Груевски: Посакувам силно, обединето ВМРО ДПМНЕ, кое ќе го урне ова зло


Скопје, 24 октомври, 2018 - 14:20 (META) 

Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска рече дека не ги знае аргументите и доказите за разрешувањата од партијата, и дека се воздржува од коментар за тоа. Тој додаде дека посакува силно, обединето ВМРО-ДПМНЕ кое, како што рече, „што ќе го урне ова зло“, бидејќи кога ВМРО ДПМНЕ е силно, силна е и Македонија.

– Добив покана, но не можев да одам на прославата на ВМРО-ДПМНЕ. За помирувањето Зоран Заев нека одговори – изјави тој одговарајќи на новинарски прашања денеска пред судот.

Тој додаде дека ќе ги искористи сите правни можности за одлагање на казната, но додаде „живееме во ненормално време“.

– Не сум изненаден од одлуката. Само се присетувам на лицата на моите адвокати кога ми ја соопштија одлуката. Јас знаев. Тие не веруваа дека политички се одлуките – вели Груевски.


ИК на ВМРО-ДПМНЕ ги исклучи пратениците кои гласаа за уставни измени


Скопје, 20 октомври, 2018 - 0:52 (META) 

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ (ИК) на вечерашната вонредна седница донесе одлука да ги исклучи од партијата седумте пратенци кои гласаа за измена на Уставот на Република Македонија заради имплементација на Договорот од Преспа, информираше лидерот на партијата Христијан Мицкоски на прес-конференција.

– Оние седум пратенци од ВМРО-ДПМНЕ кои постапија спротивно на партискиот став и волјата на граѓаните, кој беше, пак, партиски став едногласно донесен и на Извршниот и на Централниот комитет и во координација со претеничката група ме разочараа мене, но тоа и не е толку важно затоа што пред се ја разочараа партијата и татковината и ќе треба со тоа да живеат. Токму затоа, вечерва Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ  одржа вонредна седница и на мој предлог едногласно се усвои веднаш да се исклучат од партијата –  рече Мицкоски.

Тој посочи дека од партијата се исклучени Елизабета Канческа Милевска, Емилија Александрова, Нола Исмаиловска Старова, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски и Зекир Ранчиловиќ.

На некои од нив, нагласи, можеби им било ветувано ослободување од обвиненијата или им биле понудени и пари. Мицкоски додаде дека како човек не може да ги оправда ниту, пак, да ја разбере нивната постапка.

Тој вчерашниот ден го оцени како најцрн ден во историјата на Македонија, или како што кажа било „црн петок“.


РКЕ ја намали цената на парното


Скопје, 30 јули, 2018 - 15:11 (META) 

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на денешната седница одлучи да ја намали цената за потрошена топлинска енергија.

Цената за дистрибуција на потршувачите на БЕГ се намалува 3,1 проценти за Скопје-Север за 0,76 проценти, а за ЕЛЕМ енергетика 1,13 проценти, и новите цени ќе важат од 1 август.

РКЕ ја намали и цената за фиксните трошоци односно цената што ја плаќаа исклучените корисници од системот за топлинска енергија за 8,4 проценти.


ЕЛЕМ ќе ја исклучи електраната Осломеј, ќе го вклучи блокот 2 во РЕК Битола


Скопје, 12 јуни, 2018 - 15:05 (META) 

АД ЕЛЕМ соопшти дека ќе ја исклучи термоелектраната Осломеј и на нејзино место ќе го вклучи блокот 2 во РЕК Битола. Причината за тоа е загриженоста на жителите од населените места околу „Осломеј“ за можно загадување.

„И покрај тоа што дефектот на системот за водено отпепелување е отстранет и ТЕ Осломеј може да работи по сите еколошки стандарди, раководството на АД ЕЛЕМ одлучи да го запре производството на електрична енергија во електраната, имајќи ја предвид загриженоста и сензитивноста на населението од околните места“, велат од ЕЛЕМ.

Блок 2 во РЕК Битола бил подложен на превентивен зафат во текот на викендот, а сега може непречено да се вклучи во производниот процес.


