МТСП: Државниот инспекторат за труд со засилени контроли за исплатата на К-15


Скопје, 9 јануари, 2019 - 11:49 (META) 

Државниот инспекторат за труд, прави засилени контроли во приватните фирми за исплата на К-15 на вработените, информираат од Министерство за труд и социјална политика (МТСП).

Надзорот кој што започна од почетокот на годината ќе се спроведува до крајот на февруари, а инспекторите ги посетуваат правните субјекти од сите дејности, вклучувајчи ги и фабриките за производтсво на текстил и чевли.

„Засилениот инспекциски надзор во областа на производство на  текстил и чевли е од причини што најголем број на преставки  во изминатите години беа од работниците во наведените дејности. Напоменуваме дека во случаите каде ќе се утврди дека не е постапено согласно Законот и Колективните договори, Државниот инспекторат за труд ќе преземе мерки согласно со Закон. Државниот инспекторат за труд е орган кој е надлежен да врши инспекциски надзор над примената на правата и обврските на работниците и работодавачите утврдени со Закон и со Колективен договор. Во таа насока, при инспекцискиот надзор,  ќе се проверува  исплатата на регресот за годишен одмор (К-15), право коешто е утврдено со Спогодба за изменување и дополнување на Општиот колективен договор  за приватниот сектор  од областа на стопанството“, се вели во соопштението.

Во Спогодбата е утврдено дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценри од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач.

„Истовремено ги повикуваме работниците неисплатата на К-15 да ја пријавуваат на дежурниот телефонски број на Државниот инспекторат за труд 15 131“, се додава во соопштението.


ССНМ потсетува дека работодавачите имаат обврска да исплатат К-15


Скопје, 26 декември, 2018 - 12:29 (META) 

Работодавачите имаат обврска да им исплатат регрес за годишен одмор, познат како К-15, на сите вработени во медиумите, потсетуваат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

„Оваа обврска на работодавачите произлегува од колективниот договор за приватниот сектор од 2015 година и изнесува минимум 9.610 денари. Регресот за годишен одмор им следува на сите вработени кои работеле најмалку шест месеци во календарската година што изминува, а доколку не се исплати работодавачите може да добијат парична или затворска казна“, нагласуваат од ССНМ.

Посочуваат дека работодавачот во зависност од економско-финансиската состојба во медиумот може да утврди пониска сум за исплата на регресот за годишен одмор, но тоа не може да го стори без претходно да се консултира и да добие согласност од синдикатот на ниво на гранка.

„Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници има информации дека дел од медиумите во Македонија се уште не го исплатиле регресот за годишен одмор и затоа апелира до новинарите и медиумските работници да се информираат со случувањата во врска со регресот за годишен одмор во нивната фирма и во случај да наидат на проблеми да го контактираат синдикатот за помош“, апелираат од ССНМ.


Царовска: Работодавците што ќе ја зголемат минималната плата ќе добијат државна помош


Кочани, 1 август, 2018 - 15:32 (META) 

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска се сретна со менаџментот и вработените на текстилната фабрика „Голден текст“ во Кочани за да ги запознае со најновите мерки кои ги обезбеди државата за раст на платите.

„Со законските измени се предвидува работодавците што ќе им ја покачат минималната плата на вработените да добијат државна помош за зголемувањето на платите. Финансиската поддршка по работник изнесува 30 отсто од разликата помеѓу бруто платата на работникот во тековниот месец и просечната бруто плата на работникот исплатена во месеците октомври, ноември и декември лани, а најмногу до 1.200 денари по работник месечно“, изјави Царовска по средбата во фабриката.

Оваа мерка освен што обезбедува повисоки плати за работниците, истовремено е и одговор на барањето на работодавците за адресираниот проблем за т.н. уравниловка. Според работодавците има потреба од раст и на преостанатите плати блиски со минималната плата, за да не ги изгубат или демотивираат попродуктивните работници.

Средствата за исплата на финансиската поддршка се обезбедуваат од буџетот и ќе се исплаќа за периодот јули 2018 година-декември 2019 година.


Просечната нето-плата во април изнесувала 23.942 денари


Скопје, 22 јуни, 2018 - 15:41 (META) 

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во април изнесувала 23.942 денари и е зголемена за 5,6 проценти во однос на истиот месец лани, објави Државниот завод за статистика. Бруто-платата за април изнесувала 35.117 денари.

Ваквото зголемување се должи, пред се на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите рударство и вадење на камен (32,2 отсто), преработувачка индустрија (13 отсто) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (11,4 отсто).

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано и во секторите административни и помошни услужни дејности (4 отсто) и трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли (3,7 отсто).


Рокот за аплицирање за земјоделски субвенции истекува на 12 јуни


Скопје, 8 јуни, 2018 - 11:46 (META) 

На 12 јуни годинава завршува рокот за поднесување барања за субвенции за растително и сточарско производство, соопшти денеска директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски.

Тој додаде дека досега аплицирале 64.448 земјоделци, но се очекува бројката да биде зголемена до 8.000. Тој ги повика земјоделците да аплицираат навреме за побрзо да се обработат барањата и средствата да се исплатат.

Апликациите за субвенции може да се поднесуваат електронски, а ако на земјоделците им е потребна помош во пополнувањето на документацијата, може да се обратат во Платежната агенција.

– За годинава се предвидени преку шест милијарди денари поддршка, средства кои со ребалансот би сакале да се зголемат. Искористеноста на субвенциите за 2017-та е 97 отсто или се исплатени 5,902 милијарди денари – истакна Бабовски.

Платежната агенција годишно обработува околу 160.000 барања за субвенции, а апликации поднесуваат повеќе од 70.000 фармери.


