Туск: Историјата на Балканот е подраматична од „Игра на тронови“ иако нема змејови


Софија, 12 јануари, 2018 - 10:10 (META) 

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск смета дека историјата на Балканот е подраматична и поинтересна од дејството во популарната телевизиска серија „Игра на тронови“ (Game of Thrones).

Тој, на инаугурацијата на бугарското претседателство со ЕУ, во Софија, предупреди дека на Западен Балкан, каде Брисел се обидува да воспостави тесни врски со земјите кои сакаат да се приклучат на ЕУ, не треба да се дозволи да се случи сценарио од популарната серија.

-Историјата на Балканот е подраматична и поинтересна од сценариото на „Игра на тронови“, иако во неа нема змејови. Сите посакуваме сегашноста и иднината на Балканот да биде како помалку драматично сценарио. Стабилност, безбедност, напредок е она што го заслужуваат луѓето од целиот регион. А целта на ЕУ е да го направи ова сценарио реалност – рече Туск.


Историско-барокните документарци „изеле“ 1,8 милиони евра од буџетот на МРТ


Скопје, 14 декември, 2017 - 15:01 (META) 

Документарните емисии и серијали со историска содржина изработени во копродукција со независни куќи, во периодот 2013 – 2015 „изеле“ вкупно 1,8 милиони евра, покажува истражувањето на БИРН за копродукциските договори склучени во 2013, 2014 и 2015 година.

Снимените содржини се аудиовизуелен одраз на архитектонското „Скопје 2014“, односно обид преку малите екрани да се пренесе пораката за „библискиот“ народ со континуитет од Александар Велики преку Светите Кирил и Методиј до АСНОМ и независноста на Македонија, велат авторите на истражувањето објавено на „Призмa“.

Серијалот за „Скопје 2014“ со работен наслов „Скопје продолжува“ чинел само 7.000 евра за 14 епизоди. Овој серијал, покрај разговорот од „бомбите“ меѓу тогашниот премиер Никола Груевски и тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, во кој тогашниот премиер бара во буџетот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) да биде предвиден трошок од половина милион евра, колку што „должат за документарците“, зборува дека овој телевизиски мега проект е во „режија“ на власта. Така, во „Скопје продолжува“ соговорници се Никола Груевски, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и историчари, стои во истражувањето.

Важноста на овој проект за телевизиско претставување на историјата за тогашната власт се гледа и многукратното репризирање на снимените содржини на јавниот радиодифузен сервис а потоа и на другите телевизии кои се сметаа за „пријателски“ кон поранешната влада на Груевски.

Во 2013 МРТ за овие документарци потрошила половина од фондот за сопствена продукција или копродукција, односно 2,5 милиони евра за сопствена програма и соработка со надворешни продукции и од оваа сума повеќе од 1,2 милиони отишле за документарците.

Наредната 2014 МРТ дала значително помалку пари од фондот за оваа намена, само околу шест проценти и потпишала само четири договори за изработка на документарци за сума од 120.000 евра.

Во 2015 година, МРТ потрошила речиси два милиони евра за копродукција и од тие околу 20 проценти или 430.000 евра отишле на историските документарци.

Во триве години МРТВ финансирала околу 70 документарни филмови и серии за историски личности или за теми од минатото, се вели во истражувањето.

Портрет-документарците обично чинеле по 11.800 евра и се снимале за еден месец. Документарните серии, пак, ја чинеле МРТ од 20.000 па сè до 100.000 евра, а нивната цена зависела најмногу од тоа колку епизоди имаат.
foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Анкета: 91 процент од Бугарите сметаат дека македонскиот јазик е ист со бугарскиот


Софија, 20 ноември, 2017 - 11:13 (META) 

Бугарите имаат позитивни ставови кон Македонија, а 51 отсто од нив сметаат дека Македонците се слични или исти со Бугарите, покажа последното истражување на бугарскиот Институт за политика, посветено на односите меѓу Бугарија и Македонија.

Како што пренесува бугарскиот портал „Днес“, на прашањето дали постои македонска нација, различна од бугарската, 72 отсто од испитаниците одговориле дека македонскиот народ бил основан во 20 век и е близок на бугарскиот.

Вкупно 64 отсто од анкетираните ја признаваат вредноста на заедничката историја, а 27 од испитаниците сметаат дека покрај тоа, историјата нема никаква врска со модерното време.