Директорот на Државен студентски дом вели дека сите сметки за вода се платени


Скопје, 30 септември, 2017 - 21:15 (META) 

Невистина се тврдењата на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје дека Државниот студентски дом „Скопје“ (ДСД) или Министерството за образование и наука не ги плаќале сметките за вода, реагираше Атанас Бојчев, директор на ДСД.

Јавното претпријатие, откако вчера Бојчев обвини дека неосновано ја сопрело водата во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, реагираше и порача дека тоа се случилоа поради неплаќање сметки во последните пет месеци и поради неподмирување на долгот од претходно.

Но Бојчев во денешниот деман вели дека од моментот на назначувањето на новото раководство „сите сметки за вода се платени и тоа е јавен податок кој многу лесно се проверува“. Тој посочи и дека иако претходно сметките не се плаќале со години, водата не била сопирана.

– Се работи за долг стар 5 години, направен од претходното раководство, со што е нарушено живеењето и секојдневните потреби на студентите во домот. За периодот од пет години на неплаќање на сметките за вода не е поднесена ниту една опомена за исклучување, ниту пак е дојдено да се исклучи водата и за конкретниот периодот направен е долг од околу 60 милиони денари (речиси милион евра) – реагира Бојчев.

Директорот на Државниот студентски дом вели и дека новото раководство ги платило и сметките за вода за јули и август, а на 26 месецов, на седница на Влада се обезбедени и депонирани  пари за плаќање на заостанатиот долг.

Со вакви вулгарни нечовечки постапки, се загрозуваат основните животни потреби на студентите сместени во студентските домови, и се поигрува со животните услови и стандарди на најранливата и од посебен вид општествена категорија граѓани, оставајќи ги ненајавено и бесрамно во утринските часови без вода.


„Водовод и канализација“ демантира: Многу сметки на студентскиот дом не се платени


Скопје, 29 септември, 2017 - 20:03 (META) 

ЈП Водовод и канализација- Скопје ја демантираше изјавата на директорот на Државниот студентски дом „Скопје“, дека претпријатието без предупредување ја сопрело водата во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ денеска, велејќи дека тоа се случува поради неплаќање сметки во последните пет месеци и поради неподмирување на долгот од претходно.

„Министерката уште во јуни месец вети дека Владата ќе ги подмири сметките за вода но тоа до ден денес се нема случено. Владата на СДСМ и директорот на домот не само што немаат платено заостанати долгови од претходните години, туку немаат платено ни една сметка за вода откако седнаa на функцијата, од мај годинава, заклучно со септември и тоа ни една сметка за цели 5 месеци. Не знаеме каде одат парите кога не се плаќаат сметките за основните потреби“, се вели во демантот на Водовод и канализација-Скопје.


Поради неплатен долг сопрена водата во студентскиот дом „Кузман“


Скопје, 29 септември, 2017 - 17:24 (META) 

Водата во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје била сопрена утрово од ЈП „Водовод и канализација“, иако на претпријатието му било кажано дека е најдено решение за да се покрие долгот за вода, соопшти Државен студентски дом „Скопје“.

Според в.д. директорот Атанас Бојчев, водата била сопрена без предупредување.

– Постапката на ова јавно претпријатие е без оправдување, со оглед на фактот што раководството на „Водовод и канализација“ веќе беа информирани дека за долгот кон нив, за сметките за вода, е веќе најдено решение. Дека долгот кон ЈП „Водовод и канализација“, не е направен од новото раководство на домот. Напротив се работи за долг стар 5 години, направен од претходното раководство, со што е нарушено живеењето и секојдневните потреби на студентите во домот – вели Бојчев.

Тој појаснува дека во координација на Министерството за образование и наука и Владата на Република Македонија на последната владина седница, во вторникот, 26 септември, е донесена одлука да се обезбедат пари за целосно да се покрие долгот за вода на Студентскиот дом Скопје, кон „Водовод и канализација“.

