Вучиќ за неуспехот на Косово во Интерпол: Србија победи, но да не се понижува Приштина


Белград, 20 ноември, 2018 - 12:59 (META) 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека, одбивањето на барањето за членство на Косово во Интерпол е успех на Србија („мала, пркосна и горделива земја“), но дека поради тоа не треба да се биде еуфоричен и да се понижува Косово, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

„Ние ја подобривме меѓународната позиција, но не смееме во оваа прилика тоа да го искористиме, односно да ја понижуваме приштинската страна“, додаде Вучиќ на вонредна прес-конференција која ја одржа со шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ.

Вучиќ ги повика косовските Албанци, исходот од гласањето на Генералното собрание на Интерпол да не го доживеат како пораз, туку како трезнење и да „разберат дека решението е во договор со Белград, а не дека некој на Србија ѝ наметнува решение“.

Тој рече дека Белград ќе продолжи да инсистира на компромис со Приштина и ги повика тамошните власти да го укинат данокот од 10 отсто на увоз на роба од Србија и Босна и Херцеговина.

Дачиќ оцени дека одбивањето на барањето на Косово да стане член во Интерпол е голема победа на Србија и српскиот народ и доказ дека, ништо не може да се реши на сила и без договор со Белград. Додаде дека, тоа покажува и дека Приштина мора да се врати на дијалог и дека заедно со Белград мора да ги реши меѓусебните проблеми.

„Сите велат дека Интерпол е полициска организација. Ако е полициска, зошто инсистираат да влезат таму, кога веќе сите се влезени, кога за сите има потерница“, изјави Дачиќ.


Дачиќ: Србија нема да го признае Косово поради „европскиот морков“


Белград, 26 октомври, 2018 - 16:43 (META) 

Реагирајќи на изјавата на германскиот пратеник Петер Бајер дека „Србија не може да биде дел од ЕУ додека не ја признае ,де јуре‘ независноста на Косово“, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска порача дека „Србија нема да ги згази својот Устав и образ признавајќи ја лажната држава Косово поради некаков европски морков“.

– Изјавата на германскиот пратеник секако треба да се сфати сериозно бидејќи тој е функционер на ЦДУ, партијата на германската канцеларка Ангела Меркел, но зошто тогаш треба дијалог во Брисел, зошто треба исцрпувачки и многу фрустрирачки процес, ако однапред се знае крајот – вели Дачиќ.

Тој во изјавата за весникот „Вечерње новости“ потенцира дека дипломатска битка за Косово допрва претстои и дека сигналите од некои клучни западни држави, а пред се САД „кои досега цврсто стоеја на позицијата дека за нив независноста на Косово е завршена работа“ на Србија и даваат право да се бори „почитувајќи ја реалноста на терен и темелите на меѓународното право“.


Дачиќ: Нема потреба Србија да ги коментира одлуките на Собранието


Белград, 22 октомври, 2018 - 14:58 (META) 

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска порача дека одлуката на македонското Собрание да го почне процесот на менување на Уставот е внатрешна работа на Македонија која што нема потреба Србија да ја коментира.

-Ги почитуваме народот и државните органи. Им посакувам се најдобро на Грција и Македонија, но тоа се внатрешни прашања… Ние сакаме најдобри односи – изјави Дачиќ пред новинарите пред почетокот на Економскиот самит на Србија.

Шефот на српската дипломатија рече дека Србија е заинтересирана за регионална стабилност и дека не е добро ниту македонските политичари да даваат изјави за дијалогот на Белград и Приштина. Сепак, зборувајќи за референдумот во Македонија и гласањето во Собранието, Дачиќ рече дека некои пратеници биле пуштени од притвор за да гласаат и ги праша новинарите: „Како би било договорот на Белград и Приштина да се усвои на таков начин во Србија“?

Тоа беше прва реакција на официјален Белград, по три дена молк за најновите политички случувања во Македонија.


Навршуваат 18 години од уривањето на Милошевиќ, „камарадите“ уште на позиции


Белград, 5 октомври, 2018 - 10:19 (META) 

Пред 18 години големите демонстрации во Белград на 5 октомври доведоа до уривање на режимот на Слободан Милошевиќ. Сепак, значителен дел од луѓето во неговата гарнитура денес се на високи позици во Србија.

