!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески ја освои наградата на солунската публика


Солун, 12 ноември, 2017 - 20:35 (META) 

Дебитантскиот филм на Ставрески ја освои наградата на публиката „Фишер“ во рамки на популарната програма „Балкански преглед“ на 58-тиот Интернационален филмски фестивал во Солун, кој заврши вечерва со доделување на наградите и проекција на британскиот филм „Забава“ на Сели Потер.

Македонско-грчката копродукција на Ставрески ја имаше светската премиера на солунскиот фестивал под интернационалниот наслов „Тајната состојка“ („Secret ingredient“). Сторијата на Ставрески говори за синот Веле (Благој Веслеинов) и таткото Саздо (Анастас Тановски). Таткото е тешко болен од рак, но го притиска и чувството на вина за сообраќајката во која загинале сопругата и помладиот син. Синот работи како механичар во депото на Железницата, каде што не земал плата 3-4 месеци, и бара секаква можност да најде пари за лекови, па подлегнува пред предизвикот да ја украде дрогата што ја бараат и полицијата и мафијата во еден од вагоните. Не е секој роден за дилер на дрога, па Веле одлучува да направи колач со марихуана. Тој чудотворен колач ќе го опорави татко му, ќе му помогне и на соседот кој има реума, и низ градот ќе се расчуе за новиот „исцелител“, па пред станот на Веле се собираат десетици намерници со нивните маки. Но, и мафијата е на неговата трага…

Во филмот играат и Аксел Мехмет, Александар Микиќ и Симона Димковска, а кинематографер е Дејан Димески. Музиката е на членовите на групата „Фолтин“, а филмот ќе ја има скопската премиера на затворањето на фестивалот „Синедејс“ на 19 ноември, а месецов ќе биде и во натпреварувачката селекција на фестивалот во Талин.

Солунскиот фестивал ги наградува првите и вторите остварувања на авторите, па фаворит на годинешното жири е „Гаврани“ на шведскиот режисер, семејна драма за недоразбирањата на релација татко-син, кој ја доби наградата „Златен Александар“, а Реине Бринолфсон е прогласен за најдобар актер. Со „Сребрен Александар“ се закити иранскиот „Без датум, без потпис“ на Вахид Џалилванд, драма за лекар-форензичар кој ќе направи сообраќајка во која ќе биде полесно повредено едно дете. Детето подоцна ќе се затруе со расипана храна и ќе поччине, но лекарот е под притисок на сопствените морални дилеми дали тој е виновникот за неговата смрт. „Бронзениот Александар“ отиде во рацете на авторот на исландскиот филм „Зимски браќа“ на Хлинур Палмасон, интересна драма за двајца браќа.

Наградата за најдобра женска улога ја доби Дарја Жовнер за рускиот филм „Близина“ на Кантемир Балагов, драма за млад брачен пар во турбулентниот кавкаски регион. Овој филм ја доби и наградата за хумани вредности на грчкиот парламент.

Неодамна починатиот култен американски актер Хари Дин Стентон, чија последна улога беше во „Лаки“ на Џон Керил Линч во официјалната конкуренција, доби специјално признание од жирито и награда од публиката.

Во натпреварувачката интернационална конкуренција „Без датум, без потпис“ја освои наградата на критиката ФИПРЕСЦИ, „Зимски браќа“ доби специјално признание, а „Премногу информации во мојата глава“ на грчкиот автор Василис Хрисофилакис беше најдобар според во домашната конкуренција.

Стојан Синадинов


„Тајната состојка“ на Ставрески го зачини филмскиот фестивал во Солун


Солун, 8 ноември, 2017 - 16:45 (META) 

Ако задачата на филмот како уметност, во духот на најславната парола на париската револуционерна 1968 година, „Да бидеме реални, да го бараме невозмозното!“, е да го најавува духот на новото време, тогаш не треба да му се лутиме за сите тие депресивни и црни слики што ни ги нуди?! И кој ја има формулата на онаа тајна состојка што ветува добар филм и добар фестивал?

