!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Средношколка убиена од поранешното момче во Истанбул


Истанбул, 13 октомври, 2017 - 18:33 (META) 

Средношколка на возраст од 17 години е убиена, а две нејзини соученички се ранети откако во нив пред железничка станица во квартот Пендик во Истанбул со сачмарка стрелало поранешното момче на убиената, јавија светските агенции.

Напаѓачот е 21-годишен маж, кој потоа се обидел да се самоубие сечејќи си ги вените на пожарните скали во училиштето каде учела убиената девојка. Училиштето е на отприлика еден километар од железничката станица, а напаѓачот избегал во него во обид да се скрие од полицијата. Сепак, тој е приведен.

Нападот се случил на азиската страна на градот.


Маж од кров на зграда во Истанбул пука на возила


Истанбул, 15 август, 2017 - 16:24 (META) 

Маж од кров на зграда во Истанбул отворил оган на неколку возила, а во моментов властите се обидуваат да стапат во контакт со него и да го сопрат, јавува „Раша тудеј“.

На видео-снимката која се појави на интернет се гледа маж како в рака држи пушка и мавта со неа, додека властите му дофрлаат од земја.

Како што јавуваат турските медиуми, тој отворил оган на неколку возила, а во околината може да се види полициски кордон кој ја обиколил областа.

Властите се обидуваат безбедно го спуштат мажот од кров.


Повеќе од милион луѓе во Истанбул на годишнината од обидот за пуч


Истанбул, 16 јули, 2017 - 13:18 (META) 

Повеќе од еден милион Турци во Истанбул синоќа беа на гигантскиот собир наречен „Епопеја на победата за демократија“, со кој беше одбележана првата годишнина од обидот за државен удар, што се случи на 15 јули лани.

Мостот над Босфор, наречен Мост на мачениците на 15 јули, кој е долг 1,5 километар, беше исполнет со луѓе, а според некои проценки, имало повеќе од еден еден милион лица. Пред една година мостот беше заземен со тенкови. Притоа  беа убиени повеќе луѓе, но тенковите беа запрени и не им беше дозволено да минат на другиот брег, што беше одлучувачки момент за неуспехот на пучот.

Точно на тоа место беше отворен меморијалот на мачениците од пучот на 15 јули, во кој загинаа 249 лица, а 2.100 беа ранети.

Синоќешниот собир почна со огромна поворка, на чие чело беа претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине. Фатени за рака, тие минаа пеш од домот до мостот, заедно со голема група луѓе, меѓу кои семејствата и блиските на жртвите на превратот.

– Овој мост пред една година беше сведок на најкрвавиот злосторнички преврат во нашата историја. Но истата таа ноќ, тој стана и сведок на победата. Како и денеска луѓето во рацете имаа единствено знамиња. Но тие имаа посилно оружје. Својата вера – рече Ердоган.

Ердоган од Истанбул замина за Анкара, каде по полноќ учествуваше на седницата на парламентот во спомен на жртвите, која почна во 2.32 минути по локално време, кога парламентот беше подложен на напад од турски „Ф-16“ за време на пучот. Опозициските пратеници го бојкотираа настанот.

Во говорот во Анкара, Ердоган изјави дека ќе го потпише законот за враќање на смртната казна доколку му биде доставен.


Во Истанбул убиен медиумски магнат


Истанбул, 30 април, 2017 - 13:27 (META) 

Основачот и претседателот на ТВ-компанијата ГЕМ, која емитува програма на персиски јазик, Саед Каримијан, е убиен во Истанбул.

Тој е убиен во инстанбулскиот кварт Маслак, а полицијата го пронајде запаленото возило кое е користено во атентатот. Истрага сè уште е во тек.

Каримијан е процесиран во отсуство пред судот во Техеран и осуден на шест години затвор поради ширење пропаганда против Иран.

„Телевизија ГЕМ“ преведува странска и западна програма на персиски јазик и ги емитува преку сателит во Иран.

Медиумската група е основана во Лондон, но потоа е проширена и во Дубаи.

Како што се наведува на веб-страницата, медиумот има 17 канали на персиски јазик и по еден на курдски, азерски и на арапски јазик.


Во Истанбул уапсени 35 лица поврзани со ИД


Истанбул, 22 февруари, 2017 - 9:48 (META) 

Турската полиција уапси 35 лица во Истанбул во рамки на голема операција против џихадистичката групација Исламска држава, јавуваат турските медиуми.

Единицата за борба против тероризмот извршила истовремено рации на повеќе од 40 различни адреси во истанбулските квартови Пендик и Султанбејли, при што одзела муниција, документи на организацијата и маскирни униформи.