Демонстрациите почнаа кога Милошевиќ, тогашниот претседател на СР Југославија одби да ги признае резултатите од изборите на 24 септември 2000 година за претседател на државата, на кои загуби од кандидатот на Демократската опозиција на Србија (ДОС) и претседател на Демократската партија на Србија (ДСС), Војислав Коштуница.

По 18 години, учесниците во власта на Слободан Милошевиќ и противници на Петооктомвриските промени, денес повторно завземаат некои од најважните позиции во Србија.

Актуелниот српски претседател Александар Вучиќ во тоа време беше министер за информирање, а потпретседателката на тогашната сојузна влада, Маја Гојковиќ, сега е претседател на српскиот парламент, додека поранешниот истакнат член на ЈУЛ, Александар Вулин, сега е министер за одбрана. Тогашниот портпарол на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, сега е вицепремиер и министер за надворешни работи.

Војислав Коштуница, кој како кандидат на ДОС беше избран за претседател на СРЈ, одамна се повлече од политиката, а премиерот Зоран Ѓинѓиќ беше убиен пред зградата на Владата на Србија на 12 март 2003 година.

Слободан Милошевиќ умре во февруари 2006 година во затворот на Хашкиот трибунал во Схевенинген, додека неговата сопруга и тогашна претседателка на ЈУЛ, Мирјана Марковиќ, е во Русија, каде доби азил.


Амбасадорот на САД во Србија: Лидерите на Македонија и Грција покажаа храброст


Белград, 20 септември, 2018 - 11:14 (META) 

Според амбасадорот на САД во Србија, Кајл Скот, дијалогот на Белград и Приштина, спорот на Македонија и Грција околу името и опстанокот на БиХ како држава се „трите критични проблеми“ во регионот, но не се нерешливи.

– Ја гледаме храброста на лидерите на Македонија и Грција во постигнувањето на спогодбата за името на Македонија, што донесе нова ера за напредок во европските интеграции и за членство во НАТО. Напредокот на БиХ ќе тече побавно, но претстоечките избори ги гледаме како можност за нов залет. Во Белград гледаме нови вибрации во врска со спогодбата за нормализација на односите со Приштина. Се надеваме дека што е можно побавно ќе се најде прифатливо и трајно решение – рече амбасадорот на САД на конференцијата за безбедносните предизвици за Западен Балкан, која се одржува во Белград.

Скот појаснува дека решавањето на проблемите на Балканот зависи од волјата на политичките лидери да соработуваат и подготвеноста да се прават компромиси.

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, на конференцијата рече дека решението за проблемот со Косово не е на маса и дека за разграничувањето допрва треба да се разговара.

Дачиќ рече оти аргументот дека со тоа би се отворила Пандорината кутија „сега не држи вода“, бидејќи „Пандорината кутија е отворена со признавањето на Косово“.

– Со евентуалната спогодба не би се отворила Пандорината кутија, оти таквиот предлог би бил поддржан од Србите, од Албанците и од меѓународната заедница – рече Дачиќ.


Дачиќ: Никогаш нема да го признаеме Косово и да му ги дадеме Прешево, Бујановац и Медвеѓе


Белград, 17 септември, 2018 - 16:31 (META) 

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави денеска изјави дека Србија никогаш нема да ја признае независноста на Косово, ниту ќе дозволи спојување на Прешево, Медвеѓе и Бујановац кон Косово.

„Тие не сакаат да зборуваат за корекција на границите, а сакаат да зборуваат за Прешево и Бујановац. Знаете ли кога ќе ги признаеме, кога ќе им дозволиме право на глас во Обединетите нации, кога ќе ги дадеме Прешево и Бујановац – кога врбата ќе роди грозје“, одговори на новинарско прашање Дачиќ за изјавата на претседателот на Косово, Хашим Тачи дека новиот договор подразбира спојување на Прешево, Медвеѓе и Бујановац кон Косово.

Тој рече дека претставниците на Приштина испраќаат пораки кои „немаат врска со реалноста“ и дека Србија нема да се согласи на тоа, да ја признае независноста и да ја добие само Заедницата на српските општини на северот на Косово.