Субвенции за тутунот од реколтата 2017 ќе се исплаќаат од следната недела


Скопје, 8 мај, 2018 - 14:13 (META) 

Денеска во Службен весник се објавија измените и дополнувањата на Законот за земјоделство и рурален развој, со што, се создадоа законски услови за навремена исплата на субвенциите, меѓу кои е и исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2017, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

„Дел од измените на овој закон предвидуваат одложување на важноста на условите за подмирени обврски кон Управата за јавни приходи, што изминатите години беше пречка за исплата на субвенциите. Од денеска до крајот на оваа недела, Платежната агенција ќе ги спроведе законските контроли во откупните претпријатија, по што ќе следува обработка на решенијата за исплата на субвенциите за тутунот“, се вели во соопштението.

Според податоците, зголемени субвенции за тутунот од реколтата 2017 ќе добијат над 23.400 тутунари.

„Со новиот начин на зголемено субвенционирање во три нивоа кој започнува со реколтата 2017, субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари, за втора класа 70 денари и 60 денари е третото ниво за трета и четврта класа како и за дополнителни класи. Целта на новиот модел на субвенционирање е да се поттикнат тутунарите да произведуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција“, додаваат од МЗШВ.

Тутуно-производството е значајна гранка за македонското земјоделство, која што носи девизен прилив од околу 100 милиони евра годишно.


Исплатени 104,7 милиони денари субвенции за грозје


Скопје, 24 април, 2018 - 10:52 (META) 

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати 104,7 милиони денари субвенции за грозје, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

„Исплатата е за дополнителната субвенција од два денари за килограм грозје предадено во домашни винарски визби. Мерката беше донесена лани со измени на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството 2017, со цел да им се помогне на лозарите, поради лошите временски услови кои негативно влијаеја врз родот“, информираат од МЗШВ.

Во соопштението се додава дека „со цел навремено извршување на сите агротехнички мерки, пред почетокот на годинешната производствена сезона, на лозарите им се исплатија субвенциите за одржување на лозовите насади или вкупно над 608 милиони денари.“

„Исплатата на субвенциите за преостанатите мерки за 2017 се одвива континуирано со цел да се запази законскиот рок за комплетно расчистување на 2017 година, односно 30 јуни“, додаваат од МЗШВ.


Филипче: Исплатата на зголемениот додаток за дежурства треба да почне во април


Штип, 31 декември, 2017 - 14:51 (META) 

Министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со државниот секретар во Министерството, Влатко Милошев денеска беа во посета на штипската болница, каде направија увид во изградбата на новиот објект на болницата.

Како што изјави Филипче, новиот објект треба да биде завршен и опремен во текот на следната година, а ќе биде пуштен во употреба во 2019 година.

Тој изјави дека исплатата на зголемениот додаток за дежурства најверојатно ќе почне во април, следната година, посочувајќи дека зголемувањето нема да се однесува само на лекарите, туку и на медицинските сестри.

– Значајно е зголемувањето, некаде околу 100 проценти. Сè уште се изработуваат точните анализи за да процениме кога тоа ќе може да се почне. Но, најверојатно дека зголемувањето на дежурствата ќе почне во априлската исплата, односно за мартовската плата – рече Филипче.

Прашан за коментар за најавите на дел од лекарите дека ќе поднесат тужби, бидејќи не биле исплаќани според колективниот договор, министерот за здравство рече дека во наредниот период ќе има промена на колективниот договор.

Филипче, кој на функцијата министер за здравство беше именуван на почетокот на оваа недела, вчера беше во посета на Општата болница во Струмица, каде изврши увид во граденжните работи на новото крило на болницата.


Министерство за финансии: Нема спорни исплати кон невладиниот сектор


Скопје, 27 октомври, 2017 - 16:33 (META) 

Министерство за финансии реагира на написите во дел од медиумите, во кои се вели дека на невладините организации се исплатени половина милион евра, појаснувајќи дека станува збор за редовни трансфери, во овој случај, кон спортските федерации, Црвен крст и кон Противпожарниот сојуз.

„Извршена е исплата од страна на Агенцијата за млади и спорт во согласност со планираниот буџет кон спортски федерации и клубови, како и за учество на меѓународни натпревари од околу 26,4  милиони денари. За оваа цел најголем дел од средствата во согласност со закон се обезбедуваат од приредување на посебните игри на среќа и истите се користат за финансирање на спортот, за спортските федерации и клубови. На ист начин се обезбедуваат и средствата кои Министерството за труд и социјална политика ги исплаќа на Црвениот крст, кои исто така спаѓаат во ставката трансфери кон НВО и се редовни исплати. Во текот на вчерашниот ден, исплатени се 500.000 денари за оваа намена. Што се однесува на останатите средства 525.000 денари, станува збор за исплата која Агенцијата за заштита и спасување ја извршила кон Противпожарниот сојуз“, се вели во соопштението.


Централен регистар го оштетил буџетот за 22 милиони денари


Скопје, 23 август, 2017 - 15:45 (META) 

Претходното раководство на Централен регистар, добивката од 22 милиони денари за 2016 година наместо во буџетот на Република Македонија, ја исплатил на градежната компанија АД „Бетон“, информираат од Влада.

Исплатата била на барање на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор, бидејќи компанијата „Бетон“ ја градела зградата каде што сега е сместена оваа институција, без за тоа да има правна основа.

Од Владата информираат дека парите се префрлени врз основ на одлуката на Управниот одбор на Централниот регистар, со што била нанесена штета на редовното работење на институцијата.

Од таму додаваат дека добивките на државните претпријатија или агенции треба да одат на сметка на буџетот. Владата му препорачала на новото раководство на Централниот регистар да ја преиспита правната основа за оваа одлука на Управниот одбор на институцијата.