Уапсен напаѓачот од новогодишната ноќ во Истанбул


Истанбул, 17 јануари, 2017 - 12:03 (META) 

Уапсен е напаѓачот кој во новогодишната ноќ во Истанбул уби 39 лица во ноќен клуб, јавуваат турските медиуми.

Узбекистанецот Абдулкадир Машарипов е уапсен во заедничка операција на турските разузнавачки служби и на полицијата, во стан во истанбулскиот кварт Есенјурт.

За време на апсењето, тој бил заедно со четиригодишниот син во куќа на свој пријател.
Турските власти соопштија дека осомничениот го признал делото и кажал дека бил обучуван во Авганистан, а во Турција влегол илегално.

Неговите отпечатоци се совпаѓаат со тие што се пронајдени на местото на злосторството.
Според зборовите на гувернерот на Истанбул, Васип Сахин, 50 лица биле приведени во неколку операции во потрага по напаѓачот.

Турската агенција „Доган“ објави и фотографија на уапсениот, на која се гледа црнокос маж со модринка на лицето, во сива крвава маица, додека полицаец го држи за врат затоа што, наводно, се противел на апсењето.

Исламска држава која на 2 јануари презеде одговорност за нападот, наведе дека тој напад бил одмазда за учеството на Турција во конфликтот во Сирија.

Турската полиција на 8 јануари успеа да го утврди идентитетот на напаѓачот Машарипов. По нападот тој отишол во семејната куќа каде што живеел со сопругата и со децата, го зел синот и исчезнал.


Во новогодишниот масакр вмешана е и разузнавачка агенција, тврди Куртулмуш


Истанбул, 16 јануари, 2017 - 13:04 (META) 

Во нападот на ноќниот клуб „Реина“ во Истанбул во новогодишната ноќ, при кој загинаа 39 лица, е вмешана и една разузнавачка агенција, изјави заменик-премиерот на Турција, Нуман Куртулмуш.

Тој истакна дека масовното пукање е извршено професионално.

– Изгледа дека нападот во кубот „Реина“ не е само дело на терористичка организација, туку дека е вмешана и разузнавачка агенција. Тоа бил особено добро планиран и организиран чин – вели Куртулмуш во интервју за „А Хабер“.

Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот на ноќниот клуб, извршен на новогодишната ноќ, како одмазда за учеството на турската војска во воените интервенции во Сирија.


Уапсени двајца странци во Турција поради нападот во Истанбул


Истанбул, 3 јануари, 2017 - 15:54 (META) 

Турските власти денеска приведоа двајца странски државјани на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул во врска со нападот во истанбулскиот ноќен клуб, извршен за време на новогодишната ноќ.

Двете лица се приведени на влезот на меѓународниот аеродром и се однесени во седиштето на полицијата во Истанбул, јави телевизијата „Доган“.

Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава, а осомничениот сè уште е во бегство.


Осум лица уапсени за нападот во ноќниот клуб во Истанбул


Истанбул, 2 јануари, 2017 - 14:44 (META) 

Турската полиција уапси осум лица во истрагата што ја води за терористичкиот напад во популарниот ноќен клуб во Истанбул за време на новогодишната ноќ.

Агенцијата „Доган“ наведува дека уште не се познати повеќе детали за уапсените.
Ова се први апсења во врска со нападот во кој, за време на новогодишната ноќ, беа убиени 39 лица и ранети 69. Сè уште интензивно се трага по напаѓачот.

Исламска држава ја презема одговорноста за нападот.

Речиси две третини од загинатите се странски државјани. Досега се идентификувани 38 од 39 жртви.

Неофицијално, седум жртви се од Саудиска Арабија, по три од Либан и од Ирак, по двајца од Тунис, Индија, Мароко и од Јордан и по една жртва од Кувајт, Канада, Израел, Сирија и од Русија.

Германското министерство за надворешни работи соопшти дека се верува дека две лица кои живеат во Германија, а едно од нив со државјанство од таа земја, се убиени во нападот.


ИД презеде одговорност за нападот во ноќниот клуб во Истанбул


Истанбул, 2 јануари, 2017 - 10:30 (META) 

Исламска држава ја презеде одговорноста за терористичкиот напад во Истанбул за време на новогодишната ноќ, кога беа убиени 39 лица, а ранети 69.

„Во продолжението на благословените операции кои Исламска држава ги спроведува против Турција, херој е војникот на калифатот кој го нападна еден од најпознатите клубови во кој христијаните го слават нивниот празник“, се наведува во соопштението на ИД.

Речиси две третини од загинатите во нападот во ноќниот клуб се странски државјани, објави турската новинска агенција „Анадолија“.

Според нивните податоци, од 39 жртви, 24 биле од други земји.

Потрагата за напаѓачот сè уште трае, а турскиот премиер Бинали Јилдрим изјави дека се надева дека тој наскоро ќе биде пронајден.