Дачиќ: Не и честитавме на Македонија бидејќи нема за што да се честита


Белград, 21 јуни, 2018 - 13:07 (META) 

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, вели дека официјален Белград не ѝ честитал на Македонија за договорот со Грција, бидејќи нема што да се честита, иако, како што вели Србија има позитивен став околу целиот договор.

Според него, решението до кое дојдоа двете земји е билатерално прашање и Србија нема потреба да се вклучува.

-Секако дека сакаме да се реши, и посакуваме среќа и на Атина и на Скопје, да не влегуваме во тоа кој како се вика, и тоа да придонесе за стабилноста на регионот – вели Дачиќ.


Коѕиас по средбата со Дачиќ: Направен е чекор напред во преговорите на Грција и Македонија


Белград, 11 април, 2018 - 14:14 (META) 

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас по денешната средба со неговиот српски колега Ивица Дачиќ во Белград изјави дека во преговорите на Грција и Македонија за спорот за името е направен чекор напред, како и дека клучот за решавање на проблемот се „реализмот, прагматизмот и сфаќањето дека треба да се направат компромиси“, пренесуваат српските медиуми.

– Треба да направиме компромиси, но не „гнили“ компромиси, туку такви од коишто ќе добијат двете страни. Компромис значи дека обете страни треба да сфатат дека не може да добијат сè, но дека треба да имаат придобивка – рече шефот на грчката дипломатија.

Коѕиас додава оти се надева дека двете страни во преговорите ќе го сфатат тоа и оти ќе има позитивни резултати.

Српскиот министер за надворешни работи, пак, рече дека најделотворно и најкорисно би било тие разговори да се водат директно и да се мисли на заедничкиот интерес во целиот регион. Дачиќ истакна дека Србија има разбирање за ставот на Грција и го повтори својот повеќепати изнсен став дека било грешка тоа што поранешна Сојузна Република Југославија ја признала Македонија под нејзиното уставно име, нагласувајќи дека тоа било „непромислен и погрешен чекор“.

– Однесувањето на Скопје кон Србија и српскиот национален и државен интерес не беше адекватно. Тие признаа еднострани акти – рече тој, мислејќи на признавањето на Косово од страна на Република Македонија.

Според Дачиќ, Србија сака прашањето за името да се реши, но дека не може многу да помогне, освен да понуди двете страни понекогаш да се состануваат во Србија.


Лавров: Русија ќе ги брани легитимните интереси на Србија


Москва, 3 април, 2018 - 10:52 (META) 

Русија е подготвена и понатаму на српските партнери да им дава поддршка во одбраната на легитимните национални интереси во однос на Косово, пред сè во меѓународните структури, му напишал шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на својот српски колега Ивица Дачиќ.

Во врска со акцијата на РОСУ на косовската полиција во Косовска Митровица и апсењето на директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, Лавров го известува Белград дека се испратени „соодветни инструкции на постојаните претставници на Русија во ОН во Њујорк, како и во ЕУ и во НАТО во Брисел и во ОБСЕ во Виена“.

Писмото на Лавров е одговор на писмото што српскиот министер за надворешни работи Дачиќ го испрати до сите членки на ОН. Шефот на руската дипломатија во својот одговор му порачува на српскито колега „дека во целост ги споделува изнесените оценки“.


Еди Рама нема намера да провоцира, Ивица Дачиќ не сака „трет играч“


Корча, 28 ноември, 2017 - 10:40 (META) 

Целта на заедничката седница на владите на Косово и на Албанија не е да се провоцираат другите, изјави албанскиот премиер Еди Рама во Корча, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има храброст да ја организира седницата во српскиот дел на Митровица.

На заедничката прес- конференција со косовскиот премиер Рамуш Харадинај, по седницата на двете влади, Рама најави дека следната таква седница ќе биде одржана во Пеќ.

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, пак, за дијалогот на Белград и на Приштина рече оти не очекува нешто да се смени во форматот или да се вклучи трета страна. Повод за таквата изјава се шпекулациите дека поранешниот државен секретар на САД, Кондолиза Рајз, би можела да стане специјален претставник за Балканот.

– А зошто ние би го прифатиле тоа? Старата администрација не сакаше да ги реши проблемите, туку да го легализира тоа што го направи на Балканот – изјави Дачиќ.