Во Иран ноќеска само провладини демонстрации


Техеран, 4 јануари, 2018 - 10:48 (META) 

По повеќе денови големи антивладини протести во Иран, изминатата ноќ беше мирна и немаше извештаи за собири на противниците на власта, но во неколку големи градови ноќеска и утрово се одржаа провладини демонстрации.

Во меѓувреме, иранската државна телевизија пренесе снимки на нови големи собири на поддржувачите на власта во централниот град Исфахан, во Машад на североистокот, Орумјех на северозападот и Бабол и Адебил на северот.

На снимките се гледаат луѓе како извикуваат „Сите заедно стоиме зад водачот“, мислејќи на врховниот верски водач, ајатолахот Али Хамнеи. Истовремено, има и извици „Смрт за Америка“ и „Смрт за Израел“.


Нови девет загинати во протестите во Иран


Техеран, 2 јануари, 2018 - 13:13 (META) 

Девет лица ги загубиле животите во текот на ноќта во новата рунда протести во повеќе ирански градови. Стотици луѓе се уапсени, а предизвикана е и голема материјална штета, јави иранската државна телевизија.

Повеќе од 100 луѓе се уапсени од полицијата ноќеска, во петтата ноќ на непрекинати протести.

Шест демонстранти загинале во судир со безбедносните сили откако ја нападнале локалната полициска станица во градот Чахдеријан. Уште две лица, меѓу нив и еден член на Револуционерната гарда загинале во регионот на Исфахан, а еден полицаец загинал во Наџафабад откако бил застрелан со ловџиска пушка.

Севкупно, од избувнувањето на протестите во четвртокот минатата недела, досега загинале најмалку 21 лица во земјата.

Мали групи демонстранти се појавиле на улиците на Техеран синоќа, но полицијата бргу ги сузбила.

Во неколку градови беа одржани и про-режимски демонстрации.