– Останува само да се објави одлуката во „Службен весник“ на Република Македонија за нејзина правосилност, по што средствата веднаш ќе бидат префрлени на сметката на „Водовод и канализација – порачува Бојчев, кој вели дека ова е трето исклучување на водата во студентскиот дом без најава.


Коѕиас негира дека Германија размислува да ја исклучи Грција од шенген-зоната


Атина, 24 јануари, 2016 - 11:26 (META) 

За ситуацијата со бегалската криза, вчера во Берлин разговараа шефовите на грчката и на германската дипломатија, Никос Коѕиас и Франк Валтер Штајнмајер. Грчкиот министер од Берлин ги демантираше информациите за привремено грчко исклучување од шенген-зоната и идејата да се затвори македонската граница и бегалците да останат заглавени во Грција, тврдејќи дека неговите контакти со Штајнмајер покажале дека Германија воопшто не размислува во таа насока.

Во изјава за грчката државна агенција АПЕ, Коѕиас од Берлин истакнал дека од германска страна не се разгледува некаков словенечки предлог за засилување на контролата на македонско-грчката граница.

Индиректно упати критика до дел од државите кои предлагаат подигнување ѕидови и огради, за да не се дозволи протек на бегалците од Грција кон другите западноевропски земји, забележувајќи дека дел од поновите членки на ЕУ изгледа сè уште целосно ги немаат прифатено и усвоено европските вредности.

Според него, држави кои се осмелуваат да говорат за кршење на правилата на шенген-зоната се држави кои во суштина немаат проблеми со бегалци и со илегални мигранти и не ја разбираат потребата за почитување на одлуките на ЕУ.

– Политиката на министерството за надворешни работи е да спречи погрешни идеи да се реализираат како политички предлози – посочил Коѕиас.

Грчкиот министер во Берлин говорел дека големиот проблем е кај Турција, која треба прва да врши евиденција и селекција на бегалците што се пропуштаат кон Грција, а со тоа и кон ЕУ.

Според Коѕиас, ЕУ мора да ја засили соработката со Турција. Меѓутоа, грчкиот министер стои на ставот дека Грција не се согласува за заеднички крајбрежни контроли со Турција, бидејќи смета дека тоа ќе се вмеша во други билатерални отворени проблеми кои постојат меѓу Анкара и Атина и проблемот со контрола на морските граници, според него, може да се реши најефективо со засилени бродови и со единици на Фронтекс.

Коѕиас утре заминува на средби со турските власти во Истанбул, а во Грција владата останува будно да ја следи ситуацијата со пропуштањето бегалци на македонско-грчката граница.


Кекеновски: ВМРО-ДПМНЕ не е акционерско друштво, па да ме исклучува така


Скопје, 3 април, 2015 - 14:45 (META) 

На иницијатива на основачите и на ветераните на ВМРО-ДПМНЕ, партијата од своето членоство го исклучила професорот Јове Кекеновски, јавува „Република онлајн“.

Како што пишува порталот, повикувајќи се на свои извори, дисциплинската комисија на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Бутел, донела одлука за исклучување на Кекеновски од партијата. Како причини биле наведени неговите обиди за нарушување на угледот на ВМРО-ДПМНЕ и дејствување во спротивност со политиките и со определбите на партијата.

Информацијата за порталот ја потврдил претседателот на општиснкиот комитет од Бутел, Боби Бојчевски.

Кекеновски за „Мета“ вели дека досега не добил никакво известување дека е исклучен од партијата.

– Немам добиено апсолутно никакво известување од партијата дека сум исклучен. И кој е тој што ќе ме исклучи од партијата? Тоа најмалку е Боби Бојчевски. Ако се работи за акционерско друштво, ако ВМРО-ДПМНЕ е тоа, тогаш можат, но поинаку не верувам – изјави Кекеновски за „Мета“.

Кекеновски е еден од членовите на ВМРО-ДПМНЕ кој отворено зборува против политиките на актуелното раководство на партијата и бара оставка од лидерот на партијата и премиер на државата, Никола Груевски, особено по отворањето на аферата „Прислушување“.