Веќе со години во извештаите од европските фестивали во најголема мера се говори за безбројните нијанси на сивилото во транзициските и во посттранзициските општества. И извештаите од 58. Интернационален филмски фестивал во Солун, кој се одржува од 2 до 12 ноември, не се поинакви, особено кога станува збор за насловите од источноевропксите кинематографии, но и од латиноамериканските и од азиските (особено иранската кинематографија).

festival-1

Меѓу стотината наслови во годинешното издание на солунскиот фестивал, селектирани во десетина програми, за место пред публиката се избори и македонско-грчката копродукција „Исцелител“. Дебитантскиот филм на Ѓорче Ставрески, чиј интернационален наслов е „Тајната состојка“ (Secret ingredient), денес ја имаше својата проекција за новинарите, а утревечер и в петок ќе ја има својата светска премиера пред солунската публика, во рамки на програмата „Балкански преглед“. Филмот на Ставрески, кој е автор и на сценариото, говори токму за таа веќе традиционална тема со која се преокупирани источноевропските и балканските кинематографии: има ли излез од маѓепсаниот круг на вечна транзиција, која никако да престане да ги меле човечките судбини?

Сторијата на Ставрески се врти околу (не)можноста на главните ликови, синот Веле (го игра младиот Благој Веслеинов) и таткото Саздо (Анастас Тановски), да создадат нов живот, заглавени во егзистенцијалното и емоционалното мочуриште. Таткото е тешко болен од рак, но и постојано растревожен од грижата на совеста дека ја преживеал сообраќајната несреќа во која загинале сопругата и помладиот син. Синот, пак, е растргнат меѓу љубовта кон татко си, барајќи секаква можност да му ги олесни болките и своевидното докажување пред родителот дека и покрај загубата на половина семејство, и тој е вреден да го живее животот, макар и не завршил факултет како што посакувал татко му, туку заработува за гол живот како механичар во депото на железницата.

Соочен со сè потешките фази на болеста на татко му, а пред предизвикот да ја украде дрогата што ја бараат и полицијата и мафијата во еден од вагоните, Веле се одлучува за второто. Но, и за препродавање на дрога треба знаење, искуство и план, нешто што Веле ги нема, па сурфајќи по интернет, одлучува да направи колач со марихуана. Тој чудотворен колач ќе го спаси татко му од смртта, ќе му помогне и на соседот кој има реума, но кога ќе се расчуе за новиот „исцелител“ во градот, Веле ги има пред својата врата десетината намерници кои се повеќе во потрага по надеж отколку по лек, но и локалната мафија, која не се откажува од привремено загубениот пакет дрога. Ќе успее ли Веле да го задржи татка си сè уште жив, а и мафијата да биде сита?
Во одлично снимениот филм на Ставрески (кинематограф е Дејан Димески) ги видовме повремено несигурниот Веселинов и стамениот, искусен Тановски, енергичниот Аксел Мехмет, ефектните епизоди на Александар Микич и Симона Димковска. Инаку, филмот ќе ја има скопската премиера на затворањето на фестивалот „Синедејс“, па останува простор за вреднување.

Во меѓувреме, кога сме на темата балкански кинематографии, потегот на солунскиот фестивал на годинешното издание да ја претстави специјалната програма „Од зборови до слики: балканската литература и филмот“ речиси од сите критичари е оценет како одличен.

Секако, и во духот на годинешното неформално мото на фестивалот, за корените и за гранките на филмската уметност, овој омаж е составен од 11 незаборавни филмови, базирани на некои од најзначајните дела на литературите на народите од Југоисточниот Медитеран. Александар Петровиќ со „Три“, Боштјан Хладник со „Танц на дождот“, „Бреза“ на Анте Бабаја, „Враќањето на мртвата армија“ на Димитер Анагости, „Професионалец“ на Душан Ковачевиќ се некои од тие филмови кои ги лоцираат корените на кинематографиите од овој простор.

Стојан Синадинов


Филмови за душа и тело на филмскиот фестивал во Солун


Солун, 5 ноември, 2017 - 19:10 (META) 

Потрагата по корените, не само на филмската уметност, е една од димензиите на педесет и осмото издание на Интернационалниот филмски фестивал во Солун, кој беше отворен во четвртокот, 2 ноември, со „За душа и тело“ на унгарската режисерка Илдико Енједи, и ќе трае до 12 ноември, кога се затвора со филмот „Забава“ на уште една особена авторка, британската режисерка Сели Потер.