Во однос на јазикот, 91 процент од Бугарите тврдат дека јазикот што го зборуваме е ист или заеднички, а само 8 отсто сметаат дека бугарскиот и македонскиот јазик се различни јазици.

На прашање дали Бугарија треба да го поддржи влезот на Македонија во ЕУ, 87 отсто се изјасниле позитивно, а 80 отсто од испитаниците сметаат дека Бугарија е мост за Македонија на патот кон членството во ЕУ. Во истражувањето се наведува дека 87 отсто од испитаници стекнале нови знаења и го подобриле ставот кон Македонија во август годинава, по потпишувањето на Договорот за добрососедство.

Вкупно 85 отсто од испитаните Бугари сметаат дека минатото создало вештачка дистанца меѓу граѓаните на двете земји и дека двете земји и нивните граѓани имаат заедничка историја или периоди од нив. Анализата покажува дека 43 отсто од Бугарите го признаваат правото на Македонија да го идентификува својот јазик самостојно.


Димитров: Нема „ревидирање на историјата“ со Грција, туку само средба на историчари


Скопје, 9 ноември, 2017 - 10:58 (META) 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска негираше дека со неговиот грчки колега Никос Коѕиас договориле „ревидирање на историјата“.

– На средбата во Солун не беше разговарано за ова. На средбата во Њујорк разговаравме за средба на историчари и експерти коишто ќе почнат да разговараат за ова. Тоа е договорено. Можно е министерот Коѕиас да има план ова да го предложи. Јас лично како преговарач од Македонија за разликите за името, под еден поширок контекст на мерките за градење доверба, предложив такви комисии, налик на оваа за која што зборува колегата Коѕиас. Ние, во принцип, немаме ништо против – рече Димитров, додавајќи дека се спремни да разгледаат таков предлог.

Тој истакна дека Балканот е премногу оптоварен со историја и дека две земји што решиле да се зближат и да надминуваат разлики и да градат мостови, корисно е да се учат од искуствата на другите земји, како што се Германија и Франција, се додека тоа е на квалитетна основа и двострано.

– Се  додека историјата е оставена на историчарите и експертите, а политиката на политичарите, тоа е корисно – рече Димитров.


Павлопулос: Македонија била, е и ќе остане грчка


Солун, 27 октомври, 2017 - 13:08 (META) 

Грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, во говор во Офицерскиот клуб во Солун, повторно ја обвини Македонија за фалсификување на историјата, за користење име кое, наводно, не ѝ припаѓа и за изразување иредентистички тензии, и притоа не пропушти да спомене дека Македонија била, е и ќе остане грчка.

– Ѝ велиме на БЈРМ – подаваме рака на пријателство, но нема шанси да толерираме. Тоа е јасно и ние отворено сме го посочиле тоа. Не е во прашање само фалсификувањето на историјата, затоа што Македонија беше, е и ќе остане грчка. Тоа го знаеме сите. Не само што не прифаќаме фалсификување на историјата, не прифаќаме иредентистички тензии кои повторно би го направиле Балканот буре барут во Европа – порача Павлопулос.

Грчкиот претседател рече дека Грција ја поддржува европската перспектива на сите земји од Балканот, но, конкретно за Македонија, порача дека мора да го почитува европското право.

– Кога имаш една држава која не само што ја фалсификува историјата, туку се појавува и со име кое не ѝ припаѓа, таа изразува иредентистички тензии. Во суштина, таа го оспорува статусот кво на границите на Балканот, односно границите со Грција. Запомнете дека европското право исклучува секаков вид на оспорување на границите и смета дека државата која дури и на индиректен начин, преку изразување иредентизам, ги оспорува границите, го прекршува европското законодавство, а со тоа самата си ја поткопува европската перспектива – рече Павлопулос.


Заев – Бејкер: Владата ќе продолжи да го поддржува концептот едно општество за сите


Скопје, 26 октомври, 2017 - 18:29 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретнал со рабинот Ендру Бејкер, директор за меѓународни еврејски работи во Американскиот еврејски комитет (AJC).

Заев и Бејкер најавиле поддршка за одржување на комеморација по повод 75-годишнината од депортацијата на Евреите, што ќе се одржи следната година.

Премиерот истакнал дека еврејската заедница е значаен дел од традицијата и од историјата на државата и дека Владата ќе продолжи да го поддржува концептот едно општество за сите.


