега чекале и не зборувале за овие неправилности, Тахири тврди дека тој лично зборувал со реисот за тоа, но не наишол на рзбирање.

– Тој постојано мислеше дека јас мислам за мене, дека имам амбиици. Не станува збор за амбиции туку за функционирање на правниот систем – вели Тахири.

За неговото разрешување, скопскиот муфтија вели дека тој не може да биде разрешен ниту од реисот, ниту од реисатот, бидејќи според новиот устав на ИВЗ, тој има доживотен мандат.

– Мене не може да ме разреши реисатот. Јас како муфтија на Скопје, сум еден од првите членови на реисатот. Мене не може да ме разреши реисот. Никој не може да ме разреши. Не може со гласање да ме разрешат. Мене никој не ме повика јас да кажам што имам. Прашајте го реисатот зошто ме разрешил. Јас има притисок од членовите на муфтиството, од оџите, од верниците. Јас во реисетот го претставувам целото Скопје. Не се случајни овие луѓе, не сум ги викнал јас. Ако треба со денови ќе бидат тука, додека реисот не даде оставка. Тој нема морално право и законски да ја води оваа иснтиуација. Тој бара дупки, бара луѓе, бара поддршка. Но поддршка, нема од никаде. Ние го чекаме тука, но тој не доаѓа. Тој вчера држел седница во медресата, па на Факулетот за исламски верски науки. Ги викнал муфтиите, а ние навикнати сме да го почитуваме, демек ја има поддршката. Но, тој ја нема поддршката ниту од реисатот.
Јас сум сигурен дека и тие не се согласуваат да одлучат некоја работа на седница без да биде повикан скопскиот муфтија – вели скопскиот муфтија Ибрахим Шабани.

Поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, синоќа имаше средба со реисатот на која во присуство на 12 муфтии го осуди упадот во просториите на ИВЗ.

Како што пренесува „Телма“, Реџепи изјавил дека зад вчерашните случувања стои група која е изманипулирана и политички злоупотребена за поттикнување конфликт.

Според него, групата која направи упад во ИВЗ има поддршка од полицијата бидејќи, како што рече, иако добиле наредба од Обвинителството да дејствуваат, не направиле ништо за да ги остранат луѓето од ИВЗ.

– Имам информации дека Јавното обвинителство и Јавниот обвинител ја имаат завршено својата работа и нивната одлука треба да се имплементира, да се изврши. Како што изгледа, оваа работа се одолговлекува. Им давам можност на институциите на редот да докажат дека се во служба на правдата, пред реисетот да преземе чекори за враќање на имотот на ИВЗ – изјави Реџепи.

И претседателот на Собранието на ИВЗ, Хаки Агуши, го осуди денешниот упад во Скопје.

– Верувам дека нема ниту еден оџа, ниту еден муслиман што се согласува со ова, бидејќи има и други методи за да се дојде до договор, а да не се користи насилство – рекол Агуши.