По традиција, на солунскиот фестивал ќе бидат прикажани повеќе од 250 наслови, селектирани во десетина програми. По многу години, во угледната и популарна програма „Балкански преглед“, на солунскиот фестивал се најде и еден македонски филм, „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески (неговиот интернационален наслов е „Secret ingredient“ или „Тајната состојка“, што беше и негов работен наслов за време на продукцијата). Дебито на Ставрески, чија светска премиера е токму на овој фестивал, е работено во копродукција со Грција. Неговата сторија говори за млад човек кој нема пари за скапи лекови за тешката болест (рак) на неговиот татко, па краде марихуана која е „тајната состојка“ со која прави колач. Болеста на таткото е како со рака однесена, но тоа се расчуло меѓу соседите и другите паталци по чудотворен лек за тешки болести, па сега момчето е под опсада од барања за рецептот од разни намерници, но е и мета на локалната мафија, бидејки нивна била марихуаната… Сценариото е на Ставрески, главните ролји во филмот ги толкуваат Благој Веселинов, Анастас Тановски и Аксел Мехмет, а директор на фотографија е Дејан Димески.
Во официјалната натпреварувачка програма на фестивалот, која селектира први и втори филмови на автори, годинава се 14 конкуренти од домаќинот Грција, европските земји, Русија, Латинска Америка, САД, Иран и од Филипините. Авторите се борат за двете главни награди, „Златен Александар“ и „Сребрен Александар“. По само три дена од почетокот на фестивалот, неблагодарно е да се даваат какви било прогнози за евентуалните шанси за награди на конкурентите.

Меѓу популарните содржини на Солунскиот фестивал е и програмата „Отворени хоризонти“, со десетици наслови од сите светски меридијани. Ако ѕвезда на отворањето на фестивалот беше Илдико Енједи со нејзиниот особено успешен филм „За душа и тело“, кој во февруари ја доби „Златната мечка“ на Берлинале, беше апсолутен фестивалски хит годинава, стана и унгарски претставник за „Оскар“ во категоријата странски филм, а директорот на фотографија Мате Хернаи ја доби и првата награда на годинешното издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, тогаш фестивалска ѕвезда наредниве денови сигурно ќе бидат Александар Пејн и Рубен Остлунд. Пејн е американски режисер од грчко потекло, кој е двоен оскаровец за сценарио и го претставува неговиот најнов светски успех, „Смалување“. Тоа е „мал“ филм со битен наратив – што ќе се случи ако навистина се оствари експериментот на група норвешки научници, кои во потрага по решение за пренаселеноста на Земјата, бараат начин да ги смалат луѓето? Одговорот го има Пејн, а кастингот во неговиот филм го предводат ѕвездите Мет Дејмон и Кристоф Волц.

Солунскиот фестивал годинава им прави омаж на четири исклучителни автор(к)и: Илдико Енједи, Рубет Остлунд, Ида Лупино и Арман Гати. „Плоштад“ на Остлунд е актуелниот добитник на канската „Златна палма“, а и тој, како и Енједи, спаѓа меѓу современиците што можеби немаат богата филмографија, но секако кај нив квалитетот е далеку пред квантитетот. Ида Лупино беше позната како актерка, но и како една од првите жени што застана зад филмската камера како режисерка, веднаш по Втората светска војна. Арман Гати, пак, е еден од позначајните интелектуалци на француската политичка левица пред и по Втората светска војна (во војната бил затворен во нацистички концентрационен логор, од каде што побегнал и се приклучил на британските специјални воени сили САС). По војната бил ангажиран новинар, театарски и филмски автор.

Секој фестивал кој пледира да остане актуелен, освен што може да ја одржува благородната мисија на потрага по корените на филмската уметност, мора да биде и во дослух со новите технолошки тенденции. Затоа годинава Солунскиот фестивал почна со необична селекција насловена „Виртуелна реалност“, која содржи десет специјално продуцирани филмови кои се гледаат со специјална опрема. Станува ли филмот, на тој начин, веќе класична уметност? Ќе видиме…

Од Солун: Стојан Синадинов