Димитров и Коѕиас не се договарале за заедничка комисија за учебници


Скопје, 29 септември, 2017 - 16:05 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и неговиот грчки колега, Никос Коѕиас, на состанокот во Њујорк не разговарале за формирање заедничка комисија туку за средба на експерти од областа на историјата, велат од МНР за „Мета“.

„Она за што е разговарано на состанокот во Њујорк помеѓу Димитров и Коѕиас е во насока на иницијативата на Република Македонија од 2007 година за средба на историчарите од двете земји. На состанокот во Њујорк, соговорниците се согласија дека треба да се работи на надминување на историските предрасуди на Балканот во интерес на соработката и на заедничката европска иднина. Двајцата министри во оваа фаза разговарале за средба на експерти од областа на историјата, а не за формирање заедничка комисија, при што е разбирливо процесот да се однесува на двете страни“, велат од МНР.

Коѕиас во интервју за грчката национална телевизија ЕРТ изјави дека со Никола Димитров се договориле да формираат заедничка комисија од експерти, кои ќе ги отстранат иредентистичките поими во учебниците и во географските карти.

Коѕиас изрази надеж дека до крајот на ноември ќе има првични резултати од работата на оваа комисија и, како што кажа, „ќе се изврши удар врз иредентизмот и врз картите со територијални претензии“.


Влатко Стефановски и Амет Шериф ќе ја добијат државната награда „11 Октомври“


Скопје, 26 септември, 2017 - 13:21 (META) 

Познатиот музичар Влатко Стефановски и историчарот Амет Шериф се добитниците на годинешната награда  „11 Октомври“, соопшти Министерство за култура.

Влатко Стефановски, еден од основачите на „Леб и сол“ и поранешен државен уметник, е добитник на наградата „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и на другите дејности од јавен интерес на Република Македонија. Вториот добитник на оваа награда, во категоријата за животно дело во областа на науката и на образованието се доделува на историчарот проф. д-р Амет Шериф.

Наградата на добитниците ќе им биде врачена на 11 октомври 2017 година, во 12 часот, во Собранието на Република Македонија.


ВМРО-ДПМНЕ: На еден месец од потпишувањето, Заев молчи за тоа што договори со Бугарија


Скопје, 3 јули, 2017 - 10:08 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска нагласи дека почнува одбројувањето за најавеното потпишување на договорот помеѓу Бугарија и Македонија. Како што велат од партијата, договорот го склучил премиерот Заев во Софија „во процес целосно нетранспарентен, далеку од очите на македонската јавност“.

„Помина еден месец од договорот кој Заев не ѝ го обелоденува на јавноста, а кој се однесува на македонската држава. Многу е јасно дека Заев не сака да се знае за штетниот договор. Токму ваквото однесување и штетниот договор што го преговара Заев отвори тендеција со која се задира во постоењето на македонската држава. Затоа слушнавме изјави како таа на коалицискиот партнер на СДС дека Илинденското востание било бугарско, навивачи од Бугарија напишаа дека Македонија е бугарска, а имаше и изјави дека имаме заедничка историја, дека македонски јазик не постои, дека македонскиот јазик е бугарски дијалект… Сите тие се изјави кои Заев не ги осуди, ниту демантираше, што како премиер е должен да го направи“, соопшти опозициската партија.


Захариева: Никој не ја негира историјата на Македонија, ниту на Бугарија


Софија, 25 јуни, 2017 - 12:09 (META) 

Бугарија со признавањето на македонската држава, го признава и македонскиот јазик во согласност со Уставот на Република Македонија, изјави шефицата на бугарската дипломатија и вицепремиерка, Екатерина Захариева, додавајќи дека не гледа ништо спорно со признавањето на македонскиот јазик.

Таа во интервјуто за бугарската национална телевизија БТВ вели дека посетата на високо ниво на премиерот Зоран Заев и на македонските министри претставува затоплување на односите со Бугарија, притоа потсетувајќи дека последната посета на македонски премиер на Софија била во 2013 година и дека таа траела само 50 минути.

Захариева, исто така, истакна дека Бугарија е тука да ѝ помогне на Македонија, секогаш кога ќе се побара помош.

– Пораката на двата премиери беше многу јасна. Бугарија ќе помага кога ќе биде побарано. За јазикот, не гледам каков проблем има тука. Ние сме ја признале македонската држава и нејзиниот Устав – вели Захариева, додавајќи дека никој не ја негира историјата на Македонија, ниту на Бугарија.